fbpx

Наместо политички амбасадори, да испраќаме кариерни дипломати

Лазар Поп-Иванов

Политика

22.03.19

Прегледи

Лазар Поп-Иванов

Имајќи на ум дека македонската дипломатска мрежа е составена од релативно мал број (50) амбасади, оваа реалност ни отвора вистинска можност да започнеме со дипломатијата како гранка од јавно политичкиот живот каде професионалните кадри ќе бидат повеќе застапени од политичките

Во фокусот на македонската надворешна политика веќе долго време се евро-атлантските интеграции. Желбата за членство на нашата држава во овие организации се чини дека е една од ретките константи во стратешките планови на нашата надворешна политика. Доколку политичките елити се искрени во нивните намери за понатамошото интегрирање во овие институции и навистина сакаат нашето општество да го даде најдобриот придонес во меѓународните односи – тогаш еден од чекорите мора да биде професионализацијата на дипломатската мрежа. За една мала држава како нашата, во која секоја ставка од буџетот треба да биде мудро обмислена, особено е важно граѓаните и институциите на системот да бидат претставени од најдобрите професионални кадри кои ги поседуваме. Професионалните кадри се дипломати од највисок вид во Mинистерството за надворешни работи кои поминале повеќе од една декада искачувајќи ги сите скалила во нивната служба и ги исполните потребните критериуми за да се стекнат со амбасадорското звање. Оваa промена во политиката на Владата лесно може да се направи со едноставна промена на моменталната законска легислатива (Законот за надворешни работи), со зголемување на бројот на професионални амбасадори на сметка на амбасадорите кои се политички назначени.

Кој може да стане амбасадор?

Еволуцијата на Законот за надворешни работи ни покажува дека од 2006 година до денеска во неколку наврати се менува соодносот помеѓу амбасадори назначени од рангот на дипломатско конзуларните службеници со највисоки дипломатски звања во министерството (тн. дипломати од кариера) и тн. политички назначените дипломати. Во 2006 година законот предвидувал најмалку 2/3 од вкупниот број на дипломати да бидат дипломати од кариера, во 2008 година законот се менува и регулира најмалку 1/4 од вкупниот број на дипломати да бидат дипломати од кариера. За жал, ниту по низа измени и дополнувања од 2006 година до денеска, моменталната законска рамка не е значително подобра и предвидува најмалку 1/3 од вупниот број на дипломати да бидат кариерни дипломати, а останатите назначени од редот на тн. политички дипломати. Моменталното законско решение овозможува во дипломатската мрежа да доминираат „политички назначените дипломати”.

Потребата од професионална дипломатска мрежа

За да дадеме дополнителен контекст и да ја зајакнеме аргументацијата за предлогот да се професионализира македонската дипломатската мрежа, можеме како илустративен пример да ја земеме интеграцијата во Европската Унија. Во јуни 2019 година, Советот на Европската Унија ќе го оценува напредокот кој нашата држава го направила во изминатата година и на таа основа (помеѓу другото) ќе донесе одлука за нашата понатамошна интеграција во Унијата. Оттаму, загрижувачки е фактот што дел од нашите амбасади во Европа се сеуште се без претставници од највисоко ниво-амбасадори. Токму тие треба да бидат најистакнатите лобисти, оние кои во име на граѓаните ќе ги застапуваат интересите и амбициите на нашата држава пред европските политички чинители. Оваа критика дипломатскиот клуб ја регистрираше уште во јуни 2018 година, како и неколку медиуми кои потенцираа на важноста амбасадорските места да се потполнат во вакви важни политички периоди.

Веруваме дека не само што не смееме да дозволиме празни амбасадорски места, туку дека високите дипломатски позиции треба да се пополнети со луѓе кои се кариерни дипломати. Впрочем, кој подобро би лобирал и аргументирал „за“ прогресот на нашата држава од амбасадори од кариера, односно оние државни службеници кои голем дел од својот работен век се подготвуваат за ваква позиција. Според Законот за надворешни работи кариерните дипломати поминуваат најмалку 11 години на различни нивоа во министерството, од позиција „приправник“ до статус „амбасадор“. Спротивно на тоа, политички назначените дипломати не мораат да го поседуваат ова искуство за да бидат назначени на истите позиции, туку единствено е потребно да го исполнуваат законскиот предуслов, односно, да бидат „истакнати личности од областа на надворешната политика, меѓународните односи, меѓународното право, науката и културата“, или пак „лица од редот на вработените во јавниот сектор, актуелни или поранешни избрани или именувани лица во законодавната, извршната, судската и локалната власт, како и дипломати кои биле вработени или ги остварувале правата од работен однос во Министерството за надворешни работи за време на мандат во дипломатско-конзуларно претставништво на Република Македонија во странство“ (член 35-а од ЗНР). 

Извор: ripostmk.com

Ова мора да биде доволен аргумент. во полза на предлогот да се промени моменталната законска рамка, и да се зголеми бројот на професионални дипломати кои ќе ја претставувааат Македонија во јавната дипломатија. Искуството треба да биде нашиот логичен избор. Но, доколку се потребни дополнителни причини, тогаш можеме да споменеме дека празните амбасадорски места кои во моментов ги имаме, можат (во одредена мера) да се препишат на неможноста Министерството за надворешни работи и Претседателот да се согласат за листа на вземно прифатливи кандидати. Овој проблем, кој во својата основа верувам дека е (делумно) и партиски, може да се надмине доколку мнозинството од предложените амбасадори потекнуваат од професионалните (кариерни) дипломати во ситуација кога законските решенија ги фаворизираат токму нив. Кога политичките чинители ќе имаат да одберат помеѓу низа професионални кандидати, тогаш партиските пресметки и игри во голема мера ќе станат залудно потрошено време.

Дипломатите се создаваат

Дополнителен аргумент во полза на професионалнизација на дипломатската мрежа е дека во овој момент меѓународниот систем, меѓународното право, и глобални институции се исправени пред низа предизвици. Во моментите кога дури и дел од академиците отворено се прашуваат дали „меѓународниот либерален поредок ќе преживее?“ (повеќе за академските дебати кај: Joseph NyeRichard HaassJohn Ikenberry), нема поодговорна политика од кормилото за навигација низ овие политички реалности да биде оставено на искусните и професионални кариерни дипломати. Мотив плус за менување на оваа политика, е што нашите европски партнери имаат професионални дипломатски служби. За илустрација, како генерално правило Германија регрутира само кариерни дипломати во својата дипломатска мрежа за да се осигура дека интересите на државата ќе бидат најдобро застапени во меѓународните односи.

Секако, фер е да препознаеме дека дел од нашата јавност ја поддржува моменталната ситуација каде имаме мнозинство политички назначени амбасадори. Поддржувачите ќе истакнат дека има и политички назначени дипломати кои си ја вршат работата совесно и добро. Секако, тоа е возможно, но тие профили би биле уште подобри во својата работа доколку претходно ги поминале скалилата за напредување и обуки кои министерството ги овозможува. Како што аргументира Николас Кралев: дипломатите се создадени, не родени и затоа треба да се работи со кадарот, да се инвестира во него, пред да ја претставува државата во меѓународните односи.

Конечно, верувам дека на домашно политички план предлог кој промовира систем на заслуги ќе биде добредојден од граѓаните. Во контекстот на нашата дипломатска служба, промовирање на системот на заслуги би било користење на професионалните дипломати кои ги имаме на располагање. Впрочем низа извештаи (вклучувајќи го и извештајот на Прибе, и извештаите од Европската Комисија) кои го оценувале напредокот на демократските процеси во нашето општество предлагаат де-партизација на јавниот сектор и воведување на „мерит“ систем во процесите на именување и назначување. Оттаму, имајќи на ум дека македонската дипломатска мрежа е составена од релативно мал број (50) амбасади, оваа реалност ни отвора една вистинска можност да започнеме со дипломатијата како гранка од јавно политичкиот живот каде професионалните кадри ќе бидат повеќе застапени од политичките. Дополнително во рамките на МНР веќе постои внатрешен систем за креирање на кариерни дипломати, па не мора да се реобмислува овој процес, туку единствено повеќе да се инвестира во дополнителни обуки и доусовршување на овој кадар.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Лазар Поп-Иванов

Лазар Поп-Иванов е магистер по меѓународни односи и меѓународно право, и е ко-претседател на граѓанската организација „Член 1 - Институт за глобални политики и право“.