fbpx

ЕУ мора да го прекине членството на Унгарија

Дарон Ацемоглу (Daron Acemoglu)

Политика

11.10.21

Прегледи

Дарон Ацемоглу

Daron-Acemoglu-200x250Западното фијаско во Авганистан покажа дека демократските институции не можат да се воспоставуваат на сила и со странска помош. Поуката за Европската унија треба да биде јасна: ако не покаже со свој пример и не ги избрка авторитарните структури од сопствените редови, нејзината заложба и посветеност на демократија нема да значи ништо.

Откако Унгарија во месец јуни годинава усвои закон за забрана на „ЛБГТ содржини“ во учебниците, холандскиот премиер Марк Рут заклучи дека на државата „повеќе не ѝ местото во ЕУ“. И има право. Европската унија треба да започне постапка за отстранување на Унгарија, и потоа треба да размисли да го направи истото со Полска.

Во изминатава деценија, Унгарија и Полска постојано го поткопуваа владеењето на правото и демократските институции кои, инаку, треба да бидат во сржта на европскиот проект. Примерот на Унгарија, Виктор Орбан, и неговата „нелиберална демократија” е, всушност, погрешна дефиниција: повеќе нема никаква демократија. Судовите сè повеќе се под контрола на партијата на Орбан; на медиумите им остана малку слобода; граѓанските организации функционираат под постојана закана а на универзитетите им е укината и онаа мала автономија што ја имаа.

Во меѓувреме, авторитарната партија на власт во Полска, партијата на правото и правдата (PiS), отворено ги следи чекорите на Орбан. Иако таа сè уште не им се „пуштила“ на граѓанското општество и на опозицијата, полека но сигурно ги поткопува демократските институции на државата. Од перспектива на ЕУ, одбивањето на овие две земји да учествуваат во новото Јавно обвинителство на Европската Унија, ќе биде последната капка во чашата. Формирано во месец јуни, Јавното обвинителство на ЕУ (EPPO) има мандат да истражува и гони измами, проневери и други кривични дела поврзани со пари на ЕУ. Не е изненадувачки што има јасни докази за вмешаноста на партијата на Орбан (Fidesz) и на PiS во такви измами.

Одбивајќи да го признаат авторитетот на EPPO а притоа и понатаму добиваат пари од ЕУ, Унгарија и Полска му се потсмеваат на европскиот проекти на сето она за што тој се залага. Уште повеќе, ова е дополнителен аргумент за ЕУ да постапува против Унгарија и Полска. Со повторното заземање на Авганистан од страна на Талибанците, повеќе нема сомнеж дека западните напори за воведување на демократија и владеење на правото на сила и преку странска помош доживеаја фијаско. Отсега натаму, западните земји ќе мора да предводат преку лични примери.

Како што изјави американскиот претседател Џими Картер во неговиот инаугуративен говор: „Најдобар начин да се унапреди слободата во други земји е ние тука да покажеме дека нашиот демократски систем вреди да биде применет и од нив“. Во едно поново истражување кое разгледува податоци за повеќе од 110 држави, Николас Ајзенман, Џеват Ѓирај Аксој, Мартин Физбејн, Карлос Молина и јас покажуваме дека демократските институции создаваат поголема доверба кога тие сигурно испорачуваат економски раст, мир, развој и јавни услуги. Доказите од изминативе четири децении упатуваат на тоа дека декократизацијата се случува во регионални бранови, делумно затоа што барањето за демократија се шири од една земја во друга. Слична тенденција следат и назадувањата во демократијата. Кога постојните демократии се чинат помалку вредни за примена и на други места, тогаш е помалку веројатно дека би се ширеле и демократските институции.

Овие ставови се применуваат и на ЕУ, со оглед на нејзината задача да воспостави демократски институции на наднационално ниво. Во време кога, како никогаш досега, е потребна глобална соработка, историскиот експеримент на ЕУ треба да се смета за успешен. На крајот од Втората светска војна, европскиот континент беше уништен и исцеден економски, затоа што сите ресурси ги трошеше на вооружување. Додека Соединетите Држави беа понапред од аспект на современи технологии, како што се фрижидери, централно греење, водоинсталатерство и системи за јавен превоз, истите не можеа да се видат никаде во Европа.

Во Британија, која помина многу подобро од остатокот на континентот, само половина од куќите во 1947 година имаа топла вода или систем за водовод. Главните градови во Германија (како Хамбург, Келн, Дизелдорф, Дрезден и Берлин), беа целосно срамнети со земја поради сојузничките бомбардирања. Речиси 20 милиони Германци немаа покрив над главата а 10% од населението на државата загинало во војната. Ситуацијата не беше подобра ни во остатокот од Европа. На окупираните Франција, Белгија и Холандија им требаше многу време за опоравување откако беа разграбени од нацистите. Згора на тоа, историската нетрпеливост (особено против Германија) беше на рекордно високо ниво. Многумина претпоставија дека комунизмот или конзервативната диктатура имаат многу поголема шанса да фатат корен отколку демократијата.

Мирот, во најдобар случај, се сметаше за кревок но, како што знаеме, тој сепак превладеа и демократијата не само што фати корен туку и процвета низ цела Западна Европа, освен во Шпанија и Португалија (кои останаа под нивна квази-фашистичка диктатура сè до подоцнежните децении). Од економски аспект, ситуацијата се подобри до речиси неверојатно ниво – трите децении по завршувањето на војната беа познати како les trente glorieuses – славните триесет години. Во поново време, како успех се покажа и проширувањето кон Централна и Источна Европа. Беше незамисливо тоа што Унгарија, Чехословачка, Полска и балтичките земји поминаа низ толку брз демократска транзиција, без изгледи за пристапување кон ЕУ и без финансирање од ЕУ. Исто толку е неверојатно што Полска се покажа една од најбрзорастечките економии во светот, а без ЕУ. Но, проширувањето кон истокот сега е ахиловата петица на Европа. Унгарија и Полска се симбол на нефункционалноста и институционалната слабост на ЕУ.

Да бидеме начисто – протерувањето на Унгарија и кредибилната закана против Полска дека би можело да ја снајде истата судбина, се сериозни одлуки кои не смее да се носат избрзано. Било која земја членка може да избере влада која би се обидела да ги ослаби демократските институции (како што беше случајот со Италија и Силвио Берлускони, или Британија со Борис Џонсон). Најдобар начин за справувањето со можни идни авторитарни владетели е да им се овозможи на демократските институции да си ја вршат работата и да им веруваат на гласачите дека ќе ги отстранат опасните политичари.

Но, Унгарија стана исклучок од правилото. По повеќе од една деценија на власт на партијата на Орбан, нејзината демократија се чини дека е фатално ранети и се појавува сомнеж дали гласачите воопшто ќе можат да го отстранат од власт овој режим. Колку подолго ЕУ продолжува да ја третира Унгарија како нормална демократија, толку повеќе штета ќе си нанесе себеси. Таа треба да почне постапка на менување на своите правила, за да може да преземе активност против Унгарија и Полска, дури и ако овие земји се обидат да го искористат своето право на вето.

Потоа, таа треба да се повика на членот седум од Договорот за Европска Унија и да го суспендира правото на глас на Унгарија, а потоа и да го прекине овозможувањето пари од ЕУ на оваа држава додека го изнајде најдобриот начин за прекинување на нејзиното членство во ЕУ. Неопходно е враќање на Унгарија во демократија, во еден вид на фото финиш, како неопходност за да може европскиот проект да опстане во живот.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Дарон Ацемоглу (Daron Acemoglu)

Дарон Аџемоглу, професор по економија на МИТ, е коавтор (со Џејмс А. Робинсон) на делото Why Nations Fail: The Origins of Power, Prosperity and Poverty („Што предизвикува пад на нациите: потеклото на моќта, просперитетот и сиромаштијата“) (Профил, 2019) и коавтор (со Сајмон Џонсон) на Power and Progress: Our Thousand-Year Struggle Over Technology and Prosperity („Моќ и напредок: Нашата илјадагодишна борба за технологија и просперитет“) (PublicAffairs, мај 2023 година).