fbpx

Последниот здив на Путин?

Андерс Ослунд

Политика

10.12.21

Прегледи

Андерс Ослунд (Anders Åslund)

Anders Oslund 400x500Иако американските разузнавачки агенции предупредуваат дека Русија ги мобилизира своите копнени воени сили за напад врз Украина, сепак е привлечно да се смета дека рускиот претседател Владимир Путин никогаш не би преземал таков ризичен потег. Но, кога еден моќен човек има премалку добри опции за да остане на власт, калкулацијата на ризикот се менува.

Денешна Русија претставува јасна и актуелна опасност за светскиот мир. Во месец јули, претседателот Владимир Путин објави долг текст „За историското единство на Русите и Украинците“, со што практично ја негираше легитимноста на постоењето на Украина како независна национална држава. Тој, исто така, спроведе политика на мобилизација на војската околу границата со Украина, прво во месец април и потоа уште поинтензивно во последниве недели. Високи украински и американски претставници, вклучително и претседателот Џо Бајден, предупредуваат дека Русија може да започне голема копнена војна против Украина на почетокот на 2022 година.

Посочени се разни причини за агресивноста на Русија, но најважната од нив се фокусира на назадувањето на Русија и дали тоа ја прави оваа земја да биде поопасна. Дали Путин навистина има намера да ја нападне Украина? Ако е така, што треба да направат Украина и западот во врска со тоа?

Назадувањето е очигледно. Руската економија е во целосна стагнација од 2014 година (и главно стагнира од 2009 година), а Путин јасно стави до знаење дека нема интерес за остварување економски раст или подобрување на животниот стандард. Изразено во американски долари, рускиот БДП се намали од 2,3 трилиони долари во 2013 година на 1,5 трилиони долари во 2020 година. Откако Путин првпат ја нападна Украина и незаконски го анектираше Крим во 2014 година, реалниот расположлив приход на домаќинствата во Русија (прилагоден на инфлацијата) се намали за 10%.

Без да има било што добро да каже за економијата, Путин се пофали со големите девизни резерви на Русија и со минималниот јавен долг. Се чини дека овие статистички податоци одат во прилог на неговата потрага по национална „величина“, која стана синоним за неговото владеење како моќник.

Така, Путин се стреми да создаде една современа верзија на Спарта - држава која е фокусирана исклучиво на својата воена моќ. Откако Русија ја нападна Грузија во август 2008 година, во кој на површина излегоа големи недостатоци кај војската, Кремљ спроведе значителна модернизација на вооружените сили, додека голем дел од остатокот од Европа продолжи да се разоружува по завршувањето на Студената војна.

Сепак, релативната воена моќ на Русија веројатно веќе го достигнала својот врв. Според Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања, руските воени расходи достигнаа 62 милијарди долари во 2020 година, која е година во која американските воени расходи изнесуваа 778 милијарди долари, а кинеските 252 милијарди долари. Дури и Индија ја надмина Русија со воен буџет од 73 милијарди долари.

Имајќи ги предвид тие инормации, Путин сега можеби мисли дека, ако Русија има корист од својата воена сила, подобро е таа да ги вежба своите мускули сега, пред да дојде до тоа економската основа на земјата дополнително да еродира. Дополнително, овогодинешниот бум на цените на суровините (особено во енергијата и металургијата) го зајакна мотивот на Кремљ да зададе удар додека железото е жешко.

Како животно дотерано во ќош, силите кои се во пад најчесто се најопасни. Грахам Алисон од Универзитетот Харвард нè потсетува, во Destined for War, дека токму моќна држава во пад (Австро-Унгарија) била онаа ја започнала Првата светска војна така што ѝ објавила војна на Србија. Во сегашниов контекст, Русите се чини дека планираат тенковски и артилерски напад што потсетува на Втората светска војна. Ако е тоа така, нивната воена машина е застарена, исто како и ставот на Путин за Украина.

Еден современ, мирољубив читател од западот можеби ќе се запраша зошто Путин би сакал да започне војна. Сигурно нему му е познато наследството на Вјачеслав фон Плехве, рускиот министер за внатрешни работи, кој во 1904 година славно тврдел дека „За да се спречи револуција, потребна ни е мала, победничка војна!“ Набргу потоа, фон Плехве бил убиен од страна на револуционер. И покрај тоа, она што се случило следно била руско-јапонската војна од 1904-1905 година. Тој конфликт не бил ниту мал, ниту победнички - и на крајот бил катализатор за револуцијата од 1905 година.

Путин најверојатно е повеќе фокусиран на своите мали, успешни војни во Грузија во 2008 година и на Крим во 2014 година, што доведе до негов највисок рејтинг досега. Оттогаш па досега нивото на одобрување достигна ново ниско ниво, а со зголемувањето на јавното незадоволство, тој ја зголеми и политичката репресија на ниво што не е забележано откако неговиот херој, покојниот советски лидер Јуриј Андропов, бил на власт (1982-1984).

За да ја оправда својата сè поекстремна репресија, Путин ја издигна пропагандната машинерија на Кремљ на советско ниво. Но, антизападните пораки нема да го убедат народот да му даде поддршка. За тоа му треба уште една многу успешна војна. И бидејќи Русија нема шанси во голема војна против целиот Запад, ѝ треба многу поограничен конфликт. Оттука е и изборот на Путин за Украина, која тој ја нарекува западен вазал.

Сепак, во Украина не е можна мала и победоносна војна. Како што неодамна посочи новиот министер за одбрана на Украина, Олексиј Резников:

„Човечката цена за Украина ќе биде катастрофална, но Украинците нема да тагуваат сами. Русија исто така би претрпела огромни загуби. Сликите на ковчези кои се враќаат во Русија од првите борбени линии во Украина ќе се шират како вирус низ социјалните мрежи и наскоро ќе се покажат премногу за дури и цензорите од Кремљ. Голема војна во Украина би ја втурнала цела Европа во криза.“

Американските разузнавачки агенции предупредуваат дека Русија мобилизира околу 175.000 војници во близина на границата со Украина. Но, таква сила нема да биде доволна. Активниот воен состав на Украина се состои од 250.000 војници од кои повеќето се со добро борбено искуство и кои би ја бранеле својата татковина од војници кои можеби немаат поголема цел отколку да земат плата.

Грешката на Русија во 1904 година беше тоа што не ја сфати сериозно Јапонија како воена сила. Кога Јапонија излезе како победник, моќта на царот беше фатално ослабена и тоа ја овозможи револуцијата што следеше. Руско-украинска војна во 2022 година би можела да се покаже како уште поголема глупост, која Путин веројатно не би ја преживеал.

Во меѓувреме, на Кремљ не смее да му се дозволи да собира домашни поени од мавтањето со сабјата. Одговорот на западот по претходната агресија на Путин против Грузија и Украина беа само ограничени санкции. Западот мора да научи од тие грешки и целосно да застане покрај Украина. Освен обезбедувањето воени материјали и обука за Украина, треба да воведе вистински разорни санкции против Русија. Бајден и американскиот државен секретар Антони Блинкен ветија исто толку. Тие и европските сојузници на Америка сега мора да го остварат тоа што го ветија.

Андерс Ослунд e виш соработник на Форумот за слободен свет во Стокхолм, и автор на Russia’s Crony Capitalism: The Path from Market Economy to Kleptocracy.

 

Авторски права: Project Syndicate, 2021.
www.project-syndicate.org

Андерс Ослунд

Андерс Ослунд e виш соработник на Форумот за слободен свет во Стокхолм, и автор на Russia’s Crony Capitalism: The Path from Market Economy to Kleptocracy.