fbpx

Корупцијата на Балканот: упорна и тешко излечива

Јована Маровиќ

Политика

27.06.19

Прегледи
ALB  SR

Јована Маровиќ

Корупцијата и клиентелизмот се директен извор на моќта на балканските автократи. Во исто време, политиката на Европската унија за држење на Западниот Балкан на пристојна далечина не е доволно поттикнувачка.

Корупцијата на сите нивоа е еден од главните предизвици за земјите од Западен Балкан, а нејзината елиминација е важен предуслов за нивната понатамошна демократизација. Причините за ограничените резултати во оваа област се многубројни: од исполнување на исклучиво технички предуслови за борба против корупцијата, преку недостаток на посветеност на политичките елити на власт за елиминирање на недемократските практики, до недоволно изградената култура на законитост. Овој текст претставува пресек на клучните причини за неефикасната борба против корупцијата во Западен Балкан и укажува на насоките кои треба да доведат до неопходните пресврти и видливи резултати во оваа област.

Концептот на „демократизација врз основа на интеграција“ е на стаклени нозе

Главен двигател на реформите и напорите за борба против корупцијата во земјите од Западен Балкан е политиката на условување од Европската унија, која се покажа како исклучително успешен инструмент за време на пристапувањето на земјите од Централна и Источна Европа. Во рамките на политиката на условување, средиштето и 'рбетот на најсложените поглавја во однос на владеењето на правото (23 - Правосудство и основни права, 24 - Правда, слобода и безбедност) е борбата против корупцијата. Математиката е јасна, земјите од Западен Балкан сакаат да станат полноправни членки на Европската унија и за таа цел неопходно е да исполнат одредени услови и критериуми. Конкретно, Црна Гора, како земја која е најнапредна во процесот на интеграција со 32 отворени поглавја и 3 привремено затворени, во моментов своите активности во борбата против корупцијата ги групира и организира во согласност со 14 преодни одредници/услови на Европската комисија, и преминот кон следната фаза на интеграција зависи од степенот на нивното исполнување. Европската комисија го постави истиот број одредници и за Србија.

Сепак, без оглед на одредени успеси во зголемување на транспарентноста, подобрување на процедурите и менување на институционалната рамка за борба против корупцијата, овие реформи имаат ограничен ефект врз демократијата во Западен Балкан. Демократското назадување се совпаѓа со лошата состојба на демократијата ширум Европа, што конкретно во Западен Балкан трае од 2012 година. Во текот на 2018 година, и онака лошиот индекс на перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнал се влошува во речиси сите земји. Според ова истражување, најлош индекс имаат Албанија, Северна Македонија и Косово, кои се наоѓаат на 99-тото и 93-тото место (Косово и Северна Македонија го делат 83-тото место), додека Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора се на 89-тото, 87-мото и 67-мото место (од вкупно 180 земји кои се опфатени со истражувањето). Оттука, концептот на „демократизација на основа на интеграција“ во моментов е подложен на сериозен тест на Балканот.

Европската унија применува две нивоа на условување на земјите од Западен Балкан: демократско и условување кое се однесува на усогласувањето на законодавството со законодавството на ЕУ (затоа што подобрувањето на прописите без непристрасно спроведување на истите не значи владеење на правото, ниту ефикасна борба против корупцијата). Во досегашниот тек на процесот на преговори, земјите од Западен Балкан постигнале одреден успех во однос на второто, но не и првото ниво на условување. Оттука, често во извештаите на Европската комисија и Европскиот парламент, но, и во самите изјави на претставниците на ЕУ се инсистира на „мерливи резултати“, кои обично се изоставени. Потврда за заробеноста на земјите од Западен Балкан претставуваше и официјалниот документ на Европската унија, со минатогодишната стратегија за кредибилна перспектива во Европската унија, во која се нагласуваат врските на владејачките елити со организирани криминални групи, како и корупцијата на сите нивоа. Почнувајќи од дефиницијата на заробени држави која ги објаснува состојбите на сеприсутна корупција и злоупотреба на јавните ресурси за лични интереси, димензиите на проблемот се јасни.

Извор: aspeniaonline.it

Борбата против корупцијата постои само на хартија

Иако сите земји преземаа чекори за зајакнување на законодавните рамки или измени на институционалните рамки за борба против корупцијата, резултатите во праксата сè уште се ограничени. Регионот страда од ендемска корупција и слаби институции. Доминантен е клиентелистичкиот пристап, со кој успехот во остварувањето на правата се мери со тоа колку сте блиски до владејачката партија.

Реформските процеси не ги убедија граѓаните дека треба повеќе да ѝ веруваат на извршната власт, ниту дека напорите за елиминирање на коруптивните практики даваат резултати, како третиот најзначаен проблем на Западниот Балкан, веднаш по невработеноста и вкупната економска ситуација, додека во исто време, 69% од нив не веруваат во ефикасноста на напорите на сопствените влади за сузбивање на корупцијата.

Зошто е сеприсутна корупцијата на Балканот?

Борбата против корупцијата е сложена и долгорочна, секогаш и секаде. На Балканот таа е уште повеќе изискувачка, бидејќи некои од причините се однесуваат на степенот на политичка и демократска култура, а се поврзани и со тоа што тие држави од регионот никогаш не „искусиле демократија“. Затоа, во мапата на клучни причини за постоење на корупција на сите нивоа, влегуваат:

Ранливи и високо политизирани институции кои сè уште се само инструмент во рацете на владејачките елити

Додека сите земји од Западен Балкан спроведуваат одредени активности за зајакнување и реформирање на институциите, овие промени се декоративни и не мора да значи дека го одразуваат подобрувањето на нивната работа и ефикасност. Институциите често се градат со постоење судири на интереси, чести прекршувања на законот, позиционирање на лојални партиски кадри на високи позиции. Во исто време, не постои одговорност за кршење на законот. Дури и документираните случаи на злоупотреба остануваат без соодветен епилог. Освен тоа, нивните актери честопати се наградувани. Како резултат на тоа, граѓанките и граѓаните на Западен Балкан не веруваат во независноста на судството, и речиси 80% од нив сметаат дека законот не се применува еднакво за сите, односно дека не сме сите еднакви пред законот, што е еден од основните принципи на владеењето на правото.

Кревката демократска култура, недостатокот на општествен притисок и врежаниот став дека корупцијата е неизлечива и на некој начин оправдана

Граѓанките и граѓаните во регионот ја препознаваат корупцијата како еден од главните проблеми, но давањето поткуп за одредени услуги, претежно здравствени, сè уште е широко распространето. Затоа, и покрај верувањето дека корупцијата е штетна, дека е присутна на сите нивоа и во сите области, и како таква претставува сериозна закана и пречка за демократизацијата на општествата, граѓанките и граѓаните често прибегнуваат кон давање мито. Во исто време, половина од нив (48%) сметаат дека граѓанското општество не може ефикасно да ја контролира извршната власт и да ја направи одговорна.. Оттука постои апатија на сите нивоа. Заинтересираните страни ретко учествуваат во јавни расправи, дури ни кога станува збор за локални буџети. Вклучувањето на граѓанското општество во процесот на креирање јавни политики, исто така, е предуслов за побрза демократизација и интеграција. Во Црна Гора, подобрувањето на соработката помеѓу владиниот и невладиниот сектор беше еден од седумте предуслови за почеток на пристапните преговори. Меѓутоа, и покрај пропишување на задолжителни јавни расправи и вклучување на граѓанското општество во работните групи за преговори, влијанието врз јавните политики е крајно ограничено.

Недостаток на политичка волја за промени и верувањето дека елиминирањето на корупцијата не е исплатливо

Корупцијата и клиентелизмот се директен извор на моќта на балканските автократи. Во исто време, политиката на Европската унија за држење на Западниот Балкан на пристојна далечина не е доволно поттикнувачка. Неизвесната перспектива за членство во Европската унија, односно членство ставено на долг стап без морков, делува фрустрирачки за регионалните лидери кои, под мотото „европеизација“ добиваат политички поени и придобиваат одреден процент од гласачите. Оттука, неизвесната европска иднина е ризична за нивното опстојување на власт. Во исто време, пораките на загриженост поради влијанието на не-западните актери треба да ја „натераат“ Европската унија да го интегрира регионот, без оглед на нивото на реформите. Ова повторно нè води до нова клучна пречка за обезбедување мерливи резултати - оттргнување од недемократските практики по правило би значело уривање на важни лостови на власта.

Слаби инструменти на ЕУ кои треба да ја поттикнат елиминацијата на корупцијата

Засега, ЕУ е единствената која им нуди на балканските земји рамка за демократизација, па со самото тоа и за борба против корупцијата, но тоа сè уште не е доволно. ЕУ нема соодветни инструменти со кои би влијаела на корените на демократските проблеми на Западниот Балкан.

Исто така, ЕУ не испраќа охрабрувачки пораки на Западниот Балкан. Иако Европската комисија во февруари 2018 година објави стратегија во која претстави шест нови иницијативи кои треба да обезбедат појасни насоки и да обезбедат соодветен мониторинг на реформските прописи, тие сè уште не се развиени во пракса. Само неколку месеци по уверувањата за сигурната перспектива на регионот во ЕУ, во мај 2018 година, на самитот на ЕУ-Западен Балкан, францускиот претседател Емануел Макрон повторно ги стави на чекање надежите и очекувањата на регионот. Со изјавата на нејзиниот претседател дека ЕУ треба прво да стане посилна, па потоа поголема, но и со објавувањето на стратегијата, со која поддршката за Западен Балкан ќе се обезбедува надвор од процесот на проширување, очигледно е дека Франција, заедно со уште некои земји членки, ја има улогата на лошиот полицаец во ЕУ, додека улогата на добриот полицаец дефинитивно останува на Европската комисија, која повторно даде зелено светло за отворање на преговори со Северна Македонија и со Албанија. Со испраќање различни пораки, ЕУ секако не помага и не дава потребен поттик за реформите и борбата против корупцијата.

За долгорочни резултати и за поефикасно сузбивање на корупцијата, потребни се напори на сите нивоа (локално, национално и регионално), поголемо учество на граѓанките и граѓаните во процесот на донесување одлуки, односно влијание врз прописите, јакнење на граѓанското општество и посветен ментор - (ЕУ).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јована Маровиќ

Јована Маровиќ е извршен директор на мрежата „Политикон“, независен истражувачки центар од Подгорица, член на BiEPAG и работната група за Поглавје 23 во преговорите за пристапување на Црна Гора во Европската Унија. Докторирала на Факултетот за политички науки во Белград. Областите на нејзинитеистражувачки интереси го вклучуваат владеењето на правото, демократијата, федерализмот, Балканот, политичкиот систем на ЕУ и политиката на проширување.