fbpx

Победата на Џонсон е загуба за моќта на Британија

Гордон Браун

Политика

20.12.19

Прегледи

Гордон Браун (Gordon Brown)

Gordon Brown 200x250Откако доби мандат на изборите, премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, најверојатно без никакви одлагања ќе се зафати со претходно зацртаните планови за укинување на владината Агенција за меѓународен развој и пренесување на нејзините должности на дипломати во Министерството за надворешни работи. Но, иако дипломатијата и развојот се клучни за меката моќ на Британија, тие никако не може да се поистоветат.

Брегзит беше главното прашање на измачувачките општи избори што се одржаа месецов во Обединетото Кралство, што беше и причината зошто голем број значајни предлози за политики многу малку се дискутираа или воопшто не беа предмет на дискусија. Најважен од нив е планот на десничарските конзервативци за укинување на владината Агенција за меѓународен развој (АМР). Сега, кога премиерот Борис Џонсон обезбеди парламентарно мнозинство, АМР за кратко може да биде преземено од Министерството за надворешни работи и комонвелт (МНРК), кое потоа ќе ја преземе одговорноста за администрирање на годишниот буџет за помош од 14 милијарди фунти (18,6 милиони американски долари) на Британија.

Како што истакнав претходно годинава, планот на Конзервативците во суштина би решил еден голем проблем - уништувањето на дипломатската служба на Британија, со создавање многу поголем проблем: губење на меката моќ на Британија. Обединетото Кралство го трасираше патот со својата посветеност кон искоренување на сиромаштијата во светот, со што се обезбедуваат далекусежни придобивки, а нејзината програма за помош истовремено е една од нејзините највредни глобални средства. Откако се воспостави АМР, пред 22 години, агенцијата помогна милиони луѓе да излезат од сиромаштија, им помогна на милиони деца да одат на училиште и спаси милиони животи, еден од важните начини со кои го постигна тоа беше иницијативата што ја водеше за вакцинирање 700 милиони деца. Неодамна, агенцијата стана светски лидер во обезбедувањето помош за развој на сиромашните земји кои се соочуваат со последиците од климатските промени.

Џонсон предвидува дека по Брегзит, на Обединетото Кралство ќе му треба посилно МНРК преку кое ќе има надворешно влијание. Меѓутоа, со претопување на АМР во МНРК ќе се наруши глобалната позиција на Обединетото Кралство, а притоа нема да се добие зголемена ефикасност. За разлика од дипломатијата, во која често се применува тајност, со што се намалуваат можностите за ревизија, напорите за развој бараат транспарентност и се најефикасни кога подлежат на надворешна контрола.

Обединетото Кралство ги искористува придобивките за меката моќ од својата пионерска улога во спроведувањето на Целите за одржлив развој на Обединетите нации. Но, британските гласачи не сфаќаат секогаш што е вклучено, а што исклучено од развојните активности на Велика Британија. Кога треба да одговорат на тоа прашање, тие најчесто претпостават дека околу 20% од националниот буџет се троши за помош во други земји, а всушност реалната бројка е поблизу до 1%. Истовремено, гласачите најчесто се крајно изненадени кога ќе дознаат дека во просек, за секој ученик во Африка се одвојуваат 50 пени (0,67 $) од годишните трошоци за помош на Британија. Тоа е едвај доволно за да се купи пенкало или тетратка.

Џонсон треба да го слушне меѓу-партискиот консензус изразен преку Коалицијата за глобален просперитет, кој покажа дека дипломатијата и развојот се различни задачи со еднаква важност. Како што истакнува Хилари Бен, поранешен шеф на АМР и сегашен претседавач на Комитетот во намален состав за Брегзит, „Луѓето кои се многу вешти во трошењето [за развојни цели] треба да бидат тие што ќе го прават тоа.“ Исто така, Маргарет Бекет, поранешната Министерка за надворешни работи и сегашна членка на Комитетот за национална безбедност, тврди дека комбинацијата на „лидерство во одбраната, развојот и дипломатијата е апсолутно клучна за националната безбедност на Британија“.

Дури и дипломатите се согласуваат. Поранешниот постојан потсекретар на МНРК, Сајмон Фрејзер даде официјална изјава во која се вели дека земањето пари од АМР за затворање на празнината во буџетот на МНРК „во основа не претставува решение“. Дипломатите на МНРК треба да останат фокусирани на дипломатијата, вели тој, а АМР и нејзините експерти за борба против сиромаштијата треба да продолжат да се фокусираат на она што тие „многу добро“ го прават. Во право е. На светско ниво, Британија е вклучена во активности за кои се претполага дека е потребна поголема економска моќ, токму затоа што ги овластила секоја од овие клучни агенции да се фокусира на својата примарна мисија.

Но постои уште посилен и поважен аргумент во полза на АМР. По Втората светска војна, премиерот Винстон Черчил идентификувал три круга на британско влијание, секој еден од нив бил поврзан со другите два. Оттогаш, Британија ги насочува своите дипломатски напори кон Америка, Комонвелтот и Европа. Но Велика Британија го занемарила четвртиот круг на влијание: нејзината улога во меѓународните институции, почнувајќи од Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Светската трговска организација, до ООН и телата како Програмата за животна средина на ООН.

Од најразлични причини, вклучувајќи го и стравот дека помоќна ООН ќе ги зајакне антиколонијалните сили, Британија посветуваше помалку време и енергија отколку што можеше за обликување на еволуцијата на овие институции. Спротивно на тоа, Франција ги насочи своите напори кон ММФ, а скандинавските земји станаа незаменлив фактор во мировните мисии и напорите за развој на ООН. Состојбата на релативна исклученост на Британија заврши дури во периодот 1997-2010 година, кога владите во коишто и самиот бев службеник се обидоа да ја сменат насоката, со преземање на кормилото за создавање на Г20 и Глобалниот одбор за финансиска стабилност.

Единствениот начин на кој неевропска Британија ќе има глобално влијание е со работење преку меѓународни организации. Доколку „Брегзит Британија“ сака да постане „Глобална Британија“, тоа може да го постигне единствено преку спонзорирање и водење напори за развој. Но, без АМР, британските министри и дипломати ќе имаат помала моќ на глобалните преговарачки маси, не поголема.

Сепак, АМР ја предводеше глобалната соработка во областите на здравството, образованието и животната средина. Помогна да се создадат нови глобални иницијативи - вклучувајќи ги Меѓународната финансиска програма за имунизација, Глобалните партнери за здравство и Фондот за владини договори за гаранција за економска одржливост на пазарот за развој на нови лекови во сиромашните земји. Преку АМР, Велика Британија стана водечка членка на Глобалниот фонд, како и најголем поддржувач на новата Меѓународна финансиска програма за образование (во чиешто создавање помогнав лично, заедно со други луѓе од Обединетото Кралство).

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го подели светот на националисти и глобалисти, но дури ни националистите не можат да ги игнорираат нерегулираните простори што се вон дофатот на нациите-држави. Без меѓународна соработка за соочување со загадувањето, сиромаштијата и конфликтите ширум светот, глобалните последици ќе останат реалност. Со отстранување на АМР од равенката и самото Обединето Кралство ќе има преполовена моќ, односно нема да биде способна ниту да помогне, ниту да води.

Гордон Браун е поранешен премиер и министер за финансии на Обединетото Кралство, е специјален пратеник на Обединетите нации за глобално образование и претседавач на Меѓународната комисија за финансирање на глобални можности за образование. Тој е претседавач и на Советодавниот одбор на Фондацијата „Каталист“ (Catalyst).

Copyright: Project Syndicate, 2019
www.project-syndicate.org

Гордон Браун

Гордон Браун, поранешен премиер и канцелар на трезор на Обединетото Кралство, е посебен пратеник на Обединетите Нации за глобално образование и претседавач на Меѓународната комисија за финансирање глобални можности за образование. Тој истовремено претседава и со Советодавниот одбор на Фондацијата Каталист.