fbpx

Терористичката држава на Путин да биде ставена на црната листа

Анастасиа Радина

Политика

19.03.22

Прегледи

Со оглед на тоа што руското масакрирање на украински цивили влегува во својата трета недела, најмалку што Западот може да направи е формално да го признае Владимир Путин за она што е: меѓународен криминалец. Ако не го стори тоа, долгогодишните заложби за владеење на правото на Западот и основното човеково достоинство ќе бидат доведени во прашање.

Во Украина се случува хуманитарна катастрофа, а остатокот од светот е набљудувач на тие случувања. Владимир Путин води неселективна војна против цивилното население во Украина. Разурнувачката опсада на Мариупол од страна на руските сили, вклучително и намерното бомбардирање на детска болница и породилиште се исто така дел од оваа шема. Како што изјавува украинскиот претседател Володимир Зеленски, тоа е уште еден доказ дека во нашата земја се случува геноцид.

Повеќе од 2.100 луѓе се убиени само во Мариупол од почетокот на инвазијата. Низ цела Украина, руските војници држат како заложници стотици илјади луѓе, спречувајќи ги да ги напуштат своите градови додека неселективно и без предупредување ги гранатираат. Се проценува дека околу 2,8 милиони луѓе ја напуштиле земјата, а милиони други морале да ги напуштат своите домови за да најдат засолниште.

Луѓето со денови чекаа во редици на границите а многумина од нив најдоа сигурност во домовите на соседите и на непознати луѓе. Илјадници заедници немаат греење, струја или вода. Има извештаи за луѓе кои пијат од барички со вода и за деца кои умираат од дехидрација. Во текот на 22-годишното владеење на Путин, Русија постојано постапуваше неказнето, уценувајќи го светот со премолчената закана од нуклеарна одмазда.

Меѓународната заедница беше сведок на тоа, гледаше како неговиот режим ги пустоши Чеченија и Грузија со истите воени напади како што сега ги спроведува во Украина, илегално го анектираше Крим и води хибридна војна против другите земји ширум светот. Режимот во Сирија кој е поддржан од Кремљ втурна во сиромаштија 90 отсто од населението во таа земја, а Обединетите нации известуваат дека на 14,6 милиони Сиријци, од вкупното население од 17,5 милиони луѓе, им е потребна хуманитарна помош.

Сега, Украина се претвори во штитот на Западот од Путин. Бидејќи меѓународниот безбедносен систем е во распад а хуманитарното право се крши безброј пати, повторно и постојано, она што на Украина ѝ треба најитно се оружје и ракетни системи за заштита на небото. Но, освен воената, економска и хуманитарна помош, на Украина очајно ѝ е потребно светот дополнително да го изолира Путин преку правни постапки. Затоа, Комисијата за антикорупциска политика на украинскиот Парламент ја свика Работната група за финансиска акција за борба против перење пари да ја избрише Руската Федерација и да ја додаде на црната листа на јурисдикции со висок ризик.

Како меѓународно тело кое е задолжено за борба против финансирање тероризам и перење пари, ФАТФ може да ги забрани меѓународните трансакции со Русија, со што ќе му биде нанесен удар на воениот мотор на земјата. Сепак, дури и во ситуација на сторени злосторства, како оние извршени во Мариупол, ФАТФ сепак не делуваше. ФАТФ е формиран од страна на Г7 државите во 1989 година за да ги координира правните и регулаторните активности против заканите за светскиот финансиски систем предизвикани од перењето пари и финансирањето тероризам.

Организацијата има 39 членови, вклучително и Руската Федерација, и повеќе од 200 јурисдикции кои се исто така членки. Некои од основните одговорности на нејзините членки (наведени во 40+9 препораките) се криминализирање на „финансирањето тероризам и перењето пари поврзано со него“, како и замрзнување и конфискација на „терористички средства“.

Меѓу другите задачи, ФАТФ исто така ги препознава јурисдикциите кои претставуваат закана за меѓународниот финансиски систем поради нивното слабо спроведување на правилата за спречување на перењето пари и финансирањето тероризам, и притоа ги става на листата на јурисдикции со висок ризик. Русија беше ставена на црната листа во 2000-та година поради постојаната неусогласеност со меѓународните мерки против перење пари, а беше отстранета од таа листа во 2002 година поради остварениот напредок во усогласеноста со обврските.

Очигледно е дека, со оглед на бројноста на информации за перење пари и финансирање тероризам кои биле спроведени од руската влада, каков и да бил тој напредок, сега работата е вратена назад. И мораме искрено да кажеме: дејствијата на Русија во Украина претставуваат тероризам. Таканаречените Народна Република Доњецк и Народна Република Луганск се занимаваат со тероризам додека функционираат под директна руска контрола веќе осум години.

Во јули 2014 г. Руски проектил Бук го собори летот 17 на Малезија Ерлајнс над источна Украина, при што загинаа 298 патници и членови на екипажот. Холандското јавно обвинителство има обвинетo тројца Руси (Игор Гиркин, Сергеј Дубински и Олег Пулатов) и еден Украинец (Леонид Харченко) за убиство. Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари се случија безброј напади врз цивили - ракетни напади врз станбени згради, болници, детски градинки и засолништа во Киев, Харков, Суми, Чернихив и други населени центри.

Руските сили дури ги нападнаа објектите во нуклеарните централи во Чернобил и Запорожје и акумулацијата за вода во Киев, покажувајќи огромна непромисленост.

Сите овие дела спаѓаат во дефиницијата за тероризам. Нивна цел е да ги унапредат политичките цели на Русија со убивање, осакатување и заплашување на цивилното население. Русија на тој начин ги прекрши и Меѓународната конвенција на ОН за сузбивање на финансирањето на тероризмот (1999) и Меѓународната конвенција за сузбивање на акти на нуклеарен тероризам (2005 година). Резолуцијата 1373 (2001) на Советот за безбедност на ОН бара од сите држави да спречат финансирање на терористички акти, но Русија го прави токму тоа во Луганск и Доњецк.

Во овие околности, продолжувањето на членството на Русија во ФАТФ е дополнителна навреда на меѓународното право. Претседателот на организацијата, Маркус Плејер, и владите на Г7 државите треба да се обидат да ја протераат Русија и да ја додадат на листата на јурисдикции со висок ризик кои се дефинираат како оние кои имаат „сериозни стратешки недостатоци за да се спротивстават на перењето пари, финансирањето на тероризмот и финансирањето на пролиферацијата“.

До денес, ФАТФ има изразенo „голема загриженост“ за ситуацијата во Украина и укажа дека таа ја „преиспитува улогата на Русија“ во организацијата. Сепак, следниот состанок нема да биде до месец јуни, и се чини дека ќе се придржува до тој распоред. Ваквата неактивност значи поддршка за Путин. Меѓународните договори се безвредни доколку не се применуваат и спроведуваат навремено.

Една од најголемите ненаучени лекции од историјата е дека смирувањето не функционира. Мојот дедо има 93 години и не сака да си замине од Киев. Тој бил момче кога нацистите му го зазедоа градот во 1941 година. Која е поентата да велите „никогаш повеќе“ 80 години по ред ако не сте подготвени да дејствувате кога ќе дојде моментот на вистината? Најмалку што можеше да направи Западот е да бара одговорност од Путин за намерното напаѓање на цивилни цели. Одлучен потег од страна на ФАТФ би бил добар почеток.

Светот набљудува. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги нарече критиките за бомбардирањето на болницата во Мариупол „патетични“. На некој начин тој е во право. На ваквите злосторства да се реагира со зборови е патетично. Западот мора да направи повеќе за да се обезбеди дека „никогаш повеќе“ сè уште, сепак, значи нешто.

 

Авторски права: Project Syndicate, 2022. www.project-syndicate.org

Анастасиа Радина

Анастасиа Радина е шеф на Комитетот за антикорупциска политика во парламентот на Украина (Verkhovna Rada).