fbpx

Теориите на заговор ќе ги неутрализира само инклузивен популизам

Иво Босилков

Политика

КОВИД-19

04.05.20

Прегледи

Иво Босилков

ivo bosilkov2Теоретичарите на заговор, како и популистите, често се повикуваат на здрав разум, мислење со своја глава и доведување во прашање на авторитетите. Ова може да биде подлога за здрав скептицизам, ако е култивирана низ искрен и толерантен дијалог. На пример, сосема легитимно е оспорувањето на генезата на коронавирусот дали е создаден природно или лабораториски, или ставот дека 5Г мрежата можеби и не ни е толку потребна, кога и онака сме изложени на секакви зрачења од модерната технологија. Уште една народна мудрост вели дека вистината е секогаш некаде на средина.

Секое лошо за добро е, гласи народната мудрост. Веројатно водејќи се од неа, на почетокот на карантинот поради коронавирусот многумина излегоа со прогнози дека луѓето ќе ја искористат изолацијата за интроспекција и просветление, кои по завршувањето на кризата ќе бидат преточени во изникнување на еден поинаков свет, базиран на продуховеност, хуманизам и хармонија со природата.

Во моментов, не само што оваа перспектива изгледа сомнителна, туку и се чини дека одиме во спротивниот правец. Ако во првите денови на изолацијата шеговито се констатираше дека за интровертните личности социјалната дистанца е благослов, тогаш како што поминуваат неделите, се појасно станува дека домашниот притвор лошо влијае на менталното здравје на сите нас.

Ништо подобро не го отсликува овој факт од експлозијата на теории на заговор во последниот период. Она што почна од легитимни сомнежи за евентуално лабораториско потекло на коронавирусот и неговата вистинска стапка на смртност, продолжи со наводи за проект за контрола на популацијата предводен од Бил Гејтс, и заврши со помори на врапчиња поради тајно инсталирање на 5Г мрежи, авионско прскање со супстанци за контрола на свеста и превезување мигранти преку ноќ. Се поставуваат две прашања: прво, како овие теории на заговор во пакет ескалираат, и второ, како во услови на масовен домашен притвор кој ни го заматува расудувањето да го одвоиме здравиот скептицизам од параноичната хистерија?

Како функционираат теориите на заговор?

Во социјалната психологија, теориите на заговор се изучуваат од две гледни точки. Првата ги посматра како логичка структура и реторички стил, дефинирајќи ги како толкувања на комплексни и неповрзани феномени, намерно предизвикани од одредена група луѓе која е во основа семоќна. Поради ваквиот карактер на групата, секој директен обид да се докаже теоријата на заговор како неточна се смета како доказ за нејзината вистинитост, и дополнително ја засилува перцепцијата за моќта и генијалноста на групата заговорници.

Според втората гледна точка, теориите на заговор се облик на мотивирано резонирање како психолошка карактеристика која кај одредени луѓе е поизразена отколку кај други. Заедно со логичко-реторичката парадигма, ова објаснува и зошто оние кои веруваат во една теорија на заговор се исто така склони да веруваат и во други, преку меѓусебното надоврзување на поединечни теории во еден кохерентен наратив, кој всушност претставува светоглед, налик на идеологија.

Кои се тогаш луѓето кои се поборници на оваа идеологија? Истражувањата покажуваат дека верувањето во теории на заговор на психолошко ниво е поврзано со индивидуалната авторитарност, чувството на немоќ, недоверба и несигурност, но исто така и манихејскиот пристап на сведување на светот на борба меѓу доброто и злото. Низ сите овие аспекти, се забележува концептуалната блискост на конспиративниот менталитет со една друга појава во денешното општество - популизмот.

Популистичко-конспиративната спирала

Тенденцијата да се наоѓаат едноставни решенија за комплицирани проблеми, анимозитетот кон етаблираните научни експерти и бирократските институции, и чувството на исклученост на обичниот човек од процесите на одлучување се најмаркантните карактеристики на популистичкиот граѓанин. Популизмот не е секогаш конспиративен по природа, како што покажуваат критиките на Подемос и Сириза кон „антинародните“ мерки на штедење наметнати од ЕУ и ММФ за време на економската криза од 2008-та. Ниту, пак, заговорите се секогаш популистички, за што доказ е тврдењето дека терористичките напади од 11-ти септември 2001 година во САД биле местенка, или уште подобро, приказните за општествена инфилтрација од рептилоидни вонземјани во човечка форма.

Teoriite na zagovor ke gi neutralizira samo inkluziven populizamИзвор: prizma.mk

Меѓутоа, комбинацијата на двете има сериозни политички импликации, затоа што популистичко-конспиративната личност наоѓа идол во популистичко-конспиративниот политичар, кој вешто го користи ваквиот сентимент за да напредува во кариерата. Најдобриот пример за ова е Доналд Трамп, кој ја започна својата претседателска кампања со теоријата дека тогашниот претседател Барак Обама е роден надвор од Америка. (Еден од условите за функцијата претседател е кандидатот да е роден во САД). Кога верувањата во намерна измама од страна на невидлива елита за своите зли цели наоѓаат своја поткрепа во реториката на харизматичен демагог, тогаш тие верувања само повеќе се зацврстуваат, во согласност со теориите на мотивирано резонирање и лидерско насочување во политичката психологија.

Единствениот начин да се надмине оваа спирала е информираноста. Но во дигиталната ера, соочени сме со лавина од информации, од кои огромен дел во сензационалистички стил, наменет да генерира кликови, и преку тоа профит. Ваквиот медиумски модел, во кој секој може да биде „новинар“, резултира со какофонија во јавниот простор и внесува конфузија кај граѓаните. И кога некој како Трамп, од позиција на претседател на дневна база ги квалификува медиумите како сејачи на „лажни вести“, веќе станува невозможно да се разликува што е вистина, а што не. Ова е суштината на феноменот пост-вистина, кој сега е дополнително продлабочен од информативниот хаос околу коронавирусот. Во овие услови спиралата на заговори континуирано ќе расте. Вистински одговор, се чини, не постои.

Мапата за излез на Берни Сандерс

Тогаш можеби е потребно да го смениме прашањето: како конспиративниот и популистички менталитет би можеле да се стават во функција на долгорочен процес за општествена промена? Првиот чекор на краток рок е да се признае дека колективната интуиција има своја вредност, наместо по автоматизам да и се контрира и да се исмејува. Теоретичарите на заговор, како и популистите, често се повикуваат на здрав разум, мислење со своја глава и доведување во прашање на авторитетите. Ова може да биде подлога за здрав скептицизам, ако е култивирана низ искрен и толерантен дијалог. На пример, сосема легитимно е оспорувањето на генезата на коронавирусот – дали е создаден природно или лабораториски, или ставот дека 5Г мрежата можеби и не ни е толку потребна, кога и онака сме изложени на секакви зрачења од модерната технологија. Уште една народна мудрост вели дека вистината е секогаш некаде на средина; ако пристапот на оние кои се сметаат себеси за рационални не е елитистички, постои шанса другата страна барем да сослуша.

Вториот чекор на долг рок е промена на медиумскиот модел. Продолжувајќи во духот на народните мудрости, уште поголема релевантност има она „кај што има чад има и оган“. Мотивот на Трамп за дискредитација на медиумите е егоизам и нарцисоидност, меѓутоа да се смета медиумската корумпираност за уште една теорија на заговор е интелектуално нечесно. Како што големиот Ноам Чомски одамна има констатирано, медиумските корпоративни монополи се навистина водени од логиката на капиталот, која ги застапува интересите на бизнис елитата. Токму затоа и во текот на неодамнешните избори во Америка, Берни Сандерс беше цел на негативна кампања, која ги потврди неговите критики за необјективноста на мејнстрим медиумите.

Меѓутоа, иако медиумите се обидуваат да го изедначат, пристапот на Сандерс и Трамп е многу поинаков. Сандерс, кој е најкарактеристичен претставник на прогресивниот популизам, инсистира на конструкција на масовно социјално движење, базирано на меѓусебна доверба и партиципација. Во тоа движење, дури и теоретичар на заговор, привлечен од антиелитистичката порака, би се чувствувал уважено и безбедно. Визијата на Сандерс предвидува движењето да стане сеприсутно и преку своите претставници да управува со јавните политики. Такво сценарио предвидува дека не само во САД туку во било која држава, медиумскиот систем повеќе не би зависел од интересите на крупниот капитал. Дури тогаш, кога веќе ќе бидат поставени темелите на меѓусебна лична доверба, довербата во реформираните институции, особено во медиумите, ќе биде полесно остварлива.

Реализација на ова сценарио е ѓаволски тешка работа, и ќе трае долго време, но друг начин нема. Откажување од аспирацијата за поинаков свет не смее да биде опција. Затоа, последната народна мудрост за оваа прилика е дека клинот со клин се избива. Само прогресивниот, инклузивен популизам е соодветно екипиран да се справи со теориите на заговор.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иво Босилков

Иво Босилков е доктор по политички науки од Универзитетот во Милано, со специјализација во областа на медиумски ефекти врз јавното мислење. Магистрирал во областа на политичката комуникација на Универзитетот во Амстердам, како дел од програмата Еразмус Мундус за новинарство, медиуми и глобализација. Работи како истражувач во Центарот за југоисточно европски студии во Грац и има објавено трудови во неколку меѓународни научни списанија.