Бранко Прља
Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. Се разбира, кога станува збор за млади индивидуи потребно е внимателно следење, организација на времето и ограничување на часовите поминати во играњето видео игри. Ако сето тоа се постави правилно тие можат добро да влијаат на когнитивните процеси како вниманието, донесувањето одлуки, врските со луѓето, меморијата итн.
Дали играњето игри е добра или лоша активност е дебата која е многу помлада од филозофското прашање „кој е прв, кокошката или јајцето“, но според својата природа се чини дека се работи за сличен проблем. Причината е во тоа што по својата природа ова прашање е нерешливо и може да биде и точно и погрешно, во зависност од околностите. Кога зборуваме конкретно, за околности на пандемија, играњето видео игри не е нешто негативно, туку напротив може да биде многу корисно.
Модерно време, отуѓеност, пандемија, депресија
Кога станува збор за модерното време, кога луѓето се отуѓени, а особено за време на пандемија, според некои студии, игрите се покажаа како корисна алатка за поврзување, дружење, споделување искуства, зближување, совладување нови вештини, когнитивна флексибилност и процесирање информации.
Се разбира, ова се е корисно доколку умерено се применува. Проблемите настануваат тогаш кога факторот наречен зависност ќе се замеша во целата работа и до израз доаѓаат негативните ефекти.
Истражувањата велат дека социјалните медиуми предизвикуваат далеку поголема зависност и дека имаат многу повеќе негативни карактеристики отколку играњето видео игри. Амбисот на Фејсбук или Инстаграм нема крај, а во него се влегува со едно „скролање“ (придвижување) на прстот по екранот. Наскоро, индивидуата е во „Зоната на самракот“ во која прави речиси шизофренични повторувања на едно исто движење.
Социјалните медиуми и YouTube се како играње на игри на среќа на автомат со рачка. Кога ја освежувате „веста“, никогаш не знаете дали ќе добиете нова доза на допамин (популарно наречениот хормон на среќата) преку добра вест или смешно видео со мачки или доза депресија преку лоша вест или видео за криминални активности или природни катастрофи. Но, никој не може да одолее да не ја повлече рачката. Уште полоша верзија е т.н. појава на думскролинг (Doomscrolling) и се засновува на интенционално барање лоши вести кое алгоритмите на социјалните медиуми и YouTube ја поткрепуваат. Работите се влошуваат кога во таква состојба наеднаш добивате добра вест и млаз на допамин кој ве прави уште позависен од бесконечното скролање. Се работи за маѓепсан круг од кој нема излез.
Френсис Хоген, поранешна вработена во Фејсбук, има споделено интерни докуметни со јавноста според кои главните луѓе во Фејсбук знаат за негативниот ефект на нивната апликација Инстаграм врз менталното здравје на тинејџерите и не прават ништо во врска со тоа. Фејсбук исто така знае дека поттикнува омраза, насилство и ширење лажни информации. Во последното сведочење на Френсис пред Сенатот на САД таа инсистира на тоа Фејсбук да го смени алгоритамот и да соработува со истражувачите.
Кога станува збор за играњето видео игри, тие бараат поголема вклученост, посветеност, одвоено време и не можат незабележливо да се протнат во животот како социјалните медиуми. Кога станува збор за личности во развој, младите, адолесцентите, зависноста може да се контролира (од возрасните) со одредување часови за игра. На тој начин се дозволува доволно време за онлајн дружење, авантура, споделување искуства, а се спречува развивањето на зависничкиот аспект.
Извор: pexels.com
Според истражувањето погоре, 15% од светската популација страда од некој вид на ментални заболувања. Воедно, се истакнува терапевтскиот третман на игрите врз менталното здравје. Идеите дека видео игрите поттикнуваат насилство кај децата и тинејџерите се веќе оспорени и застарени. Денес, во време на пандемија овие бројки се драстично зголемени, а помош нема од никаде, па затоа играњето игри е значајна алатка во борбата против депресија та и анксиозноста. Тие овозможуваат контролирана средина во која индивидуата се ангажира и извршува одредени задачи со конкретна цел - токму како што би требало да прави во нормалниот живот - проблемот е што во време на пандемија нема(ше) нормален живот. Според истражувачите се забележува големо зголемување на процентот на самотијата, стресот, стравот, посттрауматските симптоми, симптомите на вознемиреност, несоницата предизвикана од анксиозност и конфузија.
Играњето игри наместо апчиња
Во студијава се истакнува дека за разлика од медикаментите, игрите не бараат лично надгледување, достапни се на далечина, не чинат многу, секогаш се на располагање, лесни се за употреба и немаат сериозни нус-ефекти. Се разбира, сите овие нешта треба да се прифатат со доза на скептицизам.
Употребата на игрите за лекување ментални проблеми не е нова идеја и во минатото биле развиени многу игри и апликации кои требале да помогнат за овие проблеми. Сепак, се повеќе се истакнува дека веќе достапните комерцијални игри ги нудат истите бенефити и сосема е непотребно да се вложуваат средства во посебни игри или апликации.
Лекот се крие во нивната примарна функција, која не е терапевтска, туку забавна. Дополнително, истражувачите го потврдуваат значењето на игрите за „социјализацијата (особено кај децата и во услови на нејзино ограничување како што е пандемијата), когнитивноста, контролата на емоции и менталното здравје“. Од истражувањето е заклучено дека Игрите со улоги (RPG, Role-playing games) и игрите со повеќе играчи (Multiplayer video games) влијаеле на намалувањето на осаменоста, стратешките игри (Strategy games) влијаеле на когнитивноста (особено на визуелната и просторната перцепција). На мотивацијата влијаеле игрите кои се фокусирани на постигнување цел, додека сите игри влијаат на регулацијата на силни емоции итн. Интересно е дека сите популарни игри (целосна листа може да се види тука) влијаат на овие карактеристики на личноста во иста мерка колку специјално дизајнирите игри за таа цел.
Уште еден интересен феномен кој го поттикнуваат игрите е т.н. „состојба на тек“ (Flow State) што помага во справувањето со депресијата и анксиозноста. Такви состојби може да се постигнат со практикување физички активности како трчање, пливање, боречки вештини, спортови со топка итн. Интересно е што за постигнување таква состојба во спортовите се потребни години вежбање, посветеност и високо ниво на спортска активност, а играњето игри претставува своевиден скратен пат за постигнување таква состојба.
Не треба да се плашиме од технологијата
Се чини дека живееме во свет во кој е невозможно да ја негираме технологијата, и дека опасноста од таквиот став се чини поголема отколку да ја прифатиме. Технологијата е сеприсутна и со лишување на децата од неа сме соочени со опасност да заостанат во развојот, да не се вклучат брзо и правилно во професионалниот живот. Особено во услови на пандемија кога технологијата помогна технолошки писмените луѓе да не изгубат работа и да продолжат да работат од дома. Голем број од студиите тврдат дека работењето од дома носи поголема продуктивност, подготвеност за преземање обврски и по работното време, помалку „фаќање кривини“ и едно општо задоволство и исполнетост од работата.
Затоа треба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. Се разбира, кога станува збор за млади индивидуи потребно е внимателно следење, организација на времето, поделба на обврските и ограничување на часовите поминати во играњето видео игри. Ако сето тоа се постави правилно тие можат добро да влијаат на когнитивните процеси како вниманието, донесувањето одлуки, врските со луѓето, меморијата итн.
Технологијата го забрзува развојот, не само на светот и на општествата, туку и на личноста, а играњето игри во виртуелниот свет е дел од тој процес. Можеби ваквиот став не е популарен, и секако треба да се земе со резерва, но ако сакаме нашите деца да бидат дел од светот - време е да ги фрлат стаповите и да се фатат за џојстиците!
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.