Челичен молк: Долг е патот до автопат

Бојан Блажевски

Зоран Радуловиќ

Мила Радуловиќ

Политика

22.07.24

Прегледи

Искуствата на Северна Македонија и Црна Гора од кинеската иницијатива „Појас и пат“.

Северна Македонија и Црна Гора се меѓу земјите кои во средината на минатата деценија преку иницијативата „Појас и пат“ договорија значајни инфраструктурни проекти финансирани со кредити од кинеската државна Експорт-Импорт банка (банката „Ексим“), во реализација на градежни компании од Кина. Станува збор за два автопати во Северна Македонија (Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип) и една делница од автопатот низ Црна Гора (Смоковац-Матешево).

Една деценија подоцна, сè уште се зборува за проблемите кои ги донесоа тие проекти вредни повеќе од 900 милиони (тогашни) долари за секоја од двете земји поединечно.

Работата во Северна Македонија сè уште не е целосно завршена, а властите и понатаму ги кријат договорите склучени со банката „Ексим“ за финансирање на изградбата на “кинеските” автопати.

Делницата во Црна Гора се користи веќе две години, но сè уште не се знае цената на нејзината изградба. Инвеститорот (државата) и изведувачот (China Road and Bridge Corporation – CRBC) сè уште не ги имаат решено меѓусебните спорови кои следеа од самиот почеток на изведбата. Но, тие сè уште ги немаат ниту изнесено пред договорениот Арбитражен суд на Трговската комора во Цирих.

Иако е отворена за сообраќај на 13 јули 2022 година, со три години и два месеци задоцнување во однос на првичниот договорен рок, делницата Смоковац-Матешево (автопат „Принцеза Ксенија“) дури оваа година ја доби употребната дозвола. Оваа информација ја добивме од јавното претпријатие „Монтепут“, на кое државата му го довери управувањето со автопатот.

„Ова подразбира дека нема технички недостатоци кои влијаат на безбедноста и функционалноста на објектот. За време на пробната работа, отстранети се забележаните недостатоци, а беа спроведени функционалните испитувања од страна на изведувачот на работите во соработка со надзорниот орган и инвеститорот“, нагласуваат од ЈП „Монтепут“.

За евентуалните пенали од едната или од другата страна поради евидентирани пропусти и повеќегодишно доцнење во реализацијата на проектот – ниту збор. Ниту од нивна страна, ниту од црногорската влада. А станува збор за сериозна сума на средства.

Во пресрет на отворањето на автопатот во 2022 година, Инес Мрдовиќ од невладината организација „Акција за социјална правда“, која беше претходно ангажирана во Одделението за борба против корупција при Министерството за капитални инвестиции, соопшти дека CRBC преку повеќе претставки од Црна Гора бара отштета од над 190 милиони евра на име на надоместоци на штета и изгубена добивка поради неточни геолошки податоци од идејниот проект (Кинезите на негова основа го изработија главниот проект), намалениот интензитет на работа за време на пандемијата со корона вирусот и доцнењата на „Монтепут“ во набавката на опрема без која автопатот не би можел да биде отворен за сообраќај.

Од друга страна, црната листа на Даночната управа на Црна Гора покажува дека на крајот на минатата година CRBC бил вториот по големина даночен должник во државата, со неподмирени обврски од 11,2 милиони евра. Неофицијално дознаваме дека повеќето од тие побарувања (околу девет милиони) се однесуваат на акцизите и ДДВ-то за нафтени деривати – дизел гориво и мазут за производство на асфалт, за кои изведувачот и подизведувачите не докажале дека се потрошени за време на работењето на автопатот. Помал дел од долгот, околу два милиони, наводно се однесува на неплатени даноци и придонеси за плати на дел од ангажираните домашни и кинески работници.

„Не е познато каков е епилогот од отштетните барања на CRBC до денес. Ниту црногорската, ниту кинеската страна за ова не говорат јавно, така што не е познато дали се повлечени, меѓусебно порамнети или затворени. Овој месец, а земајќи го предвид фактот дека истекува двегодишниот рок во кој CRBC беше должен да ги корегира пропустите, кинеската компанија би требало да издаде финална фактура за автопатската делница. Тоа би требало конечно да покаже колку чинеле градежните работи, па доколку биле признати побарувањата, тогаш тоа би морало да се рефлектира низ фактурите. Во секој случај, граѓаните конечно би морале да знаат колку чинеше овој дел од автопатот, дури и ако станува збор за градежниот дел во прашање“, вели Инес Мрдовиќ.

Слична е приказната и во Скопје. Во согласност со членот 18 од донесениот закон во 2013 година за изградба на автопатот Кичево-Охрид, предвидено е дека ако изведувачот „Синохидро“ не ги заврши градежните работи согласно со договорениот рок, тој е должен да плаќа дневни пенали во висина од 0,03% од вкупната цена на договорот за изградба, до максимум 10% од вкупната цена на договорите.

Извор: архива на авторот

Сепак, Јавното претпријатие за државни патишта нема покренато иницијатива за исплата на дневните пенали, не објаснувајќи ги притоа причините за ваквиот чекор.

„Согласно договорот за градба склучен со изведувачот во однос на ова прашање во сите Анекси кон основниот договор инвеститорот и изведувачот пристапија кон пријателско откажување на своите побарувања согласно точка 20,1 и 2,5 од Општите услови на договорот“, накратко информираа од Јавното претпријатие за државни патишта.

Ниту „Т“ од транспарентност

Да се вратиме на почетокот. Повеќе од три месеци, Јавното претпријатие за државни патишта го игнорира македонскиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, којшто го гарантира правото на новинарите и на пошироката јавност да дознаат под какви услови властите ги земале средствата од Кина за изградба на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип. Барањето за да нѝ се овозможи пристап (увид) до договорите за заемот потпишан меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и банката „Ексим“ го испративме на 13 март 2024 година, но до објавувањето на оваа новинарска сторија не добивме позитивен одговор.

Испративме две жалби до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Таа и во двата наврати донесе решение со кое ги уважува поднесените жалби и го задолжува Јавното претпријатие за државни патишта да ги достави побараните договори. Наместо да го објави договорот, од Јавното претпријатие за државни патишта во одговорот од 1 април информираа дека договорите за заем со банката „Ексим“ се склучени врз основа на Законите за реализација на инфраструктурните проекти за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид и на Законите за гаранција кои ги дава државата по обврските од договорите за заем за реализација на проектите за изградба на двете автопатски делници. Овие закони се усвоени од Собранието на РСМ на 24 и 25 октомври 2013 година и на 21 ноември 2019 година, а се објавени во броевите 149/13 и 244/19 од Службениот весник на РСМ.

„Истите се јавно достапни“, е првичниот одговор што го добивме на 1 април од Јавното претпријатие за државни патишта.

Но, со едноставна проверка на она што е објавено во изданијата на Службениот весник може да се согледа дека во нив единствено се објавени договорите на Јавното претпријатие за државни патишта со кинеската државна компанија „Синохидро“ како изведувач на работите, но не и со банката „Ексим“.

„По разгледувањето на Жалбата и расположливите списи во врска со предметот, Агенцијата утврди дека Имателот на информации не постапил согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во конкретниов случај, Имателот на информации во постапка по Барање донел Решение со кое го усвојува Барањето на Барателот, но не му овозможил пристап до бараните информации“, се наведува во решението на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер од 29 април, откако ја поднесовме првичната жалба против Јавното претпријатие за државни патишта.

И покрај ваквото решение на Агенцијата, Јавното претпријатие за државни патишта во одговорот од 20 мај наведуваат дека се тајна склучените договори за заем со кинеската банка „Ексим“:

„Согласно член 8, точка 8.4 и точка 8.7 од Договорот за заем трети лица не смеат да имаат пристап до Договорите за заем“.

Ова практично значи дека Јавното претпријатие за државни патишта се обврзало оти нема да ги објави договорите без да добие претходна согласност од заемодавачот, односно од кинеската државна банка. На тој начин, јавноста е спречена да се запознае со деталите од кредитниот аранжман, иако парите ќе бидат вратени со средства од македонскиот државен буџет.

По ваквиот одговор, испративме втора жалба до Агенцијата, која повторно донесе решение со кое го задолжува Јавното претпријатие за државни патишта да ги достави договорите склучени со банката „Ексим“.

Во Решението на Агенцијата од 3 јуни се откриваат нови детали од потпишаните договори за заемот, кои се уште позагрижувачки.

Имено, во доставениот одговор на Јавното претпријатие за државни патишта до Агенцијата се наведува дека македонските закони, а со тоа и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, не се применуваат во случајот на склучените договори за кредитите со кои се градат автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип.

„Правата и обврските на договорните страни се регулираат и толкуваат во согласност со законите на Кина, а не во согласност со применливите закони во нашата земја“, стои во одговорот од Јавното претпријатие за државни патишта.

Наспроти ваквото објаснување, од Агенцијата укажуваат дека општите одредби од договорот за заем со странска банка не можат да бидат исклучок од слободниот пристап до информациите од јавен карактер.

„Во случајов не станува збор за исклучок од слободниот пристап до информации од јавен карактер, туку за должност за информирање на јавноста за работењето на Имателот на информации, односно за побарани документи кои произлегуваат од организацијата, трошоците на работењето и начинот на користење на јавните добра. Исто така, јавниот карактер на бараните информации се огледува и во фактот дека побарана информација се однесува на земање заем отплаќан од средства од Буџетот на Република Северна Македонија, кој се финансира со средства од граѓаните, на даночните обврзници во Република Северна Македонија“, се наведува во Решението на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

И покрај тоа што Агенцијата јасно наведува дека бараните договори за заем потпишани со кинеската банка „Ексим“ спаѓаат во редот на информации од јавен интерес, Јавното претпријатие за државни патишта не ги достави бараните документи.

Бојан Блажевски

Бојан Блажевски има 13-годишно искуство во новинарството, со фокус на изработка на новинарски стории за теми што покриваат инфраструктурни проекти, градежништво и архитектура, транспорт и животна средина. Во 2018 година ја има добиено наградата „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија, што ја доделува Делегацијата на ЕУ во Македонија. Има работено како новинар и уредник во новинската агенција „Мета“ и во порталот за архитектура, градежништво и урбан развој „Билд“ во периодот од јули 2011 до јануари 2024 година. Во 2016 година бил стипендист на Балканската стипендија за новинарска извонредност, а една година подоцна бил стипендист на Thesaurus Poloniae стипендијата на полското Министерство за култура. Дипломирал новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“, магистрирал медиуми и комуникации на истиот факултет, а докторирал во областа на политичките науки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.

Зоран Радуловиќ

Зоран Радуловиќ е новинар од Црна Гора кој работи во политичкиот неделник Монитор од Подгорица.

Мила Радуловиќ

Мила Радуловиќ е црногорска новинарка и генерален секретар на Друштвото на професионални новинари на Црна Гора. Била уредник на црногорскиот дневен весник „Вијести“ и активна е во новинарството од 1992 година.