Најавата на коалицијата ВРЕДИ за посебна академија на науките и уметностите на Албанците е подметнување „кукавички јајца“ во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ која ја градеше својата опозициска кампања на тезата дека СДСМ е премногу попустлива кон ДУИ.
Меѓуетничките односи се сметаа за решено прашање уште со промената на Уставот по конфликтот во 2001 и со донесените неколку закони со кои албанската етничка заедница е изедначена со доминантната македонска етничка заедница.
Токму затоа како гром од ведро небо дојде барањето на владејачката „Вреди“ за формирање на албанска академија на науките и уметностите во Македонија. Како што објави министерот и еден од лидерите на „Вреди“, Арбен Таравари „основањето и особено официјализирањето на Албанската академија на науките и уметностите е една од најдобрите иницијативи на ВРЕДИ“ и тој е особено горд на идејата бидејќи „Албанците се еден од најстарите народи на Балканот и во нивната ДНК има интелигенција и цивилизација на античка култура“.
Овој потег јасно укажува дека и покрај интегративните процеси кои ги презема државата од конфликтот 2001, сѐ уште се појавуваат идеи кои значат сепаратизам наместо заедништво. Најавата на „Вреди“ дека ќе основа посебна академија на науките и уметностите на Албанците, за жал, не може да се нарече поинаку, освен дека е чекор кон сепаратизам. Најавите дека оваа институција првин ќе биде финансирана од општините а потоа треба да премине на државно финансирање потсетуваат и на првите чекори на тетовскиот универзитет кои за малку ќе ја доведеа Македонија на раб на внатрешен конфликт.
Овој универзитет беше основан во 1994 од Културната заедница на Албанците во Македонија, десет години работеше „на диво“ продуцирајќи кадри со сомнително знаење, за во 2004 државата конечно да „капитулира“, признавајќи го и прифаќајќи државно финансирање.
Сепарирање наместо интеграција
Чекорот на Вреди е подметнување „кукавичко јајце“ во Владата и кон главната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ која ја градеше својата опозициска кампања токму на тезата дека СДСМ е премногу попустлива кон ДУИ. За ВМРО-ДПМНЕ како столб на власта денес, тоа е и голема шлаканица бидејќи од основањето до денес гради имиџ на патриотска партија во чиј прв план е одбраната на Македонија од барањата на етничките заедници.
Како ќе заврши тоа по владиниот мир и стабилност ќе видиме, но со оглед дека Вреди „тежи“ 13 гласови во парламентот, нивното незадоволство може да ја намали владината коалиција од 77, на 64 гласови поддршка. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ како и секоја власт ќе има потреба од двотретинско мнозинство, притисокот од Вреди ќе значи нервоза во Владата и застој на амбициозната агенда на Мицкоски. Притоа би се осмелила да прогнозирам дека Вреди нема така лесно да се откаже од идејата, ако не заради друго, тогаш заради ДУИ која постојано врши неформален притисок да стане дел од власта.
Извор: manu.edu.mk
Значајно за оваа анализа е да се каже дека Македонија инвестираше многу за меѓуетничката хармонија, особено кога се во прашање Албанците. Промената на Уставот по конфликтот 2001, начелото за соодветна и правична застапеност при вработување во администрацијата, фамозниот балансер, Законот за употреба на јазиците, собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците, гласањето на закони според Бадентер, токму имаа за цел Албанците да ја прифатат Македонија како своја татковина.
Формирањето на посебна научна институција која според замислите на оние што ја заговараат треба да биде составена само од Албанци, не е во прилог на интегративните процеси за мир и заедништво. А може и погрубо да се каже: државните институции ги отворија целосно вратите за Албанците, но албанската коалиција што е дел од власта сега бара паралелна институција која ќе биде затворена за сите освен за Албанците.
Рамковниот повторно на маса?!
Јасно е дека Вреди сега се радикализира за да може да парира на коалицијата на ДУИ Европски фронт, која освои повеќе пратеници од нив (19) но остана надвор од власта.
Обвинувањата, притоа, од Вреди дека „Албанците предолг период наидуваат на затворени врати во МАНУ“, не држат и за тоа дојде спротивно тврдење од самите Албанци - членови на МАНУ. Во академијата денес има четири членови од албанска националност, од кои двајца се активни. Тоа се академиците Таки Фити, Абдулменаф Беџети, Алајдин Абази кој е и потпретседател на МАНУ, и Изет Зеќири кој е дописен член. Да се потсетиме и на Луан Старова, еминентно име во книжевноста, дипломат, и личност која засекогаш ќе остане запишана во историјата на нашата држава. Ако веќе броиме и набројуваме, тоа секако не се многу членови, но како што вели академик Таки Фити, во науката не смеат да се инкорпорираат етнички или политички принципи.
Од друга страна, за Македонија нема полош момент да се отвораат такви прашања. ДУИ во своето незадоволство поради тоа што е исклучена од власта, најави отворање на Рамковниот договор. Ако се отворат такви процеси, тие нема да бидат пријатни за гледање, бидејќи ставањето на Рамковниот договор повторно на маса и барањето да се озакони принципот „победник со победник“ при формирање на влада, ќе разгори стари огнови и ќе отвори рани кои едвај се залечија.
Потписите кои беа ставени на Рамковниот договор предизвикаа гнев главно на македонска страна, и секое ново отворање е потенцијален ризик за повторно разгорување на тој гнев.
Научната мисла во криза
Дезинтегративниот процес што го заговара Вреди, оттука, не е ништо друго туку почеток на радикализација на нивното политичко дејствување, кој ќе ја оттргне земјата од редовната агенда за напредок и развој. Но трката за поени во ривалството со ДУИ која си ги припишува сите заслуги за придобивките на албанската етничка заедница од 2001 наваму, го доведуваат во прашање капацитетот на Вреди да биде дел од водството на државата ако се однесува во власта како бунтовничка група.
Да биде иронијата поголема, еден од фронтмените на идејата, Арбен Таравари, е лекар по професија кому по вторпат му е дадена шанса да биде министер за здравство – еден од најгорливите ресори каде има многу прашања за решавање. Па, што ќе биде Таравари – министер за здравство или доктор кој ќе се грижи за политичкото здравје на неговото партиско друштво, занемарувајќи го комплексниот министерски ресор за кој граѓаните чекаат што поскоро решенија?!
Во меѓувреме, „бомбата“ што ја фрлија Таравари и неговите партиски колеги може да послужи и за добра цел, односно да предизвика шок во МАНУ кој ќе ги натера академиците да размислуваат како да ја издигнат оваа врвна научна институција на повисоко ниво. Научната мисла во Македонија подолго време е во криза, и додека светот чекори во ерата на вештачка интелигенција како највисоко достигнување на технологијата, ние сме задлабочени во историјата.
Со сета почит кон МАНУ, но и оваа институција како да подлегна на политичките пароли од партиските штабови, и наместо да го врти бродот наречен Македонија кон водите на вештачката интелигенција, го врти кон вештачки патриотизам.
За почеток, добра е идејата на поранешниот претседател Љупчо Коцарев која ја изнесе во едно неодамнешно интервју - за основање на владин Фонд за вештачка интелигенција. Само такви работи носат добри вести, додека идеите кои во меѓувреме никнуваат како онаа на Вреди, ја носат државата во лавиринтот на неизвесноста и кон заострување на внатрешните конфликти.