Нашата земја научи уште една лекција на својот пат кон напредокот, но за жал ја научи на ужасен начин.
„Зборував со комесарката Марта Кос и со министерката за здравство Валентина Преволник Рупел. Можеме веднаш во Словенија да примиме девет најсериозно повредени“. Оваа порака ја добив неколку часа по трагедијата во Кочани, од пријателка политичарка во Словенија со потекло од виничко-кочанскиот крај.
Во целата несреќа кога ние граѓаните сѐ уште не можевме да се соземеме од шокот, таквите зборови беа мала утеха, но сепак утеха. Капацитетите на Македонија во здравството ги знаеме сите, а дури и да беа на потребното ниво тешко ќе можеа да одговорат на обемот на катастрофата што се случи бидејќи последиците и бројките беа застрашувачки. Речиси на 200 млади луѓе им требаше помош, и тоа веднаш. Среќа во несреќата е што од сите страни на Европа иташе помош, а во тоа предничеа нашите соседи од регионот.
Некои велат дека првенствената цел на надворешната политика е да се создаваат пријатели, сојузници и партнери. За државата да не биде сама. Пријатели за помош, партнери за заеднички настапи а сојузници за да ја застапуваат на големите маси кога е отсутна. Македонија има и пријатели и партнери и сојузници. Но понекогаш како да го заборава тоа. Во надворешните односи води дефетистичка политика со оправдување дека има непријатели кои не сакаат да ја видат среќна и просперитетна.
Меѓутоа, трагедијата која ни се случи го покажа спротивното. Нашите пријатели од странство ги прифатија најтешко повредените и тоа Србија – 30, Бугарија – 15, Грција – 12, Турција – 12, Шпанија – седум, Австрија – пет, Унгарија – шест, Хрватска - пет, Словенија – четири, Литванија – четири, Белгија – четири, Италија – четири, Шведска – четири и Полска двајца тешко повредени. Вкупно 115 наши млади сограѓани кои ја имаа несреќата да се најдат таа кобна ноќ во дискотеката „Пулс“ ја имаа од друга страна среќата да им биде подадена рака од странски специјализирани болници за да ги лекуваат и негуваат.
Сите држави испратија авиони за да можат побрзо да ги транспортираат повредените бидејќи за најголемиот дел моментот на почнување на медицински третман беше најважен. Животите зависеа од минути и секунди.
Македонија никогаш не смее да ја заборави оваа солидарност.
На ударните вести во светот
Солидарноста стапи на дело веднаш штом се дозна за несреќата. Веста за трагедијата го обиколи светот со брзина на светлината. Глобалната мрежа Си-Ен-Ен ја објави веста со назнака дека е тоа сторија што ќе ја ажурира повеќе пати. Објава со видео имаше и во Австралија. Видеа и фотографии имаше и на Асошиејтед Прес. Ројтерс, Би-Би-Си, АБЦ-Њуз, надолго и нашироко известуваа за таа кобна ноќ и за последиците кои произлегоа од неа. Вклучително и за тагата која ги преплави Кочани и Македонија на денот кога се одржаа закопите на 59 млади луѓе кои не успеаја да се спасат од огнената стихија, чадот, и стампедото кое настана во обидот да побегнат од дискотеката на ужасот.
Во регионот, тагата за несреќно изгубените животи и за повредените, речиси беше со ист интензитет како и во земјава. За два дена дури 500 луѓе даруваа крв во Бугарија, за да им дадат сила на повредените кои беа прифатени во тамошните болници. На паркингот на болницата „Пирогов“ беше поставен шатор каде што се упатуваа заинтересираните хумани граѓани кои сакаат да даруваат крв. И бугарските и српските и грчките лекари постојано даваа известувања за јавноста каква е состојбата на повредените.
На тој ден, и целата седмица што следуваше регионот и поширокиот дел од Европа пулсираа во заеднички ритам, трудејќи се да им ги олеснат маките на пациентите со тешки изгореници, повреди од нагмечување или од вдишување на отровниот чад.
Извор: Општина Виница
Вистина било дека несреќата најмногу ги сплотува луѓето. Главниот доктор во болницата Папаниколау во Солун, како што истакна министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, му рекол: „Вашите деца се и наши деца“! Тоа се изјави што сплотуваат и за миг ги ставаат настрана сите меѓусоседски недоразбирања, кавги, блокади и трговски и економски надитрувања.
Кога државата се наоѓа во ситуација кога минути и часови се во прашање, соседите се тука. И во добро и во зло. Така беше сега, така беше и при шумските пожари кои секое лето ја пустошат нашата земја.
Македонија и механизмот за цивилна заштита
Важно е да се нагласи и дека во неделата, на 16 март, Македонија по деветти пат го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, првпат за случај во кој земјава побара помош за голем број пациенти со изгореници. Голем дел од европската помош пристигна токму преку активирањето на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Механизмот за цивилна заштита на ЕУ ќе остане активиран сè додека Македонија има отворена потреба за помош. Останатите повредени беа прифатени преку договорите за билатерална помош.
Нашата држава членува во Механизмот за цивилна заштита на ЕУ од 2013 година. Македонија го искористила уште осум пати. Првпат во 2007 година, за помош при шумските пожари. Од истата причина беше активиран и во 2019, 2021 и во 2024 година.
Два пати европската помош е побарана за справување со последиците од поплавите, во 2015 во Тетовско и во 2016 година, во Скопско. Еднаш е активиран за пандемијата со Ковид-19 и уште еднаш по инвазијата од Русија, за репатријација на македонски граѓани од Украина.
Механизмот е направен така што ги обединува капацитетите за одговор од сите земји на ЕУ и десет земји-учеснички за заеднички акции за превенција и подготвеност од катастрофи. Досега е активиран повеќе од 770 пати од сите земји на кои им требала помош.
Зошто е важно тоа? Првенствено за оние што мислат дека Македонија може да и сврти грб на Европа како одговор на тоа што ЕУ не ја прима Македонија во своето политичко и економско семејство. Но, национални катастрофи како тоа што ни се случи во Кочани треба да отрезнуваат. Географската близина е пресудна и за добро и за лошо, и за позајмување канадери, трактори за гасење шумски пожари, и за медикоптери за транспорт на тешко болни, па и за трговија и инвестиции.
Турбулентниот Балкан полека ги учи тие лекции.
Вистина е од друга страна и дека неодамнешната пандемија предизвика разочарување во Македонија. Нашата земја не успеа да добие вакцини во првиот бран, а ниту во вториот и третиот туку беше меѓу последните кои го вакцинираа своето население. И тогаш притрчаа соседите на помош како на пример Србија а подоцна и Бугарија.
Ова кусо излегување од темата е само за потсетување дека светот го движи солидарноста, а не како што често ни се чини дека се тоа парите. Парите имаат пресудна улога за напредокот, но ако не е солидарноста животот и конфликтите меѓу државите ќе бидат далеку потешки. Македонија научи уште една лекција на својот пат кон напредокот, но за жал ја научи на ужасен начин. И тоа не се однесува само на помошта што ја добивме, туку и на корупцијата и системот кој пред да доведе до пожарот од незапаметени размери и самиот беше изгорен, запустен, и окупиран од некадарници.