fbpx

Изгладни, па владеј

Виктор Јакимовски

Политика

14.07.22

Прегледи

Дали сме на чекор до една од најголемите хуманитарни катастрофи во поновата светска историја?

„Вепонизацијата“ на гладот не е непозната како воена тактика, бидејќи едни од најцврстите тврдини низ историјата паѓале така, одвнатре, од глад. Но, сигурно е незамисливо вакво нешто да биде користено во 21-от век. Сепак со војната во Украина повторно се јавија „злите духови од минатото“. Дали сме на чекор до една од најголемите хуманитарни катастрофи во поновата светска историја?

Откако западните земји и наметнаа на Русија сериозни економски санкции, официјален Кремљ својата економија како да ја претвори во „воена економија“. Очекувано беше дека ќе следат реципрочни мерки и дека Русија ќе го извади веќе познатиот адут – нафтата и гасот и ќе возврати кон западните економии, или барем ќе ги користи како инструмент за создавање на поволни позиции. И тоа не беше тешко да се предвиди споредено со тоа што се случуваше по анексијата на Крим.

Но, „вепонизација “ на храната е сосема нова и многу опасна димензија која произлегува од овој конфликт која може да доведе до глобален глад!

Украина и Русија – „фармите на светот“

До пред почетокот на војната, Украина и Русија беа „фармите“ кои снабдуваа значаен број на региони во светот со најважните земјоделски производи: пченица, сончоглед и пченка. Низ бројки прикажано, во однос на пченицата, Русија е трет, а Украина осми најголем производител во светот. Вкупно, тие заедно сочинуваат околу 30% од светската трговија на пченица; сончоглед – Украина е прв, а Русија втор најголем производител во светот или вкупно заедно над 50% од светското производство; Украина исто така е и петти најголем производител на пченка во светот.

Овие бројки доволно говорат за тоа колку светот е зависен од нормалното функционирање на земјоделството и нормалната трговија од овие две земји, кое во Украина моментално не функционира затоа што во најплодните региони: Харков, Днепропетровск, Запорожја, Одеса и Доњецк се водат најжестоките борби.

Дури и да можат да работат, ќе немаат каде подоцна да го складираат, бидејќи најголем дел од складиштата се полни од жетвата од пред почетокот на војната и онеспособеноста за извоз.

Во што е проблемот?

Извозот на овие добра (најмногу пченица и сончоглед) од Украина се одвива преку товарни бродови, кои подоцна треба да завршат во некои од африканските земји, земјите од Блискиот Исток и Југоисточна Азија (како едни од најголемите и најзависните увозници).

Имено, украинскиот извоз е оневозможен во голема мера поради војната и ситуацијата на теренот, присуството на руски воени бродови во Црното Море (околу Крим и не многу далеку од Одеса) кои не дозволуваат никаков брод да излезе од украинските води, но и поради поставувањето на поморски мини во водите околу Одеса (каде е и клучното пристаниште) од страна на украинската морнарица, со цел спречување на евентуален амфибиски напад или пукање.

Токму поради ова, веројатно е дека претходната жетва веќе ќе почне да скапува, а овогодинешната, која ќе се случи во значајно помала мера, да не може да се извезува. Вака поставено, Украина може да дојде до ситуација да треба таа да увезува!

Но покрај Украина, ова ќе биде уште поголем проблем за неразвиените земји во Африка!

Глад во Африка и Блискиот Исток?

Египет е една од поголемите земји која е прилично зависна од пченицата која доаѓа од Украина (26.4%) и Русија (32.1%). Исто така, едни од најнеразвиените земји во светот се зависни од увозот на пченица која доаѓа од овие две земји: Сомалија (100%), Бенин (100%), Лаос (94%), Судан (75%),  ДР Конго (69%), Сенегал (66%) и Танзанија (64%).

Овие земји, и уште плус десетина или повеќе ќе бидат најмногу погодени од две основни причини предизвикани директно од војната.

Извор: depositphotos.com

Првата причина е онаа евидентната, односно неможноста да се најде алтернативен увоз за толку краток период, бидејќи другите земји кои се меѓу најголемите извозници веќе си имаат обезбедено свои пазари. Втората причина е предизвикана директно од војната во Украина, но влијае индиректно.

Имено, европските земји и воведоа санкции на Белорусија и белоруски компании со државна сопственост поради инволвираноста во војната во Украина.

На таа листа се најде и „поташа“ компанијата „Belaruskali OAO“, која е и една од најголемите компании во државна сопственост. „Potash“ инаку во англиската терминологија се користи за минерални соединенија кои содржат калиум. Се работи за една од најважните состојки во производството на вештачко ѓубриво, а исто така и е една од трите клучни хранливи материи потребни за оплодување на основните култури како оризот, пченицата, шеќерот и сојата, обезбедувајќи да има доволно од овие основни продукти за да се хранат и луѓето и добитокот.

Belaruskali OAO се занимава со целиот белоруски извоз на поташа и е втор најголем производител во светот. До пред санкциите, компанијата контролираше околу 20% од глобалниот пазар и најмногу извезуваше во Кина, Индија и Бразил. Овие земји исто така важат за едни од најголемите производители на храна во светот. Поради проблемите на глобалното снабдување со поташа, кое околу 40% доаѓа од Русија и Белорусија, се дестабилизира снабдувањето и се јавува глобален недостиг, како и ценовен шок на вештачко ѓубриво, кое е клучно во производството на споменатите култури.

Токму со овој проблем најпогодени стануваат африканските земји, кои и онака се многу зависни од него поради тамошните услови. Во вакво сценарио, неколку региони во Африка ќе бидат во глад а неколку земји ќе бидат на граница на глад!

Геополитички аспект и кон што води сето ова?

Претпоставките велат дека сме на чекор до глобален недостаток на храна. Кризата со пченицата и пченката има круцијално влијае и врз одгледувањето и исхраната на добитокот, а со тоа и на целата месна и млечна индустрија. Сето ова има „домино ефект“.

„Постои реален ризик да се прогласат повеќекратни гладови во 2022 година, а 2023 може да биде уште полоша“изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

 „Законот или моќта на брашното“ вели дека кога има глад следат револуции. Револуциите секогаш следат кога народот ќе го изгуби парчето леб, бидејќи што друго веќе може да изгуби? Во гореспоменатиот најголем увозник на украинска пченица, Египет, веќе постои случај кога во 1977 година има избиено „немири за леб“.

Со блокадата на украинските бродови, Русија веројатно има за цел дополнително економски да ја истроши Украина и да ја принуди на капитулација. Но со блокадата, Русија, намерно или ненамерно, го блокира и снабдувањето со храна кон африканските земји, што на некој начин и оди во прилог.

Прво, Русија ќе може да се понуди како снабдувач и да ги направи зависни од неа овие земји. Второ, при евентуален глад секогаш има миграции и револуции, од кои подоцна пак следат миграции. Тие миграции, поради географската близина, веројатно е дека ќе бидат насочени кон земјите на ЕУ, кои патем веќе примија над 7 милиони Украинци.

Во вакво сценарио, на агендата на ЕУ пак би се нашол проблемот со мигрантите, кој во одредена мера кога беше сириската бегалска криза придонесе и да се случи Брегзит, па и да се создадат поделби во Унијата, како и фундаментални поделби во самите нации во однос на ова прашање. Во „старите“ проблеми повторно ќе биде и Западен Балкан.

Сето ова директно оди во прилог на геополитичките интереси на официјален Кремљ, особено во ваков период.

ЕУ веќе ја има воочено опасноста која што може да произлезе од евентуален ваков след на настани и очигледно е дека веќе има започнато подготовки, и економски и оперативни. Многу веројатно е дека во оние оперативните подготовки и планови, може да се третира и ставањето на Договорот за Фронтекс со Македонија на „брза лента“.

Виктор Јакимовски

Виктор Јакимовски е дипломиран политиколог. Своите студии ги завршил на Правниот факултет „Јустинијан Први" - Скопје. Во моментов ги изучува своите магистерски студии по меѓународни односи, европски интеграции и дипломатија на истиот факултет.