Камала Харис би требало да освои повеќе гласови од Доналд Трамп, но може да не победи. Едно е сигурно – ќе биде тесно.
Кога можете да бидете сигурни дека некој што ви зборува за американската политика не разбира ништо? Ако се обидува да го прогнозира победникот на претседателските избори. САД имаат де факто двопартиски систем, кој речиси секогаш носи неизвесни изборни трки: ниеден претседател не победил со двоцифрена разлика во вкупниот број гласови, уште од Роналд Реган во 1984, кога околу половина од денешните гласачи не биле ниту родени.
Годинава, според анкетите, ќе биде уште потесно од вообичаено. Неколку дена пред гласањето на 5 ноември (вторник, но резултатите ќе бидат познати дури во среда наутро по македонско време), кандидатката на Демократската партија и актуелна потпретседателка на САД, Kамала Харис, е во водство од еден до два процентни поена на национално ниво, пред поранешниот претседател Доналд Трамп. Оваа предност е во рамките на статистичка грешка, која историски, на американските избори се движи околу три процентни поени.
Тоа значи дека не би било изненадувачки - предноста на Камала Харис да испадне пет процентни поени, но можен е и сосема спротивен исход: бројот на гласови да биде (минимално) повисок кај Трамп.
Меѓутоа, во САД, да се освојат повеќе гласови од противникот несекогаш носи победа. Претседател ќе стане оној кандидат кој ќе освои поголем вкупен број делегати во т.н. Изборен колеџ (aнг. Electoral College), кои се пресметуваат пропорциoнално на големината на населението во секоја од педесетте сојузни држави (анг. states), плус Вашингтон. Во секоја сојузна држава, кандидатот со најмногу гласови ги освојува сите делегати кои ѝ припаѓаат на таа држава во Избирачкиот колеџ, дури и ако освоил само еден глас повеќе.
Ова значи дека, теоретски, кандидат кој освоил само еден глас повеќе во секоја сојузна држава, би ги добил сите делегати во Изборниот колеџ, победувајќи на изборите со стопроцентна разлика, иако освоил малтене ист вкупен број гласови како својот противкандидат.
Од пред околу две децении, влијанието на Изборниот колеџ, кој служи за да осигура дека победникот има географски разновидна поддршка, не е веќе само во доменот на теоријата. На секои претседателски избори во САД низ 20-тиот век, кандидатот со повеќе гласови станувал претседател.
Меѓутоа, во две од шесте изборни трки во овој век, повеќе гласови освоија демократските кандидати (Ал Гор во 2000 и Хилари Клинтон во 2016), а претседатели сепак станаа републиканските кандидати (Џорџ Буш во 2000 и Доналд Трамп во 2016), исклучиво поради поповолната географска распределба на нивните гласови.
Кој ќе победи?
Поради ваквиот модел на апсолутни победници и губитници во Изборниот колеџ, изборите во САД ги одлучуваат оние сојузни држави каде кандидатите се поизедначени, а тие најчесто се бројат на прсти. Годинава, анкетарите се 99% сигурни дека веќе го знаат победникот во 44 од 51 сојузна држава. Исходот е неизвесен единствено во Пенсилванија, Мичиген, Северна Каролина, Висконсин, Џорџија, Аризона и Невада, што значи дека жителите на овие држави, кои сочинуваат околу една петтина од американскиот електорат, ќе одлучат кој ќе биде претседател.
Во моменталните анкети, оваа специфична математичка состојба доведува до парадокс: иако Камала Харис е во благо водство (клучен збор: благо) во безмалку сите анкети на национално ниво, уште откако ја презема претседателската кандидатура од актуелниот претседател Џо Бајден во јули, неколку водечки политички аналитичари му даваат блага (повторно, клучен збор: блага) предност на Трамп (Букмејкерите се уште посамоуверени во прогнозите за победа на поранешниот претседател).
Статистичкиот модел на Нејт Силвер, чии проекции испаднаа најблиски до резултатите во последните неколку изборни циклуси, моментално му дава околу 53% шанси за победа на Трамп.
Веројатност дека Камала Харис/Доналд Трамп ќе победи на изборите (извор: Silver Bulettin)
Сепак, Силвер инсистира дека трката останува толку неизвесна што секоја прогноза е еквивалентна на фрлање паричка. Иако изминатите неколку недели улогата на фаворит неколкупати се префрли од едниот на другиот кандидат, извесно е дека Трамп ќе го дочека гласањето како поверојатен победник. Меѓутоа, подеднакво извесно е и дека неговата фаворитска улога ќе остане во рамките на статистичка грешка.
Oд седумте претходно споменати одлучувачки држави (анг. swing states), најинтересно е во Пенсилванија, која е воедно и најголема, со население од 13 милиони, што ѝ носи најмногу делегати во Избирачкиот колеџ. Таму, Трамп моментално води за само 0,3 процентни поени. Веројатноста дека оној кандидат кој ќе победи во Пенсилванија ќе стане претседател, изнесува неверојатни 90%, при што шансите дека токму гласовите од Пенсилванија ќе ја направат клучната разлика се проценуваат на околу 31%. Оттука, јасно е дека главната борба во изборната трка моментално се води за неколку стотини (можеби и десетини) илјади гласови.
Ова звучи неверојатно за држава oд 337 милиони жители, но е сосема реално: победата на Бајден во 2020 му ја донесоа триесетина илјади гласови во Висконсин, а на Буш во 2000 – неколку стотини (не стотини илјади, стотини!) гласови во Флорида.
Ако сето ова делува пресложено, статистичарите го нудат следново поедноставување: за Харис да може да очекува да стане првата претседателка на САД, најверојатно ќе треба да освои барем 2,5 процентни поени повеќе гласови од Трамп (пр. 50,5% наспрема 48%) на национално ниво. Ова сценарио речиси сигурно ќе значи дека Камала победила во Пенсилванија и во барем три од останатите шест одлучувачки држави (моментално најголеми шанси има во Мичиген, Висконсин и Невада).
Дополнителен фактор што ги усложнува (пред)изборните динамики се разликите помеѓу различни демографски групи. Како и досега, етничките и расни малцинства се очекува да бидат убедливо на страната на Харис, но можеби во малку помала мера отколку во 2020 (особено Латиноамериканците).
Извор: euronews.com
Таа би требало да ги придобие и повеќето млади гласачи, но останува да се види колкав напредок Трамп ќе успее да забележи кај младите мажи, кои сѐ повеќе се вртат кон десно. Останува неизвесно и колкав процент од младите воопшто ќе излезат на гласање, но стравувања од ниска излезност постојат и за помалку образованите гласачи, кои пак мнозински го поддржуваат Трамп.
Дали анкетите ќе бидат точни?
Речиси ниедна анкета во светот не е – и не се ни очекува да биде – целосно точна. Доколку резултатите на 5 ноември отстапат од анкетите за помалку од 3 процентни поени (без оглед во чија полза), анкетарите ќе можат да констатираат дека го „погодиле“ резултатот. Најчесто, така и испаѓа, но не и во 2016-тата, кога се очекуваше удобна победа на Хилари Клинтон, а претседател сепак, стана Трамп. Анкетарите беа поблиску во 2020, но и тогаш Трамп ги изненади со многу поблаго заостанување во однос на Бајден отколку што се предвидуваше. Дали ова значи дека изборниот учинок на Трамп е докажано непредвидлив?
Најверојатно, не. На прв поглед, точно е дека кандидат како Трамп им задава уникатни потешкотии на анкетарите, од барем три причини. Прво, со оглед на поекстремните ставови на Трамп околу повеќето економски и (особено) општествени прашања, во споредба со повеќето републикански кандидати од минатото, во 2016-тата владееше одредена стигма која можеби натера (мал) дел од гласачите на Трамп да не им кажат на анкетарите дека ќе гласаат за него. Во 2020, проблемите беа поинакви: кампањата се одвиваше во екот на пандемијата, па на анкетарите им беше потешко да обезбедат репрезентативен примерок.
Поддржувачите на Бајден го сфаќаа КОВИД-19 значително посериозно отколку оние на Трамп, па седеа повеќе дома и, меѓу другото, повеќе одговараа на анкети.
Меѓутоа, ниту овој проблем, а по девет години активно присуство на Трамп на политичката сцена, веројатно ни првиот, не би требало да се веќе релевантни. Аналитичарите сметаат дека поддржувачите на Трамп сѐ уште помалку учестуваат во анкети, бидејќи помалку им веруваат на анкетарите. Меѓутоа, повеќето кредибилни анкети овој проблем го решаваат преку пондерирање на испитаниците според изборните резултати од 2020, за да добијат порепрезентативен примерок.
Дополнително, годинава владее висока општествена поларизација, која се чини дека носи рекордно низок број на сѐ уште неопределени гласачи (околу 4%), олеснувајќи им ја работата на анкетарите. Оттука, може да се очекува дека анкетите ќе „погодат“, но нивниот заклучок во однос на победникот и онака останува во доменот на „знам дека ништо не знам“.
Кој спроведе подобра кампања?
Секако, повеќето гласачи би кажале дека поуспешна била кампањата на нивниот префериран кандидат. Сепак, општиот впечаток е дека ниеден од кандидатите не импресионираше, но и дека Харис веројатно извлече поголеми придобивки од (особено раната фаза на) кампањата. По преземањето на кандидатурата во јули, Камала се соочи со (разумни) критики за неискреност, со оглед на нејзината безрезервна поддршка кон кандидатурата на Бајден и покрај директниот увид во неговите сѐ послаби когнитивни способности. Меѓутоа, Харис беше широко перцепирана, дури и кај дел од републиканските поддржувачи, како убедлив победник во единствената претседателска дебата во септември.
Една од причините зошто Харис ја доби дебатата беа нејзините поумерени (поблиски до неопределените гласачи) ставови во однос на имиграцијата, употребата на огнени оружја и енергетските политики. Друг позитивен фактор беше нејзината комуникациска стратегија (не само во дебатата, туку и низ целата кампања), која беше многу поафирмативна и повтемелена во пораки на надеж отколку, на пример, онаа на Клинтон во 2016, која повеќе се фокусираше на оцрнување на Трамп (Таа, за жал, отстапи од оваа стратегија при неодамнешното гостување на конзервативниот канал Фокс Њуз, со тоа, веројатно, пропуштајќи златна шанса да придобие нови гласачи).
Сепак, анкетите покажуваат дека Харис не успеала да се издвои доволно од својот актуелен (а прилично непопуларен) претпоставен, особено околу некои клучни прашања, како имиграцијата и економијата, кои често ги одлучуваат изборите во САД. Трамп, од друга страна, водеше исклучително остра кампања, во голема мера непоткрепена врз факти, која, заедно со бројните гафови, веројатно не му помогна да привлече значителен број нови поддржувачи.
Дали е важно кој ќе победи?
Камала и Трамп имаат различни, а честопати и дијаметрално спротивни, ставови за повеќето клучни домашни прашања. Ваквите разлики ја надминуваат целта на оваа колумна, но вреди да се истакне дека просторот за маневар кој идниот претседател ќе го ужива зависи во голема мера од исходот на изборите за двата дома на Конгресот, кои ќе се совпаднат со претседателските избори. Најочекуваниот исход е промена на мнозинството во обата дома, со што Републиканците би ја презеле власта во Сенатот, кој е повлијателен, а Демократите би морале да се задоволат со Претставничкиот дом.
Меѓутоа, сосема можен исход е мнозинството во обата дома на Конгресот да отиде кај партијата која ќе победи на претседателските избори, особено доколку тоа биде Републиканската партија, чии шанси да го преземе Сенатот се и онака малку повисоки отколку веројатноста Демократите да завладеат со Претставничкиот дом.
За светот, од друга страна, резултатите кои ќе пристигнат во утринските часови на 6 ноември ќе имаат мешани импликации. Најгор(ч)ливото прашање во моментов е токму она околу кое разликите се најмали: Трамп се доживува како (уште) понаклонет кон Израел, но и покрај револтот на огромно мнозинство од светот, тешко е да се замисли како Харис значително го менува актуелниот произраелски курс на претседателот Бајден.
Малку поголеми разлики се забележуваат во однос на Кина: иако воведувањето трговски тарифи веќе се етаблираше долж целиот политички спектрум во САД, Бајден и Камала нив ги доживуваат како таргетиран економски инструмент кон конкретни индустрии, додека Трамп веројатно (повторно) би ги користел како пошироко политичко оружје.
Конечно, разликите се бездруго најголеми во однос на Украина, која при победа на Трамп би можела да загуби значителен дел од воено-економската поддршка од САД, што би можело да одигра клучна улога во расплетот од сега веќе речиси тригодишната целосна руска инвазија (Балканот, секако, не е ниту на дното на листата на надворешнополитички приоритети, иако не би било незамисливо Трамп повторно да прибегне кон „креативни“ решенија во односите помеѓу Србија и Косово).