fbpx

Трампизмот и филозофијата за светски поредок

Марк С. Вајнер

Политика

05.10.18

Прегледи

Марк С. Вајнер (Mark S. Weiner)

mark vajner 200x250Однесувањето на Трамп е резултат на негови идеи, особено на неговите имплицитни филозофски заложби во врска со светскиот поредок.

По одржаниот самит на НАТО и по самитот во Хелсинки, многу либерали беа доведени во искушение да го осудат личното однесување на американскиот претседател Доналд Трамп. Постапката на прегрнување на Владимир Путин, и игнорирањето на сопствените разузнавачки служби и традиционалните сојузници на Америка потврдуваат дека во вакви ситуации тој не знае точно што прави. Или дека некој го изиграл. Или дека е ментално нестабилен. Или дека Русија го придобила својот најголем симпатизер – „предавник“.

Секоја една од овие верзии може да е вистинита. Но, постои подлабоко и уште повеќе вознемирувачко објаснување за однесувањето на Трамп: сето тоа да е резултат на негови идеи, особено на неговите имплицитни филозофски заложби во врска со светскиот поредок. Ако тие се причините за неговото однесување, тогаш борбата против однесувањето ќе биде многу потешка.

Се разбира, Трамп не е филозоф. Сепак, тој инстинктивно пренесува одредени концепти, благодарение на неговата умешност да раскажува приказни, притоа стекнувајќи големо внимание од јавноста, како и фактот што тој длабоко насетува како неговите поддржувачи реагираат на него емотивно. На секој митинг, тој добива масовна поддршка за да ги усоврши своите идеи со кои ќе ги задоволи емоционалните потреби кои тие лично ги сметаат за важни, а потоа тие потреби ги политизира преку социјалните медиуми.

Еден мислител кого Трамп најмногу го пренесува и кој може да ни помогне да го разбереме неговото однесување, особено моралната двосмисленост што ја покажа во односите со Русија е германскиот правен филозоф Карл Шмит (Carl Schmitt).

Иако Шмит е озлогласен поради зачленувањето во нацистичката партија во 1933 година, би било погрешно да се отфрли само поради таа причина. Меѓу научниците денес, како левичари така и десничари, Шмит е познат по неговата остра критика на современиот либерализам.

Зад критикувањето на Шмит стои неговиот презир кон универзалните аспирации на либерализмот. Либералите навистина им даваат централно место на индивидуалните права во нивните политички заедници и веруваат дека, во принцип, тие права треба да важат за сите. Америка, според познатата изрека, е идеја.

За Шмит, таквото гледиште води кон катастрофа, дома и во странство. На домашниот фронт, причината е тоа што либералната концепција за „народ“ се однесува на сите, но исто така е неопределена. Кои сме „ние“, ако секој може да влезе во таа група на „ние“? Шмит верувал дека овој начин на размислување овозможува приватни групи со заеднички интерес да можат да ги користат либералните државни одвнатре, а странците можат да ги заробат таквите држави однадвор – и тоа е ставот кој Трамп го постави како централен во неговата изборна кампања.

Критиките на Шмит кон либерална надворешна политика се базираат на слична анализа. Како бранители на догма која ги вклучува сите и е заснована на права, либералите се принудени да се мешаат во работите на други земји чии политики не се согласни со либералните вредности. И кога либералите се впуштаат во меѓународен воен конфликт, нивниот светоглед е рецепт за целосна и бесконечна војна, бидејќи нивната посветеност на апстрактни норми прави тие да ги гледаат своите противници не само како конкуренти, туку како „апсолутни непријатели“. Кога некој има „реален непријател“, со него може да најде компромисен начин за мирна коегзистенција, но апсолутниот непријател мора со текот на времето или да го уништите или да го трансформирате – на пример, преку концептот на „изградбата на национален идентитет“ (односно унификација и формирање на мнозинство) кој Трамп гласно го одбива.

Наместо нормативност и универзализам, Шмит нуди теорија на политички идентитет заснована на принцип кој Трамп несомнено длабоко го цени од неговата претполитичка кариера: а тоа е земјиштето.

За Шмит, политичка заедница се формира кога група луѓе согледуваат дека имаат една посебна културна особина која веруваат дека вреди да се брани со живот. Оваа културна основа на суверенитетот во крајна линија е вкоренета во посебните карактеристики на географската локација на која што живеат луѓето - на пример, земја која нема излез на море, внатрешно ориентирана, или крајбрежна земја која е ориентирана кон надвор.

Во прашање се спротивставени ставови за односот меѓу националниот идентитет и законите. Според Шмит, „номос“ на заедницата или чувството за „себе“ што произлегува од нејзината географија е филозофски предуслов за нејзините закони. Спротивно на ова, либералите ја дефинираат нацијата првенствено со нејзините законски обврски.

Претседателството на Трамп се сведува на разработување на политичките импликации на Шмитово гледиште на внатрешните и надворешните работи.

Шмитовото критикување на либерализмот најлесно може да се види во страственото залагање на Трамп и неговите поддржувачи за изградба на ѕид на јужната граница на Америка. Советниците на Трамп, како што е Стивен Милер, ја опишуваат изградбата на ѕидот како политика предводена од „љубов“, односно љубов кон американската политичка заедница, просторно јасно дефинирана.

Поконкретно, во Брисел и во Хелсинки, политиката на Трамп под влијание на Шмит беше очигледна во неговото однесување кон американските традиционални сојузници и непријатели. Шмит се залага за глобален поредок кој ја универзализира доктрината „Монро“: големите нации наоѓаат зони на географско влијание кои не може да се нарушат, т.н. Grossraum, од кои зони можат заемно да се почитуваат. Трамп се залага за меѓународен поредок на нормативен плурализам, неспроведување на интервенции и договарање, односно правење зделки.

Во овој анти-либерален поглед, нема причина да се гледа Русија како апсолутен непријател. И оправдано е поткопувањето на меѓународните институции и прекинот на соработка со традиционалните сојузници на Америка. За анти-либералите, вистинските непријатели на мирот денес се оние држави-нации и институции кои сакаат да постават надворешни граници на суверенитетот и да изградат политичка заедница во нормативна, а не во територијална и културна смисла. Спротивно на тоа, пријатели на мирот се оние нации кои се доволно силни за да воспостават политичка хомогеност во рамките на нивните граници и да го поддржат глобалниот поредок на важните суверени играчи.

Кога Трамп стоеше до Путин и застана на негова страна - против американските разузнавачки служби, тој ја одигра логичката кулминација на идеите на Шмит. А тие идеи ќе останат присутни долго откако Трамп ќе замине.

Марк С. Вајнер ќе биде почесен претседавач на Катедрата за американски студии на Универзитетот Фулбрајт-Упсала во учебната 2018-19 година. Тој е член на Советодавниот одбор на Центарот „Никсанен“.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Марк С. Вајнер

Марк С. Вајнер ќе биде почесен претседавач на Катедрата за американски студии на Универзитетот Фулбрајт-Упсала во учебната 2018-19 година. Тој е член на Советодавниот одбор на Центарот „Никсанен“.