Фотелјите поважни од одговорноста

Соња Крамарска

Политика

01.04.25

Прегледи

Додека во светот оставките се чин на одговорност, во Македонија зборот „оставка“ беше и остана имагинарна единица за неодговорност и грешки во работењето.

Во Македонија веројатно нема збор што повеќе се скандирал од зборот „оставка“. Со него, почнуваа и завршуваа сите протести во изминатите над три децении на самостојна и независна Македонија. А такви протести имаше многу. Транзицијата доведе до бурни настани, незаконска приватизација и губење на работни места, но и по тој процес, следуваа настани кои ги предизвикуваа граѓаните да излезат на улица и да го изразат своето незадоволство.

Меѓутоа, веројатно и нема друг збор како што е зборот „оставка“ кој се губи во политичкиот хоризонт без да се оствари во реалноста. Затоа што зборот „оставка“ во политиката во Македонија беше и остана имагинарна единица за неодговорност и грешки во работењето.

На почетокот на независноста на државата, со преземањето на одговорност изразена низ оставки, тргна добро. Во 1993 година, во втората влада на Македонија, падна првата оставка, на министерот за урбанизам, градежништво, комуникации и екологија, Антони Пешев. Причина за оставката беа две последователни авионски несреќи. Првата, на 5 март кога патничкиот авион „Фокер 100“ на компанијата „Палер Македонија“, кој превезуваше 97 патници, се урна при полетување. Во оваа несреќа загинаа 86 лица. Потоа, во ноември истата година, се урна во близина на Охрид и авионот „Јак-42“ на авиокомпанијата „Авиоимпекс“, кој леташе на релацијата Женева – Скопје. Во оваа воздухопловна несреќа настрадаа 116 патници и членови на екипажот.

И денес, 32 години подоцна, оставката на Пешев остана единствен репер за преземање одговорност и напуштање на функција без калкулации или игри во јавноста од типот „поднесена, но неприфатена“.

Еден од покрупните настани што ја одбележа поновата историја на Македонија беше атентатот на претседателот Киро Глигоров во 1995 година, но за жал, тој сѐ уште нерасветлен случај ќе остане запаметен во историјата и по оставката што ја поднесе тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, а тогашниот премиер Бранко Црвенковски - не ја прифати.

Понудена а неприфатена беше и оставката на министерот Миле Јанакиески, кој го водеше ресорот за транспорт и врски во Владата на Никола Груевски, откако во 2009 година, во Охридското езеро потона брод со 57 странски туристи, при што загинаа 15 лица. Слично беше и со оставките во 2021 година, по пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица. Оставка тогаш дадоа министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани, но тогашниот премиер Зоран Заев не ги прифати.

Некои даваат, а некои не ни помислуваат да дадат

Наспроти овие примери, имаше и оставки кои навистина завршија како оставки. Некои од подзаборавените се и оставките од 2001-2003, на некогашната железна дама на десницата Доста Димовска, која по аферата со прислушувањето прво ја напушти министерската функција во МВР, а потоа и партиските функции во ВМРО-ДПМНЕ и кормилото на Агенцијата за разузнавање. Македонија во своето политичко досие има и оставка на еден премиер – Хари Костов. Тој само пет месеци по преземањето на функцијата, во ноември 2004, се повлече од функцијата, а како причина ги наведе проблемите со ДУИ, коалициски партнер во тогашната влада на СДСМ.

Оставки во 2015 година поднесоа и министрите во Владата на Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески како и директорот на УБК Сашо Мијалков. Нивните оставки дојдоа по полициската акција во кумановското „Диво насеље“, во која загинаа осум полицајци, а 37 беа повредени. Оставка даде и Зоран Заев и од премиерската и од лидерската функција по поразот на локалните избори во 2021 година.

За жал, најмногу бодат очи оние функционери кои и покрај еклатантните случаи во нивните ресори, не ни помислија да понесат политичка одговорност. Така беше и во случајот со падот на владиниот авион во 2004, кога загина претседателот Борис Трајковски, а тогашниот министер за транспорт и врски Агрон Буџаку ниту понуди ниту даде оставка.

Извор: unsplash.com

Во мандатот на Лазар Еленовски во 2008 година падна армиски хеликоптер, при што загинаа 12 војници. Притисокот во јавноста се интензивираше, но тогашниот министер за одбрана одби да поднесе оставка. Во 2014-та, падна хеликоптер на МВР во кој загинаа четири лица, но министерката Гордана Јанкулоска не поднесе оставка. Јанкулоска не се повлече ниту во 2015, по скандалот со прислушување на над 20 илјади политичари од власта и опозицијата (вклучително и на неа), бизнисмени, новинари и други граѓани, иако според функцијата, министер/ка за внатрешни работи ја има најголемата одговорност во таа област.

Оставка изостана и од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, по поплавата во 2016 година, во која загинаа 22 лица. Оставки немаше, ниту за трагедиите со модуларната болница во Тетово, со сообраќајната несреќа во Бугарија со превозникот „Беса-транс“, во која загинаа, исто така во пожар, 44 македонски државјани, ниту за сообраќајната несреќа кај Ласкарци во 2019 година, во која загинаа 16 лица. Министрите Благој Бочварски од Министерството за транспорт и врски и Оливер Спасовски од МВР, тогаш меѓусебно си ја префрлаа одговорноста што автобусот возел со лиценца издадена за друго возило, но не помислија да дадат оставка.

И Кочани помина без оставки

Од сето погоре напишано можеме да заклучиме дека во Македонија зборот „оставка“ не е многу посакуван меѓу политичарите. Изгледа дека стравот од оставка е поголем од стравот од критики. Еве, дури и незапаметената  трагедија во Кочани, со такви размери и со такви последици, не предизвика никакви турбуленции во Владата. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, не ни помислува да даде оставка, иако од состојбите кои се открија по кобниот 16 март, стана јасно дека потфрлил целиот полициски систем во регионот на Кочани, вклучително и во Штип.

Додека премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали ќе даде оставка поради нефункционалноста на системот која доведе до смрт на 59 млади луѓе, а уште 4 се борат за живот и над 190 беа повредени, и ќе носат трауми цел живот, одговори: „Прво ќе ги поразам сите овие кои го доведоа овој систем да биде корумпиран, а потоа ќе излеземе на избори пред граѓаните и тие се најголемата морална потврда за кредибилитетот за еден политичар“.

Во нашата јавност често се користи терминот независна и непристрасна истрага. Тоа всушност, значи - да се повлечат сите лица кои биле на одредена функција во време кога се случил настанот и кои можат да влијаат врз истрагата, за да може да дојдат други лица кои немаат интерес за потенцијално заташкување или бришење на трагите што можат да доведат и до нивна одговорност. Но, за жал, во Македонија многу често се случува обратното и затоа истрагите во старт го губат кредибилитетот и поттикнуваат сомневања во јавноста за нивната објективност.

Можеби е посоодветно во првата наредна прилика да ги прашаме нашите политичари што треба да се случи за да дадат оставки од функцијата како чин на морална и политичка одговорност за одреден настан со трагични последици. Затоа што, помалку или повеќе, одговорноста е кај нив. Тие ја имаат најголемата моќ во државата, и затоа треба да ја имаат најголемата одговорност.

Се сеќавам на еден напис во „Нова Македонија“, по атентатот врз Глигоров, кога колегата новинар, во подолго образложение, полемизираше со Црвенковски и Фрчкоски зошто не беше прифатена оставката. „Во политиката“, напиша тој, „славата е голема, но исто така, и грешките “. „И грешките треба да се прифатат како што се прифаќа славата“.

Каде што има демократија, има и оставки

Во светот институтот оставка постои со децении наназад. Во САД „падна“ претседателот Никсон во 1972 година поради аферата Вотергејт. Британскиот премиер Борис Џонсон во 2022 година даде оставка откако беа објавени вести дека во време на Ковид, тој и неговите пријатели правеле приватни забави во премиерската резиденција, со што го нарушиле правилото против групирања на луѓе. И австрискиот премиер Себастијан Курц даде оставка во 2021, откако беа откриени финансиски манипулации во неговата партија. Тој притоа рече дека заминува за да не и пречи на истрагата и за да превенира хаос.

Но, да не должиме многу. Јасно е дека каде што има демократија има и оставки. А каде што нема доволно демократија нема ни доволно оставки. Таквата (не)култура на однесување во Македонија создаде услови секој нареден политичар кому ќе му се случи во мандатот настан со смртни последици, предизвикани од затајувањето на системот со кој управува, да смислува разни флоскули и да ги набедува сите дека се виновни, освен самиот тој.

Очигледно е дека политичките фотелји се секогаш на прво место, па поради тоа, неретко гневот на јавноста се насочува кон партиите наместо кон поединци кои не си ја работат работата. Овие политички лекции во нашата држава сѐ уште не се научени.

Соња Крамарска

Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.