Македонија: Невидлива за Трамп, на радарот на Брисел

Соња Крамарска

Политика

11.04.25

Прегледи

Во очекување на разврската во глобалната геополитика, Македонија треба да има на ум дека кога ќе се скараат големите ќотекот го јадат најмалите!

Македонија и САД на 7 мај 2008 година потпишаа Декларација за стратешко партнерство и соработка. Во Декларацијата стои дека двете земји сакаат да ги зацврстат своите стратешки односи преку интензивирање на консултации и соработка во областите на безбедност, врски меѓу граѓаните, како и во трговијата. Исто така, САД преку оваа Декларација ја потврдија и својата поддршка на принципите на суверенитет и територијален интегритет на унитарна и мултиетничка Македонија во нејзините постоечки граници. Потписници беа тогашниот министер за надворешни работи на Македонија Антонио Милошоски и тогашната државна секретарка на САД, Кондолиза Рајс.

Зошто анализата за денешните случувања околу тоа дали како држава сме или не сме со старо-новиот американски претседател Доналд Трамп, почнува со еден таков далечен настан? Затоа што со тоа веднаш се разјаснува дека поддршката и пријателството со САД не се политички успех на сегашната Влада, туку постојат од порано. И не само од таа 2008 година, туку практично, од осамостојувањето на Македонија.

Пребарувајќи ги документите за потпишувањето на Декларацијата во 2008 година, наидов на уште поексплицитен пример за тоа колку САД беа на страната на Македонија и тоа во миговите кога најмногу се соочуваше со грчкото негирање.

На брифинг во Форис прес центарот во Вашингтон, непосредно по ветото на Грција во Букурешт, во таа 2008 година, помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Даниел Фрид, на обвинување на грчки новинари дека САД се ставиле на страната на Македонија барајќи да влезе во НАТО под кованицата ПЈРМ, речиси дрско им одговори: „Не гледам причина да се извинувам за многу активната американска улога“.

На истиот брифинг, високиот американски претставник отворено им контрираше на грчките новинари кога рекоа „таканаречената македонска етничка припадност и македонски јазик“.

„Не мислам дека е таканаречен. Македонскиот јазик постои. Македонскиот народ постои. Знаете дека предаваме македонски на Институтот на форин сервисот“, им рече Даниел Фрид.

САД децениска потпора за Македонија

Овие навраќања во минатото се важни за да можеме од денешна временска дистанца да го определиме времетраењето на американската поддршка на Македонија. Значи, таа не почнува сега. Денес некои аналитичари присуството на премиерот Христијан Мицкоски на настанот по повод инаугурацијата на Доналд Трамп, го нарекоа голем пробив на македонската дипломатија.

Но, тоа не е никаков пробив бидејќи поддршката на Македонија од САД е со децениски континуитет. Почна уште од 1994 година, кога САД формално ја признаа Македонија како самостојна и независна држава, а следната година се воспоставија и дипломатски односи. САД и ЕУ помогнаа дипломатски да се заврши и внатрешниот конфликт во 2001 година, да се најде политичко решение за етничкиот конфликт и општеството да продолжи напред.

Впрочем, за целиот историјат на македонско-американските односи може да се прочита во детали на интернет страницата на амбасадата на САД во нашата земја, од каде недвојбено може да се заклучи дека тие се развиваа по нагорна линија од почетокот на осамостојувањето на нашата земја па сѐ до денес. Хронолошки гледано, пријателството меѓу двете земји е подеднаква заслуга на сите партии. По Декларацијата за стратешко партнерство и соработка во 2008, Македонија и САД во јуни 2022 почнаа и стратешки дијалог, со кој повторно беше нагласена поддршката на САД на безбедноста и просперитетот на земјата и регионот.

И влезот во НАТО, откако претходно беше решен спорот за името со Грција, беше помаган од САД. Речиси да нема позначајни процеси кои се случуваа во и околу Македонија а беа важни за нејзината безбедност, кои не беа управувани од Американците за кои нашата држава беше фактор за стабилност во регионот. Притоа, важно за денешните настани и политички контексти е што ВМРО-ДПМНЕ, која остро се противеше на Преспанскиот договор, денес се обидува да го игнорира фактот дека претседателот Трамп во времето на неговиот прв мандат во Белата Куќа, силно го поддржа тој Договор и го нарече најголемо достигнување во регионот по Дејтонскиот договор со кој беше запрено крвопролевањето во Босна и Херцеговина.

Извор: unsplash.com

И затоа, денеска да се тврди дека актуелната Влада има ексклузивно право над  цврстината на македонско-американското пријателство е во најмала рака дезинформација.

Трамп и периферијата

Но, што е тоа што ја предизвика внатрешната поделба во Македонија околу односите со САД во изминатите два месеца? Одговорот на тоа прашање сите го знаат, тоа е земјотресот што го предизвикаа првите потези на Трамп по неговото враќање во Белата Куќа, а сеизмичкиот потрес е толку многу силен што рашири бранови од несигурност и нервоза низ светот. Особено се збунети државите - традиционални пријатели со САД, токму како што е нашата земја. Дома кај нас се отвори и дебата дали Владата (з)греши што отворено го поддржа Трамп кој отвори трговска војна со Европа, во тајминг кога Македонија се бори за место во Европската Унија.

Меѓутоа, наивно е да се очекува дека старо-новиот американски претседател забележал дека меѓу европските земји кои остро го напаѓаат поради неговите политики има една мала балканска држава на периферијата на европскиот континент која реши да оди наспроти ветрот и да му даде поддршка. Но, за разлика од Трамп, во Европската Унија е сигурно забележано дека покрај унгарскиот лидер Виктор Орбан кој е традиционален внатрешен опонент на Унијата, и Македонија се придружи кон неговата безрезервна поддршка на американскиот претседател. Орбан барем одржува и лично пријателство со Трамп кој го прими на луксузниот имот во Флорида брзо по обидот за негов атентат за време не изборната кампања.

Дебатата е потребна

Дебатата што се отвори во Македонија за тоа како треба да си ги заштити стратешките интересие легитимна и потребна. Настојувањата Владата да се прикаже како про-американска, а сите што го критикуваат Трамп анти-американски настроени, не помагаат во дискусиите, бидејќи го одвлекуваат вниманието од суштинското прашање: што може Македонија да добие од САД за возврат а што може да изгуби од ЕУ како „казна“ за заземањето страна кон Трамп? Појдовната основа за одговорот на ова прашање е дека Македонија, во моментов, е невидлива за Трамп, а од друга страна, се наоѓа на радарот на ЕУ.

ЕУ, пак, се наоѓа во тешка ситуација бидејќи е принудена да го прекројува буџетот и да направи драстично поголеми зафаќања за зголемување на воени трошоци, односно, за помош на Украина. Тоа може да се одрази на издвојувањата за финансиска помош на земји како што е нашата, која по запирањето на операциите на УСАИД, ќе стане многу зависна од европска помош. Но, ако е за утеха, ситуацијата на руско-украинскиот фронт се менува од ден во ден, со оглед дека веќе се почнати обиди за запирање на војната, а ако заврши со успех, може да дојде во промени и во буџетските планирања на Унијата.

Македонија многу им должи на САД. Не е тоа само милијардата долари кои влегоа по разни основи како американска помош, неспорен факт е и дека за држава која уште сѐ движи по патот на развојот, е од круцијална важност да одржува добри односи со големите сили како САД. Тоа нашата дипломатија досега го почитуваше и успешно балансираше, па дури пред војната во Украина, одржуваше добри односи и со Русија, наспроти тензиите меѓу Москва и Вашингтон.

Затоа, да се говори за влошување на односите со САД е нереално и е занемарување на фактите. Американски претседатели биле критикувани и досега во Македонија. Сетете се само какви оцени и навреди беа изрекувани кон претходниот претседател Џо Бајден или кон Џорџ Буш Јуниор, кои главно доаѓаа од поддржувачите на десниот камп. Но, тоа спаѓа во демократијата, и ниту САД, а ниту владите кои во тоа време беа на чело на Македонија, не гледаа во тоа причини за некакво влошување на односите.

Едниот критикуван, но другиот навредуван

Важно е да се направи и разлика дека Трамп во Македонија добива критики а не навреди од типот „сенилен“, „не знае каде се наоѓа“, „дедо“, „изгубен“, како што на пример, се даваа квалификации за неговиот претходник. Од критики за политиката, па дури и да се поостри и со употреба на метафори („трансакциски политичар“ како што вели експретседателот Стево Пендаровски) до навредите на лична основа разликата е голема. Но, да не се грижиме премногу, бучниот американски претседател добива многу пострашни навреди дома во САД, отколку кај нас. И тој добро се носи со тоа.

Што е важно за Македонија во ова „ново нормално“, како што го нарече шефот на Владата, Христијан Мицкоски? Внимателно да ги одбере своите политички приоритети, особено во ситуација кога САД и ЕУ не дејствуваат унисоно. САД за Македонија можеби се нозете, но ЕУ и се крилјата. Добро е што амбасадата на САД во Скопје, по првичната збунетост, полека се враќа на теренот и повторно можеме да ја видиме во јавност, што е доволен знак дека Вашингтон продолжува со претставувањето на своите интереси во нашата држава.

Во нејзината изјава дека е воодушевена што македонскиот премиер трет пат отиде во САД за девет месеци власт, не се крие никакво одушевување кон Владата, туку вообичаено задоволство што односите меѓу двете земји се одвиваат непречено и по смената во Белата Куќа.

„САД не си одат, работиме и правиме фантастични настани“, рече американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, на промоцијата на донацијата на мобилно оперативно возило за Црвениот крст. Тоа се доволно сигнали дека некој таму, во новата администрација, ја нашол на нивната дипломатска мапа и нашата земја и веќе издал насоки за пораките што треба да ги испрати нивната амбасада во Македонија.

Но, САД не се тие што можат да ја приближат Македонија кон ЕУ, туку самите држави од Унијата и водството на Унијата се тие што треба да дадат зелено светло. „Високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следниве два до три месеци и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред“, рече и ЕУ амбасадорот Михалис Рокас, при ставањето камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин Маркова Нога. И оваа изјава навестува дека по смирувањето на бурата за „новото нормално“, работите ќе се нормализираат и ќе продолжат по својот вообичаен тек.

Барем за Македонија, која во очекување на разврската во глобалната геополитика треба да има на ум дека кога ќе се скараат големите, ќотекот го јадат најмалите.

Соња Крамарска

Соња Крамарска, е новинар, автор на повеќе фељтони и други публикации, поранешен главен уредник на „Утрински весник“ и на порталот НоваТВ. Во својата кариера е наградувана со награди новинар на годината и со највисоката награда „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Има поминато една академска година на универзитетот Оклахома во САД во рамки на програмата за професионален развој. Работела и како советник за политички прашања и комуникации на министерката за одбрана Радмила Шекеринска.