fbpx

Зошто Ердоган постојано победува

Дарон Ацемоглу (Daron Acemoglu)

Политика

24.05.23

Прегледи
Автократскиот претседател на Турција и неговата Партија на правдата и развојот (АКП) веројатно ќе ја задржат власта, и покрај корупцијата што е вон секаква контрола и лошото економско управување. Тоа е добра вест за другите десничарски популисти, но многу лоша вест за турската економија што е во вртоглав пад.

Тешко е да не се биде разочаран од исходот од првиот круг од претседателските и парламентарните избори во Турција што се одржаа на 14 мај. Во кампањата којашто беше дефинирана од последиците од огромниот земјотрес во февруари, сè поголемите економски проблеми и продлабочувањето на корупцијата, големи беа надежите дека сè поавторитарното 20-годишно владеење на претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе заврши.

Некои анкети покажаа дека опозицијата составена од шест партии, предводена од умерениот левичар Кемал Киличдароглу од Републиканската народна партија (ЦХП), ќе може да освои мнозинство или, во најмала рака, да влезе во вториот круг со предност пред Ердоган.

Турција оди во вториот круг на гласање на 28 мај со водство на Ердоган, кој доби 49,5 отсто од гласовите. Киличдароглу доби помалку од 45 отсто од гласовите, а остатокот го освои екстремно десничарскиот, антиимигрантски кандидат, Синан Оган, кој на 19 мај ќе објави кого од двајцата преостанати кандидати го поддржува. Но, се чини веројатно дека значителен дел од неговите поддржувачи ќе го поддржат Ердоган во вториот круг.*

Причините за овој донекаде неочекуван исход не се неточните анкети, туку тие задираат повеќе во сржта на општеството. Невозможно е да се најде логика во резултатите без да се препознае колку националистички стана турскиот електорат.

Таа промена го одразува долготрајниот конфликт со курдските сепаратисти во југоисточниот дел на земјата, масовниот прилив на бегалци од Блискиот исток и децениската пропаганда предводена од големите медиуми и Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган. На парламентарните избори, АКП, нејзиниот коалициски партнер, Партијата за националистичко движење (МХП), Добрата партија (İyiP, втора по големина во опозициската коалиција) и најмалку три други партии настапија со националистичка агенда. МХП, на пример, доби повеќе од 10% од гласовите, и покрај неефикасната кампања водена од болен лидер кој не е во чекор со актуелните настани.

Борбениот национализам на Ердоган беше попривлечен за електоратот отколку што беше умерената и антикорупциска кампања на Киличдароглу, особено имајќи предвид дека Киличдароглу е од малцинството Алеви (шиитски огранок во претежно сунитска земја) и имаше имплицитна поддршка од курдската партија и гласачите.

Сепак, не треба веднаш да прибегнеме кон следниве две едноставни толкувања на изборните резултати. Првото е дека, без разлика дали им се допаѓа на образованите урбани граѓани или не, исходот ја одразува демократската волја на турската јавност. Второто е спротивно на првото: дека ова беа лажни избори, режирани од автократ.

Вистината е дека многу турски гласачи го поддржаа Ердоган и покрај тоа што сфаќаат дека корупцијата во неговата партија достигна астрономски размери и дека лошото економско управување доведе до троцифрена инфлација и сериозни проблеми. Тој доби поддршка дури и во областите најтешко погодени од земјотресот, каде што политичката корупција на АКП беше главен фактор за неверојатната штета и загубата на животи.

Од друга страна, изборите не можат да се опишат како слободни и фер. Телевизиските и печатените медиуми се речиси под целосна контрола на Ердоган и неговите сојузници. Лидерот на партијата на курдското малцинство е во затвор веќе неколку години, а судството и поголемиот дел од бирократијата веќе не се независни и постојано постапуваат по налог на Ердоган.

Ердоган и АКП, исто така, ги користат државните ресурси за да ја одржат огромната покровителска мрежа што ја создадоа и да ги поддржат клучните изборни единици. Зголемувањето на минималната плата, покачувањето на платите на владините службеници, ниските кредитни стапки од државните банки за сојузничките бизниси и притисокот врз компаниите да не отпуштаат вработени, дури и во тешки времиња, ја зацврстија лојалноста на гласачите. Дел од причината зошто Ердоган доби толку голема поддршка во зоните погодени од земјотресот е тоа што тој лично делеше пари, отвори нови државни работни места и им вети нови домови на настраданите.

Но, додека противниците на Ердоган повторно го потценија неговото вешто користење на локалните организации и покровителските мрежи на АКП и неговата способност да ги процени ставовите на многу гласачи, изборните резултати се лоша вест за иднината на турските институции. Контролата на Ердоган врз медиумите, судството и бирократијата, вклучително и централната банка, само ќе расте. Политиките за спречување на корупцијата или подобрување на лошото економско управување не изгледаат многу веројатни.

Оптимистите може да истакнат дека парламентарното водство на АКП се намали. Сепак, Ердоган можеби е во подобра позиција да го контролира парламентот по вториот круг од изборите отколку што беше претходно. Империјалното претседателство, што тој го воведе, ја ослабе улогата на парламентот, а опозицијата ќе биде уште повеќе поделена таму. ЦХП има помалку места, бидејќи опозицијата дополнително се фрагментираше, а нејзиниот лидер Киличдароглу отстапи дел од безбедните места на ЦХП за помалите партнерски партии, за да ја одржат опозициската коалиција и да се обединат зад неговата кандидатура.

Покрај тоа, турската економија е во многу лоша состојба. Агрегатната продуктивност стагнира повеќе од 15 години, а општото влошување на економските институции доведе до инфлацијата што едвај е под контрола. И нефинансиските корпорации и банките имаат лоши биланси, што навестува посериозен колапс во блиска иднина. По снемувањето на девизните резерви во 2021 година, централната банка стана зависна од поддршката од пријателските земји, а јавната потрошувачка на АКП поврзана со изборите ги исцрпи фискалните ресурси во време кога на владата ќе ѝ треба масовно финансирање за обнова на регионите уништени од земјотресот.

Тешко е да се види како може да се нормализира економијата без масовни приливи на ресурси. Тие веројатно нема да дојдат без силен сигнал дека владата ќе усвои поконвенционални политики.

Но, АКП и нејзините сојузници во бирократијата немаат експертиза да ја заштитат економијата во овие тешки времиња. Неколку економисти и бирократи кои беа наклонети кон конзервативизмот на партијата и беа подготвени да соработуваат со неа ги протераа од кругот на Ердоган, а нивните места ги пополнија со послушници.

И светот може да извлече поука од изборите во Турција. Прво, успехот на Ердоган е добра вест за другите десничарски популисти и моќници, како што се Нарендра Моди во Индија и Доналд Трамп во САД, кои најверојатно ќе продолжат да користат слични тактики и агресивна националистичка реторика за активирање на својата база и за продлабочување на поларизацијата.

Второ, искуството на Турција во наредните месеци ќе ги открие економските последици од овој тип на политика, ќе се види кој ќе ја плати цената и како ќе реагира странскиот и домашниот капитал. Авторитаризмот често се поврзува со лошо економско управување, а она што се случува во Турција нема да остане само во Турција.

* На 22 мај, Синан Оган ги повика своите приврзаници во вториот круг да гласаат за Ердоган.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Дарон Ацемоглу (Daron Acemoglu)

Дарон Аџемоглу, професор по економија на МИТ, е коавтор (со Џејмс А. Робинсон) на делото Why Nations Fail: The Origins of Power, Prosperity and Poverty („Што предизвикува пад на нациите: потеклото на моќта, просперитетот и сиромаштијата“) (Профил, 2019) и коавтор (со Сајмон Џонсон) на Power and Progress: Our Thousand-Year Struggle Over Technology and Prosperity („Моќ и напредок: Нашата илјадагодишна борба за технологија и просперитет“) (PublicAffairs, мај 2023 година).