Радикализација на младите во БиХ: Онлајн засилувачи на екстремизмот и на етнонационалната поларизација

Дино Цвико

Младите луѓе попатно консумираат проблематична содржина, и тоа додека скролаат и без потребната свесност дека она што го гледат може да делува како засилувач во процесот на радикализација, а алгоритмите потоа буквално ги бомбардираат со слична содржина.

Два концерти на контроверзниот хрватски музичар Марко Перковиќ Томпсон, одржани во средината на февруари 2026 година, во градот Широки Бријег во Босна и Херцеговина, беа одбележани со усташки скандирања и фашистички поздрави.

Ова предизвика бројни контроверзии и реакции кај пошироката јавност, а особено е загрижувачки тоа што на концертите присуствуваа голем број млади луѓе, од кои многумина извикуваа усташки слогани и ја креваа десната рака во знак на поздрав кој се поврзува со фашистичката иконографија.

Наместо јасна дистанца, дополнителен легитимитет на целата приказна во јавниот простор ѝ даде Драган Човиќ, лидерот на ХДЗ БиХ и највлијателна политичка фигура меѓу хрватските политичари во БиХ, кој беше му домаќин на контроверзниот пејач и го нарече пријател. Покрај тоа, на концертот присуствуваше и судијата на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, Марин Вукоја, инаку близок до ХДЗ на Босна и Херцеговина.

Екстремот како „содржина“

Настаните во Широки Бријег беа осудени, меѓу другите, од Делегацијата на Европската Унија во БиХ, од ОН и ОБСЕ, а исто така беа покренати и пријави против оние кои се одговорни за тоа до Обвинителството на БиХ. Сепак, снимките веќе долго време се наоѓаат на социјалните мрежи и достапни им се на сите – особено на младите.

Видеата се појавија на Инстаграм, ТикТок, Фејсбук… каде што овој вид содржина е лесно достапен. Младите луѓе ја консумираат лежерно и скролајќи, без да имаат свест дека тоа може да делува како засилувач во процесот на радикализација, а алгоритмите потоа буквално да ги бомбардираат со слична содржина.

Евроњуз во 2024 година ги пренесе констатациите на тинк-тенкот „ISD“ кој идентификуваше мрежа од околу 200 пронацистички ТикТок сметки кои објавуваат содржина што промовира нацистичка идеологија. Според извештаите, овие сметки достигнуваат десетици милиони прегледи и промовираат наративи како што се негирање на холокаустот, величење на Хитлер и идеја за „нацизмот како решение“ за современите проблеми. На мрежите се појавуваат и разни антиимиграциски и расистички содржини, снимки од терористички и други напади како и снимки од насилство.

radikalizacijata na mladite vo bih featured
Извор: Envato

Ова е особено опасно во општество како Босна и Херцеговина, кое е длабоко поделено и во кое етно-националната поларизација и политичката реторика станаа мејнстрим.

Истражувањето на сараевскиот Медиумски центар покажа дека мнозинството млади луѓе немаат основи на медиумска писменост, ниту основни знаења и вештини потребни за учество во јавната комуникација и за препознавање, заштита од и реагирање на проблематична содржина, и дека преку своите навики за користење медиуми и онлајн содржини, тие најчесто остануваат во рамките на еднострано разбирање на светот во согласност со доминантните етнонационални политики.

Истата анализа нагласува дека онлајн медиумските платформи и социјалните мрежи генерално не се користат за директно регрутирање за екстремистички активности, туку се клучни места за ширење на етно-национална омраза и екстремистичка идеологија.

За еден таков пример известува и Детектор: снимен е пренос во живо на ТикТок на кој се гледаат српски волонтери како се приклучуваат на руската армија во инвазијата на Украина. На овој начин, една социјална мрежа е злоупотребена како канал за промовирање на војување, а во овој конкретен случај, како мегафон за проруска пропаганда и за борци во редовите на руската армија.

Растечката популарност на Телеграм

Ако социјалните мрежи се „излогот“ каде што овој вид содржина брзо се шири и нормализира, „Телеграм“ е местото каде што тие добиваат интерпретација и публика, каде што се препакуваат во политички пораки и се консолидираат преку затворени групи. Ваквите канали се популарни меѓу младите луѓе.

Детектор уште во 2024 година пишуваше како проруските канали на „Телеграм“ кои се присутни на Балканот се сè попопуларно место за регрутирање и ширење дезинформации, и дека повеќе од половина милион луѓе следат 23 истакнати проруски канали на „Телеграм“ кои се на српски и руски јазик а се посветени на Балканот, каде што граѓаните се повикуваат да донираат воена опрема за инвазијата на Украина и да промовираат воени единици составени од граѓани на Србија и Босна и Херцеговина.

Новинарите на ова истражувачко списание успеаја да се инфилтрираат во приватен „Телеграм“ канал што се користи за регрутирање борци за руската армија во Украина и за стапување во контакт со луѓе што регрутираат млади луѓе од Босна и Херцеговина. Со тоа, тие докажаа дека такво регрутирање навистина постои и се случува.

Исто така, тие пишуваа и како проруските канали на „Телеграм“ синхронизирано шират паника и предвидуваат случување на конфликт во БиХ. Дека не е само онлајн светот се покажува и со неодамнешната пресуда донесена од судот во Молдавија со која се осудени тројца граѓани на таа земја, а што го потврди постоењето на руски кампови за обука во Босна и Херцеговина и Србија.

Од канал до терен

Телеграм каналите се многу популарни меѓу (ултра)десничарските движења, но тие не се единствената форма на организирање. Во последниве години се појавија и групи кои настанале по примерот на странски екстремистички организации, претставувајќи се како хуманитарни иницијативи – заштита на деца, животни или „помош за заедницата“ – но нивните објави, симболика и пораки честопати укажуваат на промовирање на екстремистички наративи.

Меѓу нив е и озлогласениот проруски мотоциклистички клуб Ноќни волци, кој, според извештаите во медиумите, примал пари од институции од босанскиот ентитет Република Српска, и се појавувале и на јавни настани. Исто така, има и организации како штоп се Пантер, Србске части, Самопоштовања… Тие најчесто имаат добри врски со политичките партии од десниот центар, па дури и со властите.

Ваквите организации, преку промовирање на патријархализам, честопати користат мизогинија, антифеминизам, хомофобија, па дури и расизам за да регрутираат нови поддржувачи.

Во едно такво опкружување можат да се препознаат и одредени организирани навивачки групи што дејствуваат низ цела Босна и Херцеговина. Некои се под влијание на надворешни наративи – навивачите на Борац од Бања Лука ја поддржува руската инвазија на Украина и на стадионот, а навивачите на Зрињски од Мостар јавно истакнаа симболи што ги користи украинскиот баталјон „Азов“, кој со години е имитиран од крајните десничари низ целиот свет…

Кога станува збор за радикализација на младите луѓе, навивачките групи особено придонесуваат за ширење на меѓуетничките тензии. Заедно со националните и религиозните навреди, тие честопати можат да се слушнат како пејат и величаат воени злосторници или, пак, негираат, па дури и слават геноцид и други злосторства. Понекогаш извикуваат и слогани што алудираат на оружје и масовни злосторства – пораки што не можат да се толкуваат поинаку освен како нормализација на заканите.

Во БиХ се случи судир на навивачи од соседните земји – неодамна имаше токму таков судир помеѓу навивачките групи на фудбалските клубови Хајдук (Хрватска) и Црвена звезда (Србија). Местото беше во близина на Меѓународниот аеродром во Тузла, при што беа повредени 23 претежно млади лица, а 93 беа приведени од полицијата.

Кога омразата се претвора во насилство

Промовирањето на хомофобијата онлајн имаше свои последици и на терен. Во Бања Лука, ЛГБТИК активисти и новинари беа нападнати во март 2023 година, а некои политичари го релативизираа или оправдуваа инцидентот, дополнително поттикнувајќи ја на тој начин атмосферата во која насилството стана нешто што е „дозволено“.

Сличен модел се забележува и во пресрет на секоја босанска парада на гордоста во Сараево, кога на социјалните мрежи се забележуваат закани и говор на омраза. Иако не се забележани инциденти – првенствено поради силните безбедносни мерки – интересно е да се констатира дека Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон утврдило дека значителен број автори на навредливи коментари или коментари што би можеле да се сметаат за закана за безбедноста живеат надвор од границите на БиХ.

Радикализацијата на младите во БиХ, поттикната од онлајн екстремистичките поддржувачи и надворешни кампањи, дополнително ја продлабочува поларизацијата на општеството. Непостоењето на политичка одговорност, на сериозна медиумска писменост и критичко размислување, како и без јасен одговор од страна на институциите и регулаторите, овие кампањи ќе продолжат да наоѓаат плодна почва, а последиците од тоа ќе бидат сè поголеми.

Дино Цвико

Дино Цвико е новинар од Сараево кој работел во Al Jazeera Balkans, онлајн магазинот Журнал, порталот Пратимо тендере и Федералната телевизија. Тој е коавтор на документарните филмови „Братство“ и „Партиски армии“, како и автор на филмот „Борба за живот: Системот против онколошките пациенти“, за кој во 2024 година ја доби регионалната награда CEI SEEMO за исклучителни достигнувања во истражувачкото новинарство во категоријата млади професионални новинари.