fbpx

Примена на медијацијата им пружа „втора шанса“ на децата во Македонија

Ангела Делевска

Правда

22.06.22

Прегледи

Со медијацијата детето може да сфати дека згрешило, да почувствува одговорност и каење поради стореното и да биде свесно дека со медијација му се пружа втора шанса, без да му се оформи криминално досие. Но, медијацијата ретко се применува во кривичните постапки против деца во Македонија. Зошто?

Постапувањето спрема децата отсекогаш имало свои специфики по кои се разликувало од постапувањето спрема возрасните, како сторители на кривични дела. Иако казнено-правниот систем во основа е ретрибутивен систем (систем кој се заснова на казнување), ваквото поинакво постапување се оправдува со психо-физичкиот, емоционалниот и менталниот степен на развиток на детето и соодносот помеѓу возраста и зрелоста на истото.

За некои автори/правни експерти, ресторативниот модел претставува значајна алтернатива на кривичната постапка, која како одговор на криминално однесување промовира диверзионен модел за одбегнување на казнената постапка. Во центарот на вниманието ги има релациите помеѓу оние кои биле засегнати, на жртвите и на оние кои ги нанеле последиците, наместо делото, системот и казната.

За други, ресторативната постапка е кохерентна и компатибилна на кривичната постапка и нужно е во самата кривична постапка да се импементира што е можно повеќе ресторативност.

Медијација како најдобар интерес за детето

Кај нас ресторативниот пристап е уреден со Законот за правда за децата каде постојат и одредби кои ја уредуваат медијацијата како специфична област, за кривични дела кое ги извршило дете во судир со законот и за кое е предвидена казна затвор до пет години, односно дете кое е кривично одговорно. Па така, Законот за правда на децата е lex specialis во однос на медијациите каде сторители на кривични дела се деца, додека Законот за медијација се применува супсидиерно, како lex generalis.

Односно, постапката за медијација согласно Законот за правда на децата, може да се спроведе по пријава за кривичното дело, при што надлежниот јавен обвинител, по претходна информирање и писмена согласност на детето и неговиот законски застапник, бранителот и оштетениот може да ги упати страните на постапка за медијација.

Доколку јавниот обвинител не ги упати странките и судската постапка започне, тогаш до завршување на главниот претрес надлежниот суд за деца, може од причини на целесообразност, а по претходна писмена согласност на детето и неговиот законски застапник, бранителот и оштетениот со решение постапката да ја прекине и да ги упати страните на постапка на медијација. Со одредбите се утврдени и условите и начинот на определување на медијатор, како и условите и начинот на спроведување, траење и завршување на постапката на медијација.

Главната цел на медијацијата не е утврдување на грешки и „казнување“ на некоја страна, туку дијалог помеѓу детето и оштетениот како рамноправни страни, со крајна цел - сочувство со жртвата. Односно, со медијацијата детето е потребно да сфати дека згрешило, да почувствува одговорност и каење поради стореното и да биде свесно дека низ постапката за медијација му се пружа шанса за поправање, за сопствено превоспитување, без да му се оформи криминално досие.

Иако постапката на медијација нуди решавање на конфликтите на брз, економичен, доверлив, нејавен и флексибилен начин, каде учествува и детето заедно со неговиот законски застапник во пронаоѓање и прифаќање на решението, а постапката е доброволна и може во секоја фаза на постапката, детето и законскиот застапник да се откажат од истата, сепак, според податоците добиени од страна на Министерството за правда, заклучно со 27.04.2022 година може да се заклучи дека употребата на медијација согласно Законот за правда на децата е незначителна.

Зошто употребата на медијација во кривичните постапки спрема деца е незначителна? Каде и кои се проблемите во пракса?

Слаба едукација или незаинтересираност?

Во електронскиот регистар (изработен и во надлежност на Министерството за правда, отворен на 14 август 2020 година), постапки на медијација од областа  согласно измените на Законот за правда за децата во 2013 година има евидентирано само последниве години. Тоа го потврдуваат и годишните извештаи за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво.

Па така, во 2019 година постапката за медијација била применувана во 15 предмети и тоа спрема 4 деца од страна на судот во Тетово и спрема 11 деца од страна на ОЈО (10 од ОЈО Тетово и едно дете од ОЈО Скопје). Притоа медијација била успешна кај 7 деца или 46,6% од евидентираните предмети. Во 2020 година, постапката за медијација била применувана во 11 предмети (спрема 9 деца од страна на ОЈО Тетово и 2 деца од ОЈО Струмица) од кои сите завршиле со спогодба.

Иако ова е позитивен исход и чекор напред кој дава надеж и поттик за дополнителни напори за промоцијата и афирмација на медијацијата во постапката за деца во основните судови и основните јавни обвинителства со проширена надлежност, сепак фактот што главно 88% од регистрираните предметите се иницирани и завршени во Тетово подвлекува одредени прашања.

Извор: kmrsm.org.mk

Од спроведената анкета за потребите на истражувањето за медијацијата и нејзината реална примена во нашата држава, може да се увиди дека во последните пет години 67% од испитаните јавни обвинители од сите јавни обвинителства со проширена надлежност во кривичните постапки спрема деца во земјава, ниту еднаш не ги упатиле страните на постапка за медијација. Дваесет и осум проценти од испитаниците имале 1-10 случаи кога ги упатиле страните на постапка за медијација, а само 7% од истите имале 10-20 случаи кога ги упатиле страните во постапка за медијација.

Ситуацијата е дури полоша кај испитаните судии надлежни во постапка спрема деца, каде 75% од нив никогаш не ги упатиле страните на постапка за медијација, а само 20% од истите имале случаи 1-10 кога ги упатиле страните на постапка за медијација.

Во анкетата се нотира и недоволна запознаеност на испитаните јавни обвинители и судии со законското решение за субвенцинирање на дел од трошоците во постапката за медијација од страна на Министерството за правда, како и недоволна информираност за посебните програми за поддршка на медијацијата од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија и Врховниот суд на Република Северна Македонија кои имаат за цел да ја зголемат примената на медијацијата.

Медијаторите, причината за слабата упатеност и информираност за медијацијата во овие постапки пред сѐ ја гледаат во незаинтересираноста на надлежните обвинители и судии да ги упатат странките на медијација и покрај неколкукратното апелирање од страна на Комората на медијатори. Што се однесува за надоместокот по основ на субвенционирање на постапките на медијација, според одговорите на анкетираните медијатори кои биле во улога на корисници на надоместокот, истиот не се исплаќа.

Односно, медијаторите одговориле дека и покрај уредно и целосно поднесена документација, оваа обврска која е на државата и според стариот и според новиот Закон за медијација, не се почитува. За таа цел, решението на проблемите посочени погоре, медијаторите го гледаат во воведедувањето на задолжителниот обид во новиот Законот за правда за деца, како и едукација на странките за тоа што значи задолжителен обид, наспрема задолжителна медијација.

Во поглед на воведување на задолжителна медијација во Законот за правда за деца, интересен е фактот што од одговорите на анкетата од испитаните судии се забележува висок процент на согласност (60%) за постоење на задолжителен обид за медијација во предмети каде дете е сторител на кривично дело за кое со закон е предвидена казна затвор до 5 години, а 20% се убедени дека на тој начин медијацијата ќе има поголема примена. Слични одговори се забележани и кај испитаните јавни обвинители, каде половина (50%) од нив сметаат дека би било корисно постоењето на задолжителен обид за медијација во предметите каде дете е сторител на кривично дело за кое со закон е пропишана казна затвор до 5 години.

Дали ова мислење, наспроти слабата упатеност на предмети се должи на профилот на медијаторите кои работат предмети согласно Законот за правда за деца, а кои според надлежните судии и обвинители не се специјализирани да работат исклучиво во кривични постапки за деца?

Вистина е дека има недостаток од соодветни/специјализирани обуки за медијација во кривични постапки спрема деца, а тоа може да се види и од изјавите на дел од медијаторите. Според нив интересот за водење постапка на медијација во кривичните постапки спрема деца е голем, но обуки за областа речиси и да нема. Сепак, потребно е да се напомене дека истражувањето покажува недостиг од едукација, општо за постапката за медијација и кај судиите и јавните обвинители, при што дури 90% од испитаните судии и основни јавни обвинители за потребите на анкетата одговориле дека во последнве години не посетувале никаква обука за медијација.

Затоа, потребно е и спроведување на подетално истражување за евидентирање на сите причините за ниската упатеност на медијација во спорови согласно Законот за правда за деца.

Што треба да се преземе дополнително?

Со погоре истакнатото се потврдува расчекорот којшто постои помеѓу законите, стратегиските и програмските документи и нивната практична примена. Не постојат сериозни интенции вистински да се придонесе за афирмација и поголема употреба на медијацијата како ресторативен пристап за решавање на кривичните постапки против деца.

За таа цел, за подобрување на состојбата, најпотребна е едукација која нема да биде ефикасна и ефективна доколку се однесува само на судиите, јавните обвинители и медијаторите.

Обуката за постапување со деца во ризик и деца во судир со законот треба да биде сеопфатна, односно да ги опфати сите учесници во постапката, како и идните судии и јавни обвинители, преку почетната и континуирана обука во Академијата за судии и јавни обвинители. Дополнително, потребни се и буџетски средства за зголемено користење на медијацијата согласно Законот за правда за децата, особено имајќи предвид дека медијација значи помалку трошоци за странките.

Во оваа насока, во моментот кога го креира својот буџет обвинителството треба да има процена на бројките околу предметите што се однесуваат токму на децата.

Конечно, пожелно е и побрзо да се спроведе законското решение, предвидено во новоусвоениот Закон за медијација за задолжително внесување од страна на медијаторите на сите примени барања за медијација во Централниот електронски регистар за примени барања за медијација согласно тековно внесување на сите потребни податоци заклучно со крајниот исход на постапката.

Овие податоци би требало да обезбедат следливост на применливоста и успешноста на медијацијата во практиката, како и остварување на правото на субвенционирање на постапките за медијација.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ангела Делевска

Ангела Делевска е проектна асистентка во Институтот за европска политика. Дипломирала политички науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”- Скопје, а моментално во ЕПИ работи на проекти во склоп на програмата за демократија и владеење на правото. Ангела е дел од тимот на ЕПИ од 2019 година.