fbpx

Руската инвазија на Украина сее поделби и во БиХ

Емир Зулејхиќ

Далио Сијах

Приказни од регионот

Медиуми

14.04.22

Прегледи

За дел од политичарите, медиумите и јавноста, војната во Украина се доживува како агресија што треба да се осуди и запре, додека од друга страна, во согласност со официјалниот руски наратив, некои овој конфликт го нарекуваат „специјална воена операција“. Јавниот простор во БиХ, како и во целиот регион, не остана имун на бројни дезинформации и неточни наративи.

Иако на седницата на ОН на 2 март 2022 година Босна и Херцеговина имаше јасен став и ја осуди руската агресија врз Украина, на домашната политичка и медиумска сцена сè уште постои јасна поларизација во начинот на кој се гледа и толкува овој конфликт. По почетокот на рускиот напад, политичарите/ките своите ставови најмногу ги искажуваа преку каналите на социјалните мрежи, додека дел од функционерите, главно од ентитетот на Федерацијата БиХ, директно ја осудија агресијата.

Во ентитетот на Република Српска, реакциите се движеа од декларативно „неутрален став“ до отворена и јасна поддршка за Русија.

Членовите на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ беа меѓу првите официјални лица кои го осудија нападот и ја поддржаа Украина, а БиХ се приклучи на изјавата на Европската унија за ситуацијата во Украина за време на седницата на Генералното собрание на ОН. Изјавата беше поддржана од амбасадорот на БиХ во ОН Свен Алкалај.

Третиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој често е означен како проруски ориентиран политичар, го оцени потегот на Алкалај како неофицијален и рече дека осудите за нападот што ги изнесоа Комшиќ и Џаферовиќ се нивни лични ставови. Според него, БиХ би требало да биде неутрална, а ден пред гласањето за осуда на агресијата во ОН, тој се обиде да стави точка на дневниот ред на седницата на Претседателството за ставот за војната во Украина, но неговиот предлог беше одбиен од други два члена на овој колективен орган на извршната власт.

И после тоа, Милорад Додик продолжи да изнесува јавни тврдења за неутралноста на БиХ во однос на војната во Украина, а со едно од нив се занимаваше и босанско-херцеговскиот портал за проверка на факти „Istinomjer.

Прорускиот наратив на функционерите од БиХ

За разлика од Додик, кој и покрај честите контакти со руски функционери, сепак декларативно инсистира на неутралност, неговиот сопартиец и потпретседател на Народното собрание на Република Српска, Денис Шулиќ, сподели на својот Твитер профил неколку објави кои се совпаѓаат со наративот на руската страна.

Во една од последните, вон контекст, Шулиќ го искористи фактот дека во 2014 година, САД и Украина беа против Резолуцијата за борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и други практики кои придонесуваат за поттикнување на современите облици на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и поврзана нетолеранција, иако за оваа резолуција Собранието на ОН се изјаснува еднаш годишно уште од 2005 година.

Меѓу политичарите кои доаѓаат од РС, отворена поддршка за Русија искажаа и пратеничката во Домот на народите на ПСБиХ Душанка Мајкиќ, која саркастично „потсети“ дека Москва минатата година рече дека ќе реагира доколку БиХ преземе чекори кон членство во НАТО, но и шефот на Клубот на пратеници на СНСД во Народното собрание на Република Српска (НСРС), Срѓан Мазалица.     

Извор: twitter.com

Лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ БиХ), Драган Човиќ, првично не го осуди јасно рускиот напад врз Украина, а подоцна зазеде нешто поконкретен став.

Меѓутоа, на седницата на Домот на народите одржана на 24.3.2022 година, гласаше против предлогот за дополнување на дневниот ред со точка „Усвојување на заклучоците на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, со кој се бара Советот на министри на БиХ да побара целосно усогласување на политиките, мерките и ставовите со официјалните ставови на Европската Унија за агресијата на Руската Федерација врз Украина“, иако во претходните медиумски настапи тој истакна дека ја поддржува политиката на ЕУ.

Меѓутоа, иако ставовите на домашните политичари во БиХ во врска со војната во Украина беа јасни и дефинирани од самиот почеток, главно по ентитетска линија, тие не се ни приближно присутни во јавноста онолку колку што се шират наративи и дезинформации преку медиумите, како јавни, така и приватни, но и масовно преку социјалните мрежи.

Дезинформации во медиумите и на социјалните мрежи

Слична е ситуацијата и во медиумите - додека оние од ФБиХ главно пренесуваат информации, изјави и соопштенија од веродостојни медиуми и агенции и се трудат да известуваат одговорно, точно и етички, медиумите во РС, вклучително и јавните, најчесто пренесуваат еднострани информации и написи од руски извори и дури и самите создаваат авторски написи во кои се шират руски пропагандни наративи, што главно се насочени кон оправдување на руската агресија.

Платформата за проверка на факти Raskrinkavanje.ba  за време на првиот месец објави повеќе од 50 анализи, во кои беа оценети речиси 300 медиумски написи и објави на социјалните мрежи. И останатите 5 членки на мрежата на портали за проверка на факти во Југоисточна Европа SeeCheck анализираа дезинформации за оваа војна.

Мрежата започна и блог во живо којшто содржи дневен ажуриран преглед на дезинформации, што веќе содржи повеќе од 150 анализи на портали за проверка на факти од БиХ, Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија кои ги оценуваат дезинформациите за војната во Украина.

Врз основа на овој материјал, веќе е можно да се забележат одредени дезинформативни трендови, како и најраширените лажни наративи.

Проукраински дезинформации

Во информативниот екосистем во БиХ, како во медиумите, така и на социјалните мрежи, врз основа на работата на Raskrinkavanjе, забележано е постоење одреден број проукраински дезинформации. Најчестата содржина што може да се сретне во проукраинските дезинформации се фотографии и снимки од наводни успешни акции на украинската војска или сцени во кои украинските цивили наводно се спротивставуваат на руските војници, а за кои подоцна се покажа дека покажуваат нешто сосема друго.

Проукраинските дезинформации се појавија ад хок за време на руската инвазија, главно на украинските социјални мрежи, од каде што се прелеаа во БиХ, а најмногу имаат за цел да го подигнат моралот на украинската војска. Ваквите дезинформации не се дел од официјална централизирана пропаганда, најчесто не се споделуваат преку официјални канали, туку исклучиво на социјалните мрежи, а нивниот број, интензитет и досег не се значителни, како ни штетата што ја предизвикуваат.

Иако повеќето од овие дезинформации се плод на корисници на социјалните мрежи, некои од нив, по објавувањето на социјалните мрежи, беа пренесени на официјални украински извори како што е Твитер профилот на украинското Министерство за одбрана, од каде што ги пренесоа и различни извори во БиХ.

Проруски дезинформации

Од друга страна, проруските дезинформации се главно дел од официјалната руска пропаганда, многукратно се поцентрализирани, поосмислени и поорганизирани од проукраинските, се создаваат и споделуваат преку официјални канали и имаат далеку поголем досег и негативни последици.

Извор: depositphotos.com

Од анализите на порталот Raskrinkavanje се заклучува дека главниот извор на руските дезинформации и неточни наративи се руски институции, официјални лица и аналитичари, како и во медиуми кои се во сопственост или под контрола на државата, а се објавуваат главно во форма на изјави и официјални соопштенија.

Откако ќе ги објават најчесто руски новински агенции, медиуми и социјални мрежи, во БиХ доаѓаат првенствено преку Спутник на српски јазик, а токму Спутник Србија е најчестиот извор на проруски дезинформации и манипулативни наративи за руската инвазија низ целиот регион, вклучувајќи ја и БиХ. Гласот на самопрогласените украински републики ДНР и ЛНР во БиХ доаѓа главно преку официјални изјави пренесени од руски официјални извори од јавни и други проруски медиуми.

Домашните медиуми, вклучително и јавните и приватните медиуми, како и анонимните портали исто така се вклучени во ширењето проруски дезинформации во БиХ. Особено загрижува фактот што јавниот сервис на Република Српска, РТРС, практично служи како локално средство за руска пропаганда.

Кога станува збор за пренесување официјални соопштенија, загрижува фактот што значителен број медиуми ја пренесуваат речиси исклучиво руската страна. Пример е соопштението во кое Русија ја обвини Украина за гранатирање и уништување на гранична база на територијата на Русија, само 3 дена пред почетокот на инвазијата. Иако Украина ја демантираше одговорноста за овој напад, како што откри Raskrinkavanje, вкупно 30 портали целосно го изоставија демантот на Украина на овие обвинувања и ја пренесоа само руската страна на приказната.

Најраспространетите дезинформативни наративи

Кога станува збор за содржината на проруските дезинформации, најголем дел од нив се однесуваат на оправданоста на инвазијата, како и нејзиното именување и претставување. Откако претседателот Путин ја нарече инвазијата „специјална воена операција во Донбас“, многу медиуми во БиХ го презедоа тој наратив, како што се РТРС, Алтернативна телевизија, Независне новине, Глас Српске и други.

Има значителен број написи во кои настаните во Украина се нарекуваат вака, иако е јасно дека не се работи за „специјална операција“ туку за војна и инвазија и дека тоа се случува не само во Донбас туку во цела Украина. Некои од овие медиуми одат толку далеку во ширењето на овој наратив, што во некои од нивните извештаи воопшто не го користат зборот „војна“.

Значително се прошири и наративот за „денацификација“ на Украина и на украинската влада, што Владимир Путин прв го пласираше. Некои примери за такви тврдења вклучуваат наводи дека има нацисти во украинската влада, дека владата го поддржува нацизмот и нацистичките групации, дека нацизмот е широко распространет меѓу Украинците и фотошопирани фотографии на украинскиот претседател кој наводно промовира нацистички симболи.

Други значајно застапени дезинформации и пропагандни наративи се дека Украина врши геноцид врз руското население на истокот од земјата, дека НАТО ги крши договорите за неширење и ја загрозува Русија, дека Западот е агресивен и поттикнува конфликти, дека постојат американски лаборатории за биолошко оружје во Украина насочени кон уништување на рускиот народ, како и на оние претходно познати како што се нарекувањето на настаните од 2014 година државен удар поддржан од Западот.

Но, и претставувањето на припојувањето на Крим кон Русија како легитимен чин што е резултат од демократската волја на граѓаните на Крим.

Нова појава што досега не е забележана е пласирањето дезинформации за наводни дезинформации од западни веродостојни извори. Така, се тврдеше дека познатата фотографија на ранетата Украинка сликана во првите денови од руската инвазија, што го обиколи светот, е лажна, односно дека е направена во 2018 година и дека претставува западна пропаганда.

Си-ен-ен исто така постојано беше неосновано обвинуван за пласирање лажни вести, а најекстремен пример секако се „твитер троловите“ од Србија, кои на социјалните мрежи се претставуваа како Украинци и споделуваа лажни вести.

Ранливоста и поделбата на општеството во БиХ

Војната во Украина уште еднаш укажа на ранливостите на босанско-херцеговското општество што може да се забележи на повеќе нивоа. Пред сè, воочливи се ранливостите во однос на политичките поделби во однос на ставот кон војната, и соодветно на тоа, поделбите се присутни и на медиумската сцена.

Понатаму, самите граѓани се подложни на неселективни и некритички верувања на некредибилни медиумски и политички извори. Забележлива е ранливоста и во смисла на многу лесното навлегување на руската пропаганда во медиумскиот простор на БиХ, а постојат и домашни актери кои јавно ги пропагираат истите наративи и вредности.

Иако општеството на БиХ во целина треба посериозно да ги сфати сите овие проблеми, шансите за тоа, со оглед на сè што е горенаведено, се многу мали.

 

Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN).

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Емир Зулејхиќ

Емир Зулејхиќ е уредник на порталот Raskrinkavanje.ba, кој се занимава со проверка на точноста на тврдењата во медиумите и на социјалните мрежи, а за порталот пишува од неговото основање во 2017 година.

Далио Сијах

Далио Сијах е уредник на првата платформа во БиХ за проверка на политички факти Istinomjer.ba и долгогодишен член на тимот на граѓанското здружение „Зошто не (Zašto ne)“.