fbpx

Ни требаат поголеми дози на КОВИД солидарност

Нгер Вудс (Ngaire Woods)

Политика

КОВИД-19

05.03.21

Прегледи

Нгер Вудс (Ngaire Woods)

Ngaire Woods 400x500Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против КОВИД-19 на загрозените држави, да дадат поголем придонес кон меѓународните напори за максимална можна дистрибуција на вакцините и да соработуваат со фармацевтските компании во обезбедувањето на потранспарентни и неексклузивни набавки и лиценцирања. Глобалниот раст ќе може повторно да се воспостави само со вакво ниво на солидарност.

Во своето писмо испратено неодамна до колегите од земјите на G20, американскиот министер за финансии, Џенет Јелен, укажа дека постоењето на една вистинска глобална програма за вакцинација од КОВИД-19 е „најсилниот поттик кој можеме да ѝ го дадеме на светската економија“. Богатите земји веќе го вакцинираат своето население а земјите со пониско ниво на приходи допрва треба да ги добијат дозите на вакцините за кои веќе платиле – во една ваква состојба, се чини дека светот е сè уште далеку од остварувањето на оваа цел. Сепак, веќе се појавуваат првите дози на солидарноста а лидерите на државите мора да ја подобрат својата соработка за ја унапредат ваквата солидарност.

Ваквото одобрување е од суштинско значење затоа што повторното отворање на светската економија бара „припитомување“ на коронавирусот во сите држави. Една неодамнешна студија проценува дека, дури и ако напредните економии достигнат оптимално ниво на вакцинација до средината на 2021 година, тие секако ќе се соочат со економски загуби во износ до 4.5 трилиони американски долари во текот на оваа година ако испораката на вакцините во земјите во развој и понатаму доцни. Отворените економии, како што се земјите членки на Европската Унија, Швајцарија, Обединетото Кралство и Соединетите Држави се најмногу изложени на ризик а загубите во дејности како што се градежништво, текстил, малопродажба и автомобили би можеле да надминат 5%.

Некоординираната дистрибуција на вакцините исто така претставува голем ризик по здравјето на луѓето. Изоставувањето на посиромашните држави од синџирот на набавки доведе до смрт на голем број здравствени работници и медицински сестри во Африка. Кога Гвинеја објави избивање на епидемија на ебола во месец февруари, светот се потпираше на сопствените здравствени работници за реализирање на вакцинацијата. Без нив, светот е поподложен на вакви пандемии во иднина. Во 2014 година, на пример, само еден случај на ебола во Соединетите Држави кој се прошири кај медицинските сестри кои го лекуваа пациентот доведе до паника на национално ниво.

Сепак, овозможувањето брза дистрибуција на вакцините се покажа како тешка закана. Инструментот за глобален пристап до вакцините против КОВИД-19 (COVAX), инаку основан од три меѓународни здравствени агенции со цел да се забрза производството и дистрибуцијата на вакцини, има потреба од повеќе финансиски средства. Доколку тоа не биде обезбедено, сиромашните ќе бидат принудени да ги пренасочуваат и онака недоволните буџетски ресурси или да ги забават програмите за вакцинирање од други болести како што се полио, сипаници и менингитис.

Повеќе финансиски средства исто така се потребни и за пристап до акцелераторот за КОВИД-19 алатки (ACT) кој е основан од Светската здравствена организација и другите партнери со цел развивање на тестови, третмани и вакцини за борба против болеста. Според една проценка, финансискиот придонес од 10 милијарди американски долари за оваа иницијативи би значело спас за 1,34 милијарди долари домашно производство, со што Америка ќе добие повеќе од 100x поврат на ваквата инвестиција. Писмото на Јелен до лидерите на G20 ја препознава оваа логика при што тие се договорија на 26 февруари дека обезбедувањето еднаков пристап до безбедни вакцини против КОВИ-19, дијагностика и терапевтски третмани за сите држави во светот „претставува врвен приоритет“.

Сепак, не секогаш парите се главната пречка. Земјите од Африка кои се позајмија за да набават вакцини констатираа дека за нив нема дози кои би можеле да ги купат. Иако COVAX инструментот склучи некои договори за земјите во развој, до 1 март тој испорача само неколку стотина илјади дози во Гана и Брегот на Слоновата Коска. Првата пратка пристигна во Нигерија на 2 март а Гвинеја досега употреби вкупно 55 дози од вакцината.

Вината за немање доволен пристап до вакцини за земјите во развој некои ја гледаат во заштитата на интелектуалната сопственост. При крајот на 2020 година Индија, Јужна Африка и некои граѓански организации ја повикаа Светската трговска организација да ги укине актуелните правила за интелектуална сопственост кои се однесуваат на КОВИД-19, но на оваа идеја се спротивставија САД, ЕУ и Велика Британија. Оваа тема ќе биде предмет на разговор на ниво на шефови на држави на настанот организиран од Светската трговска организација на почетокот од март.

Сепак, пациентите (сè уште) не се проблемот. Американската фармацевтска компанија „Модерна“ која ја има развиено одобрената вакцина за КОВИД-19 посочи дека, додека трае епидемијата, таа нема да бара примена на патентите поврзани со коронавирусот од оние кои произведуваат вакцини за борба против овој вирус. Дополнително, „АстраЗенека“ посочи дека „додека трае пандемијата со коронавирусот“ таа ќе цели „само кон покривање на трошоците за производство и дистрибуција“.

Сепак, наскоро ќе биде потребно да се посвети внимание на овие краткорочни аранжмани. Режимот на доброволно лиценцирање, кој е префериран од Велика Британија и другите богати држави можеби нема да биде адекватен. Во најлош случај, креаторите на политики треба да размислат за одобрување на неексклузивни лиценци и трансфер на технологии, што инаку е предлог на Џон-Арне Ротинген, претседавач со Комисијата за солидарност во третманот на КОВИД-19 во Светската здравствена организација.

Имајќи го предвид горенаведеното, и понатаму ни остануваат уште две директни пречки. Првата се предизвиците поради зголемената брзина на производство. Секоја вакцина е различна и зависи од биолошки и хемиски процеси со променлива ефикасност кои понекогаш и не е можно да се забрзаат. Дополнително, производството на вакцини бара интензивен надзор и контрола на квалитетот. Сепак, овие проблеми ќе се намалуваат како што ќе се подобрува производството и како што ќе има повеќе вакцини, вклучително и новоодобрената вакцина на Johnson & Johnson.

Втор голем проблем е тнр. „вакцинален национализам“. Богатите држави имаат натрупано повеќе дози на вакцини отколку што навистина им требаат, додека други држави мака мачат во докажувањето дека ги набавуваат доволните количини на вакцини за своите граѓани.

Два истражувачки институти од Бразил имаа план да произведат милиони дози на вакцините на АстраЗенека (Оксфорд) и на Синовак (Кина) но се соочија со проблеми поради необјаснети доцнења во испораката на клучните состојки од Кина. Дополнително, институтот „Серум“ од Индија, инаку најголем производител на вакцини во светот, си постави цел да произведе повеќе од 300 милиони дози достапни за 145 држави преку COVAX инструментот во првата половина од 2021 година, но Владата на Индија им нареди дека прво мора да се задоволат домашните потреби.

И покрај сето ова, се појавуваат одредени охрабрувачки знаци за вакцинална солидарност. Четириесет и седум држави, како и Африканската Унија која брои 55 земји членки, склучиле (или им биле понудени) договори за вакцини против КОВИД-19 со Кина, Индија или Русија. Индија испорача речиси 6,8 милиони бесплатни дози низ целиот свет, Кина има ветено 3.9 милиони а Израел нуди 100.000 дози.

Британскиот премиер Борис Џонсон вети дека ќе го донира вишокот вакцини од неговата земја на посиромашните држави. Некои од лидерите на G7, како и францускиот претседател Емануел Макрон дадоа слични ветувања иако Владата на САД засега не се согласи да постапи така.

Богатите држави мора да ги остварат своите ветувања на солидарност. Тие треба веднаш да донираат дози од вакцините за да се заштитат здравствените работници кои се на првата линија во загрозените држави. Тие треба повеќе да придонесуваат кон ACT и COVAX иницијативите за да се обезбеди соодветни глобална дистрибуција на вакцините и исто така треба да соработуваат со фармацевтските компании во нивните држави во обезбедувањето на потранспарентни и неексклузивни набавки и лиценцирања. Глобалниот раст ќе може повторно да се воспостави само со вакво ниво на солидарност.

 

Нгер Вудс е декан на „Блаватник“ школата за владеење при Универзитетот во Оксфорд.

Copyright: Project Syndicate, 2021.
www.project-syndicate.org

Нгер Вудс (Ngaire Woods)

Нгер Вудс е декан на Школата за принципите на власта „Блаватник“ на Универзитетот во Оксфорд.