fbpx

Неуспехот на европската енергетска политика

Андерс Ослунд

Политика

09.09.22

Прегледи

Зголемените цени на енергијата кои се случија по руската инвазија на Украина јасно ставија до знаење дека на Европската унија ѝ е потребна посилна, пообединета и покохерентна заедничка енергетска стратегија. Долгогодишното неодговорно и жестоко однесување на клучните играчи, особено на Германија, доведе до тоа случувањето на денешнава криза да биде само прашање на време.

Зголемените цени на енергијата се катастрофални за европската економија и за нејзините политичари. Но, со оглед на тоа колку бесмислени беа европските енергетски политики, економската болка што тие ја предизвикаа не треба никого да изненади.

Европските политичари мора да го преиспитаат својот пристап. Хаосот во кој сега се наоѓа Европа беше предизвикан не толку од политиката на Европската унија колку од отсуството на таква политика. На ЕУ ѝ треба посилна, пообединета и многу покохерентна заедничка енергетска стратегија.

Енергетската политика на ЕУ веќе со години се движи и започнува како одговор на неочекувани проблеми, од кои повеќето беа предизвикани од Русија. На пример, Русија ја прекина испораката на гас во Европа за време на студениот месец јануари во 2006 година; но бидејќи ова нарушување траеше само четири дена, Европа не се разбуди со долгорочни импликации.

Потоа, во исклучително ладниот месец јануари во 2009 година, Русија казнено ја прекина испораката на гас преку Украина, што доведе до прекин на испораките за 18 европски земји во период од две недели. Овој пат, ЕУ се разбуди (барем малку) и го усвои својот трет заеднички енергетски пакет за гас и електрична енергија.

Со залагањето за диверзификација, овозможување на пазарот и раздвојување на енергетскиот сектор, ваквиот пакет имаше вистинско влијание, бидејќи значеше дека на производителите на гас и електрична енергија повеќе не им беше дозволено да ги поседуваат и гасоводите и мрежите. Гаспром беше принуден да ги продаде своите гасоводи на Балтикот, а Литванија и Полска беа повикани да воспостават терминали за течен природен гас (ЛНГ).

Притоа, Германија беше преголема и многу битна на самата себеси за да се занимава со такви промени. Таа отиде во спротивна насока и направи суштински грешки на таквиот пат. Непосредно пред да биде сменет од власт на изборите во 2005 година, германскиот канцелар Герхард Шредер го одобри гасоводот Северен тек 1 кој патува од Русија до Германија преку Балтичкото Море. И дури откако Русија го анектираше Крим во 2014 година, тој и другите германски познати личности продолжија да се залагаат за Северен тек 2, што ќе ја направеше Германија уште позависна од рускиот гас. Не само што Германија би го купила целиот гас што ѝ е потребен од Русија, туку таа исто така ќе стане и главна земја на транзит.

Дополнително кон овој проблем, во 2011 година канцеларката Ангела Меркел одлучи да ги затвори нуклеарните централи во Германија кои беа безбедни и добро функционираа, и тоа по цунамито што ја погоди јапонската нуклеарна централа Фукушима.

Ваквата одлука повторно ја направи Германија премногу зависна од рускиот гас - толку многу што сѐ додека Кремљ не ја запре испораката на гас во Европа оваа година, Германија учествуваше со околу една третина во вкупниот увоз на гас од Русија во Европа. Уште едно нешто што дополнително ги влошува работите е тоа што германските компании му ги продадоа на Гаспром повеќето од капацитетите за складирање гас во земјата, а кој ги испразни истите минатата година преку бесрамниот акт на манипулација со цените.

Така, додека кај повеќето други европски земји веќе подолго време постои загриженост поради преголемата зависност од рускиот гас, Шредер и Меркел ја направија Германија целосно зависна од него и притоа во целост ја игнорираа енергетската безбедност на нивната земја. И додека другите европски земји изградија нови терминали за ЛНГ (и со тоа овозможија увоз на гас од Соединетите Држави и од други места), Германија едноставно двојно ги намали руските испораки.

Сега цела Европа страда поради неодговорното однесување на Германија. Денешните високи цени на гасот и на електричната енергија во Европа во голема мера ја одразуваат енергетската политика на Германија од 2005 година.

Точно е дека Германија не беше сама во својата глупост. Унгарија и Австрија беа подеднакво „про-Путин“, а Бугарија, Чешка и Словачка не успеаја да се прилагодат на променливите геополитички услови; но тие се многу помали и со помалку последици отколку Германија. Иако Италија си дозволи да стане вториот најголем увозник на гас од Русија, таа брзо најде алтернативни добавувачи од Алжир и Азербејџан. Така што, целава приказна завршува со Германија.

Што да се прави? Ниту една компанија не ѝ нанесе поголема штета на ЕУ како што го направи Гаспром со неговата манипулација на пазарот, кој очигледно е премногу несигурен како компанија за да можеме да постапуваме со него. Идеално би било ЕУ да го блокира или санкционира Гаспром да учествува во какви било економски активности во рамките на ЕУ. Енергетскиот пакет од 2009 година ја имаше во себе вистинската идеја за одвојување, но тоа не отиде доволно далеку. На производителите и извозниците на гас (особено на Гаспром и Катар) не треба да им се дозволи да поседуваат капацитети за складирање гас во ЕУ.

Дополнително, ЕУ треба да воспостави задолжителни норми, така што нејзиниот капацитет за складирање да биде исполнет барем до одредено минимално ниво.

За време на нафтената криза во седумдесеттите години од минатиот век, Европа не се двоумеше да наметне норми за да се оствари заштеда на енергија. Сега таа треба повторно да го направи тоа, почнувајќи со притискање на Германија да ја ограничи брзината на возење на своите автопати, како што веќе направија сите други земји на ЕУ. Европската унија, исто така, треба да бара од земјите-членки да одржуваат доволен број на терминали за ЛНГ. Отсуството на еден објект за ЛНГ во Германија е само еден од многуте недостатоци за време на шеснаесетгодишното владеење на Меркел.

Дополнително, бидејќи националните енергетски компании природно сакаат да ги монополизираат своите пазари, речиси да и да не постојат (или не се доволни) енергетски врски меѓу повеќе земји од ЕУ. Шпанија и Португалија имаат изобилен капацитет на терминали за ЛНГ, но има и мошне ограничен капацитет на гасоводот за снабдување на Франција, најмногу поради тоа што Французите водеа политика на истиснување на евтиниот шпански гас надвор од домашниот пазар.

Слично на ова, цената на струјата во северна Шведска и Норвешка е повеќекратно пониска отколку во јужните делови на овие земји, едноставно затоа што нема доволно далноводи што би овозможиле снабдување со електрична енергија од северните делови на земјата (од која повеќето потекнува од хидроенергија) на побарувачката за енергија на југот. ЕУ треба да побара од овие земји да ги прошират своите мрежи.

Конечно, Украина има огромни резерви на енергија (природен гас, електрична енергија и нафта) кои остануваат непродадени поради неразбирливите трговски пречки во Европа. Со цел да ги намали надуените цени на енергијата, ЕУ итно треба да го отвори својот пазар и да побара проширување на гасоводите и електричната мрежа за да се создаде рамномерен пазар.

Европската комисија треба да преземе поголема одговорност за европската енергетска политика со цел да се обезбеди дека енергетскиот пазар функционира а исто така и да ги заштити Европејците од неодговорни и некомпетентни политичари на национално ниво. Енергетскиот пакет од 2009 година беше чекор во вистинската насока, но ЕУ треба да направи дополнителни исчекори.

Во текот на следната година или две, Европа мора да се прогласи себеси за целосно независна од каприциозните Руси.

 

Авторски права: Project Syndicate, 2022. www.project-syndicate.org

Андерс Ослунд

Андерс Ослунд e виш соработник на Форумот за слободен свет во Стокхолм, и автор на Russia’s Crony Capitalism: The Path from Market Economy to Kleptocracy.