fbpx

Од Алијанса на Албанците до Алијанса за Северна Македонија

Сефер Тахири

Политика

10.04.23

Прегледи
Кои се придобивките на државата и како ќе се одрази врз партискиот рејтинг, влегувањето на Алијанса на Албанците во Владата на Ковачевски? Дали на Алијанса ќе и се повтори 2017 година?

На собир во скопската населба Чаир, министерот за надворешни работи, Бујар Османи порача дека „За неколку месеци Македонија ќе го добие првиот премиер-Албанец“. Ова значи дека по излегувањето на партијата Алтернатива, Алијанса на Албанците, влегува во Владата само за неколку месеци, најверојатно до септември, кога реално може да се одржат предвремените избори.

Алијанса во власта заради европските интеграции

Кога пред една година, Алтернатива влезе во власта, со образложението „Европски интеграции“ партијата на Арбен Таравари, а порано на Зијадин Села, јавно се потсмеваше со ваквите изјави! Исто така, се потсмеваше и со изјавата на лидерот на Алтернатива, Африм Гаши: „Подобро да умрам отколку да бидам заедно со Ахмети“, бидејќи самиот Гаши се самодемантираше, велејќи дека „со Ахмети не обедини интересот на Албанците, не дозволуваме да има коцкање со државата и ЕУ интеграциите“.

Токму европските интеграции беа образложението и на Алијанса на Албанците за влез во Владата на Ковачевски. „Периодот во кој сега се наоѓаме како држава е поинаков отколку пред февруари 2022. Инвазијата во Украина смени многу, како и почетокот на скринингот на Македонија и Албанија со ЕУ. Ние сме свесни дека ова доближување со власта подразбира наш обид за да се стигне до 80 пратеници“, говореше Таравари, во обид да го објасни преминот кон власта.

Инаку, вообичаено, наместо од аспект на програмските определби и на принципите на владеењето, вклучувањето во власта, во јавноста се коментираше повеќе во насока на добивање на три министерски места и на други позиции во администрацијата.

Така, за министер за правда е поставен Кренар Лога, син на вујкото на Зиадин Села, поранешниот претседател на оваа партија, а за здравство Фатмир Меџити, близок пријател на партискиот претседател, Арбен Таравари. Од огранокот од Гостивар, од каде доаѓа Таравари, поставен е и Азир Алиу за министер за информатичко општество и администрација.

ВМРО - ДПМНЕ обвини дека „За министер за правда, се предлага братот на осомничениот за убиство на Дилавер Бојку“ познатиот осуденик за нелегална проституција од селото Велешта, струшко. Во август 2017 година, среде бел ден, тој беше убиен во Струга, пред својата кафана во близина на старата автобуска станица.

„Договор куќа гради“

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини и лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за политичка корупција. Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николовски ја повика Државната комисија за спречување корупција да испита како Таравари купил куќа во скопската населба Тафталиџе „за 500 евра квадрат“, која била во сопственост на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јаоски. Според него, ова е цената за новата коалиција СДСМ - Алијанса за Албанците.

Според Таравари, се работи за, како што вели, прилично инфантилни обвинувања. Лидерот на Алијанса за „Фокус“ го даде следниот одговор: „Куќата е купена во 2021 година, постапката и документацијата за купопродажба е во целост чиста. Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време. Ве канам на кафе во својот дом и да видите за што станува збор. Се надевам дека тие што обвинуваат, еден ден и самите ќе дозволат да ѕирнете во нивното секојдневие. Па, и да направите споредба…“.

Извор: sitel.com.mk

На прашањето дали е точно дека куќата е купена од функционер на ДУИ, Таравари вели дека нема таква информација, истакнувајќи дека куќата му ја нашол пријател, а се договарал со жена која нема врска со политиката.

СДСМ - партија за коалиција со сите партии на Албанците

Во 2015 година, во еден текст, напишав дека „Заев не ви го зема никој“! Од оваа дистанца, оваа констатација не само што е точна, туку треба да се реформулира со додавката - „СДСМ не ви го зема никој“! Од 2017, нема политичка партија на Албанците која не пробала владина коалиција со СДСМ.

Алијанса на Албанците, во парламентарните избори во 2016 беше во коалиција со партијата „Унитети“ на Гзим Острени и Националната демократска преродба (НДП) на Весел Мемеди, формирана од Руфи Османи, и со три пратеници стана дел од владата на Заев, но само за краток период.

Во разни парлалемнтарни, локални и претседателски изборни циклуси, Алијанса, беше во коалиција со БЕСА или со Алтернатива. Со ВМРО - ДПМНЕ, партијата Левица, Алтернатива и БЕСА, на 5 ноември, 2021 година се обидоа да формираат ново парламентарно мнозинство за соборување на владата на социјалдемократите и интегративците. Обидот беше неуспешен!

На последните локални избори, Алијaнса на Албанците имаше соработка со ВМРО - ДПМНЕ, а чести беа фотографиите на Фејсбук од лидерот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари со градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која потоа се покажа некооперативна со Алијанса и со Алтернатива.

Соработката со ВМРО-ДПМНЕ на Алијанса не и обезбеди добар резултат на локалните избори, а договорот се раскина по протестите на оваа партија против договорот со Бугарија. Позиционирањето кон СДСМ се поврзува и со коалицискиот капацитет на Мицковски и на ВМРО-ДПМНЕ со партиите на Албанците, кој се покажува слаб.

Од партија со суфиксот „за Албанците“, Алијанса со овој потег сака да покаже дека во „историски моменти“ е во состојба да се стави над партиските и етничките интереси и да работи за државните!

Шо добива и што губи Алијанса од учеството во власта?

Вклучувањето на Алијанса во власта обезбеди парламентарна стабилност, бидејќи мнозинството не е под закана од пратениците на „Огнената група“ на ДУИ, но ни од пратениците на помалите партии. Оваа стабилност придонесува кон патешествието кон Европската Унија и влијае врз соочувањето со проруските сили во Северна Македонија.

Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, во 2009 година пишуваше политички колумни. Во една од нив, со наслов Демократура напиша дека „ВМРО може да го истроши ДУИ, но не и Албанците!“

Имено, ВМРО-ДПМНЕ целосно ја потроши ДПА. Во 2008 година, ДПА на Арбен Џафери и Мендух Тачи се „инсталира“ во власта без легитимитет, бидејќи на изборите победи ДУИ. Алијанса е свесна дека одлуката на ДПА била најпогрешната на оваа партија. Денеска, ДПА е партија со еден пратеник, а ДУИ продолжува да биде најголемата партија кај Албанците!

Сериозна политичка партија, која сака да демонстрира дека е различна од ДУИ, не треба да биде задоволна со „остварувања“ од типот фотографии со фотелји и кравати, објавени на социјалните мрежи или во портали, чија нарација е божем пиаровска, во стилот: „се сретнавме со овој или оној“, а кои за јавноста не значат ништо суштествено.

Кога очекувањата на членството од политиката (и кадровската, се разбира) се големи, разочарувањата, исто така, се големи. Сведувањето на партијата на мала „интересовна“ група, која им дели позиции на членовите на Претседателството или на претседателите на ограноците, влијае врз фактот дека таква партија не може да стане претендент за добивање на фактичка власт.

Алијанса има 8 пратеници, а Алтернатива имаше 4, но кога парламентарното мнозинство не беше на сигурни нозе - по излегувањето на БЕСА од владата – овие 4 беа како 8. Иако Алтернатива вети дека освен евроинтеграциите, во власта влегува и за да се преиспитаат, како што ги нарекуваат, монтираните политички процеси, нивната реистрага никогаш не започна.

Алијанса беше дел од Владата на Заев во 2017 година, но поранешниот премиер и неговата партија како „награда“ за учество во власта, и го земаа Министерството за здравство, а за возврат и го нудеа местото заменик -премиер за реформи, позиција која Зијадин Села ја нарече „министер за бурек“.

Дали ќе се повтори историјата?

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Сефер Тахири

Сефер Тахири има докторирано на тема „Влијанието на политичките партии врз уредувачката политика на јавниот радиодифузен сервис-Македонска Радиотелевизија (1998-2006 година)“. Предава предмети од областа на медиумите и комуницирањето при Факултетот за јазици, култури и комуникации на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово и на Институтот за комуникациски студии во Скопје. Тахири има 15-годишно новинарско искуство. Работел како новинар и уредник во весникот Факти, Програмата на албански јазик на МТВ, ТВ АЛСАТ-М и бил дописник на Радио Слободна Европа од Скопје - Програма на албански јазик. Има учествувано во различни истражувачки проекти во областа на медиумите и комуникациите.