fbpx

Само Кина може да ја запре Русија

Стивен С. Роуч

Политика

11.03.22

Прегледи

За време на собирот на Комунистичката партија и нејзиното советодавно тело во Пекинг овој месец, речиси и да не се спомнува војната во Украина - молк што е уште позаглушувачки со оглед на длабоко вкоренетиот став на Кина за нејзиното уникатно место во историјата. Со своите одважни аспирации за голема моќ, Кина денес можеби се наоѓа на клучна раскрсница.

Додека беснее војна во Украина, од годишниот политички собир во Кина наречен „Две седници“ (“Two Sessions”) се добива слика на земја која ја негира реалноста. Додека трае собирот на Комунистичката партија и нејзиното советодавно во Пекинг овој месец, речиси и да не се спомнува сеизмичкото нарушување во светскиот поредок - пропуст што е уште поеклатантен, со оглед на длабоко вкоренетиот став на Кина за нејзиното уникатно место во историјата. Со своите одважни аспирации за голема моќ, Кина денес можеби се наоѓа на клучна раскрсница.

Два документа – заедничкиот Кинеско-руски договор за соработка, потпишан на 4 февруари на отворањето на Зимските олимписки игри во Пекинг и Извештајот за работата, доставен на 5 март од кинескиот премиер Ли Кечијанг до Националниот народен конгрес – се јасен пример за кинеското исклучување од настаните околу неа. Во широката изјава за кинеско-руската соработка се спомена „пријателство меѓу двете држави [што] нема граници“. Содржи листа на заедничките интереси што е толку долга што ќе ве остави без здив, како и заложби за справување со климатските промени, глобалното здравје, економската соработка, трговската политика и регионалните и геостратешките амбиции. Западот беше предупреден дека се соочува со моќна комбинација која може да биде нов противник од Истокот.

Меѓутоа, само 29 дена подоцна, Ли си продолжи како ништо да не било и го претстави планот за развој и просперитет на Кина каков што со години веќе се претставува. Познатиот список на реформи ги нагласи тековните заложби на Кина за намалување на сиромаштијата, создавање работни места, дигитализација, заштита на животната средина, справување со демографските предизвици, спречување болести и широк опсег на економски и финансиски прашања.

Да, имаше широко забележана промена на економската прогноза - со цел за раст во 2022 година од „околу 5,5%“, што, иако е слаба прогноза според кинеските стандарди, всушност беше малку посилна од очекуваното - и некои навестувања за веројатна поддршка од фискалните, монетарните и регулаторните органи во форма на јавни политики. Но, забележливо кај извештајот за работата беше тоа што во него се спомнуваше што е можно помалку за хаотичната состојба во светот.

Меѓутоа, Кина не може да седи на два стола. Нема шанси да продолжи со зацртаните планови, како што кажа Ли, а истовремено да се придржува до договорот за партнерство со Русија објавен од Шји Џинпинг и Владимир Путин. Многумина веруваа дека Русија и Кина се здружија во обликувањето голема стратегија за нова Студена војна. Јас го нареков триаголен гамбит на Кина: здружување со Русија за да ги притесни САД, исто како што кинеско-американското зближување пред 50 години успешно го притесни поранешниот Советски Сојуз. САД, архитектот на претходната триангулација, сега е предмет на таква триангулација.

Но, за само еден месец, ужасната војна на Путин против Украина го преврте овој концепт. Ако Кина остане посветена на своето ново партнерство со Русија, ќе биде предмет на обвиненија поради поврзувањето со таа страна. Исто како што Русија е изолирана со драконски западни санкции кои би можеле да ја опустошат нејзината економија со децении, истата судбина ја чека Кина ако го продлабочи своето ново партнерство. Овој исход, се разбира, е целосно спротивен на развојните цели на Кина штотуку наведени од Ли. Меѓутоа, ризикот е многу реален ако Кина продолжи со неограничена поддршка за Русија, вклучително и ублажување на влијанието на западните санкции, како што може да се подразбере од буквалното толкување договорот од 4 февруари.

Се чини дека кинеското раководство ја чувствува оваа тешка дилема. Руската инвазија на Украина беше дочекана со некарактеристичен молк од Постојаниот комитет на Политбирото, составено од седумте врвни лидери на Партијата, но Кина оттогаш го нагласи својот принцип на почитување на националниот суверенитет, што е принцип на кој традиционално се повикува. На Минхенската Конференција за безбедност, минатиот месец, министерот за надворешни работи Ванг Ји го истакна овој став, заедно со долгогодишното инсистирање на Кина за немешање во внатрешните работи на другите држави - аргумент кој има директни последици врз Тајван.

Но, на Националниот народен конгрес на 7 март, Ванг непопустливо го зацврсти ставот, инсистирајќи на тоа дека „Кина и Русија... стабилно ќе го унапредиме нашето сеопфатно стратешко партнерство“. Како Путин добро да знаел кога отишол во Пекинг на почетокот на февруари дека ѝ поставува стапица на Кина.

Шји сега треба да донесе одлука. Тој ја има најголемата моќ од кој било друг светски лидер да посредува за мировен договор помеѓу Русија и Украина. За да го направи тоа, треба да испрати силна порака до Путин дека бруталната инвазија на Русија ја преминува принципиелната црвена линија на Кина за територијален суверенитет. Тоа значи дека ќе треба да даде силен приговор на напорите на Путин да ја преправи историјата по Студената војна и да ја воскресне империјална Русија. За да преговара за крај на разорниот конфликт што го започна Путин, Шји ќе треба да ја стави под знак прашалник својата посветеност кон партнерството договорено на 4 февруари, за да даде поголема тежина на неговото барање. Изгледите на Русија се мали, најблаго кажано. Односно, без Кина, Русија нема никакви изгледи. Кина го држи адутот за конечниот опстанок на Путинова Русија.

И местото на Шји во историјата може да зависи од ова. Подоцна годинава, во Пекинг ќе се одржи 20. Конгрес на партијата. Главната точка на дневниот ред не е некаква тајна: назначувањето на Шји на досега невиден трет петгодишен мандат како генерален секретар на партијата. Оние кои ја следат ситуацијата во Кина, вклучувајќи ме и мене, долго претпоставуваа дека ништо нема да застане на патот на овој умешно телеграфиран исход. Но, историјата, како и сегашните настани што ја обликуваат, имаат неверојатна способност за промена на лидерските пресметки во која било земја. Ова важи не само за демократии како САД, туку и за автократии како Русија и Кина.

Изборот за Шји е јасен: тој може да продолжи по правецот поставен од неговиот договор од 4 февруари со Русија и неговиот углед да биде извалкан со санкциите, изолацијата и мачните економски и финансиски притисоци што доаѓаат со тој став. Или може да го посредува мирот што ќе го спаси светот и ќе го зацементира статусот на Кина како голема сила предводена од голем државник.

Како архитект на „кинескиот сон“ и она што тој верува дека е уште поголемо подмладување на големата нација, Шји нема избор. Лично сметам дека Шји ќе го направи незамисливото - ќе ја смири заканата од Русија, пред да биде предоцна.

 

Авторски права: Project Syndicate, 2022. www.project-syndicate.org

Стивен С. Роуч

Стивен С. Роуч е професор на Универзитетот Јеил и поранешен претседател на „Морган Стенли – Азија“ и автор на Unbalanced: The Codependency of America and China („Неурамнотежени: Взаемната зависност на Америка и Кина) (Јејл Универзитетот Прес, 2014) и претстојната Accidental Conflict („Случаен конфликт “).