fbpx

Улогата на спортистите при носењето одлука за претстојниот референдум

Иван Анастасовски

Спорт

21.09.18

Прегледи

проф. д-р Иван Анастасовски

Ivan Anastasovski 200x250За една од најважните државни одлуки за Република Македонија т.е. референдумот за договорот со соседна Грција, за очекување е да се вжештува атмосферата и да се поларизираат состојбите до степен на вриење, особено со вклучување на разни социјални, интелектуални, но и спортски групи и поединци. Спортот и спортистите би можеле да ја одиграат својата улога како спортски идоли преку кои може да се испрати порака кон популацијата.

Без сомнение, денес спортот и спортистите се дел од политиката и служат како средство за препукување меѓу политичарите. Се оди дури дотаму што кај нас спортот, поради тоа што е немоќен, самиот ѝ се нуди на политиката, пред се` да го заштитува, а потоа и да го развива. Преку спортот и спортистите се „решаваат“ долгогодишните конфликти меѓу различните народи, нации и држави. Дилема или прашањето на тоа дали и колку спортот и спортистите може да влијаат позитивно или негативно при носење одредени држави одлуки. Спортот е општествен систем кој промовира игра, забава дружење итн. додека спортистите се личности кои се искрени и подлежат на своите способности и вештини на некој начин тие со тоа се вистински идоли на приврзаниците на спортот (кои не се во мал број) Токму затоа, е дилемата дали нивниот став би имал одредено влијание кај нивните следбеници и поддржувачи.

Пример на спортска идолатрија преку пишувањето на влијателниот интернет портал IOL насловен како „Мо Салах модерниот Египетски бог“. Во Египет, нема да видите слика на претседателот Абдел Фата ел-Сиси што го претставува расположението и аспирациите на земјата, туку насекаде по ѕидовите е лицето на талентираниот млад фудбалер Мо Салах. Дури Мо се наоѓа и на облеката, како и на предметите. Понатаму, поранешниот фудбалер на ФК Монако, ФК ПСЖ, ФК Милан и ФК Челси, како и освојувач на престижната спортска награда „Златна топка“ Жорж Веа убедливо беше избран за претседател на Либерија. Луѓето во таа држава одлучиле да изберат човек кој со својот труд успеал во животот и ја промовирал сопствената држава преку спортот, а не класичен политичар.

Спортот и спортистите во референдумска треска

Да бидам јасен, јас го преферирам ставот на спортските клубови (особено оние влијателните) и на спортистите, но не на навивачките групи, оти тие полесно се манипулираат. Би сакал да верувам, но целиот процес не оди во таа насока, дека секој од актуелните спортисти ќе го искаже својот став, а притоа нема да биде „мотивиран“ од различни политички групации или поединци. Во исто време, спортистите да не бидат вербално каменувани и камшикувани и прогласувани за „патриоти или предавници“ (засега мислам дека тоа е нивото на дебата во јавноста особено на социјалните мрежи). Но она што сум стопроцентно сигурен е дека спортските идоли можат во голема мера да имаат свое влијание врз носењето одлука на референдумот кај поголем дел од популацијата, особено онаа која го следи и искрено го сака спортот.

Секој професионален успешен спортист од Македонија својата кариера ја изградил надвор од границите на нашата држава, каде имал одлични услови (од инфраструктурни до професионални), каде бил соодветно награден за својот професионален ангажман, а својата задача си ја извршува професионално. Токму поради тоа, верувам дека ставот на професионалните спортски идоли би одел во правец на одлука за иднината на нашата држава која треба да го заслужи своето место во големото цивилизирано европско семејство, кое пред се` ќе понуди огромни можности за градење професионална спортска кариера со голема конкурентност на идните спортисти (секој би сакал да игра за реномиран спортски клуб).

Што навестува времето пред референдумот кај нас? Каква е, за жал, дилемата денес? Дали сме патриоти (а сме, ако си ги плаќаме редовно даноците кон нашата држава) или сме предавници, оти сакаме да живееме рамо до рамо со цивилизираниот развиен свет? Дали народот се` повеќе им верува на спортистите или на политичарите? Јас сум убеден за себе и за своето семејство (не за Заев, Мицкоски, Ахмети или за некој друг политички лик кој гради политичка кариера), дека Договорот кој ќе се проверува на референдум е нашата отворена порта кон цивилизираниот свет, но воедно искрено би сакал спортистите, а не политичарите да ги убедат своите следбеници, особено преку нивните примери на успешни професионалци кои имале можност да се развиваат и да градат спортска кариера во глобалниот спортски свет.

Впрочем, политиката е нешто слично како спортот, играчите (политичарите) почнуваат да чувствуваат замор и да се трошат во играта, па поради тоа секогаш се бараат нови спортски идоли (политичари) кои носат позитивни резултати. Како што доаѓа денот, за една од најважните државни одлуки за Република Македонија т.е. референдумот за договорот со соседна Грција, за очекување е да се вжештува атмосферата и да се поларизираат состојбите до степен на вриење, особено со вклучување на разни социјални, интелектуални, но и спортски групи и поединци. Спортот и спортистите би можеле да ја одиграат својата улога како спортски идоли преку кои може да се испрати порака кон популацијата.

Ulogata na sportistite pri nosenjeto odluka za pretstojniot referendumПеп Гвардиола ја повикува меѓународната заедница да го поддржи каталонскиот референдум. Извор: Catalan News

Да го прифатиме ставот на другите

Најважно е дека мора да научиме да го почитуваме, но не мора да го прифатиме ставот на различните од себе и тој став треба да биде врз база на сериозни аргументи, а не преку дневни пароли и памфлети. Верувам дека наскоро преку социјалните мрежи (како сопствено убедување) и преку политичките групации (како наметнат став) ќе се огласат нашите спортски идоли кои сакаат да испратат порака пред претстојниот референдум.

Во контекст на тоа ќе пренесам дел од состојбите на референдумот за независност на Каталонија во Шпанија. Медиумите пишуваа дека се вжештува атмосферата помеѓу Мадрид и Барселона. Покрај фудбалското ривалство меѓу двата града, се надоврза и најавата на Каталонија дека повторно ќе одржи референдум за независност. За поддршка на референдум за независност се огласија голем број спортисти, како што се: Пеп Гвардиола, поранешен тренер на ФК Барселона, денес на ФК Манчестер Сити, Чави Ернандез, поранешен капитен на ФК Барселона, Жерар Пике, фудбалерот на ФК Барселона и ФК Манчестер Јунајтед. Исто така, блага поддршка за референдумот даде и кошаркарската НБА ѕвезда По Гасол, додека против референдумот се изјаснија најголемото тениско име на денешницата Рафаел Надал, како и тенисерката Миреа Белмонте и многу други спортисти. Најважниот поддржувач на референдумот беше управата на фудбалскиот клуб Барселона како највлијателен спортски систем денес во светот.

Сите тие и денес се одлични пријатели и професионалци во својата работа, но и патриоти без оглед на исходот од референдумот и никој од нив не е оквалификуван како предавник иако е факт дека во даден временски контекст на носење државни одлуки биле на различни страни и со различни видувања.

Би сакал да резимирам дека иако не сум бил истакнат спортист, во одреден временски период бев и во политиката, сепак како прфесионалец од областа на спортот, образованието и науката го искажувам мојот личен став ЗА европска иднина, кој се темели на моето долгогодишно искуство во поголем број европски држави.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иван Анастасовски

Проф. д-р Иван Анастасовски e продекан за наука и меѓународна соработка на Факултет за физичко образование, спорт и здравје.