fbpx

Мора да се стави крај на песимизмот на Европа

Ана Паласио (Ana Palacio)

Политика

17.01.20

Прегледи

Ана Паласио (Ana Palacio)

Ana Palacio 200x250И покрај песимизмот што ја обзема Европа во последните години, факт е дека ЕУ сè уште е економска и регулаторна суперсила, со огромен дипломатски потенцијал. Ако нејзините граѓани го разберат тоа и си ја вратат колективната самодоверба и преземат конструктивни дејствија, тогаш ги очекува светла иднина.

 

Проценките и предвидувањата на крајот на секоја година во последната деценија стануваа сè помрачни. Овој песимизам е разбирлив: нееднаквоста нагло се зголемува во поголемиот дел од светот; демократските вредности и нормите на управување постепено се разјадуваат; а технологијата ги промени нашите општества и економии толку брзо што многумина почнаа да се чувствуваат презаситени и несигурни. Но, не смееме да дозволиме ваквите мрачни предвидувања да се остварат.

Еве да ја земеме Европската унија. Со намалувањето на нејзината доминација, Европејците почнаa да се чувствуваат сè понемоќни, како поединци, како нации и како блок. Без обединувачката визија за иднината, ЕУ го загуби својот елан и стана жртва на пасивност и страв под маската на носталгија.

Меѓутоа, минатото за кое многу Европејци чезнеат всушност никогаш и не постоело, а сегашноста која сакаат да ја одбегнат не е толку лоша како што изгледа: Европа сè уште е економска и регулаторна суперсила, со огромен дипломатски потенцијал. Ако нејзините граѓани го разберат тоа и си ја вратат колективната самодоверба и преземат конструктивни дејствија, тогаш ги очекува светла иднина.

Повикот Европејците да „веруваат во себе“ може да звучи наивно и симплистичко. Но, тоа е предуслов за ефективно делување. Ова не подразбира водење на некоја голема федералистичка платформа или давање нереални ветувања, како што е формирање на европска војска. Напротив, последното нешто што ѝ треба на ЕУ е воздигнувачка реторика и невозможни заложби. Нејзиното неисполнување на вакви ветувања во минатото придонесе за денешното чувство на беспомошност и цинизам.

Наместо тоа, ЕУ треба да оствари конкретен напредок за да го зајакне својот кредибилитет. Има причини за надеж – започнувајќи со ново-формираната Европска комисија, предводена од Урсула фон дер Лејен. Иако новата Комисија се зафати со веќе познатата помпа, таа исто така опфаќа необичен степен на реализам. Ова е најочигледно во изборот на германски претседател за прв пат од 1960-тите. ЕУ престана да тврди дека нема сили во рамките на блокот кои се истакнуваат, и призна дека единствениот начин да се завршат работите е да се обезбеди поддршка од нејзините највлијателни членки.

Покрај тоа, ЕУ покажа подготвеност да го истражи потенцијалот за различни договори за соработка со цел да ја придвижи политичката агенда. На пример, се зајакнува Европскиот совет за безбедност на предлог даден од Франција и Германија со цел зајакнување на европската надворешна политика и продолжување на безбедносната соработка со Велика Британија по Брегзит.

Излезот на Велика Британија од ЕУ се очекува да се случи набрзо со оглед на големата победа на Конзервативната партија на премиерот Борис Џонсон на последните избори. Џонсон во својата кампања ветуваше излегување на Велика Британија од ЕУ до 31 јануари, а исполнувањето на тој рок ќе претставува позитивен исход. Колку и да е Брегзит непожелен, одолговлекувањето на процесот не донесе никому ништо добро. Конечното завршување на три и полгодишната сага ќе овозможи поголема стратегиска сигурност.

Друг голем извор на несигурност може исто така да биде тргнат следната година: Американскиот претседател Доналд Трамп. Можеби ниту еден друг настан не ја разгорел повеќе несигурноста внатре во Европа од каприциозните напади на Трамп врз трансатлантските односи во последните три години. Ако тој изгуби на претседателските избори во ноември, односите не само што ќе се вратат во состојбата во која беа пред доаѓањето на Трамп, туку ќе се врати и предвидливоста, а Европа ќе може да здивне.

Дури и победа на Трамп би дала појасна слика. Ќе стане јасно дека САД повеќе не може да се смета за стратешки партнер. Наместо да се обидува да го чека Трамп, а камоли да смета на него, Европа ќе мора сама да оди напред.

Последната причина за позитивните изгледи на Европа во 2020 година е нејзиното препознавање на заканата на растечката Кина за либералниот меѓународен поредок. Во март, ЕУ ја означи Кина како „системски ривал“. На почетокот на овој месец, на состанокот на лидерите на НАТО во Лондон, ЕУ призна дека подемот на Кина поставува „предизвици кои ќе треба да ги решаваме заедно како Алијанса“. Ова буди надеж дека Европа не е до толку заслепена од ветувањата за кинески средства и инвестиции за да ги погази со своите вредности и запостави своите долгорочните интереси.

Предизвиците со кои се соочува Европа – вклучувајќи ги и справувањето со миграцијата и развојот на нова стратегија за Африка – може да бидат сериозни, но се далеку од ненадминливи. Напредокот ќе бара стратешка визија, политичка волја и ефикасно спроведување. Но, најпрво, ќе бара повисока самодоверба.

Ана Паласио е поранешна министерка за надворешни работи на Шпанија и поранешен виш потпретседател и генерален советник на Светска банка. Таа е вонреден професор на Универзитетот Џорџтаун.

Copyright: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Ана Паласио (Ana Palacio)

Ана Паласио е поранешна министерка за надворешни работи на Шпанија и поранешен виш потпретседател и генерален советник на Светска банка. Таа е вонреден професор на Универзитетот Џорџтаун.