Државата нема одговор за крахот на Вториот пензиски столб

Соња Крамарска

Политика

24.07.26

Прегледи

Идните пензионери самите си прават проекции очајно прашувајќи се каде им се парите за кои се надеваа дека еден ден ќе им го збогатат пензионерското конто. Државата не може да се изземе од одговорноста за овој проблем бидејќи ги принуди граѓаните да станат дел од проектот, или сега слободно може да се каже експериментот наречен Втор пензиски столб.

Подготвувајќи ги анализите за состојбите во пензискиот систем, неизбежно е враќањето на официјалните документи и водичи издадени од МАПАС (Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување). Оваа државна институција, чија основна надлежност е да ги регулира и надгледува пензиските друштва и фондови, низ годините активно го афирмираше штедењето во Вториот и Третиот пензиски столб. Во водичот, публикуван во 2022 година на прашањето „Дали моите средства во Вториот столб се сигурни“, е даден одговор дека постојат строги правила за инвестирање на средствата на пензиските фондови, утврдени со закон, со кои се обезбедува распределба на средствата со која се заштитуваат од евентуален пад на нивната вредност.

Па, прашањето кое се наметнува е од каде сега наеднаш изјавите од највисоко ниво дека идните пензионери кои одвојуваат од своите плати во Вториот пензиски столб за да имаат повеќе пари во подоцнежни години ќе се разочараат бидејќи тие пари ќе ги немаат. МАПАС, меѓу другото, има законска обврска, дадена од државата да ја контролира работата на пензиските фондови на дневна основа со цел да се осигура дека тие работат според правилата. Меѓутоа изгледа не било така.

„Бомбата“ прво ја фрли гувернерот Трајко Славески кој наеднаш актуализираше свое интервју од пред две години во кое вели дека тие што очекуваат пензија од Вториот пензиски столб ќе бидат разочарани, а на него се надоврза и премиерот Христијан Мицкоски кој практично го повтори истото додавајќи дека Вториот пензиски столб треба да биде една од клучните теми во најавите за реформи на пензискиот систем. Дел од идеите што се разгледуваат се дали идните пензионери прво целосно би ја искористеле заштедата од Вториот столб, а потоа, откако оваа сума ќе се исцрпи би преминале со пензиите во ПИОМ, со што државниот фонд би добил простор за стабилизација.

Каде се парите?

Премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“ вели дека воведувањето на Вториот столб било направена со добри намери, но дека од денешна перспектива не е сигурен дека ќе ги даде очекуваните резултати. Според него, голем дел од корисниците можеби нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки.

Прашањето е што ќе прави државата ако Вториот пензиски столб не обезбеди пензии какви што очекувале граѓаните?

Од МАПАС се бранат дека одредени јавни оценки и поедноставени заклучоци не ја прикажуваат целосната слика за причините поради кои беше воведена пензиската реформа, ниту пак ја земаат предвид долгорочната природа на капитално финансираното пензиско осигурување.

Во меѓувреме, шпекулации има многу, но официјални ставови има малку. Всушност речиси и нема. Идните пензионери самите си прават проекции очајно прашувајќи се каде им се парите за кои се надеваа дека еден ден ќе им го збогатат пензионерското конто. Во Првиот столб се слеваат 12,8% од нивната бруто плата, додека во Вториот столб се префрлаат 6% од нивната бруто плата, на нивна индивидуална сметка во задолжителниот пензиски фонд во кој што членуваат.

Ѓоко Велковски, министер за социјална политика, демографија и млади, во неодамнешниот јавен настап рече дека во Владата има Комисија од претставници од засегнатите институции кои треба да направат анализа и да дадат препорака што треба понатаму да се прави со Вториот пензиски столб. Рече и дека министерката за финансии преговара со ММФ и Светската банка да направат анализа за процена на ризикот од Вториот пензиски што ќе помогне на нашите институции да направат план за реформа. Тие анализи треба да го дадат финалниот одговор за тоа што да се прави понатаму.

Но прашањето е доколку преовлада ставот да се укине Вториот пензиски столб, што ќе се случи со парите што ги одвојувале осигурениците? Колкава е веројатноста тие да преминат во државниот ПИОМ? Дали ќе им бидат вратени и во колкав износ бидејќи станува збор за акумулирање на средства во траење од две децении што подразбира и губење на вредноста на парите. Ако акумулираните средства не се доволни за пристојни пензии, тогаш како ќе бидат доволни за нивно праведно враќање без да бидат оштетени осигурениците?

Државата застана зад експериментот

Државата не може да се изземе од одговорноста за овој проблем бидејќи ги принуди граѓаните да станат дел од проектот, или сега слободно може да се каже експериментот наречен Втор пензиски столб. По неговото опционално воведување во 2006, во 2019 година беше донесен закон со кој сите лица кои се вработени за првпат по 01.01.2019 и на датумот на пристапување во задолжително пензиско и инвалидско осигурување се помлади од 40 години возраст, задолжително стануваат членови на Вториот столб.

На осигурениците само им беше оставена можност по свој избор да си одберат со кое пензиско друштво ќе склучат договор за членство, во рок од три месеци по нивното прво вработување. Идејата беше тие средства да се уплаќаат на индивидуална сметка на секој осигуреник а потоа да се вложуваат во финансиски инструменти со цел нивно зголемување кога ќе бидат користени за пензија. Парите најчесто се инвестираа во депозити во банки, акции и обврзници од домашни издавачи, краткорочни хартии од домашни издавачи, акции и инвестициски фондови од странски издавачи и сл.

Притоа беше планирано пензионерите да добиваат пензија од два извори: од Првиот столб и од Вториот столб. Висината на пензијата од Првиот столб зависи од работниот стаж и висината на платата, а висината на пензијата од Вториот столб зависи од висината на сумата на индивидуалната сметка насобрана низ годините.

(Не)успешноста на Вториот столб први ја почувствуваа оние граѓани кои добиваат старосна, инвалидска и семејна пензија. Според извештајот на МАПАС за 2025 година, во оваа година беа остварени 91 инвалидска пензија и 263 семејни пензии од страна на членови на овој столб. Истата година за 51 член започна да се исплаќа старосната пензија, преку таканаречени програмирани или фазни повлекувања, како и за вкупно 116 членови вклучувајќи ги и членовите кои започнаа да ги повлекуваат средствата во претходните години. Имало и исплата на семејствата од индивидуални сметки на 126 починати членови.

Интересно е што во овој обемен извештај нема ниту трага од аларм дека нешто не е во ред со приносот од Вториот пензиски столб. Таму, патем, може да се најде и податокот за кој многу се шпекулира деновиве, а тоа е вкупниот износ на средствата, кој заклучно со 31.12.2025 година е во износ од 3,06 милијарди евра.

Чекорите да се мерат внимателно

Тоа не се малку пари и разбирливи се јавните реакции на осигурениците. Неизвесноста се зголеми откако и министерот Велковски, иако не кажа јасно, меѓу редови отвори врата за можност Вториот столб да биде укинат. Тоа ќе предизвика силен потрес и чекорите ќе треба внимателно да се мерат. Потресот е неминовен затоа што според извештајот за 2025 на МАПАС бројот на членови на Вториот пензиски столб достигнал опфат од 79 отсто од вкупното активно население во државата. Тоа е огромен процент на потенцијално незадоволни граѓани. Тие со право ќе се прашуваат зошто испари вредноста на парите што ги одвојувале бидејќи им било ветено дека тие ќе се мултиплицираат низ инвестициските активности за кои гарантира државата.

Погоре посочениот извештај детално ја објаснува и структурата на инвестициското портфолио на Вториот столб. На прв поглед таа изгледа импресивно. Доминантно е насочена кон домашни државни хартии од вредност и тоа 63,74 проценти а 31 процент се инвестиции во странство претежно во странски инвестициски фондови.

Во јавната дебата што се води деновиве забележливо е дека ниту еден економски аналитичар не понуди свое видување каде кикснале инвестициите па не дошло до посакуваното оплодување на парите. И дали имало квалитетно управување со ризиците кои им се заканувале на тие парични средства. Единственото што може да се слушне е дека поради ниските плати и самите зафаќања биле мали.

Летото можеби ќе ја задуши темата, но наесен таа ќе експлодира повторно со сета своја жестина. Најавените анализи од меѓународни институции кои треба да го размрсат јазолот, или ќе дадат импулс во конструктивна насока, или ќе дадат нова причина за загриженост кај идните пензионери кои без своја вина беа втурнати од државата во еден амбициозен план кој на крајот се покажа како неуспешен.

Соња Крамарска

Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.