fbpx

Две причини зошто Гордана Силјановска-Давкова би била претседателка која следи, наместо претседателка која води

Кристијан Фидановски

Политика

18.03.19

Прегледи

Кристијан Фидановски

Двата главни столба на сите досегашни јавни настапи на Гордана Силјановска-Давкова – слепото следење на јавното мислење и одбивањето да ги согледа реалните политички последици од своите ставови – покажуваат силен идеолошки континуитет помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и нивната претседателска кандидатка.

Вo својот најобемен ТВ-настап досега, претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, истакна дека во денешно време традиционалната идеолошка поделба на „леви“ и „десни“ е сè помалку видлива. Ова тврдење е целосно во линија со концептот на пост-идеолошка доба кој го застапуваат мнозинството политиколози во светот. Меѓутоа, прашањето за кое не постои толкава согласност – и кое Силјановска-Давкова не го начна во својот настап – е како тогаш изгледа оваа доба?

Еден од можните одговори е дека живееме во време на политичари кои водат наспроти политичари кои следат. Првите бараат доверба од гласачите за да ја остварат својата сопствена визија, додека вторите бараат доверба од гласачите за да ја остварат нивната визија, која пак е неизбежно хетерогена, најчесто нејасна, а понекогаш и комплетно неспроведлива. Политичарите од првиот тип се горди на својата визија, а оние од вториот тип се горди на својата демократичност, и тоа во најтесната смисла на зборот: безусловно следење на волјата на граѓаните без разлика дали таа волја воопшто е во склад со интересите на истите тие граѓани, или не.

Во своите јавни настапи периодов, Силјановска-Давкова цврсто се дефинираше како политичар од вториот тип. Гласачите допрва ќе пресудат дали тоа им се допаѓа или не, но она што е неспорно е дека таа со ваквото себедефинирање покажува силен континуитет со политичката филозофија на партијата која ја номинираше: ВМРО-ДПМНЕ.

Ова не мора да значи дека Силјановска-Давкова би била продолжена рака на раководство на партијата. Бројните шпекулации за цврстата контрола која лидерот на опозицијата, Христијан Мицковски, ја има врз својата претседателска кандидатка може да се точни или не, но во отсуство на докази тие треба да се игнорираат. Меѓутоа, она што е веќе видливо, а бездруго и многу поважно од тоа дали Силјановска-Давкова и Мицковски се „на линија“, е фактот дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ идеолошки се вклопува во вмровскиот модел на политичар од два клучни аспекти.

Популарноста како идеолошки прирачник

Винстон Черчил своевремено забележал со силна доза на цинизам дека секој народ има токму онаква влада каква што заслужува. Предизборната платформа на Силјановска-Давкова всушност е едноставен математички збир од сите популарни каузи кај мнозинството Македонци (пр. владеењето на правото и искоренувањето на корупцијата), но и од популарните каузи кај дел од етничките Македонци: противењето кон Преспанскиот договор (или барем горчливиот вкус во устата во однос на неговото потпишување) и кон Законот за јазиците. Ова значи дека Силјановска-Давкова ја разбира претседателската функција како една чисто административна задача за спроведување во пракса на сите популарни каузи кои виреат во општеството.

Се разбира, тоа само по себе не ја сместува Силјановска-Давкова во вториот наведен тип на политичари: фактот што овие каузи се популарни не значи дека не можат истовремено да бидат дел и од нејзината лична визија. Меѓутоа, овој веќе сомнителен микс од сите можни популарни каузи кај македонскиот етникум и пошироко во државата се претвора во класичен популизам кога Силјановска-Давкова изразува неподготвеност да застане зад барем една сопствена кауза која, за разлика од останатите нејзини каузи, веројатно не би била популарна кај мнозинството граѓани.

На новинарското прашање за абортусот, Силјановска-Давкова цврсто истакна дека му дава приоритет на правото на избор на жената, за веднаш потоа да додаде дека би се залагала идниот закон за абортус да оди на референдум. Со оглед на тоа што смета дека сме „традиционално и парохијално општество“, Силјановска-Давкова очигледно е свесна дека исходот од таквиот референдум би бил сосема спротивен на нејзиниот став за ова прашање. Иако абортусот за повеќето граѓани веројатно не е одлучувачки фактор за тоа дали тие ќе го дадат својот глас за Силјановска-Давкова или не, таа очигледно не е подготвена дури ни за прашање кое не игра клучна улога во јавноста да отстапи од својот популистички пристап на слепо следење на јавното мислење.

Ова е јасен показател дека дури и во (засега исклучително ретките) ситуации кога нејзините ставови ќе се судрат со јавното мислење, Силјановска-Давкова нема да биде подготвена да се бори за нив. Како што политикологот Иван Крастев забележува во својата последна книга „По крајот на Европа“ (After Europe), популистите немаат идеологија бидејќи тие всушност немаат никакви очекувања од своите гласачи – ги сакаат токму онакви какви што се.

Извор: mkd.mk

Ваквиот недостаток на интерес кај Силјановска-Давкова да го обликува јавното мислење доаѓа до израз и при прашањето кое најмногу ја афирмираше во пошироката јавност: нејзиното противење кон Преспанскиот договор. Иако таа милува да настапува во јавноста од позиција на професор (без оглед на фактот што професијата на кој било претседателски кандидат не смее да се меша со неговата/нејзината политичка кандидатура), Силјановска-Давкова со својот став околу името буквално ја фрла својата „професура“ низ прозорец, упорно потхранувајќи ги „апстрактните“ стравувања од загуба на идентитетот кај неинформираниот дел од јавноста.

Во општествените науки, една од првите лекции гласи дека нациите се општествени конструкции, при што една од примарните задачи на секој академски граѓанин е да помогне во нивната деконструкција. Имајќи го ова на ум, несфатливо е како Силјановска-Давкова може да ја „подучува“ целата нација да го прави токму спротивното: да продолжи да живее во доменот на апстракциите, наместо конечно да се заврти кон своите вистински проблеми.

Суверенизмот, буквализмот и одговорноста

Токму спорот за името ја открива и втората причина зошто Силјановска-Давкова би била претседателка која следи, наместо претседателка која води. Имено, општествените науки познаваат два вида морал: утилитарен и деонтолошки. Утилитарниот морал става акцент на моралноста на исходот од нашите постапки, додека деонтолошкиот дава предност на моралноста на принципите зад тие постапки. Нашето општество веќе се подели по оваа морална оска околу Преспанскиот договор: утилитарците го поддржаа договорот поради моралниот исход (откочувањето на евроатлантските интеграции), а деонтолозите го осудија поради неморалниот принцип (меѓусоседски договор за преименување на држава без преседан во меѓународното право).

Науката е поделена околу тоа дали секој од нас во секојдневниот живот треба да биде утилитарец или деонтолог. Се разбира, честопати е тешко да се одлучи кој од двата можни исходи во дадена ситуација е поморален, па затоа е многу полесно да се тргнат исходите сосема настрана и да се следи некаков морален принцип. Дополнително, следењето принципи најчесто значи да се продолжи да се постапува на ист начин како што се постапувало и дотогаш, што е секогаш полесно одошто да се направи некаква промена врз основа на анализа на можните исходи.

Меѓутоа, целта на претседателската функција не е да биде лесна. Од позиција на правник, Силјановска-Давкова може до бесконечност да се повикува на дамнешната пресуда на Меѓународниот суд за правда во корист на Македонија во спорот со името. Сепак, од позиција на претседателска кандидатка, таа е обврзана да ги согледа и последиците од своите постапки. Кога можниот исход од решавањто на спорот е напредок во евроатлантските интеграции, а исходот од нерешавањето сме го живееле речиси три децении, тогаш е прилично очигледно дека ова е ситуација во која може да се донесе утилитарна одлука за подобра иднина, наместо да се зборува за политички неупотребливи пресуди сè додека и последниот млад човек не си замине од државата.

Ваквото одбивање на Силјановска-Давкова да ги согледа последиците од своите постапки доаѓа до израз и во ред други ситуации, каде таквите последици се барем подеднакво опасни. Второто прашање кое периодов ја издвои Силјановска-Давкова во пошироката јавност беше нејзиното противење кон Законот за јазиците. Независно од тоа дали е во право за правните недостатоци на овој закон или не, Силјановска-Давкова во ниту еден свој јавен настап не почувствува потреба да ги согледа општествените последици од нејзината слепа фокусираност на апстрактната правна димензија, која самата милува да ја нарекува идеолошки „суверенизам“. Доколку Силјановска-Давкова навистина има толкаво чувство за гласот на граѓаните како што постојано тврди, тогаш бездруго е свесна дека нејзиното упорно ламентирање за „подривањето на уставниот поредок“ не поттикнува некаква желба кај граѓаните за подлабоко запознавање со македонското законодавство, туку само директно ги потхранува меѓуетничките тензии.

Доколку претходно постоеше некаков сомнеж дали на Силјановска-Давкова ù пречи потхранувањето меѓуетнички тензии, таквиот сомнеж недвосмислено го отстрани нејзината скандалозна неодамнешна изјава по повод говорот на омраза на една нејзина колешка и силна поддржувачка на нејзината кандидатура. Наместо да ја осуди крајно бесчувствителната реторика кон жртвите од неодамнешната сообраќајна несреќа во околината на Тетово, а со тоа и кон вториот најголем етникум во државата, Силјановска-Давкова потврди дека не умее да излезе од својот буквализам дури и во една ваква навидум кристално јасна ситуација.

Наместо да ја согледа јасната малициозна импликација на напишаното, Силјановска-Давкова рече дека фамата која се кренала околу оваа ситуација „зборува повеќе за интерпретаторите одошто за авторот“ на напишаното. Исто како што тридецениското нерешавање на спорот за името зборуваше само за грчкиот инает, а не и за нашата тврдоглавост од која штета сносевме само ние, а не Грците. Или како што игнорирањето на пресудата на Меѓународниот суд за правда од страна на меѓународната заедница зборуваше за непринципиелноста на остатокот од светот, наспрема нас кутрите и принципиелните. Или, на крајот, како што меѓуетничките тензии потхранети од нејзините правнички тревоги за загрозеноста на македонската државност не зборуваа за недостатокот на општествена одговорност кај Силјановска-Давкова. Небаре правото постои во некаков апстрактен вакум, наместо за да ги унапредува општествените односи.

Меч со две острици

Од прагматична перспектива, кандидирањето на Гордана Силјановска-Давкова беше полн погодок не само за ВМРО-ДПМНЕ, туку и за целокупниот демократски систем во државата. Секогаш е здраво за една демократија опозициската партија да излезе на избори со партиски необоена кандидатка, која бездруго може повеќе да го „испоти“ владиниот кандидат од кој било партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ во моментов. Меѓутоа, двата главни столба на сите досегашни јавни настапи на Силјановска-Давкова покажуват силен идеолошки континуитет помеѓу неа и партијата што ја кандидираше. Од граѓаните зависи дали тоа ќе ù помогне или одмогне на нејзината кандидатура.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Кристијан Фидановски

Кристијан Фидановски е истражувач на Виенскиот институт за економски анализи и докторанд по социјални политики на универзитетот Оксфорд, каде ги проучува политиките за стимулирање наталитет на Балканот и во источна Европа. Кристијан има магистрирано политички науки и источноевропски студии на универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, а има дипломирано во истата област на Универзитетскиот колеџ Лондон (UCL). Покрај пронаталитетските политики, негов истражувачки фокус се и партиските системи, евроинтеграциските процеси и јавното здравје. Кристијан е автор на академски трудови и авторски колумни на македонски, англиски и италијански јазик за десетици домашни и меѓународни публикации.