fbpx

Сите фактори кои доведоа до војна во Украина

Виктор Јакимовски

Политика

02.03.22

Прегледи

Колку всушност е длабок овој проблем, за да дојде до точка од која „нема враќање“?

Иако до пред само неколку недели изгледите за војна изгледаа минимални и сите потези на Кремљ изгледаа како средство за создавање на подобри позиции во преговорите, сепак дојде до воени интервенции. Историски овие два народа се нарекуваа „братски“, но кога државните интереси се во прашање, по се изгледа тоа е ирелевантно.

Примакова „доктрина“

Евгениј Примаков без сомнение е гуруто на руската надворешна политика од средината на 90-ти па натаму. По неуспешниот пуч во август 1991 година тој ќе биде назначен за прв заменик-претседател на КГБ и директор на Првиот главен директорат на КГБ одговорен за странско разузнавање, за подоцна да стане министер за надворешни работи, односно премиер. Кратко кажано, „златното дете“ на модерната руска дипломатија.

Имено, столбот на „доктрината“ на Примаков е дека униполарниот свет доминиран од САД по падот на комунизмот, е спротивен на интересите на Русија и дека Русија треба да се бори против интересите на САД до степен на создавање на нов мултиполарен свет. Примаков е свесен дека економски Русија не е спремна сама да се спротивстави на САД и предлага Русија да влезе во партнерство со Кина и Индија во борбата за создавање на нови глобални центри на моќ. Во таков случај, Русија би можела да ги опонира унилатералните потези на САД во глобалната арена.

За фактичко остварување на овие идеи, „доктрината“ на Примаков се базира врз три основни принципи. Првиот е осигурување на руската доминација во пост-советскиот блок и понатамошно ширење на својата сфера на влијание кон Централна Азија и Блискиот Исток. Вториот принцип е спречување на понатамошното ширење на НАТО кон исток и доколку е можно да се ослабат и земјите-членки и партнерите на САД кои не се членки на алијансата. И трето, создавање на руско партнерство со Кина и Индија.

Геополитичката реалност во Европа низ руска призма

Русија во изминатите дваесет години не се чувствуваше воопшто комотно во своето западно соседство поради ширењето на НАТО кон исток и особено со пројавувањето на интерес кај Грузија и Украина за приклучување во алијансата. Тоа Кремљ го манифестираше и со интервенциите во Грузија во 2008 година и она што го започна со Украина (Крим) во 2014 година. Сепак, во последните десетина години повторно оживеаа некои стари геополитички идеи кои сериозно го загрижија Кремљ.

Едната опасност за Русија беше обединувањето на група од повеќе земји околу идејата за Three Seas Initiative и кои ја сметаа Украина како клучна во полното спроведување на идејата за спротивставување на Русија, најмногу на енергетски план, додека другиот геополитички аларм дојде од Истанбул пред неполна година – со започнувањето на изградбата на „Истанбулскиот канал“.

Имено, со изградбата на Истанбулскиот канал, Турција планира да ја заобиколи, или попрецизно кажано, да не ја примени Конвенцијата од Монтро со која се регулира режимот на Босфорот и Дарданелите. Со оваа Конвенција, меѓудругото, се предвидува забрана за влез на воени бродови во Црното Море на земји кои не се негови резиденти. Токму ова ги спречува САД да стационираат големи воени бродови во Црното Море, а исто така, поради кризата за статусот на мореузите од 1946 година, СССР де факто ја приморува Турција да стане членка на НАТО.

Eвентуална изградба на Истанбулскиот Канал и негово засебно функционирање надвор од рамката предвидена со Конвенцијата од Монтро би значело можно зголемено присуство на американски воени бродови во најважните води кои ги има Русија. Ова за Русија е многу важно безбедносно прашање, бидејќи овој меѓународен договор и даваше некаква гаранција дека шансите за инвазија од Црното Море се минимални.

Сепак, по анексијата на Крим, официјален Кремљ не сакаше да остава на случајности и започна со изградба на познатиот Кримски мост во Азовското Море кај Керчкиот Теснец. Имено, овој мост покрај комерцијалната употреба и симболиката којa ја имаше со спојувањето на Крим со останатата руска територија, има за цел и еден вид на физичка (одбранбена) бариера за влез на високи (воени) бродови во Азовското Море поради висината од само 35 метри.

Историјата покажува дека на Русија најголемите опасности најчесто и доаѓале од запад. Односно, прво Наполеон, па подоцна Хитлер дошле од нивната западна страна – Наполеон инвазијата ја направил преку Литванија и Белорусија, додека Хитлеровата војска преку Полска влегува во Белорусија, и најголем дел Украина за да стигне до Москва и Кавказот. Зошто е ова толку важно?

Извор: pixabay.com

Северната-Европска Низина е кошмар во одбранбена смисла за Русија. Овој рамен терен кој што започнува некаде од Белгија и Холандија на запад и кој кон исток станува се поширок е многу тежок во смисла на воена одбрана, бидејќи се работи за огромен рамен терен. Од руска перспектива, тие на НАТО гледаат како на потенцијален агресор чија војска преку своите земји-членки во иднина многу лесно би дошла во „дворот“ на Русија. Така доаѓаме до клучниот проблем со Украина.

Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ / CSTO) е воен сојуз меѓу Русија, Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан кој што е налик на НАТО и е еден вид на „осигурач“ за Русија во пост-советскиот блок – дека нивните стратешки точки нема да бидат доведени во прашање од страна на НАТО. Она што е специфично е тоа што Украина не сакаше да влезе во ОДКБ.

Со евентуалното ставање на Украина во орбитата на официјален Кремљ (членство во ОДКБ), дефанзивните линии ќе беа поместени до границата на Украина со Полска, па вака гледано не е ни чудна изјавата на Путин за тоа дека, според него, распадот на СССР е најголема геополитичка катастрофа на 20-от век. Сето ова покажува колку само Украина била и се уште е клучна за сите стратегии кои Русија ги има спрема запад, и дефанзивно, и офанзивно, и историски и економски.

Економските прилики за Русија во Украина

За време на постоењето на СССР, Украина претставува мост за главните енергетски коридори од изворите во Сибирската област преку кои се снабдува Европа со гас. По распадот на СССР и стекнувањето на независност на Украина, Русија е затечена од ситуацијата во која Украина бара плаќање на тарифи поради минувањето на коридорите низ нејзината територија, на што во тоа време е приморана да се согласи.

На Русија не и се допаѓаше оваа зависност, па во последните дваесет години започна со изградба на гасоводна мрежа која ќе ја заобиколува Украина – Северен тек 1, Северен тек 2, Турски тек, Јужен Тек и гасоводот Јамал-Европа.

Работите значајно се сменија пред десет години кога во Ексклузивните Економски Зони (ЕЕЗ) на Украина во Црното Море (најмногу околу Крим), а исто така и во Донбас на исток и во близина на Карпатите на запад, се пронајдени резерви на гас вредни трилиони американски долари.

Алармите во официјален Кремљ се активираа кога ЕксонМобил и Ројал Дач Шел ги добија правата за истражување и ископи – што значеше дека Украина би можела за 5-10 години да ги предизвика руските енергенси од кои е зависно руското БДП, но и нивното користење како „инструмент за принуда“ во меѓународните односи. Со таков „бум“ веројатно на Украина не би и требало многу време за подоцна да стане членка на ЕУ.

Првата етапа од одговорот на Русија кон оваа „опасност“ беше анексијата на Крим. Со анексијата, Русија успеа под своја контрола да стави 2/3 од ЕЕЗ на Украина и каде што се претпоставува дека се лоцирани најголемиот дел од наоѓалиштата за гас, а исто така и да заплени опрема за ископи во вредност од 800 милиони американски долари, со што дополнително ја оневозможи Украина да врши понатамошни ископи.

Затоа не е ни чудно што сега на преговарачката маса, едно од трите барања на руската страна е официјален Киев да признае дека Крим е Руска територија, што би им ја олеснило ситуацијата со ЕЕЗ и вршењето на ископи во нив.

Од моментално настанатата ситуација, Русија успеа да реши едно еколошко и економско прашање, а тоа е снабдувањето со вода на Крим, кое беше затворено од Украина по анексијата на Крим од страна на Русија, и е многу веројатно дека ова прашање ќе биде едно од неколкуте „жешки точки“ во преговорите.

Зошто баш сега?

„Кога борбата е неизбежна, нападни прв“, ова го рече Владимир Путин, објаснувајќи ја својата одлука да се спротивстави на ИСИС, велејќи дека оваа лекција ја научил на улиците во неговиот роден град пред педесет години.

Една од причините зошто баш сега да се тргне во ваква „авантура“ лежи во тоа дека Путин или официјален Кремљ има направено проценка околу поделеноста по многу прашања во западниот блок - на пример за ситуацијата околу Германија и Северен тек 2; ставот на Макрон за тоа дека НАТО е „brain dead“ и дека ЕУ треба да се фокусира кон своја засебна безбедносна политика, итн.

Втората причина е демографскиот проблем кој го има Русија. Во периодот меѓу октомври 2020 и септември 2021 Русија го претрпе најголемиот природен пад на населението од Втората светска војна, губејќи 997.000 луѓе. Овој тренд сериозно ќе влијае на одлуките што Русија ќе ги преземе во следната деценија, поради опасноста од ослабнување на нивната воена моќ на долг рок.

Третата и последна причина е субјективна, на претседателот Владимир Путин. Односно, како човекот кој има апсолутна власт во една од трите најмоќни држави во светот сака да биде запаметен од историјата.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Виктор Јакимовски

Виктор Јакимовски е дипломиран политиколог. Своите студии ги завршил на Правниот факултет „Јустинијан Први" - Скопје. Во моментов ги изучува своите магистерски студии по меѓународни односи, европски интеграции и дипломатија на истиот факултет.