fbpx

Што е заедничко за „разбудената“ левица и алтернативната десница?

Славој Жижек

Политика

19.08.22

Прегледи

Канадскиот психолог и медиумски фиксатор на алтернативната десница, Џордан Петерсон, неодамна наиде на една мошне интересна работа. Во поткастот насловен какоРусија против Украина или граѓанска војна на Западот?“, тој ја препозна врската која постои помеѓу војната во Европа и конфликтот помеѓу либералната мејнстрим и новата популистичка десница во Северна Америка и Европа.

Иако Петерсон првично ја осуди војната на рускиот претседател Владимир Путин, неговиот став постепено се претвора во еден вид на метафизичка одбрана на Русија. Повикувајќи се на „Дневниците“ на Достоевски, тој сугерира дека западноевропскиот хедонистички индивидуализам е значително поинфериорен во однос на руската колективна духовност, пред соодветно да го одобри етикетирањето на Кремљ од страна на современата западна либерална цивилизација како „дегенеричност“.

Тој го опишува постмодернизмот како трансформација на марксизмот кој настојува да ги уништи темелите на христијанската цивилизација. Гледано од ваков аспект, војната во Украина е натпревар помеѓу традиционалните христијански вредности и новата форма на комунистичката дегенерација.

Оваа терминологија ќе му биде позната на секој оној што е запознаен со режимот на унгарскиот премиер Виктор Орбан или со бунтот кој се случи на 6 јануари 2021 година во зградата на американскиот Капитол. Како што вели Џон Блејк од CNN, тој ден „беше првиот пат кога голем број на Американци сфатија дека САД се соочуваат со подем на белото христијанско националистичко движење, кое „го користи јазикот на христијанството за да го прикрие својот сексизам и непријателството кон црнците и кон не-белите имигранти а во својот обид да создаде бела христијанска Америка“. Ваквиот светоглед сега „толку темелно се има инфилтрирано во верскиот мејнстрим што практично секој конзервативен христијански свештеник кој се обидува да ја стави под знак прашање ваквата идеологија ја ризикува, всушност, својата кариера“.

Тоа што Петерсон зазеде проруска, антикомунистичка позиција е показател за еден поширок тренд. Во САД, на пример, голем број на пратеници од редовите на Републиканската партија одбија да ја поддржат Украина. Џеј Ди Венс, републикански кандидат за Сенатот од Охајо, а поддржан од Доналд Трамп, смета дека е „навредливо и стратешки глупаво да се насочат милијарди долари кон Украина, а истовремено да се игнорираат проблемите во сопствената земја“. Дополнително на ова, Мет Гаец, републиканец и пратеник во Претставничкиот дом од Флорида, сака да се прекине американската поддршка за Украина доколку неговата партија ја добие контролата врз оваа институција на изборите кои се закажани за овој месец ноември.

Но, дали прифаќањето на премисата на Петерсон дека руската војна и алтернативната десница во САД се групи кои припаѓаат на истото глобално движење значи дека левичарите треба едноставно да заземат спротивна страна? Овде ситуацијата станува посложена. Иако Петерсон тврди дека се спротивставува на комунизмот, тој истовремено напаѓа и една голема последица на глобалниот капитализам. Како што напишале Маркс и Енгелс пред повеќе од 150 години во првото поглавје од Комунистичкиот манифест:

„Буржоазијата, секогаш кога ја има предноста, им става крај на сите феудални, патријархални, идилични односи. …Сите веќе воспоставени и брзо замрзнати односи, заедно со нивните изворни и почитувани предрасуди и мислења, се збришани, а сите оние кои се новоформирани застаруваат уште пред да можат да се етаблираат. Сè што е цврсто исчезнува во воздухот, сè што е свето се осквернува и човекот, конечно, е принуден трезвено да се соочи со своите реални услови на живот и во односите со другите луѓе.”

Оваа констатација е нешто што студиозно се игнорира од страна на левичарските теоретичари на културата кои во својата критика сè уште ставаат акцент на патријархалната идеологија и практика. Сепак, сигурно е дека критиката на патријархатот ја достигна својата апотеоза токму во оној историски момент кога патријархатот ја загуби својата хегемонистичка улога – односно кога беше збришан од пазарниот индивидуализам.

На крајот на краиштата, што е она што останува од патријархалните семејни вредности кога детето може да ги тужи своите родители за занемарување и злоупотреба (што само по себе имплицира дека родителството е само уште еден привремен и непостојан договор помеѓу поединци кои сакаат да извлечат одредена максимална корист)?

Се разбира, таквите „левичари“ се овци во волчја кожја кои, додека го бранат владејачкиот естаблишмент, самите себеси си кажуваат дека се радикални револуционери. Во денешно време, постепеното исчезнување на предмодерните општествени односи и форми веќе отиде многу подалеку отколку што Маркс можел и да замисли. Сите аспекти на човечкиот идентитет сега стануваат прашање на избор; природата сè повеќе станува предмет на манипулација од страна на технологијата.

Во таа смисла, „граѓанската војна“ што Петерсон ја забележува кај развиениот Запад е химера, поточно судир помеѓу две верзии на истиот глобален капиталистички систем: либерален индивидуализам кој нема граници наспроти неофашистички конзервативизам, кој се обидува да го обедини капиталистичкиот динамизам со традиционалните вредности и хиерархии.

Тука се забележува двоен парадокс. Западната политичка коректност („разбуденост“) ја измести класната борба, создавајќи либерална елита која тврди дека ги штити загрозените расни и родови малцинства, со цел да го оттргне вниманието од економската и политичка моќ на своите членови. Во исто време, оваа лага им овозможува на популистите на алтернативната десница да се претставуваат како бранители на „вистинските“ луѓе против корпоративните и елитите на „длабоката држава“, иако и тие заземаат високи раководни позиции на економска и политичка власт.

Конечно, двете страни се борат за пленот на еден систем во кој тие се целосно соучесници. Ниту една страна вистински не се залага за оние кои се експлоатирани ниту, пак, има интерес да биде солидарна со работничката класа. Импликацијата тука не е дека „левица“ и „десница“ се застарени поими – како што често може да се слушне – туку дека културолошките војни ја замениле класната борба како двигател на политиката.

Во таа смисла, каде е Европа во сето ова? Сајмон Тисдал од Гардијан укажува на една мрачна, но сепак точна слика:

„Целта на Путин е омаловажување на Европа. Претворањето на енергетиката, храната, бегалците и информациите во оружја, рускиот лидер ја шири економската и политичката болка и создава воени услови за сите. Се наѕира долга, студена зима која ќе биде исполнета со лоши моменти како што се недостиг на електрична енергија и разни превирања. …Премрзнати пензионери, гладни деца, празни полици во супермаркетите, зголемување на трошоците за живот, девалвирани плати, штрајкови и улични протести се нешта кои укажуваат на колапс во стилот на Шри Ланка. Дали претеруваме? Не баш“.

Со цел да се спречи тотален колапс и запаѓање во нереди, државниот апарат, во тесна координација со другите држави и потпирајќи се на локално мобилизирање на луѓе, ќе мора да ја регулира дистрибуцијата на енергијата и храната, а можеби и да прибегне кон управување од страна на вооружените сили. Во таа смисла, Европа има единствена шанса да го остави зад себе својот досегашен живот на изолирана благосостојба, стакленото ѕвоно во кое најголема грижа беа цените на гасот и електричната енергија.

Како што неодамна изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски за Вог, „Само обидете се да го замислите она што го зборувам да се случи кај вас дома, во вашата земја. Дали и понатаму би размислувале за цените на бензинот или за цената на струјата?“

Во право е. Европа е нападната и таа треба да се мобилизира, не само воено, туку и социјално и економски. Оваа криза треба да ја искористиме за да го промениме нашиот начин на живот, да усвоиме вредности кои ќе не поштедат од еколошка катастрофа во наредните децении. Ова е можеби нашата единствена шанса.

 

Авторски права: Project Syndicate, 2022 година. www.project-syndicate.org

Славој Жижек

Славој Жижек е професор по филозофија на Европската школа за постдипломски студии, меѓународен директор на Институтот за хуманитарни науки „Биркбек“ на Универзитетот во Лондон и автор на Рај во неред (Heaven in Disorder) (издавач: OR Books, 2021).