Изградбата на јужната гасна интерконекција и сè посериозните најави дека американските компании би можеле да преземат некои од клучните инфраструктурни проекти, како што се делови од автопатот 5C, се најсуштинската геополитичка промена во Босна и Херцеговина во последниве десет години.
Во суштината на овој процес е прашањето до кој степен ќе се намали руското влијание во БиХ кога земјата ќе добие алтернативен извор на гас и откако американскиот капитал ќе стане присутен во стратешката инфраструктура.
Босна и Херцеговина е речиси во целост зависна од рускиот гас, кој влегува во земјата преку Турскиот тек и Србија. Оваа зависност со години претставува клучен инструмент на руското влијание во БиХ, особено во политичките структури кои одржуваат блиски односи со Москва. Според податоците од Институт за енергетика на Југоисточна Европа, БиХ има увезено 225.48 милиони кубни метри гас во 2023 година, и тоа 100% од Русија.
Како што предупредува експертот за енергетика Алмир Бечаревиќ, БиХ е во исклучително ранлива позиција бидејќи има „само една поврзаност, нема складирање и нема можност за итно пренасочување кон други извори“. Тој потенцира дека гасот „секако постои, но по која цена“ и дека секое ограничување на купувањето преку Турски тек би ја ставило БиХ во позиција „последна во редот“, што би довело до нови зголемувања на цените.
БиХ е една од најранливите точки во Европа
Според меѓународната анализа на „Пајплајн Технолоџи Џурнал“, БиХ е една од ретките европски земји што не ги диверзифицираше своите извори по случувањето на руската инвазија на Украина, што „ѝ овозможи на Русија да го одржи својот гасен монопол во БиХ“.
Од тие причини, меѓународните експерти за енергетика со години предупредуваат дека БиХ е една од најранливите точки во Европа кога станува збор за енергетскиот притисок од страна на Москва. Политикологот Хамза Карчиќ нагласува дека јужната интерконекција би ги намалила енергетска зависност од Русија и ранливоста на Федерацијата Босна и Херцеговина на политичките притисоци од Република Српска“, и тоа дека проектот претставува „американски стратешки одговор на руското влијание во регионот“.
Амбасадата на САД во Сараево отворено изјави дека јужната интерконекција е единствениот реален проект што БиХ може да ја спаси од целосната зависност од руски гас. Во официјалното соопштение од Амбасадата се наведува дека јужната интерконекција е „единствениот моментално изводлив проект што би ѝ овозможил на БиХ да ја прекине својата целосна зависност од еден извор – Русија“ и дека би овозможил „илјадници нови работни места и долгорочна енергетска безбедност“.
Американскиот дипломат Џон Гинкел дополнително предупреди дека БиХ влегува во критичен период.
„Босна и Херцеговина зависи 100 проценти од рускиот гас, а тоа снабдување не е сигурно. ЕУ го забранува рускиот гас а Бугарија ќе престане да го пропушта до 2028 година. На БиХ ќе ѝ треба нов извор на гас, а јужната интерконекција е единственото одржливо решение.“
Извор: envato
Овие пораки јасно покажуваат дека Вашингтон гледа на проектот од стратешки аспект, а не само во економска смисла. Американскиот министер за енергетика, Крис Рајт, нагласи дека инвестицијата во Јужната интерконекција е „клучна за долгорочна енергетска безбедност и прекинување на зависноста од рускиот гас“, што е една од најдиректните изјави на висок американски функционер во врска со БиХ и во контекст на руското влијание.
На конференцијата на P-TEC во Атина, американските министри Даг Бургум и Крис Рајт предупредија дека „секој ден одложување на јужната интерконекција го зголемува ризикот за енергетската безбедност на БиХ“ и дека „е време да се постигне компромис и проектот да започне без понатамошни блокади“.
Геополитички удар врз руското влијание
Јужната интерконекција е геополитички удар врз руското влијание од неколку причини. Прво, БиХ би добила пристап до терминалот за течен природен гас на островот Крк, што значи дека гасот повеќе не мора да биде руски – може да биде американски, од Катар, од Алжир или од Норвешка. Второ, американските компании преземаат клучна улога во развојот и управувањето со проектот, што значи долгорочно американско присуство во енергетскиот сектор на БиХ и намалување на просторот за руските и српските енергетски интереси. Трето, намалувањето на енергетската зависност автоматски го намалува политичкото влијание на Москва, која со години го користи гасот како инструмент за притисок, особено преку структурите во Република Српска.
„Пајплајн Технолоџи Џурнал“ потсетува дека концептот за јужна интерконекција е создаден уште во временот на прекин на снабдувањето од страна на Русија во 2009 година, кога 100.000 домаќинства во БиХ две недели останаа без греење – што покажа колку е ранлива БиХ на руските одлуки за енергетика.
Иако помалку се споменува во јавноста, потенцијалното ангажирање на американски компании за изградбата на автопатот 5C во БиХ има слично геополитичко значење како и гасоводот. Инфраструктурата е долгорочен инструмент на влијание – кој и да ја изгради, таа ќе остане. Американските компании како што е „Бехтел“веќе суштински се вклучени во инфраструктурни проекти во регионот, од Хрватска до С. Македонија. Нивниот влез во БиХ би значел долгорочно економско присуство на САД, зајакнување на политичките врски и намалување на просторот за кинески и руски инвестиции.
Русија претходно веќе предупредуваше дека ќе „реагира негативно“ на обидите за намалување на нејзиното енергетско влијание во регионот. Иако не се очекуваат директни мерки, Москва би можела да ја зголеми политичката поддршка за актерите во БиХ кои се противат на јужната интерконекција, да користи медиумски и пропагандни канали за дестабилизација на проектот или да понуди поповолни цени на гасот за да го задржи пазарот. Сепак, на долг рок, губењето на енергетскиот монопол е удар од кој опоравувањето е тешко.
Најголемиот отпор кон проектот доаѓа од политички структури кои имаат блиски врски со Москва. „Пајплајн Технолоџи Џурнал“ пишува дека „босанските Хрвати го блокираат проектот со години, барајќи нова компанија со седиште во Мостар“, што, според истиот извор, „беше критикувано од САД и ЕУ поради тоа што тоа претставува директна закана за енергетската безбедност на БиХ и го одржува рускиот монопол“.
Исчезнувањето на рускиот монопол
Американската администрација, според дипломатски извори, вршела силен притисок за донесување на законот, што се случило кон крајот на 2024 и почетокот на 2025 година. Ова покажува дека Вашингтон повеќе не сака стратешките проекти да зависат од локалните политички блокади и дека е подготвен директно да интервенира за прашања што ги смета за клучни за стабилноста на регионот.
На краток рок, руското влијание во Босна и Херцеговина нема да исчезне. Москва сè уште има силни политички врски во босанскиот ентитет Република Српска, медиумско влијание и економски интереси во регионот. Сепак, на среден и долг рок, изградбата на јужната интерконекција и влезот на американски компании во инфраструктурни проекти драматично ќе го намалат руското влијание.
Кога гасот ќе почне да пристигнува преку Хрватска, рускиот енергетски монопол исчезнува, а со него и клучниот инструмент за политички притисок. Доколку американските компании го преземат автопатот, БиХ ќе се најде во ситуација каде што САД градат клучна енергетска и транспортна инфраструктура, додека ЕУ финансира поголем дел од другите стратешки проекти. Во таква средина, руското влијание би се редуцирало на симболични пораки и на политички сојузници, без вистински инструменти за притисок.
Овој процес нема да биде моментален, но ќе биде неизбежен. Диверзификацијата на енергијата и присуството на американската инфраструктура претставуваат тектонско поместување во геополитичката рамнотежа во Босна, а Русија ќе се соочи со тешкотии да се прилагоди на новата реалност во која повеќе нема да ги контролира клучните лостови на моќ.
