fbpx

Република Македонија има потреба од одговорност и помирување

Јана Лозаноска

Политика

08.10.18

Прегледи

д-р Јана Лозаноска

Jana Lozanoska 200x250Единствен излез од целосниот колапс на системот кој, наместо да се лечи, во континуитет се храни и потхранува со нефункционалност, поделеност, непотизам и корупција е да профункционира одговорноста, посебно кривичната одговорност на претходните владеачки структури и истовремено да течат паралелни процеси на помирување.

Одговорноста во општеството е најважен предуслов за правда. Притоа тоа ја вклучува и потребата од помирување во македонското општество како предуслов за демократија и плурално општество, и оттука понатамошно решавање на сите отворени надворешни прашања. Помирувањето е потребно поради длабоката поделеност во општеството, беснеењето на омраза, стереотипизирањето и етикетирањето на „националисти“ и „предавници“ во континуитет, што особено зема замав со реториката пред и по референдумот. Првенствено, спроведување на правдата подразбира, пред се`, потребата за разрешница на случаите за кои мандат има Специјалното јавно обвинителство. Воедно тоа подразбира, разрешница и екстрадиција на двајцата припадници на Управата за безбедност и контраразузнавање – бегалци во Грција, за едно од најмасовните кршења на човековите права во поновата историја на Република Македонија – а тоа е масовното прислушување.

Конструиран дискурс како опасност за демократија

Референдумот помина без правно потребниот цензус. Сепак, извитоперувањето на фактите и бројките не е во правец на соочување со реалноста, на непостоењето на потребниот цензус, туку напротив, се продолжува со конструираниот дискурс од власта кој е мошне опасен. Најпрвин, оние што гласале се единствените граѓани. Останатите не постојат и не се граѓани, иако решиле да покажат граѓанска непослушност. Тоа е впрочем дискурс кој што наци Германија го пропагираше пред физичката екстерминација, откако претходно со својата политика им го одзеде целиот морален и правен персоналитет на припадниците на еврејската заедница. Затоа е застрашувачки ваков јавен дискурс кој потекнува од највисоките претставници на власта. Иако премиерот при крајот на својот говор вечерта по референдумот се повика и на исклучоци кои не ги поистовети веројатно со оние на кои реферираше на почетокот, сепак помеѓу оние што бојкотирале или апстинирале, има и граѓани кои биле и учествувале во Шарената револуција, граѓани кои се незадоволни од целокупното владеење и од замената на власта во континуитет без суштински промени, граѓани кои сметаат дека прашањето е нејасно, дека не им се одговорени сите нејаснотии и импликации на договорот итн. Реалноста не е црно-бела и секое нејзино врамување во вакви конструкции е мошне опасно за било какво општество, а посебно за кревки вечно-транзициски општества како што е македонското, во кое одговорноста е мисловна именка.

republika makedonija ima potreba od odgovornost i pomiruvanjeИзвор: а1оn.mk

Наместо амнестија – правда

Токму прашањето на одговорноста е поврзано со вториот аспект, односно Планот Б на владеачката структура за спроведување на договорот. Имено, иако власта не признава експлицитно дека референдумот е неуспешен, сепак, со тоа што го открива следниот чекор, односно потпирањето на 2/3 мнозинство во Собранието имплицитно признава дека референдумот го нема потребниот кворум, иако преовладува триумфалистичка реторика. Особено загрижува овој втор обид да се протурка договорот, кој е доста проблематичен и бара целосно уставно-правно преструктуирање. Зошто? Имено, тоа значи дека власта и опозицијата можеби имаат и/или ќе се согласат на некој „таен џентлменски” договор за кој јавноста не знае и не е запозната. Можеби таен договор во кој би била договорена некаква амнестија, а за возврат поддршка на уставните измени и прифаќање на спорниот договор, и сето тоа во правец на некакво си помирување.

Одговорноста е интегрален дел и во постојана спрега со правдата, која, како и политиката, исто така е составена од повеќе димензии. Покрај кривичната, за која моментално се задолжени СЈО и македонските судови, за злоупотребите на претходните претставници на власта, постои поширок општествен и политички аспект на правдата, кој во перспектива и идеално треба да отвори портали на помирување. Токму овие портали на помирување треба да се иницираат и промовираат од самите владеачки структури, а не од една страна да служат за евентуална амнестија и рехабилитација на поранешни носители на власт, а од друга, да се исклучуваат оние граѓани кои апстинирале или го бојкотирале референдумот. Откако правосудните органи ќе си ја завршат работата навремено, непристрасно и објективно, носители на помирување се и сите општествени актери односно: медиумите и новинарите, уметниците, поетите, писателите и јавните интелектуалци итн. Посебна одговорност за отворање или неотворање на портали на помирување имаат токму оние кои се претставуваат себеси како јавни интелектуалци олицетворени во новинари, аналитичари, професори и разно разни креатори на јавното мнение. Наместо да поттикнуваат и да отвораат дебати, како и да прифаќаат различни ставови, тие со леснотија лепат етикети и стереотипи што притоа го продлабочуваат пред и пост-референдумскиот застрашувачки јаз во општеството. Токму јавните интелектуалци треба да се носители на јавен дијалог, а не да го потхрануваат јавниот простор со омраза и стереотипи.

Комисија за помирување

Единствен излез од целосниот колапс на системот кој, наместо да се лечи, во континуитет се храни и потхранува со нефункционалност, поделеност, непотизам и корупција е да профункционира одговорноста, посебно кривичната одговорност на претходните владеачки структури и истовремено да течат паралелни процеси на помирување. Последното би можело да се спроведе со евентуално формирање Комисија за помирување составена од најразлични профили на професии каде што овие разлики, анимозитети, стереотипи и етикети би се надминале, пред се`, преку разбирање, дијалог и комуникација. Само во таа насока, колку и да звучи идеално затоа што е потребно постоечката темна реалност да се замени со мала доза на реален идеализам, би можело да се надеваме на нови почетоци и суштинска демократија. Во спротивно, македонското општество ќе се удави во неодговорност, поделеност и омраза што всушност и моментално се случува. Решавањето на вакви комплексни правно-политички прашања како што е името, зависи од градење на стабилен внатрешен и плуралистички поредок и систем пред се`. Внатрешното помирување, односно подлабоко разбирање на реалноста му претходи на било какво помирување со соседите и решавање на отворените надворешни прашања. Ова се долготрајни процеси и доколку навистина се сака да се зборува за демократија и за слободно општество, овие процеси треба да започнат час поскоро. Во спротивно, повиците за демократија и „европска Македонија“ ќе претставуваат празни флоскули во борба за гола власт и туркање готови политички решенија.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јана Лозаноска

Јана Лозаноска, е доктор на науки при Универзитетот за мир на Обединетите Нации, во Костарика. Магистерски студии по меѓународно хуманитарно право има заршено на Универзитетот во Женева и Институтот за меѓународни студии во Женева-Швајцарија. Додипломски на Правниот факултет во Скопје. Има објавено трудови поврзани со човекови права, род и ЛБТ; прашањето за името од призма на меѓународно право, ЕУ и човекови права, итн.