fbpx

Античка Грција ни испраќа предупредување и појаснување за вештачката интелигенција

Ејдриен Мејор (Adrienne Mayor)

Политика

22.06.19

Прегледи

Ејдриен Мејор (Adrienne Mayor)

Треба ли навистина да веруваме дека човештвото ќе се приспособи и навремено ќе ги решава проблемите што доаѓаат со присуството на вештачка интелигенција?

Речиси секогаш кога се води дискусија за вештачката интелигенција (ВИ) и последиците што таа ги носи, некој го споменува древниот грчки мит за кутијата на Пандора. Во модерната верзија на приказната, која повеќе личи на бајка, Пандора е претставена како трагично љубопитна млада жена која отвора запечатена урна и ненамерно предизвикува човештвото да живее во очај за навек. Овој мит, како и митот за духот што избега од шишето, коњот што избега од шталата и возот што прошол, веќе станува клише.

Она што е интересно е тоа што вистинската приказна за Пандора е далеку посоодветна за дискусиите што се водат за ВИ и за машинското учење, само што многумина не го знаат тоа. Приказната ни покажува дека е подобро да се слушаат „Прометејците“ кои се загрижени за иднината на човештвото, наместо да се слушаат „Епиметеите“, кои лесно се подведуваат на желбата за краткотрајни придобивки.

Еден од најстарите грчки митови, приказната за Пандора првпат е запишан пред повеќе од 2500 години, во времето на Хомер. Во оригиналното раскажување, Пандора не била некоја невина девојка која подлегнала на искушението да отвори тегла што било забрането да се отвора. Всушност, како што раскажува поетот Хесиод, Пандора е „направена, а не родена“. Семоќниот Зевс побарал да му ја направат, таа била наменски создадена според неговите сурови спецификации од страна на Хефест, богот на пронајдокот. Пандора била човеколик андроид создаден да изгледа како маѓепснички убава девица. Нејзината цел била да заробува смртници, како манифестација на калос какон, односно „зло скриено во убавина“.

Името Пандора значи „сите дарови“, што го одразува фактот дека сите богови дале свој придонес кога таа се создавала. Откако креацијата била скована во ковачницата на Хефест, Хермес пошол со прекрасната „жена“ долу на земјата и ја претставил како невеста на Епиметеј. Нејзиниот мираз била судбоносно затворената тегла која содржела мноштвво „дарови“.

Епиметеј бил брат на Прометеј, бунтовничкиот титан кој се борел за човештвото, а според некои мислења и го создал. Прометеј бил загрижен за очигледната ранливост на луѓето, па затоа ги подучувал мажите и жените како одговорно да користат оган и други алатки. Но, тоа го разлутило Зевс, оти тој бил безмилосен тиранин кој љубоморно забранувал некој друг да пристапи до различните фантастични технологии кои му биле нему на располагање. Како казна, Зевс го врзал Прометеј за карпа и го испратил својот орел, кој дејствувал слично на денешните дронови, кој исто така бил скован од страна на Хефест, да му го изеде црниот дроб.

Што се однесува до Пандора, таа била намерно создадена за да го казни човештвото за тоа што го прифатило огнот како дар од Прометеј. Во суштина таа била заводлива форма на ВИ, односно женски робот. Немала родители, немала спомени од детството, ниту пак какви било емоции, и никогаш не стареела ниту пак била смртник. Таа била програмирана да изврши една злонамерна мисија: да се смести меѓу луѓето на Земјата, а потоа да ја отвори теглата.

Сепак, приказната не завршува тука. Како што ни кажува Платон, името Прометеј значи „предвидување“, бидејќи тој секогаш гледал напред, за разлика од неговиот безгрижен брат, Епиметеј, чие име значи „ретроспектива“. Бидејќи бил порационален и оправдано попараноичен од двајцата, Прометеј се обидел да го предупреди својот брат да не го прифаќа опасниот подарок од Зевс. Но, Епиметеј бил шармиран од Пандора и безрезервно ја примил во својот живот. Подоцна, ја сфатил својата страшна грешка.

Ова покажува дека општо познатата слика од Пандора, на која таа исплашено се повлекува пред облакот од зло што како рој оси излегува од теглата е само измислица на современото општество. Со тоа, се потврдува и дека сликата на Надежта што последна излегува од теглата, чија цел е да ги смири човечките души, исто така е лажна. Во класичната грчка верзија, Пандора е претставена како лукаво автоматизирано суштество; нејзината најпозната слика, што е насликана на вазна, покажува една млада жена која стои вкочането, а на лицето има неприродна насмевка.

Покрај тоа, ако ја разгледаме антиката, Надежта била олицетворена во млада жена по име Елпис, која обично немала способност да ги предвиди нештата. Наместо благодет, Надежта претставувала неспособност да се гледа кон иднината или да се направи разумен избор од можните исходи; таа означувала само непоткрепена желба, а не оптимизам кој може да те одржи во живот. За Грците, таа била само една од многуте манифестации на калос какон: убаво зло ослободено да прави пустош меѓу луѓето. Оттука, барем еден древен уметник ја насликал Елпис / Надежта, слично како Пандора, со подбивна насмевка.

Додека ВИ, односно машинското учење брзо се развива во технологија на „црна кутија“, симболот на запечатената тегла на Пандора добива ново значење. Наскоро, оперативната логика на системите за одлучување кои работат на основа на ВИ ќе биде нешто што корисниците, но и креаторите на ВИ, нема да може да ја разберат. Друга закана, која во моментов е сериозна, е можноста системите на ВИ да бидат хакирани од злонамерни актери или да бидат употребувани од терористи и тирани.

Кога основачот на „Фејсбук“ Марк Цукерберг, Ендру Мекафи на МИТ и Лили Ченг од „Мајкрософт“, како и други оптимисти за ВИ, нè уверуваат дека ВИ ќе доведе големи придобивки, човек се присетува на Епиметеј и Елпис. Треба ли навистина да веруваме дека човештвото ќе се приспособи и навремено ќе ги решава проблемите што доаѓаат со присуството на ВИ?

Се чини дека е попаметно да се следат денешните мислители налик на Прометеј, како што се покојниот Стивен Хокинг, основачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс и 115 други технолошки лидери, кои во 2017 година зборуваа за заканата од вооружена ВИ и роботика: „Треба побрзо да преземеме чекори“, предупредија тие. „Откако ќе се отвори оваа Пандорина кутија, ќе биде тешко да се затвори“. Освен тоа, овие прометејски грижи ги поткрепува и соосновачот на Гугл, Сергеј Брин и етичарите за ВИ, како Џоана Брајсон и Патрик Лин, кои предупредуваат за невнимателното прифаќање на „даровите“ од ВИ пред да најдат начини како тие да се контролираат.

Анкетите спроведени неодамна покажуваат дека оптимизмот во врска со потенцијалните придобивки на ВИ значително е намален кај оние кои всушност развиваат системи за ВИ. Разбирањето како функционира ВИ се чини дека е поврзано со пореални очекувања. Наместо слепа надеж, предвидувањето засновано на знаење и искуство треба да ни биде водилка за тоа како ќе управуваме со иднината на оваа технологија и нашиот однос со неа.

Ејдриен Мејор, научен соработник за класици, историја и филозофија на науката на Универзитетот Стенфорд, е предавач на постдипломски студии и истражувач од Бегруен за 2018-2019 година во Центарот за напредни студии за бихејвиористички науки при Стенфорд. Таа е автор на книгата која наскоро ќе биде објавена: Gods and Robots: Myth, Machines, and Ancient Dreams of Technology (ноември 2018). 

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org 

Ејдриен Мејор (Adrienne Mayor)

Ејдриен Мејор, научен соработник за класици, историја и филозофија на науката на Универзитетот Стенфорд, е предавач на постдипломски студии и истражувач од Бегруен за 2018-2019 година во Центарот за напредни студии за бихејвиористички науки при Стенфорд. Таа е автор на книгата која наскоро ќе биде објавена: Gods and Robots: Myth, Machines, and Ancient Dreams of Technology (ноември 2018).