fbpx

Големата борба на националистите и глобалистите (прв дел)

Радован Спиридонов

Политика

31.07.19

Прегледи

ALB

Радован Спиридонов

radovan spiridonovСлободната трговија и глобализираната економија се особено добри за корпорациите и за земјите во развој, но не и за работничката и средната класа на развиените држави.

Како се роди новиот свет?

Човекот, како општествено суштество, од памтивек се обидувал да пронајде прикладни решенија за општественото уредување. Кога се појавија големите идеологии во 19 век, грубо речено, политичката мисла се раздели на левица и десница. Нивните спротивставени светогледи ќе отпочнат битка за превласт врз умовите и срцата на човештвото. Карл Маркс пишувајќи ги своите Тези за Фоербах во 1845 година, за последната единаесетта запиша: „Филозофите само на различни начини го толкуваа светот, а суштината е во тоа тој да се измени.“ Дури ни Маркс не би ни претпоставил дека надоаѓачкиот 20 век, човештвото ќе биде подготвено да се уништи себеси и својот свет во име на своите идеолошки начела.

Сепак, денешните политички збиднувања не можеме да ги иследуваме исклучиво преку алатките на политичката наука чии корени засегаат до еден сосема различен свет. Времињата на 19 и 20 век, од кои се изнедрија политичките заложби на левицата и десницата повеќе не постојат. На местото на локалната самодоволност и ограденост, настапува сестраниот сообраќај, сестраната зависност. Ни се случи глобализацијата. Збиднувањата во нашето глобално село можеме да ги разјасниме многу подобро доколку ја прифатиме новата политичка ,,поделба‘‘ на глобалисти и националисти.

Глобализацијата дојде од никаде, за да биде присутна насекаде. Извонредниот обем и длабочината на новите меѓународни заемно дејствија доведоа до јакнење на општествените односи ширум светот со кои се поврзуваат меѓусебно оддалечени места така што локалните настани се обликувани од настаните кои се случуваат на голема оддалеченост и обратно. За да го разбереме овој нов свет, потребно е творечки да пристапиме кон изнаоѓање нови погледи и толкувања, како на пример, поларизацијата на глобалисти и националисти може да помогне.

Недвојбено, хиперглобализацијата на современието е победа за пазарниот капитализам и западната либерална демократија. Накусо, економската глобализација е плод на неолиберални економски консензус, кој се прошири низ целиот свет. Најголем дел од стариот социјалистички свет беше претопен во капиталистичката светска економија, без разлика дали преку ‘‘шок терапија“ или, во случајот на Кина, со постепено но постојано отворање. При налетот на експлозивните промени, државите веќе немаа друг избор освен да ја прифатат новата стварност и потполно да се отворат за меѓународна трговија и странски вложувања, во исто време либерализирајќи ја домашната економија.

Многу од земјите во развој на големо спечалија, за само една генерација прескокнаа векови и денес нивните економии растат со несмалено темпо. За светлите страни на глобализацијата е кажано многу. Доволно е само да се погледаат статистичките развојни показатели и ќе сфатиме дека живееме во најдоброто, најмирното и најнапредното време во историјата на човештвото. Дури и значителен број од државите на африканскиот континент, кои долги години беа синоним за економска заостанатост и катастрофални животни услови, се развиваат со забрзано темпо приклучувајќи се на глобалниот економски систем.

Ова, се разбира, е добра работа. Сепак, во многу западни земји, приходите и животниот стандард на работничката класа опаднале. Тие се тивкото поразено мнозинство. На пример, многумина Американци кои гласаа за Доналд Трамп, го сторија тоа бидејќи глобалната економија не работи во нивен интерес. Можеме да се преправаме дека ова е нивно погрешно видување. Можеме да продолжиме со убедување на луѓето дека не го разбираат својот живот и не знаат што им се случува. Но, можеме и да се обидеме да ги разбереме што ги загрижува и да понудиме некои решенија.

Победници и губитници - како елитата ја изневери работничката класа?

,,Davos Man‘‘ е новокованица што опишува елита на богати и влијатели кои се сметаат себеси за ,,глобални граѓани‘‘. Според творецот на поимот - Семјуел Хантингтон, тие се луѓе кои ,,немаат потреба за националнен идентитет и лојалност, ги гледаат националните граници како пречки кои за среќа се губат и ги гледаат националните влади како остатоци од минатото, чија единствена корисна улега е да ги олеснат глобалните операции на елитата‘‘.

tramp
Извор: time.com

Пишувањето за „Давос елитата“ навистина стана клише, но добро отсликува една одбрана класа на поединци кои остварија голема корист од глобализацијата. Станува збор за годишниот алпински аџилак на таканаречената светска елита, каде што тие ја нагласуваат итноста во борбата против климатските промени, пристигнувајќи со приватни авиони, зборуваат за потребата да се ослободи светот од сиромаштијата, а имаат закуска со црн кавијар, ја нагласуваат желбата да се намали нееднаквоста, а притоа одржувааат ексклузивни забави кои се опслужувани од цела армија служители.

Се забележува постепената диференцијација на една глобална политичка, економска и социјална каста. Во западниот современ свет, како што опишува британскиот новинар Дејвид Гудхарт, постојат оние кои можат да живеат „насекаде“ (Anywheres) и оние кои живеат „некаде“ (Somewheres).

Оние кои живееат „насекаде“ (Anywheres) се околу 25% од населението на западните земји денес. Учат на најдобрите светски универзитети, често патуваат низ светот, работат на високоплатени работни места во светските метрополи и ги сочинуваат скоро сите политички, новинарски, корпоративни и уметнички елити. Имаат идентитети кои се „преносливи“ и „хибридни“. Со гордост се сметаат за мултикултуралисти, меритократи, либерали, интернационалисти и индивидуалисти. Можат да се разбудат во Њујорк, Лондон или Сингапур и да се чувствуваат како дома. Нивната работа не е загрозена од увозната конкуренција или од технолошката дислокација. Тие гласно ги поддржуваат сите меѓународни трговски договори и високите стапки на имиграција.  Нивниот живот е врзан со заедниците на афинитет, а не локалитет - пријателите и соработниците можат да бидат од било кој крај на светот. Нивната приврзаност кон местото се второстепена; тие имаат склоност да ги сметаат националните разлики за неважни, границите како непријатности, различните прописи како неразумни. Нивната политика насоченост е либерална, било прогресивна или класична. Оваа група главно гласаше за Хилари Клинтон, го поддржа останувањето на Обединетото кралство во ЕУ и постојано гласа за про-европски партии на Стариот континент.

Оние кои живеат „некаде“ (Somewheres) се затскриените губитници, тивко мнозинство од околу 50% од населението. Нивните животи, соништа и идентитети се врзани за одредена местоположба: земјоделец од Нормандија, занаетчија од Шкотска, домаќинка од Мичиген.  Тие живеат, работат и гласаат на многу различни начини, но  нив обично ги карактеризира: локални гледишта, верба во заедницата, патриотизам, традиционализам, врзаност и зависност од родниот крај. Нивната живеачка е загрозена од аутсорсингот, евтиниот увоз и технолошките промени. Нивните деца посетуваат месни училишта, а не меѓународни универзитети. Нивниот друштвен живот е поврзан со месната црква, спортски тим или соседите. Ако работите тргнат на лошо во нивното претпријатие, или ако одлуките од страна на политичарите произлезат како погубни, тие не можат едноставно да го преселат својот живот на друго место. Оваа група е во непосредна зависност од економските политики на националната држава или нејзината влада.  Глобализацијата особено штетно се одрази врз работничката класа со затварањето на големите индустриски погони, при што работните места беа префрлени во земјите во развој. Оваа група главно гласаше за Доналд Трамп, го поддржа излегувањето на Обединетото кралство од ЕУ, и својата надеж ја довери на популистички партии во Европа.

Слободната трговија и глобализираната економија се особено добри за корпорациите и за земјите во развој, но не и за работничката и средната класа на развиените држави. Општествената структура се подели на две спротивставени класи со различни вредности и аспирации – Anywheres и Somewheres. Оние кои живеат некаде со децении беа изоставени и заборавени од глобалистичките елити. Многумина би се сложиле дека со право се гневни на политичкиот естаблишмент. Во вториот дел од ова излагање ќе се осврнеме на тоа зошто работничката класа изгуби верба во традиционалната политика и како популистичките демагози го искористуваат бесот на ‚‚заборавеното‘‘ мнозинство и најпосле какви полемики по овие прашања се водат во македонското општество.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Радован Спиридонов

Радован Спиридонов е студент по меѓународни односи и филозофија на УКИМ. Ангажиран во Центарот за истражување и креирање политики, тој исто така предава дебата во МОФ, соработувал со ОБСЕ, и е стипендист на фондацијата Конрад Аденауер. Работи на проекти од областа на документарната фотографија. Негови главни полиња на интерес се политичката филозофија, светската политика, историјата и футорологијата.