fbpx

Аргументите за пристапувањето на Украина во НАТО

Јуриј Городниченко

Илона Сологуб

Политика

27.05.24

Прегледи

Неопходно е земјите-членки на НАТО да го искористат претстојниот самит во Вашингтон за да ја потврдат својата посветеност на тоа да ја примат Украина како членка. Одбивањето да се понуди јасна временска рамка за пристапувањето на Украина ќе поттикне понатамошна агресија и ќе му испрати сигнал на рускиот претседател Владимир Путин дека неговиот нео-империјалистички сон е остварлив.

На церемонијата на потпишување на Северноатлантскиот договор на 4 април 1949 година, тогашниот американски претседател Хари Труман забележал дека, доколку овој „едноставен документ“ постоел во 1914 и 1939 година, „ќе ги спречел актите на агресија што доведоа до две светски војни“. Новоформираниот сојуз, посочи тој, ќе обезбеди мир така што ќе ги одвраќа потенцијалните агресори.

Успехот на оваа стратегија за колективна безбедност се забележува во бројот на земји кои ги искористија предностите на политиката на отворени врати на НАТО. Во периодот од 1949 година па досега, алијансата се прошири од 12 на 32 земји членки, при што последни се приклучија Финска и Шведска. Сега е дојдено време кога земјите-членки мора да се обврзат на тоа да ја примат и Украина.

Внесувањето на Украина во НАТО е важно од неколку причини. Прво, секое сомневање во однос на посветеноста на алијансата да ги брани сегашните или потенцијалните членки е нешто што поканува на агресија. Пример за тоа е Русија. Одлуката за одложување на аспирациите за членство на Украина и Грузија во текот на Самитот во Букурешт во 2008 година доведе до руска инвазија на Грузија која се случи истата таа година. Слично на тоа, замижувањето пред руската анексија на Крим во 2014 година доведе до целосна инвазија на Украина во 2022 година.

Неуспехот да се победи Русија во Украина неизбежно ќе доведе до повеќе војни на агресија. Со приемот на Украина, НАТО би можел решително да ја заврти рамнотежата во своја полза и да го отфрли секој сомнеж за иднината на алијансата, обезбедувајќи траен мир.

Уште повеќе, стравот од ескалација или дозволата неговите активности да бидат диктирани од друга сила, може да го втурне НАТО во спирала на смртта. Попуштањето на заканите само би довело до уште повеќе закани и отстапки. Ако Украина падне, следни ќе бидат Естонија, Полска, Финска или Тајван.

Едно од основните начела на стратегијата на НАТО во однос на Студената војна беше тоа дека силата мора да биде пресретната со уште поголема сила. Во 1946 година, тогашниот американски дипломат Џорџ Кенан го сумираше овој стратешки принцип, со објаснување дека, додека Советскиот Сојуз е „непропустлив за логиката на разумот“, тој сепак е „многу чувствителен“ на „логиката на силата“. Секогаш кога неговата агресија наидувала на силен отпор, таа се повлекувала.

Следните децении ги оправдаа овие зборови на Кенан. Кога западните сили покажаа дека се решени да ги заштитат Западна Германија и Јужна Кореја во периодот на Студената војна, Советскиот Сојуз се повлече. Спротивно на тоа, кога Западот се двоумеше, Советите нападнаа.

Иако американскиот претседател Двајт Ајзенхауер, повикувајќи се на Повелбата на Обединетите нации, не успеа да го одврати СССР од инвазијата на Унгарија во 1956 година, неговиот наследник Џон Ф. Кенеди го поштеди Западен Берлин од тоа да го снајде истата судбина. Слично на тоа, слабиот одговор на Западот на инвазијата на Чехословачка предводена од Советскиот Сојуз во 1968 година беше проследен со инвазијата на Советскиот Сојуз на Авганистан во 1979 година.

Со одбивањето да постави јасна временска рамка за пристапувањето на Украина, НАТО капитулира пред барањата на Русија и му испраќа сигнал на претседателот Владимир Путин дека неговиот сон за обновување на Руската Империја е остварлив, така што Третата светска војна станува неизбежна.

Руската инвазија на Украина ја разоткри ранливоста на НАТО. Германскиот канцелар Олаф Шолц неодамна посочи дека Германија е подготвена да испрати 35.000 војници за одбрана на „секој квадрат“ од територијата на НАТО. Но, ваквата посветеност, иако сама по себе е значајна, бледнее кога ќе се земе предвид фактот дека 500.000 руски војници во моментов се борат во Украина. Згора на тоа, европската одбранбена индустрија се покажа неспособна во тоа да ѝ обезбеди на Украина снабдување со доволно оружје и опрема.

Доколку Украина „паднеше“ за три дена, како што голем број на „експерти“ предвидуваа на почетокот на 2022 година, руските сили сега ќе беа во Казахстан, Молдавија, а можеби и во балтичките земји и во Полска. Со оглед на тоа дека Украина ја има единствената армија во Европа која е и мотивирана и доволно борбена да ѝ се спротивстави на Русија, примањето на Украина за членка несомнено ќе ги зајакне воените капацитети на НАТО.

Иако некои би можеле да тврдат дека таквиот потег ќе го принуди Кремљ да реагира, мошне е малку веројатно дека тој ќе користи нуклеарно оружје. СССР претставуваше многу поголема нуклеарна закана, но Западот не потпадна под советската уцена. Како што кажа германскиот канцелар Конрад Аденауер во 1961 година – додека нуклеарните закани „кои повремено беа упатувани против еден или друг партнер на НАТО“ беа опасни, советската влада мора да знае дека со секој таков удар ќе предизвика контраудар со кој ќе биде уништена“.

Дали навистина имаше нула веројатност од тоа СССР да користи нуклеарно оружје? Сигурно дека не. Но, западните креатори на политиката во тоа време сфатија дека попуштањето на изнудите ќе ја зголеми веројатноста за таков напад, а нема да ја намали.

И на крај, Западот мора да сфати дека Русија веќе е во војна со НАТО. Кремљ го финансира тероризмот, се вклучува во кампањи за дезинформација, поттикнува домашни конфликти, се меша во изборите на демократските земји и, наводно, планира кампања за саботажа во Европа.

За жал, западните демократии беа премногу бавни во прифаќањето на реалноста. Додека политичките лидери дебатираа дали НАТО го „провоцира“ Путин и дали треба да му дозволат на Путин да си го „спаси образот“, Кина и Русија го продлабочија своето воено партнерство „без граници“ и формираа „оска на пресврт“, што сега се заканува да го поткопа меѓународниот поредок предводен од САД.

Во 1988 година, тогашниот американски претседател Роналд Реган објасни дека НАТО не е организација за „денес или утре“, туку за тоа „како [ќе] изгледа Европа за 15 години“. Иако не можеме да ја предвидиме иднината, две работи се јасни - ако Украина падне, Европа е можно да крвари со децении бидејќи Русија нема да застане само во Украина. Од друга страна, со Украина како членка, алијансата ќе може да промовира мир преку одвраќање, како што тоа го правеше за време на Студената војна.

Судбините на Украина, Европа и НАТО се нераскинливо поврзани. Како што францускиот претседател Емануел Макрон призна неодамна, „Европа е смртник“ а нејзината пропаст можеби веќе е на повидок. Акутната закана од руските реваншистички амбиции ја нагласува потребата од итно делување. Членките на НАТО мора да го користат Јулскиот самит во Вашингтон и да ја поканат Украина да ѝ се приклучи на алијансата.

 
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Јуриј Городниченко

Јуриј Городниченко е професор по економија на Универзитетот во Калифорнија, Беркли.

Илона Сологуб

Илона Сологуб е уредничка на VoxUkraine.