fbpx

Борба за повеќе пријатели во мултиполарниот свет

Радован Спиридонов

Политика

30.04.19

Прегледи

ALB

Радован Спиридонов

radovan spiridonovМакедонија, покрај својата правилно избрана стратешка определба неопходно е да изгради партнерства со земјите во развој. Ни треба стратегија која ќе биде одговор на променетите меѓународни околности.

 

 

 

 

Промени на геополитичката шаховска табла

Во меѓународните односи ништо не е вечно, па ни империите. Светот видел многу цивилизации кои се родиле, ја прошириле својата власт, триумфирале над околностите, владееле со „познатиот свет“. За потоа, да се распаднат поради различни, но меѓусебно поврзани причини. По падот на СССР, САД станаа единствената империјална сила во светот, или барем така се чинеше во т.н. униполарен момент. Социјалистичкиот свет остана затрупан во урнатините на Берлинскиот ѕид, а САД станаа хегемон. Глобализацијата доби облик на американизација, а МекДоналдс ги проби границите кои беа пресилни дури и за военото устројство на Пентагон. Но, нештата се менуваат...

Западните елити го уверуваа светот дека конечно живееме во свет на споделени вредности, вредности чие потекло е, секако, во западната цивилизација. Тие беа прикажувани како мирољубиви и тоа преку становиштето за „демократски мир“, односно дека моќта веќе не е во воената превласт како клучен двигател во меѓународните односи, туку во ширењето на демократските вредности и слободата на пазарот. Олицетворение на оваа теза долги години беше Френсис Фукујама, чие дело „Крајот на историјата и последниот човек“ беа сметани за теориска основа на новиот светски поредок. Сѐ додека нештата не почнаа сериозно да се менуваат, па и Фукујама мораше да напише уште доста трудови за да објасни зошто во светот не завладеа Кантијанскиот мир по западна мерка.

Униполаризмот е мртов

Структурните реалисти, како Кенет Валц (Kenneth Waltz), од поодамна тврдеа дека ќе се појават сили кои ќе ги предизвикаат САД и ќе настојуваат повторно да воспостават системска рамнотежа на моќ.

Во тој поглед предничи Кина која за само три десетлетија, од сиромашна земја во развој прерасна во светска стопанска сила. Имајќи го првенството во сите гранки на индустриското производство, Кинеските научници се предводници и во развојот на системите на вештачка интелигенција, генетски инженеринг и револуционерни ИТ решенија. Пекинг ја создаде Шангајската организација за соработка како алтернатива на НАТО и ја разви и Азиската инфраструктурна инвестициона банка како алтернатива на СБ и ММФ.  По нивниот светоглед „средишното царство“ како што и денес Кинезите си ја нарекуваат државата, во иднина повторно ќе владее со светот.

Територијално најголемата земја Русија, која беше речиси заборавена по распаѓањето на СССР, по неколкугодишен политички очај, почна да го заживува своето стопанство и воспостави цврста (иако авторитарна) централна власт. Нејзиното враќање на светската сцена е повеќе од очигледно, па дури и се зборува за Втора студена војна.

Земјите во развој, кои засега имаат пониско ниво на влијание на тековите на светската политика, како Индија, Бразил, Мексико, Јужна Африка, заземаат сѐ позначајно место на големата шаховска табла. Сведоци сме на сериозни промени на Арапскиот свет и повторна проминенција на исламските размисли. Турција се наметнува како сериозен регионален играч на Балканот. Накратко, над Земјата веќе сјаат повеќе сонца.

Како што вели Семјуел Хантингтон, главна определба на развојот на светскиот поредок во иднина ќе се цивилизациите кои соединуваат групи на земји со слични социолошки, културни и верски вредности. Во светот се јавуваат нови средишта на моќ, што на светскиот систем му дава карактеристика на мултиполарен свет.

Македонија во ЕУ, но и со земјите во развој

Македонија како своја стратешка цел ја има зацртано ЕУ. Впрочем ние, цивилизациски, културно, историски и духовно припаѓаме во семејството на европските народи. Унијата е заеднички дом чии демократски вредности и стандарди треба да ги спроведеме за нашата добробит и напредок. Но, како и секој сојуз, и овој се соочува со свои проблеми. Од економските шокови, преку подемот на радикалната идеологија, па до предизвиците на климатските промени - ЕУ е ставена на испит.  Овие предизвици можат да бидат надминати само преку наднационална соработка!

Македонија, покрај својата правилно избрана стратешка определба неопходно е да изгради партнерства со земјите во развој. Ни треба стратегија која ќе биде одговор на променетите меѓународни околности.

Активно учество во кинескиот проект ,,Појас и пат‘‘ кој по углед на стариот Пат на свилата воспоставува коридор од Европа до Азиско-пацифичкиот регион. Покрај големите можности за инфраструктурен развоj, учеството во најголемиот инфраструктурен проект во човековата историја ни пружа можност за заемно продуктивни односи со регионот кој според многумина стручњаци ќе биде средиште на идните политички и економски текови.

Македонија, исто како и остатокот од Европа е економски и енергетски врзана со Русија. Впрочем, споделената култура и традиција, може да биде појдовна точка не само за трговија, туку и за научно-технолошка размена и усовршување на нашите стручњаци.

Најпосле, со латиноамериканските земји споделуваме слични структурни, економски и социјални предизвици. Преку споделување на искуства и продлабочување на контактите можеме да работиме на размена на најдобрите практики во заемна корист и понатамошни социјални реформи.

Мултивекторска дипломатија

Македонија неопходно е да остане на патот кој води кон членство во ЕУ, пред сѐ преку длабоки институционални и општерствени реформи. Но, во светот на мултиполарноста, нужно е да работиме на мултивекторска дипломатија со цел изнаоѓање на што повеќе стратешки партнери, како во областа на економијата, така и во политиката.

Ова се постигнува со професионалци кои ќе ја претставуваат нашата земја на светската сцена. Овие цели на мулти-векторската дипломатија бараат услови и капацитети за успешно реализирање. Ова подразбира професионализација на дипломатската сфера во Македонија, наместо политички амбасадори ние мора да испраќаме кариерни дипломати кои се квалификувани за работата и имаат големо познавање на геополитиката на регионот со цел ефективно извршување на целите и функцијата на позицијата амбасадор. Македонија мора внимателно да го обезбеди своето место на големата шаховска табла на геополитичката стратегија.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Радован Спиридонов

Радован Спиридонов е студент по меѓународни односи и филозофија на УКИМ. Ангажиран во Центарот за истражување и креирање политики, тој исто така предава дебата во МОФ, соработувал со ОБСЕ, и е стипендист на фондацијата Конрад Аденауер. Работи на проекти од областа на документарната фотографија. Негови главни полиња на интерес се политичката филозофија, светската политика, историјата и футорологијата.