Радован Спиридонов
Отвореното општество е секогаш под напад од ретроградните струи и погубните екстремистички политики, така што само со ангажираноста на севкупните капацитети на општеството би се развила свест за демократска култура.
Во првиот дел на овој напис разгледавме како кризите на современата политика можат да бидат соодветно анализирани и разрешени само ако ја проследиме и разбереме скорешната сериозна поларизација на националисти и глобалисти. Сега ќе се осврнеме на тоа зошто работничката класа загуби доверба во традиционалната политика и како популистичките демагози го искористуваат бесот на ‚‚заборавеното‘‘ мнозинство и најпосле какви полемики по овие прашања се водат во македонското општество.
Кој печали од бесот на граѓанинот?
Споменатата општествена поделба на Anywheres и Somewheres е широка и непрецизна, сепак нејзината важност може да се согледа на друго поле. Имено, добро ги отсликува нееднаквите исходи и глобалистичките процеси во последните десетлетија. Не потсетува на големите потешкотии со кои се соочуваат вработените во индустриите кои се ранливи на евтини увозни производи и загрозеност на работните места од скорешната автоматизација. На пример, додека американската економска сила, капитал и човечки можности се згуснуваат во областите на големите метрополи, главно во крајбрежните држави, многу селски области и помалите градови од внатрешноста страдаат. Тоа доведува до географски и класни тензии.
Неуспехот на владејачките елити да ги разрешат економските проблеми на работничката класа ја втурна во прегратките на популистите и националисти. Но, што точно е популизам, а што национализам, и дали популизмот и национализмот по правило се штетни?
Популистичката пресврт се јавува во современите општества, како последица на лошите стопански движења, културните потреси, масовната миграција и брзиот технолошки развој. Но, 2016 година ќе остане запаметена како година на народниот бес кон елитите. Берни Сандерс стана херој на младите Американци, Доналд Трамп наспроти сите очекувања ги ,,победи‘‘ Вашингтонските кадри, исходот од референдумот за излез на Обединетото кралство од европскиот сојуз ги изненади и оние кои навиваа за Brexit. Наскоро, Бразил – земја во развој за која се предвидува статус за средна сила во иднина, гласаше за демагогот Жаир Болсонаро, бриселските бирократи немаат мирен сон од евро-скептиците.
Национализмот, самосожалувачки и насилен, тежнее да ја промени стварноста во име на замислено минато, за да создаде ‚‚идеална‘‘ иднина. Се служи со насилство, измамува со стравот, ги лаже граѓаните. Непосредно пред ,,годината на бесот‘‘ Европа се соочи сериозен прилив на бегалци и мигранти од земјите на Блискиот исток, Северна Африка, како и од подалечни краишта. Прашањата за културна и општествена интеграција на милиони дојденци од општества кои неретко споделуваат различни и спротивставени вредности не беше навремено и целосно адресирано. На тој начин, загриженоста, тегобноста и стравувањата од последиците на големата култура и демографска промена беа искористени од опортунистички националисти.
Популизмот сам по себе не е нужно лош и погубен каков што е опишан во горните редови. Доколку го разбереме како движење за поголема демократизација на процесите на одлучување и владеење, поголемо учество на Граѓанинот во владеењето на неговото општество каде самиот тој е суверен, популизмот не е нужно лош. Впрочем политиката во отворените општества не ги застапува само елитите и стручњаците, туку сите луѓе и во таа смисла е популистичка. Национализмот е крајно штетна и погубна политичка насоченост, па дури и неморална. Не треба да се поистоветува со родољубието кое ја изразува нашата љубов, благодарност, почит и подготвеност за труд и посветеност кон добробитта на споделеното општество и држава.
Овие длабоки преместувања на востановените политички вистини, многумина ќе побрзаат да ги препишат на необраозваните, прости, расистички и ксенофобични толпи. Претпоставувам ја знаете формулата за потценување и омаловажување на грижите на ,,малиот човек‘‘.
Сето што се случи беше израз на лутината на народот поради падот на животниот стандард ширум Европа. Но, луѓето не се грижат само за неподвижноста на платите и укинување на јавните услуги, туку и за губење на моќта да влијаат врз политиките што го обликуваат нивниот живот поради недостаток на демократија. Материјалниот недостаток се посматра низ гледна точка на губењето на политичкиот глас и моќта во процесот на донесување одлуки.
Ништо од наведеното немаше да се случи, доколку глобалистичката елита ги уважеше грижите и животните проблеми на своите сограѓани. Накратко, доколку сакаме отворено општество и градење динамични и толерантни демократии, чии влади се отчетни и верни кон своите граѓани, неопходно е сериозно да ги прифатиме грижите на гласачите кои се определуваат за популистички и националистички партии.
Полемики во македонското општество
Политичката сцена во Република Македонија ни од далеку не е иста со онаа во високоразвиените западни земји. Младата република, немајќи демократско, не успеа да создаде култура на доследни иделогии. Дополнително, македонската економија и општество ги немаат почувствувано и немаат поминато низ истите длабоки политички потреси предизвикани од глобалистичките процеси. Едноставно кажано, македонското општество и неговата економија не се ,,големи играчи‘‘ во глобалистичката мрежа на односи. Токму затоа, кај нас не можеме да видиме судир на политичката сцена по споменатите линии. Од македонската политичка сцена отсуствува полемика меѓу националистите и глобалистите во западна смисла. Тоа не не‘ изненадува со оглед на различниот степен на развиеност на економскиот и политичкиот систем.
Сепак, во македонското општество се забележуваат неколку појави кои се поврзани со новите политиколошки дебати и вреди да се напоменат и накратко се објаснат.
Прво, во нашата земја не постои класична поделба на левичарска и десничарска партија. Пред се‘ оваа поделба е на економска основа, но по економските прашања, партиите се речиси истоветни. Тоа се случува бидејќи ние немаме економски и социјални слоеви во западна смисла, на кои би им се обратиле. Дополнителен момент на циничност дава и податокот што влади предводени од СДСМ, партија која се прикажа како современа левичарска и социјал-демократска, спроведуваше неолиберални економски политики. Истовремено, владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ, кои се сметаат себеси за пазарно-насочена централно-десничарска партија, спроведуваа препознатлива левичарска социјална политика. Што се однесува до партиите кои ја преставуваат албанската заедница, нивната политичка понуда е полна со етничките прашања, прашањето за проширување на групните права и унапредување на консоцијативниот модел. Идеолошката матрица и го отпатува местото на етничката политика. Македонските партии пред се можеме да ги сметаме за catch-all parties. Тоа се партии со недостаток на цврста или јасно дефинирана идеолошка основа и исклучителна разновидност во припадноста на нејзините членови и поддржувачи.
Втор значаен момент кога разговараме за политичка поделба се екстремните политички опции сфатени во балканска смисла. Радикалната десница е присутна преку национализмот, верскиот фундаментализам и неонацизмот. Постојат два етнички облика на национализам, македонски и албански. Кај другите етнички заедници не може да се пронајде позначаен застапник на националистички политики. Верскиот фундаментализам го има само кај исламската верска заедница, додека пак меѓусебно поврзаните неформални групи неонацисти се застапени само кај македонската заедница. Севкупно, влијанието на радикалната десница во Македонија во никој случај не смее да се потцени и е во загрижувачки пораст.
Скорешните појави на политички екстремизам само дополнително ја докажуваат важноста од зголемено граѓанско образование. Отвореното општество е секогаш под напад од ретроградните струи и погубните екстремистички политики, така што само со ангажираноста на севкупните капацитети на општеството би се развила свест за демократска култура.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.