Политичкото самоубиство на Трамп

Соња Стојадиновиќ

Политика

03.03.26

Прегледи

Сведоци сме на огромни промени на глобално ниво кои водат кон нов поредок, но дали тој поредок ќе го водат смирени глави или глобални насилници кои спроведуваат свои политики и интереси на сметка на останатите послаби држави, не знаеме.  

Деновиве светот повторно е втурнат во состојба на воена ескалација. Новиот вооружен судир, инициран од страна на САД и Израел со нападот врз Иран, отвори лавина од анализи, прогнози и геополитички пресметки. Но, зад секоја стратегиска формулација стои една непобитна реалност: бомбите на САД и Израел не прават разлика меѓу воени и цивилни цели.

Извештаите за погодени цивилни објекти, вклучително и основно училиште во Минаб, Иран, каде загинаа најмалку 150 деца, го потсетуваат светот дека војната секогаш најнапред ги погодува најранливите. Во официјалната реторика, нападите се оправдуваат како превентивен одговор на иранската нуклеарна програма. Но времето и контекстот отвораат сериозни прашања. Со години САД спроведува санкции врз Иран, формално поврзан со програмата за создавање ракети со нуклеарни боеви глави од страна на Иран. Сепак, санкциите не можат да се анализираат изолирано од фактот дека Иран поседува една од најголемите резерви на сурова нафта во светот.

Геоекономската димензија е неизбежна: контролата врз енергетските текови е инструмент на глобална моќ. Особено е симптоматично што нападот доаѓа во момент кога Иран беше во процес на преговори за намалување на својата нуклеарна програма. Тоа отвора дилема дали дипломатијата навистина била цел или само временска рамка во која се подготвувала  воена опција. Ако преговорите служеле како параван, тогаш војната не е неуспех на дипломатијата, туку нејзино свесно напуштање.

За Израел, пак, конфронтацијата со Иран не е новост, туку продолжение на децениска стратегиска доктрина. Иран се перципира како системски непријател – идеолошки, безбедносен и регионален. Како најголема држава во регионот, со значителна демографска и воена тежина, Иран претставува противтежа на израелската доминација на Блискиот Исток. Од своето создавање во 1948 година, Израел живее во состојба на континуирана безбедносна мобилизација, а регионалните конфликти често се користат како аргумент за превентивни воени акции.

Интересите на САД, од друга страна,  се пошироки и глобално позиционирани. Ослабувањето или изолирањето на Иран значи редефинирање на односите на светскиот енергетски пазар. Трговијата помеѓу Иран и Кина со иранска нафта и други производи која достигнала 14,6 милијарди долари, претставува геоекономски предизвик за Вашингтон. Дополнително, блиските врски (трговската размена со Иран) меѓу Москва и Техеран ја ставаат оваа војна и во контекст на пошироката конфронтација со Русија. Не може да се игнорира ниту внатрешната политичка ситуација во Израел. Премиерот Бенџамин Нетанјаху, кој е на власт од 2009 година, пред нападот на Хамас на 7 октомври 2023 се соочуваше со масовни протести и сериозни обвинувања за корупција и институционален притисок врз судството. Војната, во таков контекст,  функционира и како механизам на политичка консолидација: надворешната закана ја суспендира внатрешната критика.

Чекор кон притискање на „црвеното копче“

Во ваков амбиент на ескалација, предупредувањата за глобална катастрофа повеќе не звучат како хипербола. Џорџ Галовеј, поранешен пратеник во Британскиот парламент од Шкотска со повеќе од 30-годиншно искуство во британската политика, оценува дека евентуалното проширување на конфликтот би можело да прерасне во „мајка на сите војни“, но и во последна војна за човештвото. Неговата теза почива на проста, но застрашувачка претпоставка: во свет во кој повеќе сили располагаат со нуклеарен арсенал, логиката на ескалација лесно може да доведе до притискање на „црвеното копче’. Нуклеарната рамнотежа, која со децении функционира како парадоксален механизам на одвраќање, денес е ставена под нов притисок. Во конфликт во кој директно се инволвирани сили како САД, Израел, Иран, Русија, Кина, ризикот од проширување повеќе не е теоретска категорија.  Доволна е една погрешна проценка за да се активира спирала што никој нема да може да ја контролира. Дополнителна точка на притисок е и затворањето на Хормускиот премин од страна на Иран низ кој поминува 20 % од нафтата која се продава на светскиот пазар.

politickoto samoubistvo na tramp naslovnaИзвор: envato

Ова не е удар за САД кои веќе ја окупираа Венецуела и си ја проширија сопственоста врз нафтените полиња на глобално ниво, туку удар за ЕУ и остатокот на светот кој зависи од тој транспорт на нафта и трговски добра. Оттука позицијата на британскиот премиер Кир Стармер, кој го поддржа последниот напад образложувајќи го како превентивна мерка против нуклеарна закана, ја отсликува сложеноста на западната безбедносна доктрина.

За многумина, воздржаната реторика на Европската Унија изгледа како двоен стандард. Наместо појасна позиција, Брисел често се одлучува за формулации како „воздржаност“ и „деескалација“, внимателно избегнувајќи директна критика кон САД и Израел. Овој пристап не е случаен, имајќи ги предвид економските и воено-технолошките врски со Израел, како и енергетската зависност од САД. Паралелно, професорот Сејед Марани во својата изјава во дискусија со Џорџ Галовеј укажува дека евентуалната глобална војна би ги ставила под директен удар режимите од Блискиот Исток кои имаат соработка со САД и Израел, ја продаваат својата нафта на овие земји, вклучително и Азербејџан кој воспостави силна соработка со САД, ќе придонесе да бидат збришани како земји бидејќи од глобалниот муслимански свет се сметаат за предавници.

САД гордо изјавија дека успеале во ракетен напад да го убијат иранскиот верски лидер Али Хамнеи, што предизвика гнев кај милиони муслимани и изјави дека ќе му се придружат на Иран во оваа војна против САД и Израел. Но арогантното однесување на САД и Израел кои одат низ светот и делат свој вид демократија и правда бомбардирајќи насекаде и убивајќи цивили, води кон уште поголем глобален гнев и омраза кон САД и Израел и можни одговори на овој напад и убиството на Али Хамнеи.

Ниедна држава нема право да се меша во соборување на режим на друга држава – тоа право го имаат само граѓаните кои страдаат од тој режим. Иранците од соборувањето на нивниот премиер Мохамед Мосадек од страна на САД во 1953 година, поради национализацијата на нафтените полиња, немаат влада која не е под притисок да соработува со САД. Иранската верска револуција во 1979 година донесе нов вид репресија на чело со верскиот лидер Хомеини, кој во многу сектори на општеството уназади една нација која е наследник на Персиското Царство. Иран, како цивилизација со милениумско наследство, со огромен придонес во литературата, математиката и медицината, денес повторно се наоѓа во центарот на геополитичката пресметка. Но историската длабочина сама по себе не е гаранција за безбедност. Во ерата на високоразвиени воени технологии, доволна е една стратешка грешка за да се поништи целиот цивилизациски капитал.

Крај на мандатот на Трамп, но дали е крај на светското лудило?

Во поткастот на судијата Ендрју Наполитано, поранешниот американски маринец и оперативец Скот Ритер ја оцени оваа војна како политичко самоубиство на претседателот Трамп. Според него, одлуката на претседателот Трамп да отвори нов фронт во својот втор мандат е пресметка заснована на изборна тактика: брза и „успешна“ војна што би мобилизирала патриотски наратив пред изборите на средина на мандатот во ноември 2026 година.

Но шансите да се победи во оваа војна се мали според Ритер, бидејќи американската воена стратегија не ја пресметала целосно комплексноста на теренот, ниту подготвена на иранската одбрана. Ракетниот капацитет на Иран насочен кон американските воени бази и стратешки цели во соседните држави како Катар и Бахреин, ја отвора можноста за долготрајна асиметрична војна. Во актуелната безбедносна динамика, секоја држава што има американски воени бази на своја територија, било во регионот или во Европа, од иранска перспектива се третира како потенцијално легитимна цел во случај на ескалација.

Иран сигнализира дека е подготвен за долготрајна и комплексна воена конфронтација, не ограничена само на воздушни напади или краткотрајни бомбардирања. Дополнително, Техеран ја зајакнува својата одбранбена позиција преку соработка со Кина, вклучително и договори за набавка на ракетни системи како CM-302, наменети за таргетирање поморски носачи, со дострел до 460 километри. Според Ритер, САД одамна требаше да престанат со интервенционистичката политика во изборот на политичките лидери во други земји. Тој ја критикува изјавата на Трамп дека Иран е легитимна цел и дека со овој напад ќе заврши заканата од Иран кон САД, оценувајќи ја како врв на демагогија и лага зашто Иран во никој случај не е закана за САД.

Додека светот стравува од нуклеарна војна, Македонската влада на чело со министерот за надворешни работи Муцунски потрча да изрази поддршка на Израел и на САД во овој непотребен напад врз Иран. Со оваа поддршка Македонија покажа не само дека ги смета Израел и САД за свои стратешки партнери туку и дека ние немаме ‘рбет да застанеме и барем еднаш да бидеме неутрални во чинови на глобално лудило.

Сведоци сме на огромни промени на глобално ниво кои водат кон нов поредок, но дали тој поредок ќе го водат смирени глави или глобални насилници кои спроведуваат свои политики и интереси на сметка на останатите послаби држави, не знаеме. Ако овој напад врз Иран не прерасне во глобална војна, промените во правец на економска соработка меѓу државите без војни и без ставање на интересите на воената индустрија во прв план, треба да стапат на сцена. Човештвото нема иднина ако нема заемна соработка за подобрување на неговата благосостојба, сѐ додека воената индустрија, капиталот и профитот се на прво место.

Соња Стојадиновиќ

Соња Стојадиновиќ е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде што магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Подоцна своето образование го надградила на Универзитетот во Грац со магистерска работа на тема: „Политичките и финансиските услови за заеми од кинески и ЕУ банки за инфраструктурни инвестиции на Балканот“. Работи како фриленс автор за хрватскиот портал Lupiga и е надворешен соработник на институтот Blue Europe од Луксембург.