fbpx

Ароганцијата на косовскиот претседател Хашим Тачи кон медиумите

Арта Бериша

Политика

25.12.18

Прегледи
МК   ALB   SR

Арта Бериша

Arta Berisha 200x250Во временски интервал од 15 минути, претседателот на Косово Хашим Тачи му рече речиси 100 пати „лажеш, манипулираш, клеветиш“ на новинарот Адриатик Келменди во телевизиското студио на националната телевизија КТВ во текот на октомври оваа година. Постојаното повторување на зборот „лажеш, лажеш“, не давајќи му на новинарот можност да демантира нешто такво, ја покажува опасноста и нападите, кои се во пораст, на политиката кон новинарството и правилното известување.

Претседателот на Република Косово Хашим Тачи во последно време го има зачестено неговото појавување на прес конференциите. Централна тема со новинарите е процесот на политичкиот дијалог меѓу Косово и Србија. „Корекцијата на границите“ како идеја презентирана од самиот претседател, претставува средишен дел за кој новинарите поставуваат прашања на адреса на Тачи. Од друга страна, претседателот ги има обвинето новинарите за производство на „лажни вести“ ризикувајќи да ги обесхрабри во нивната секојдневна работа. Освен новинарите, претседателот има влезено во многу полемики со други политичари и повторно на крај ги напаѓа новинарите за дебатите со неговите колеги од политиката.

Таков беше случајот и во емисијата „Рубикон“ на телевизијата КТВ. Во временски интервал од 15 минути, претседателот Тачи го бомбардираше новинарот Адриатик Келменди со зборовите „лажеш, манипулираш, клеветиш“. Приближно 100 пати. Ова следеше откако Келменди го праша за репликата со поранешниот-претседател на Владата на Албанија Сали Бериша за прашањето на границите.

Полемика од дистанца на косовскиот претседател Хашим Тачи со поранешниот албански премиер Сали Бериша

Да видиме за што претседателот Тачи го обвинуваше новинарот Келмeнди дека лаже? На 4 август оваа година, во времето кога темата за „корекција“ на границите ги добиваше првите реакции, Сали Бериша се изјасни против менувањето на границите иницирано од Тачи и – како што напиша тој на Фејсбук – „против секаков вид на распарчување, поделба или трговија со територијата на Косово и против секаква дискусија за ова прашање“. „Ова е уште едно поништување на Косово ослободено во 1999 година, во меѓународните документи признаено од над 115 земји, опфаќајќи ги тука 95 насто на слободарските земји во светот“, е реакцијата на Бериша кон идејата за корекција на границите. Овие коментари Бериша ги искажа по средбата со неколку претставници на Албанската демократска партија од Прешевската долина, предводени од Рагми Мустафа; во време кога политичарите од Прешевската долина беа примени и од највисоките политички претставници на Приштина.

Само неколку часа подоцна, на Фејбук реагираше претседателот на Република Косово. Но, поинаку од Бериша за кого некои медиуми известија дека е тоа негов став против поделбата, за објавата на Тачи медиумите известија како за напад кон Сали Бериша, иако Тачи не му го беше спомнал името. Во неговиот статус Тачи рече дека на Косово најмалку му се потребни советите на оние кои од политичката сцена се отстранети со масовно гласање. „Посебно на оние избори во периодот меѓу 1992-1997 година кога тргуваа и правеа со нивните валкани работи да преживее воената и полициската машинерија на балканскиот касап Слободан Милошевиќ“, се вели во реакцијата на Тачи.

Медиумите на Косово и во Албанија известија за остриот судир меѓу порaнешниот премиер Бериша и на претседателот Тачи токму базирано на последниот коментар на вториов. „Тачи му одговара остро на Бериша....“, беше насловот на Весникот Експрес за да продолжи со статусот од 4 август.

„Јас зборувам за феномени, не зборувам за имиња”, продолжи понатаму претседателот Тачи во интервјуто за КТВ. Дебатата продолжи неколку недели по ред и неговата канцеларија никогаш не ги демантираше известувањата дека Тачи го напаѓа Бериша или дебатата на дистанца меѓу двајцата политичари. Самиот поранешен албански премиер, потоа направи уште една, втора реплика на оваа тема, негирајќи ги сите претендирања кои беа нафрлени во статусот на претседателот Тачи. „Во периодот од 1992-1997 година Албанија во едно силно соочување во светската дипломатска арена ѝ го зададе завршниот удар на Србија”, рече Бериша три дена подоцна во едно интервју за телевизијата „Дукаѓини“.

Затоа, базирајќи се на сите овие изјави и полемики кои не беа демантирани ниту од едната ниту од другата страна, се поставува едноставното прашање: каде лаже новинарот доколку само извeстува или се базира на изјавите на двајцата политичари? Има и други работи кои го демаскираат претседателот Тачи. Беше ли Сали Бериша на чело на државата кога „балканскиот касап“ (Милошевиќ) вршеше масовни криминали во Хрватска и Босна?

На кого друг можел да алудира претседателот на Косово кога вели „тргнат е од власта со масовно гласање против“, кога во Албанија, јавно се знае, главното ривалство е меѓу двете главни партии – Социјалистичката партија и Демократската партија која сега е во опозиција, а чијашто емблематична фигура е токму Сали Бериша. Доколку тоа не се однесува на Бериша, зошто Тачи не каже јавно кому му ги наменил тие зборови? Сите овие прашања без одговори од претседателот Тачи, јасно покажуваат дека тој прави еден вид на тавтолошка игра во телевизиското студио, но никако не може да ги избегна фактите на минатотo. Секако, ваквиот јазик не може да се ингнорира затоа што во суштина претставува директен напад кон фактите и аргументите, но во исто време претставува и потценување на работата на новинарите.

За Гентиана Беголи, претседател на Асоцијацијата на новинарите на Косово (АНК), исто така е јасно кому му се обраќа претседателот на земјата (Косово) со неговите реакции.

„Изјавата на Тачи дојде по спротиставување кон неговата идеја за корекција на границите од страна на поранешниот премиер на Албанија, Сали Бериша. Без оглед на фактот дека претседателот не споменал име, неговото алудирање беше јасно и дека се однесува на времето на владеењето на Сали Бериша во периодот 1992-1997, на она што е направено или не е направено од негова страна, и на обвинувањата кои се јавни веќе долго време и кои сме ги слушнале во различни форми”, вели Беголи.

Arogancijata na kosovskiot pretsedatel Hasim Taci kon mediumiteИзвор: nytimes.com

Пристапот на Претседателот на Косово кон другите домашни новинари

Но, вистината е дека на претседателот не му е првпат да употреби таков јазик кон новинарите. Ардиана Тачи-Мехмети работи во истата медиумска куќа со Адриатик Келменди. „Fake news, fake news, fake news, чиста лага“, беше одговорот на претеседателот Тачи на последователните прашања на новинарката на КТВ во врска со дефинирањето на концептот за корегирање на границите. „После ова, јас не сакам со некоја голема волја да одам на неговите прес конференции, иако тие веќе се зачестија токму заради тоа што неговите изјави беа иритирачки, етикетирања за `fake news`. Секако дека јас нема да бидам обесхрабрена, ќе си ја продолжам работата и ќе поставувам прашања кои требa да бидат поставени и ќе ги повторувам, доколку е потребно, и по 10 пати”, вели Тачи-Мехмети. За Беголи, целта на употреба на ваквиот јазик од страна на политичарите има јасна цел. „Во недостаток на факти и аргументи, политичарите вообичаено го употребуваат целиот нивни арсенал за да го неутрализираат новинарот, за да го одвлечат вниманието од темата и да го направат новинарот помалку веродостоен, но лошото во ова e дека некои политичари не бираат говор или средства за да ги нападнат или етикетираат новинарите“, вели таа.

Состојбата на медиумите на Косово во очите на меѓународните организации

Судирот на политичарите или на другите групи на интерес со новинарите заради нивното известување не е нова појава. Во овогодишниот извештај на Фридом хаус, Косово е оценето како „делумно слободна“ земја. „Владата и различните бизниси вршат влијание на уредувачките линии, а новинарите многу често известуваат за вознемирување и закани“, оценува Фридом хаус.

И во извештајот за напредокот за 2018 година се нагласува за удвојување на бројот на новинарите кои, во споредба со претходната година, добиле закани или се физички нападнати.

За Беголи, овој говор е опасен и претставува напад врз слободните медиуми. „Заради силата која ја имаат политичарите, ваквиот приод на етикетирање на новинарите е опасен и директно мешање во слободата на медиумите. Истовремено директниот напад кон личноста на новинарот и отровниот јазик упатен кон него во себе носи покажување на сила и ја охрабрува и некоја трета страна да ги напаѓа новинарите“.

Појавата на вербални напади кои имаат за цел омаловажување во очите на јавноста, на професионалната работа на новинарите, дури и директно во телевизиско студио и на прес конференции, треба да бидат земени со длабока вознемиреност од страна на новинарите и од јавноста. Загриженоста расте уште повеќе кога тоа доаѓа од лидерите на земјата кои би требало да бидат оние кои ја гарантираат слободата на изразувањето.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Овој напис е поддржан во рамките на пројектот финансиран од Канцеларијата на Европската Унија во Косово а имплементиран од БИРН и од АНК (Асоцијацијата на новинарите на Косово). Содржината на овој објавен напис е одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета како став на Европската Унија или БИРН или пак на АНК.

Арта Бериша

Арта Бериша е новинар и асистент предавач на Факултетот за новинарство и масовна комуникација на ААБ колеџот во Приштина. Таа во моментов го води проектот „Вистинит интернет“, чија цел е да го подобри известувањето за онлајн медиумите и да ја подигне свеста кај граѓаните дека не е точно она што го читаат. Бериша работела 10 години на албанската национална телевизија Топ Канал и била член на Управниот одбор на Здружението на новинари на Косово.