fbpx

Чиј пример следи Трамп

Дејвид М. Дрисен (David M. Driesen)

Политика

24.08.19

Прегледи

Дејвид М. Дрисен (David M. Driesen)

David M Driesen 200x250Американскиот претседател Доналд Трамп не ја измислил сам својата политика за имиграција. Тој всушност позајмил голем дел од својот колега автократ Виктор Орбан, премиерот на Унгарија, кој ги разгори антимигрантските страсти кај доволно голем удел на гласачите за да ја добие политичката моќ што му беше потребна за да ја сруши унгарската демократија.

Со трамповото имитирање на Орбан, американските либерали кои ја оплакуваат суровоста и глупоста на имиграциската политика на Трамп, како и конзервативците кои се залагаат за „гранична безбедност“, не ја сфатија поентата. Трамп не користи вакви мерки за да се обиде да ја направи Америка голема, туку како и човекот кој му служи за пример, тој се обидува вештачки да создаде криза поврзана со имиграцијата што ќе му помогне да воспостави автократија. И иако напорите на Трамп во овој поглед се помалку напреднати од деветгодишниот проект на Орбан во Унгарија, тој постигна поголем напредок отколку што сфаќаат повеќето Американци.

Орбан, како и Трамп, ја направи т.н. демонизација на имигрантите дефинитивна карактеристика на неговата администрација. И двајцата лидери водат расистичка политика за одбивање влез за имигрантите од југ (претежно баратели на азил од Централна Америка кои се обидуваат да влезат во Соединетите Држави и Сиријците кои доаѓаат во Унгарија). И двајцата донекаде ги оправдуваат своите политики со тврдење – што не е воопшто или е многу малку поткрепено со докази - дека имигрантите кои бегаат од екстремно насилство и сиромаштија се занимаваат со тероризам.

Во Унгарија досега не се случил терористички инцидент. Сепак Орбан успеа да обезбеди осуда за тероризам за исцрпен и исфрустриран сириски барател на азил (кој подоцна беше ослободен) поради фрлање камења кога владата изгради ограда од „жилет-жица“ на јужната граница на Унгарија за да ги блокира мигрантите кои го мианале тој тежок пат низ Балканот.

Слично на тоа, Трамп се обиде да го одвлече вниманието од ниските стапки на криминал во имигрантските заедници во Америка, истакнувајќи насилни инциденти меѓу многу побројната натурализирана имигрантска популација. Конкретно, Трамп постојано наведува три брутални убиства во Калифорнија за да ја зајакне поддршката за неговата остра политика за имиграција.

Унгарската влада ја изгради својата ограда на границата на земјата со Србија во 2015 година. Трамп оттогаш го копираше Орбан со залагање за изградба на ѕид на многу подолгата јужна граница на САД. И, исто како што Орбан користеше итни овластувања за распоредување на армијата на Унгарија по должината на нејзината граница и за изградба на оградата, Трамп се обиде да користи слични овластувања за да ѝ нареди на американската армија да ја засили контролата на јужната граница.

Во спротивност на меѓународното право, Унгарија ги ограничи барањата за азил со цел да ги спречи дури и имигрантите кои бегаат од екстремно насилство да влезат во земјата. Унгарските власти, исто така, ги ставија барателите на азил во логорите за притвор сè додека се обработат нивните апликации и се обидоа да го ограничат бројот на барања за азил, оставајќи ѝ на трета земја, Србија, да ги прими бегалците.

Трамп примени иста тактика - ограничување на барањата за азил, притворање на баратели на азил и користење на теоретската можност за азил во трета земја (во овој случај Мексико или Гватемала) - како изговор за забрана за влез. Неговата акција на депортирање имигранти кои немаат документи, исто така, го следи примерот на Орбан, само со многу поголеми ефекти затоа што имигрантската популација во Америка е далеку поголема (во релативни и во апсолутни бројки).

И двајцата лидери ги „демонизираат“ луѓето однадвор за да ја зајакнат својата популарност и да ги осудат политичките противници како аутсајдери со цел да го оправдаат уривањето на демократијата. Неодамнешниот повик на Трамп за четири жени кои не се белкинки и се демократски конгресмени да „се вратат“ во земјите од кои наводно потекнуваат - иако три од нив се родени во САД, а четвртата е натурализирана државјанка која пристигнала во Америка како дете бегалец - е особено ужаснувачки пример.

Сепак, антиимигрантската политика не е единствениот симптом на наклонот кон автократија во Унгарија и Америка. Додека владата на Орбан користеше лажни обвиненија за корупција за да ги издвои политичките противници, Трамп повика Министерството за правда на САД да спроведе истраги за неговите противници. Државниот правобранител Вилијам Бар отвори истрага за вработени во американската влада кои работеле на 22-месечната истрага за руско мешање за време на претседателските избори во САД во 2016 година, иако нема докази дека овие службеници постапувале неправилно.

Уште полошо, Орбан ја уништи независноста на државната служба на Унгарија и темелно ја политизираше администрацијата на законодавството. Трамп отприлика го прави истото, а како резултат американската влада сега губи околу 94 проценти од своите предмети за регулаторна судска постапка. Во исто време, Трамп се ослободил од околу 17 илјади јавни службеници со отпуштање на вработени во американскиот Стејт департмент, затворање на владата, замрзнување на платите и создавање атмосфера која не прифаќа чесна и отворена дебата за тоа како да се формулира и спроведува политика. Со политизирање на административните агенции во САД, почнувајќи да го заробува Министерството за правда и со заложбите за правење на идеолошки судски назначувања, Трамп сега е доста напреднат во својата потрага да го уништи владеењето на правото во Америка.

Додека Орбан применуваше економски притисок за принудно затворање на унгарските опозициски медиуми, Трамп ги опиша медиумите како „непријател на народот“ и се закануваше со тужби поради клевета против медиуми кои се критички настроени. Конечно, Орбан и неговите приврзаници делумно ја одржуваат својата моќ потпирајќи се на манипулации со границите на административните изборни единици и супресија на гласачи (што најмногу влијае на Унгарците кои живеат во Западна Европа). Републиканската партија на Трамп користи слични тактики.

Орбан е отпадник во европските кругови поради тоа што ја еродираше унгарската демократија, но сепак Трамп неодамна го дочека во Белата куќа и го опиша како „почитуван низ цела Европа“. Трамп и неговите советници очигледно научија многу од Орбан за расистичката политика за имиграција и како да се уништи демократија. Тие не ја прават Америка голема, ниту пак добра, туку ја претвораат во Унгарија.

Овој коментар е заснован на истражување за претстојната книга “The Specter of Dictatorship and Judicial Enabling of Presidential Power” (Stanford University Press, 2020).

Дејвид М. Дрисен е универзитетски професор на Правниот факултет на Универзитетот во Сиракуза.

Copyright: Project Syndicate, 2019.
www.project-syndicate.org

Дејвид М. Дрисен (David M. Driesen)

Дејвид М. Дрисен е универзитетски професор на Правниот факултет на Универзитетот во Сиракуза.