Во Црна Гора се случувало државата да експроприра земјиште кое на крајот ќе остане надвор од автопатскиот појас, а во Македонија се водат околу 500 постапки за определување на надоместок за експроприрана недвижност, бидејќи дел од граѓаните кои имаат имот на трасата на автопатот тужат - незадоволни од добиените средства.
Делниците од автопатиштата изградени со кинески заеми во Северна Македонија и Црна Гора се во различни фази на завршување.
По искуството со заемот и изведувачот од Кина, Црна Гора има намера да го изгради преостанатиот дел од автопатот Бар-Бољаре во поинаков аранжман, поддржан со заеми и грантови од ЕУ. За ова, меѓу другото, потребна е примена и почитување на стандардите на ЕУ при изборот на финансиерите, проектантите и изведувачите.
Во средината на јули беше потврдено дека Европската комисија ѝ одобрила грант од 100 милиони евра на Црна Гора за поддршка на изградбата на следната делница од автопатот Бар-Бољаре, меѓу Матешево и Андријевица, чии трошоци за изградба се проценуваат на околу 600 милиони евра. Делегацијата на ЕУ во Подгорица соопшти дека придонесот од 100 милиони евра од ИПА III фондовите претставува прва транша од поддршката на ЕУ, по која ќе следи и втора, вредна до 100 милиони евра, како следна транша од фондовите на ЕУ. „Црна Гора ќе примени конкурентни процедури за јавни набавки и транспарентни процеси за спроведување на работата кои се усогласени со европските стандарди“, соопштија од Делегацијата.
Свлечишта и одрони
Меѓутоа, во Северна Македонија е изграден само еден од двата кинески автопата, а тоа е автопатот Миладиновци-Штип долг 47 километри, кој беше пуштен во употреба во јули 2019 година. Изградбата чинеше 177,3 милиони евра, така што не се искористени сите средства што ѝ се ставени на располагање на земјата со потпишаниот договор со кинеската банка „Ексим“.
Но, и по пет години од официјалното пуштање во употреба на автопатот, возењето на оваа делница е ризик, особено по обилни врнежи. На делови од автопатската делница има „водопади“ кои паѓаат директно на коловозот, додека при обилни врнежи на коловозот се слева и земја. Она што е најопасно се свлечиштата на автопатот, кои се активни и денеска.
На дел од автопатот Миладиновци-Штип се засадени садници од багрем за да се намали ризикот од одрони, но засадувањето не помогна на сите места. На падините до автопатот каде се појавуваше проблемот, свлечиштата се санираа со дополнителна изградба на потпорни ѕидови, како и со насипување на големи камења врз свлечиштата за да се спречи понатамошно активирање на одрони.
Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека за градежни работи на автопатот Миладиновци-Штип кои не биле комплетирани од кинеската компанија „Синохидро“ дополнително се потрошени 272.680.747 денари или нешто над 4,4 милиони евра. Овие средства не се покриени од кредитот земен од кинеската банка „Ексим“, поради истекувањето на заемот во јануари 2019 година.
На веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта и во Програмата за работа за 2024 година на ова јавно претпријатие се наведува дека годинава ќе се предвидат средства за „докомплетирање на недовршени градежни работи“ на овој автопат. Од ова јавно претпријатие појаснуваат дека станува збор за градежни работи надвор од автопатот кои се потребни за комуникација на локалното население во Свети Николе, а кои не биле комплетирани од „Синохидро“ поради истекувањето на кинескиот заем.
Проблем со свлечиштата постои и на автопатот Кичево-Охрид, кој не е пуштен во употреба до денешен ден. Иако првично требаше да биде завршен во 2018 година, најновиот рок за завршување на автопатската делница долга 57 километри е 31 декември 2026 година. Шестиот анекс за продолжување на рокот за изградба усвоен е на седницата на Собранието што се одржа на 1 април 2024 година.
Извор: Архива на авторот
Почетната цена по која кинеската компанија „Синохидро“ требаше да го изгради автопатот Кичево-Охрид се зголеми од првичните 374 милиони евра на актуелните 598 милиони евра. И покрај тоа што Владата на СДСМ се задолжи со дополнителни 180 милиони американски долари за довршување на градежните работи во текот на 2019 година, претходниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски, пред своето заминување од функцијата во пролетта 2024 година, изјави дека на овој автопат се појавиле 13 нови свлечишта кои ќе бараат дополнително проектирање и нови технички решенија за довршување на проектот.
Од Јавното претпријатие за државни патишта не можеа да одговорат колкави ќе бидат дополнителните средства што ќе се издвојат за санација на новонастанатите свлечишта и дополнителните градежни работи, ниту пак дали дополнителните средства повторно ќе се земат од кинеската банка „Ексим“.
„Финансиската анализа ќе се направи по изработката на основните проекти за стабилизација и заштита на косините“, накратко одговорија од Јавното претпријатие за државни патишта, додавајќи дека препроектирањето на новите свлечишта треба да заврши до мај 2025 година.
Ова значи дека сумата од 598 милиони евра за завршување на автопатот Кичево-Охрид можно е да не биде доволна за сите градежни работи, додека дополнителните преговори со изведувачот и со заемодавачот треба да ги доврши новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Недостаток на проектна документација
Професорот од Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Зоран Кракутовски објаснува дека негови колеги од факултетот работат на пронаоѓање на технички решенија за свлечиштата на автопатот Кичево-Охрид, но и додава дека во иднина, при изградба на други инфраструктурни зафати, покрај комплетна и добро подготвена техничка документација, сите поголеми проекти треба да содржат и анализи на ризици и мерки за нивна превенција.
„Недостатокот од проектна документација е од почетокот на градбата, но тогашната политичка структура на власт одлучи да се почне со градба, што се покажа со време како недостаток во реализација на проектот“, вели тој.
Професорот од Градежниот факултет додава дека сепак е добар потегот што не се прекинал договорот за изведба на автопатот Кичево-Охрид со кинеската компанија „Синохидро“.
„Имаме примери со изведувачи кои беа избрани и по неколку години беа раскинати договорите со нив во делот на градба на железничката инфраструктура. Овие проекти сѐ уште се незавршени, а доста време помина од почетокот на проектите“,објаснува професорот Кракутовски.
Дека ова не е само македонски проблем сведочи и примерот од Црна Гора: По 45 месеци официјална изградба и неполни три месеци пред првично планираното завршување на автопатските работи (мај 2019), не постоеше комплетен главен проект, туку истиот беше завршен „во проценти изразено 98 отсто“, како што соопштија од Владата. Отпосле се покажа дека тоа не било проблем за изведувачот и подизведувачите - работите се изведувале без главниот проект, а понекогаш и надвор од она што тој го посочувал.
Така се случувало државата да експроприра земјиште, кое на крајот ќе остане надвор од автопатскиот појас. Забележани се уште поапсурдни ситуации: додека Министерството за транспорт на Црна Гора се подготвуваше за експропријација на земјиштето на клучката „Смоковац“, Министерството за земјоделство даваше субвенции за засадување лозје на истата локација... Кога ќе биде комплетирана клучката (заедно со постојниот излез кон Подгорица, предвиден е и крак за обиколницата околу Подгорица и вкрстување со идниот Јадранско-јонски автопат), таа локација ќе остане пустош во северното предградие на главниот град на Црна Гора.
Слични проблеми се случуваат и во Северна Македонија. Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека заклучно со декември 2023 година се завршени 78,73% од севкупните градежни работи и за нив се издвоени 470.908.086 евра.
Сепак, она што ја компликува изведбата на градежните работи на терен се многуте отворени прашања. Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека постапката за експропријација на земјиштето е целосно завршена, со исклучок на постапките за експропријација за паралелните пристапни патишта. Меѓутоа, пред основните судови во Кичево и Охрид се водат околу 500 постапки за определување на надоместок за експроприрана недвижност, бидејќи дел од граѓаните кои имаат имот на самата траса на автопатот тужат - незадоволни од добиените средства.
Во согласност со договорот склучен со кинескиот изведувач „Синохидро“, комплетното средување на експропријацијата на земјиштето е обврска на македонската држава и нејзините институции.
Го чекаме продолжението на приказната. Среќниот крај е сè уште далеку.