fbpx

Ставање крај на сексуалното насилство за време на војни

Јулијан Вухерпених и Анита Годес

Социјални права

12.01.19

Прегледи

Јулијан Вухерпених (Julian Wucherpfennig) и Анита Годес (Anita Gohdes)

Wucherpfennig GohdesСилувањето е тактичка војна дизајнирана директно да им се наштети на цивилите. Некои примери за тоа се силувањата под наредба и организираните силувања за време на босанската војна во 90-тите години од минатиот век и употребата на сексуалното насилство како средство за тортура на сирискиот режим.

На 10 декември, Денис Муквеге (Denis Mukwege), лекар од Демократската Република Конго, и Надја Мурад (Nadia Murad) припадничка на малцинството Јазиди од Ирак која преживеала сексуално ропство од Исламската Држава, ја добија Нобеловата награда за мир „за нивните напори за ставање крај на примената на сексуално насилство како оружје во војни и вооружени конфликти“.

Муквеге и Мурад се заслужни добитници на Нобеловата награда, бидејќи ја подигнаа светската свест за распространетоста на проблемот. Но, за нивните напори да доведат до вистински промени, зголемената свест мора да се претвори во заедничка акција.

Гонењето на сторителите често се смета за едно можно решение, но во повеќето случаи кривичните пријави не се ефективни за навремено спречување на злосторствата. Треба да го намалиме сексуалното насилство додека траат војните. За среќа, новото истражување може да помогне во справувањето со проблемот и да ги насочи креаторите на политики кон ефективни решенија.

Некои од наодите се изненадувачки. На пример, родовата нееднаквост и несогласувањата помеѓу различните етнички групи се недоволни објаснувања за сексуалното насилство во време на војна. Жртвите можат да бидат и мажи или да се дел на истата врсничка група како и нивните напаѓачи, додека напаѓачите можат да бидат жени, владини војници или дури и припадници на мировните сили на Обединетите Нации. Но можеби најважниот нов наод е дека сексуалното насилство не е неизбежен несакан ефект на конфликтот. Во последниве граѓански војни, многу армии и бунтовнички групи не се вклучија во такви злосторства.

Оттука, прашањето за истражувачите е зошто некои вооружени групи го одобруваат сексуалното насилство, а други го осудуваат. Едно објаснување е дека силувањето е тактичка војна дизајнирана директно да им се наштети на цивилите. Некои примери за тоа се силувањата под наредба и организираните силувања за време на босанската војна во 90-тите години од минатиот век, употребата на сексуалното насилство како средство за тортура на сирискиот режим и силувањата на домородните жени и девојки за време на децениската граѓанска војна во Гватемала и Перу.

Второто објаснување е дека сексуалното насилство или се користи како форма на награда за борците, или се толерира бидејќи не може да се контролира. На пример, додека силувањата и другите форми на сексуален напад биле широко распространети за време на граѓанската војна во Сиера Леоне, не постојат многу докази дека тие биле резултат на директни наредби.

Во многу конфликти, само една страна врши сексуално насилство, што укажува на тоа дека виновникот за ваквите постапки всушност е идеологијата на вооружените групи, а не чувството на несигурност што го предизвикува војната или т.н. „магла на војната“. Според тоа, интервенциите треба да бидат насочени кон групи, а не кон цели боишта, и тие треба конкретно да се насочат кон претпоставените на сторителите. Со тоа што лидерите ќе сносат одговорност за злосторствата што самите ги наредиле или злосторствата што свесно не ги спречиле, се презема клучен чекор кон доаѓање до промени, а ова е став што го споделија германските воени службеници кои минатата година ги вршеа распити на инструкторите за вежби поради наводните сексуализирани потсмевачки ритуали во центарот за обука за специјални операции.

На меѓународно ниво, кампањите за „јавно именување и засрамување на престапниците“, како оние што ги водат Муквеге и Мурад исто така се ефективни. Кога високи институции како што се ОН ќе повикаат сторителите на сексуално насилство да сносат одговорност, тогаш станува потешко за поединечните држави да ги игнорираат барањата на активистите.

Се разбира, за решенијата да бидат делотворни, мора да се земе предвид и локалниот контекст. Сексуалното насилство може да има многу форми, но ако се разбере неговата можна цел може полесно да се предвиди и спречи неговата примена. На пример, кај вооружените групи кои присилно регрутираат нови членови постои поголема веројатност дека ќе вршат сериозни форми на сексуално насилство, споредено со оние групи кои регрутираат преку други начини. Освен тоа, за луѓето кои живеат во сенка на вооружени групи со геноцидни цели постои поголем ризик да станат цел на сексуализирано насилство, како што е присилната бременост. И вооружените групи кои ги измачуваат своите жртви се особено склони кон користење на сексот како воена алатка. Оттука, следењето на таквите групи е од суштинско значење за заштита на цивилите и гарантирање дека злосторниците ќе одговараат пред правдата.

За да се стави крај на сексуалното насилство во време на војна ќе биде потребно значително менување на културните норми. Неказнивоста на напаѓачите и општествениот притисок што ги тера жртвите да молчат претставуваат пречки за сносење одговорност и добивање правда и тие пречки мора да се отстранат. На голем личен ризик, Муквеге и Мурад го насочија вниманието на светот на жртвите на сексуалното насилство во време на војна, со тоа што ги натераа луѓето да ги чујат нивните гласови и приказни. Тоа е важен прв чекор. Сега, ние, поточно креаторите на политики, воените лидери, едукаторите и другите треба да преземеме дејствија што се пропорционални со тој преживеан ужас.

Јулијан Вухерпених е асистент професор по меѓународни односи и безбедност во Школата за јавни политики и управувачки практики „Херти“ (Hertie School of Governance). Анита Годес е асистент професор по меѓународни односи на Универзитетот во Цирих.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Јулијан Вухерпених и Анита Годес

Јулијан Вухерпених е асистент професор по меѓународни односи и безбедност во Школата за јавни политики и управувачки практики „Херти“ (Hertie School of Governance). Анита Годес е асистент професор по меѓународни односи на Универзитетот во Цирих.