Едно од фундаменталните права гарантирани со Уставот и со меѓународните акти за човекови права, е правото на неповредливост на домот. Oва право првенствено го штити домот од неосновано или неоправдано навлегување на државните органи, вклучително и од претреси извршени без исполнување на уставните и законските услови.
Нашата уставна одредба со членот 26 ја гарантира неповредливоста на домот, со два исклучоци: при откривање или спречување на кривични дела и при заштита на здравјето на луѓето, при што првата основа се применува значително почесто. Во Република Македонија, единствен период во кој можноста легално да се наруши неповредливоста на домот поради заштита на здравјето на луѓето постоеше при пандемијата на ковид-19 во периодот 2020-2022 година.
Силни гаранции на хартија
Теоретски, нашиот Закон за кривична постапка дава доволно правна заштита и гаранции за граѓаните дека неповредливоста на домот може да биде „ставена во мирување” само во исклучителни случаи, при откривање и спречување на кривични дела или пронаоѓање докази за нив, како и пронаоѓање на лица по кои се трага заради приведување.
Барањето до суд го поднесува надлежен обвинител или во итни случаи правосудната полиција, а го издава судија на претходна постапка кој треба да процени дали барањето е основано и дали постојат минимум докази во поткрепа на барањето.
Но, нашата кривично-правна пракса често отстапува од нормативите. Моето долгогодишно искуство, но и генералната пракса, покажува дека овој важен механизам на „checks and balances“ во пракса најчесто е сведен на формалност. Образложенијата на наредбите за претрес по поднесено барање се исклучително оскудни, најчесто во една шаблонска реченица. И покрај тоа што судијата на претходна постапка има дискреционо право на одлучување, оскудните образложенија, кои се правило, а не исклучок, несомнено доведуваат до заклучокот дека постапката, а со тоа и заштитата на граѓаните од евентуални злоупотреби, е формална, а не суштинска.
Огромен проблем е и менталитетот на самите судии кои како да не сакаат да го уживаат авторитетот што ние како општество и самите законски решенија им ги даваат. На стручно советување, поранешна судијка на претходна постапка (сега во пензија) на мои забелешки токму на оваа тема беше зачудена како јас, како адвокат очекувам судиjaта да одбие барање за претрес и со тоа да им ја саботира акцијата на МВР. Овој став, кој за жал е широко распространет меѓу македонските судии, е коренот на проблемот.
Поразителна пракса
Самиот судија на претходна постапка не се доживува себеси како гарант на граѓанските права, како „брана” од незаконито постапување на органите на прогонот, како гарант дека, и во услови кога светоста на домот ќе биде повредена, тоа ќе биде во законита постапка. Неприфатливо е еден судија, кој треба да е врвен правен авторитет, далеку во хиерархијата над МВР или Обвинителството, да нема одважност доследно да го применува законот.
Ваквиот став, освен што е правно неоснован, е и спорен од практични причини. Доколку во овој дел улогата на судијата на претходна постапка е само формална, сведена на административна, а не заштитна улога, се наметнува прашањето чуму е потребата од постоење на кривично-правни ингеренции на судијата на претходна постапка. Едноставно, МВР или Обвинителството можат да си издаваат наредби за претрес во услови кога судиите на претходна постапка не сакаат „да им ги рушат акциите на МВР”.
Еден од најспорните обиди (или најави) за нарушување на неповредливоста на домот се случи во октомври 2020 година, во екот на ковид-19 пандемијата. Тогашниот Министер за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека полицијата „со дозвола на јавен обвинител” ќе може да влегува во домовите на граѓаните за да го проверува бројот на собрани граѓани и да утврдува дали се прекршуваат мерките за заштита од ковид-19.
Не е за замерка непознавање на постапката и фактот дека судот, а не обвинител, издава наредби за влез во нечиј дом, но за замерка е авторитарната тенденција да, под превезот на наводно непочитување на ковид мерките, се подрива едно од фундаменталните граѓански права. Притоа неприфатливо беше, и сè уште е, да се презентира тоа како грижа за граѓаните, кога во пракса остана нејасно како ќе се утврди минимум основано сомнение за да се премине на фаза на барање наредба за влез во нечиј дом?
Извор: envato.com
Тогашниот министер се повикуваше на „допрен глас“, но тоа е преширока основа, особено во тој мрачен период што за среќа е зад нас. Поради притисокот од јавноста, оваа непопуларна и исклучително опасна мерка не се реализираше. Во спротивно, тоа ќе овозможеше прешироки овластувања на полицијата да настапува во „Гестапо“ стил.
Законската одредба дозволува и усна наредба за претрес во состојби на итност, но тука процесниот закон инсистира на писмена потврда во рок од 24 часа. Било какво поинакво постапување претставува нелегален претрес, а со тоа и исклучување на доказите пронајдени од истиот.
„Убиствена“ статистика
Праксата и статистиката по ова прашање се поразителни. По мое истражување за потребите на овој текст до Основните кривични судови во Скопје (СУ бр. 431/26), Штип (СПИ бр. 5/26-1), Битола (СУ бр. 03-214/26) и Гостивар (СУ бр. 185/26) за статистички податоци колку барања за наредби за претрес се поднесени, а колку одобрени, одговорите ни велат дека за годините 2022, 2023, 2024 и 2025 година до овие четири суда биле поднесени 3.282 барања за претрес на дом а биле издадени 3.255 наредби. Односно, 99.2% од барањата се усвоени. Единствено судот во Гостивар во 2022 и 2023 година се „дрзнал” да одбие 27 барања и со тоа да го расипе стопроцентниот учинок.
Останатите три судови и нивните одделенија за претходна постапка, беспоговорно ги прифаќаат барањата, што ја потврдува тезата дека тие само формално, а не суштински постапуваат и не водат сметка за тоа да бидат онаа клучна заштита на базично граѓанско право.
Коренот на проблемот, според мене, не е во недостигот од законски одредби, туку во недостигот од институционална храброст тие доследно да се применуваат. МВР е моќен орган на извршната власт, а токму улогата на судот е да ја ограничи таа моќ кога ќе ја премине законската граница.
Судијата што стравува дека со одбивање на неосновано барање ќе ѝ ја „урне акцијата“ на полицијата целосно ги помешал улогите: наместо да го штити граѓанинот од произволното постапување на државата, тој ја штити државната акција од контролата на законот. Домот не е неповредлив само затоа што така пишува во Уставот, туку затоа што постои судија подготвен да го одбие секое барање што не ги исполнува законските услови.
Ако таквото „не“ постои само во теоријата, тогаш и уставното право постои само на хартија.
