fbpx

До каде сме со (анти)родовите политики?

Бојана Јовановска

Политика

17.07.24

Прегледи

Уделот на жени во новата Влада изнесува поразителни 12.5%. Овие бројки можат значително да влијаат на продлабочување на и онака длабокиот родов јаз во политиката, особено имајќи предвид дека според сегашната стапка на напредок, родова еднаквост најверојатно нема да се оствари пред 2063 година.

На овогодинешните претседателски избори Македонија ја доби првата жена претседателка на државата. Гордана Силјановска Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, во вториот круг од претседателските избори се сретна со својот „стар“ противник-Стево Пендаровски. Но, овојпат, за разлика од изборите во 2019 година, успеа убедливо да го порази со двојно повеќе гласови.

За многумина оваа победа беше материјализација на долгогодишните напори за родова еднаквост, особено за вклучување на жените на позиции на моќ во државата. Победата беше поздравена и од страна на граѓанските организации кои важат за пионери во борбата за правата на жените во земјава, меѓутоа многумина истовремено изразија и сомнежи дека овој избор не мора да значи и суштински промени на состојбата на родовата еднаквост, пред се имајќи ги предвид политиките на политичката партија која ја поддржа нејзината кандидатура.

Една од најголемите мрежи на граѓански организации во полето на родовата еднаквост - Платформата за родова еднаквост, веднаш по нејзиниот избор, упати отворено писмо до претседателката Силјановска Давкова во кое ја повикаа да ги одржи своите ветувања и да покаже заложба за родова еднаквост во пракса, работејќи кон зајакнување на позицијата на жената во различни сегменти на општественото дејствување, како и пружајќи поддршка во борбата против антиродовите движења. Меѓутоа, случувањата на политичката сцена само ги потврдија сомнежите дека ова може да биде само една пирова победа за жените.

Ретерирање од родот

Употребата на терминологијата поврзана со родот во Македонија започнува да се оспорува со појавата на таканаречените антиродови движења кои се спротивставуваат на она што тие го нарекуваат „родова идеологија“, и во својата суштина се недемократски и претставуваат закана за човековите права, особено за правата на жените, и имаат тенденција регресивно да влијаат врз досегашниот развој во насока на инклузивност и еднаквост.

Антиродовиот наратив во Македонија ја достигнува својата кулминација во 2023 година, преку мобилизирањето на јавноста, со поддршка од верски организации и конзервативни политички партии (вклучително и сегашната владејачка партија) против донесувањето на новиот Закон за родова еднаквост и измените на Законот за матична евиденција.

Притоа, родот се претставува како нешто непознато и наметнато, кое се заканува да го уништи традиционалниот општествен поредок. Меѓутоа, таканаречената родова терминологија не е ниту нова, ниту наметната. Напротив, нејзиното воведување во македонската легислатива бележи повеќе од една декада, за што треба да бидеме благодарни токму на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2006 година за првпат беше донесен Законот за еднакви можности на жените и мажите и веќе следната година во Министерството за труд и социјална политика се воведе нов Сектор за еднакви можности во чии рамки функционира Одделението за родова рамноправност.

Формирањето на Секторот беше во насока на подигнување на статусот и мандатот на Одделението за унапредување на половата рамноправност, кое беше основано во 1997 година.

Во 2012 е донесен нов Закон за еднакви можности на жените и мажите, кој и покрај тоа што родовата еднаквост не ја содржи во својот наслов, низ целиот текст располага со термините родова еднаквост, родова перспектива, родов идентитет, родова проценка, итн. Законот го наведува и родот (како и полот) како една од основите за дискриминација, во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација кој за првпат беше донесен во 2010 година.

Со понатамошните измени на Законот за спречување и заштита од дискриминација беше воведен и родовиот идентитет како една од дискриминациските основи. Веќе во 2013 година беше донесена и Стратегијата за родова еднаквост 2013-2019 врз основа на членот 9 став 3 од Законот за еднакви можности на жените и мажите, додека во 2022 година беше донесена актуелната Стратегија за периодот 2022-2027. Речиси сите овие закони и документи беа донесени во периодот кога власта беше во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.

Дури и еден од поновите закони во областа - Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, донесен во 2021 година, не наиде на суштински оспорувања од страна на конзервативното крило како тогашната опозиција, особено имајќи предвид дека со овој закон за првпат се воведе терминот родово базирано насилство.

Поимникот на законот ги дефинира термините пол и род, додека родово базираното насилство го дефинира како насилство насочено против жената затоа што е жена или коешто несразмерно ја погодува, и кое е резултат на нееднаквиот однос на моќта помеѓу жените и мажите како резултат на општествен проблем. Од особена важност е што преку дефинирање на овие поими се препознава општественото влијае врз конструирањето на родовите улоги и стереотипи, како и нивното негативно влијание на унапредување на правата на жените.

Извор: sobranie.mk

Законот за родова еднаквост, кој требаше да го замени Законот за еднакви можности на жените и мажите, во согласност со препораките на Комитетот за елиминација на дискриминацијата кон жените при Обединетите нации и анализите за неговата имплементација, по двегодишна работа и јавни консултации се најде во завршна фаза пред Парламентот минатата година, но стана една од „жртвите“ на засилените антиродови наративи.

Како резултат, законот не беше донесен, а десно ориентираните политички партии започнаа да ја преземаат антиродовата реторика, што понатаму се прелеа и во изборната кампања, вклучително и изборните програми и заложби на партиите.

Па така, на пример, во изборната програма, но и во реториката на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ родот и родовата еднаквост беа заменети со термините пол, полова еднаквост и полово базирано насилство, додека родовиот наратив генерално беше малку застапен во реториката на политичарите. Она што го забележа извештајот на ОДИХР за изборите, а беше потврдено и со Анализата на родово базирани содржини: Политичарките и медиумската пристрасност, е дека прашањата поврзани со родовата еднаквост во голема мера беа занемарени во дискурсот на кампањата, со исклучок на претседателската кандидатка поддржана од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Единствено политичарките, меѓу кои и кандидатката за претседателка Силјановска Давкова, успеваа тука и таму да „протнат“ по некоја заложба за унапредување на родовата еднаквост, кои често остануваа во сенка на мејнстрим наративите кои ги пласираа партиските и коалициски лидери.

Програмски заложби за родова еднаквост

Едно од поглавјата во изборната програма на победничката коалиција на парламентарните избори предводена од ВМРО-ДПМНЕ носеше наслов „Жената – центар на македонското општество“. Притоа, единствено со номинирањето и изборот на Силјановска Давкова за претседателка на Македонија би можеле да кажеме дека жената навистина, стана еден од центрите на моќ во македонското општество.

Меѓутоа, во дадениот контекст, многу посоодветно би било да кажеме дека жената е центар за репродукција на македонското општество, со оглед на фокусот на демографските политики (што беше потврдено и со реструктурирањето и реименувањето на Министерството за труд и социјална политика во Министерство за социјална политика, демографија и млади), особено преку таканаречените „стимулативни мерки за родилки“.

Дополнително, и покрај тоа што програмата предвидува мерки во насока на зајакнување на економска независност на жените (како, на пример, еднакви плати, женско претприемништво, курсеви за доквалификација/преквалификација), сепак она што недостасува е клучниот инструмент што ќе ја одржува рамнотежата помеѓу овие две политики. Доколку навистина целта е истовремено жените и да раѓаат повеќе деца и да бидат економски независни, во тој случај потребно е да се обезбеди сериозна поддршка за рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот на жените, особено имајќи предвид дека жените во Македонија во просек извршуваат 72,5% од вкупната неплатена работа поврзана со грижа.

Дел од мерките кои требаа да обезбедат поголема родова еднаквост, во однос на рамнотежата помеѓу неплатената грижа во домот и платената работа, се најдоа во новиот Закон за работни односи чиј текст започна да се работи уште во 2018 година. Но, неговата судбина се сведе на неколкугодишно влечкање низ институционални лавиринти, за на крајот повторно да го најде својот пат во изборната програма на коалицијата предводена од СДСМ, односно сегашната опозиција која не успеа дури ни во вториот мандат на власт од 2020 година да се пофали со негово конечно донесување.

Каде нема квоти нема ни жени, но нема ниту политичка волја

На парламентарните избори во 2020 година една од заложбите на двете најголеми коалиции, предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, беше застапеност на жените со 40% на министерски позиции во Владата. Во текот на изминатите четири години на власт, коалицијата предводена од СДСМ не само што не донесе законски измени за воведување на родовите квоти, туку и воопшто не ги имплементираше заложбите во составот на Владата, додека пак ВМРО-ДПМНЕ реши целосно да ги прескокне овие заложби во својата изборна програма во 2024 година.

На 8 март 2023 година во Парламентот се одржа Првата пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост, по повод дваесетгодишнината од формирањето на Клубот на пратенички. Токму на оваа седница, тогашната пратеничката Силјановска Давкова изјави дека се потребни промени за да се овозможи поголема застапеност на жените и во извршната и во локалната власт, додека пратеничката Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека мора да работиме на зголемување на бројот на жените во извршната власт и бројот на жени градоначалнички, потенцирајќи дека ќе побараат да се донесат одредени заклучоци, кои ќе придонесат кон остварување на овие цели.

Од Пленарната седница произлегоа заклучоци кои беа поднесени до Парламентот, а меѓу кои и измените на Изборниот законик во насока на постигнување на целосна родова еднаквост на листите за пратеници и советници, и родова квота од 30% за избор на градоначалнички позиции, како и на Законот за Владата преку воведување родова квота од 40% во извршната власт. Меѓутоа, понатамошниот развој на овие предлози не беше проследен со суштински информации, ниту пак реализирани промени.

Една година подоцна, пред почетокот на предизборната кампања, на 11 март 2024 година, ЛДП, една од малкуте македонски партии на чие чело е жена, поднесе предлог-закон за изменување на Изборниот законик, за воведување на родова квота од 50% за сите кандидатски листи и 30% за градоначалнички позиции. Повторно, овој предлог не ги дочека свите „5 минути“ во Парламентот, и покрај тоа што веќе сме биле сведоци дека барем во македонскиот Парламент не е проблем да се изгласаат измени на Изборниот законик непосредно пред избори, секако кога тоа некому е во прилог.

Сите овие заложби се рефлектираа на самиот изборен процес и секако на крајните резултати. Партиите го исполнија законскиот минимум од 40% застапеност на помалку застапениот пол на кандидатските листи, пред се бидејќи тоа е предуслов за поднесување, односно прифаќање на кандидатските листи од страна на Државната изборна комисија, но она што многу лесно може да се забележи е дека застапеноста на жените е во подолните позиции на листите. Притоа, жените честопати беа ставани на најниските позиции дозволени со законот и беа на чело на само 21 од вкупно 84 листи (25%).

Како резултат, новиот парламентарен состав во моментов го сочинуваат помал број на жени од претходниот односно 42 (околу 35%), додека уделот на жени во новоформираната Влада изнесува поразителни 12.5%, односно само 3 жени (за разлика од претходниот состав кој го сочинуваа, повторно скромни, 20%).

Овие бројки можат значајно да влијаат на понатамошно продлабочување на и онака длабокиот родов јаз во политиката, особено имајќи предвид дека според сегашната стапка на напредок, се предвидува дека во рамки на националните законодавни тела родова еднаквост нема да се оствари пред 2063 година.

Она што можеме да го заклучиме е дека наративите на кои им се дава простор и значење, особено во медиумите, неминовно ќе го најдат своето место и во реториката на политичарите, додека реториката ќе се прелее во програмите, за се заедно да резултира во бројки кои развојно не враќаат години, па и децении наназад.

Наместо да зборуваме за подигнување на свеста на секој член на општеството за остварување на своите права, но и за правата на сите останати, и унапредување на квалитетот на живот, приморани сме да се враќаме чекори наназад и одново да дебатираме за поими кои биле апсолвирани пред повеќе од една деценија.

Бојана Јовановска

Бојана Јовановска е феминистка и истражувачка. Магистер е по социјална политика и е активна во полето на родова еднаквост и родово базирано насилство повеќе од 10 години.