Законското решение не е најсоодветно и може да доведе до дискриминирање и на работниците и на правните субјекти кои делуваат на слободниот пазар.
По речиси две години од иницијативата на Сојузот на синдикати на Македонија беа донесени измени во законската регулатива кои требаше да овозможат денот недела да биде неработен ден за работниците.
Голем дел од компаниите и продавниците не работат во недела, но дали регулативата ги опфати сите аспекти и дали ги стави сите работници во еднаква положба?
Што се случи по измените во регулативата во декември 2021 година?
Пред измените, Законот за работните односи пропишуваше дека ден на неделен одмор е недела или друг ден во неделата, што на работодавачите им даваше право да го организираат работното време од 40 часа неделно во кој било ден од седмицата.
Тоа значи дека на некои вработени работната недела може да им трае од среда до недела, а понеделник и вторник да им бидат денови за одмор. Исто така, постои можност работникот да работи и 6 дена во неделата со тоа што бројот на часови како редовно работно време да биде вкупно 40.
Измените кои се однесуваат на неделата како неработен ден беа донесени во декември 2021 година со примена од 1 јануари 2022 година во два закона и еден подзаконски акт: Законот за работните односи, Законот за трговија и Правилник за определување на помошни или придружни дејности на основната дејност на работодавачот.
Така неделата стана неработен ден за поголемиот број работници во државата, со исклучок на оние работни места каде работниот процес не може да се прекине.
Тука започнаа и проблемите со примена на регулативата, кои се однесуваат на неколку аспекти.
Зошто некој смее, а некој не смее да работи во недела?
Конкретен пример за трговци кои смеат да работат во недела се трговските центри и сите продавници во нивен состав. Но, не смеат да работат продавници на мало каде се продава облека, храна и стока од друг вид, а не се во состав на трговски центар.
Се поставува прашањето, зошто смее да работи продавница за облека во еден трговски центар, а не смее продавница за облека која не е лоцирана во трговски центар?
Понатаму, дозволено е да работат продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата. Зошто некој кој е сопственик и вработен не смее да работи во својата продавница за облека, а сопственикот на продавница за храна смее?
Дозволено е да работат и дејности за подготовка на оброци и служење на храна, но не е дозволено да работат кафе баровите кои за време на викенди остваруваат висок профит. Тука можеби се тргнало од фактот дека храната е основна човечка потреба, но посетата на ресторани кај нас не се смета за неопходен трошок, дури и не влегува како ставка во пресметката на минималната синдикална кошница.
Пекарите кои произведуваат леб и пецива, во недела смеат само да печат, ама не смеат да продаваат, затоа што дејноста што смее да работи во недела е производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити, а тие не се регистрираат под таа дејност.
Зелените и цветните пазари смеат да работат во недела, но не е прецизирано дали продавниците кои се наоѓаат непосредно до пазарите исто така смеат?
Извор: pexels.com
Најчесто тие продавници за продажба на храна, средства за хигиена, облека и слично се непосредно до пазарите и прометот најмногу го остваруваат кога е работното време на пазарите (дури и нивното работно време е така адаптирано). Бидејќи тие продавници локациски не влегуваат во зелените пазари, не им е дозволено да работат во недела.
На фотографите им е дозволено да работат во недела, но не и на фризерите и шминкерите, иако е познато дека свечености и свадби се организираат најмногу за време на викенди и неработни денови.
Различни обврски за работодавачите
Оној работодавач кому му е дозволено да работи во недела, треба тоа да го пријави во Државниот инспекторат за труд. Но, согласно Законот за трговија, работодавачот треба да го пријави и работното време во Централниот регистар и решението да го достави до Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд. Зошто?
Затоа што трговските центри и бензинските пумпи (кои смеат да работат во недела согласно Законот за трговија), ќе ѝ плаќаат на државата 2% од приходот (без тој од продажбата на нафтени деривати) остварен во денот недела.
Од друга страна, работодавачите на кои им е дозволено да работат во недела согласно Законот за работните односи, немаат таква обврска.
Нееднаквост на надоместокот за вработените што работат во недела
Вработените кои ќе работат во недела треба да бидат дополнително платени. Но, тој надоместок не е пропишан во ист износ согласно двата закони.
Работникот кој ќе работи во недела согласно Законот за работните односи треба да добие додаток на плата кој изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот, додека согласно Законот за трговија, работникот кој ќе работи во недела треба да добие додаток на плата кој изнесува најмалку 100% за секој час поминат на работа.
Може да му се исплати и повеќе од она што е пропишано, но и не мора.
Тоа значи дека работник кој работи во аптека (аптеките се дејности кои влегуваат во исклучоците согласно Законот за работните односи) во недела ќе земе 50% повеќе од дневницата, додека работник кој работи во продавница за облека во мол (моловите работат во недела согласно Законот за трговија) ќе земе 100% повеќе од дневницата.
Која е причината трудот да се вреднува различно во двата случаи?
Дали после неполна година нешто се промени?
Со стапувањето на сила на одредбите за недела како неработен ден, конфузните работодавачи бараа мислења од консултанти и институции во која категорија на субјекти влегуваат и дали воопшто смеат да работат.
Некои работодавачи (како што се кафе баровите) сè уште работат во недела врз база на интерни мислења на надлежни институции кои не се никаде јавно објавени. Имаше полемики и околу работата во туристичките места, по што се објави листа за опфат на туристички места, а подоцна таа одредба и се редефинираше.
Шест месеци откако почна да се применува, Законот за трговија беше дополнет и изменет во однос на одредбите за денот недела, но измените и дополнувањата и не решија многу.
Очигледно е дека законското решение во моментот не е најсоодветно, што може да доведе до дискриминирање не само на работниците во остварување на своите работнички права, туку и на правните субјекти кои делуваат на слободниот пазар. Законските измени почнаа со примена набргу по нивното усвојување, што ги доведе во непријатна положба субјектите и лицата засегнати од регулативата.
Во овој момент клучно е да се доуредат прописите со фокус на преиспитување и прецизно дефинирање на субјектите кои смеат да работат во недела, како и унифицирање на минималниот надоместок кој треба да го прими работникот кој работи во недела, за потоа да се пристапи кон имплементација и редовни контроли од добро обучени инспектори.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.