Проф. д-р Иван Анастасовски
Мора да ги убедиме политичките елити дека спортот во тешки мигови секогаш не охрабрува и сплотува. Време е за обновување на идејата со која спортот повторно би го добил своето министерство.
Периодот по завршувањето на парламентарните избори, секогаш е најсодветно време за отворање навидум споредни, но сепак важни општествено-политички теми. Убеден дека темите поврзани со спортот не се посебен приоритет во екот на пандемијата со КОВИД-19 која, за жал, поради нашата недисплипинираност се уште е на загрижувачко ниво, сепак сакам да го насочам фокусот кон спортот. Зашто, кога се говори за дисциплина или самодисциплина, многу значајна улога има токму спортот, кого го краси дисциплина.
Да бидам искрен, мојата филозофија на размислување и делување оди кон поддршка на изјавите на претседателот на СДСМ Зоран Заев за намалување на јавната администрација и кратење на бројот на министерски места. Цврсто верувам дека еден дел од нив се сериозно непродуктивни, а воедно и голем терет на расходната страна на државниот буџет, а за сметка на тоа имаат минимален или воопшто немаатпридонес во подобрувањето на животниот стандард и животните услови на нашите граѓани. Но тоа е тема за други анализи.
Со овој текст ќе се обидам да понудам аргументи дека актуелната Агенција за млади и спорт одново треба да прерасне во Министерство за спорт и млади, со една дилема - дали делот за младите да му припадне на Министерството за образование и наука или евентуално на Министерството за култура.
Примери на држави кои имаат засебни министерства за спорт
Генерално, спортот претставува социјална потреба, односно преку активностите во спортот, на специфичен начин се реализираат потребите за афирмација, доминација, групна идентификација и комуникација. Спортот како општествена област во која покрај играта доаѓа до израз и манифестирање специфични елементи на одделни култури и нивно меѓусебно влијание, треба да има посебен пиедестал во секоја држава, за кој и реално самиот се има изборено со својата популарност и масовност и со својата економска моќ. Бројни истражувачки сознанија повеќе укажуваат на тоа дека секоја развиена држава на спортот гледа позитивно, како од економско-политички, така и од социјален аспект. Односно, Сепак, има посебно министерство надлежно областа на спортотспорт. Неколку примери кои тоа го потврдуваат:
Во Франција, првото Министерство за младински прашања и спорт е основано далечната 1947 година кое се до 2017 година преживува сериозни реформи и промени кога и конечно Владата на Едвард Филип ќе го преименува во Министерство за спорт на Франција. Од септември 2018 година министер за спорт на Франција е Роксана Марачинеану, која е родена во Букурешт, Романија.
Во Англија, на 14 јули 1993 година Одделот за национално наследство под водство на тогашниот лабуристички премиер Тони Блер e реформиран во Министерство за култура, медиуми и спорт, додека на 17 јули 2017 година Владата на премиерката Тереза Меј го преименува во Министерство за дигитална култура, медиуми и спорт. Од февруари 2020 година негов министер е Оливер Џејмс Довден.
Во Турција, на 3 ноември 1969 година во времето на Сулејман Демирел, формирано е Министерство за млади и спорт кое во 1983 го менува називот во Министерство за национално образование, млади и спорт. Од 29 јуни 2011 година премиерот Реџеп Таип Ердоган го враќа старото Министерство за млади и спорт. Од 10 јули, 2018 година актуелен министер е Мехмет Мухарем Касапоглу.
Во Србија, на 11 февруари 1991 година основано е Министерство за млади и спорт. Од 2001 до 2007 година, ресорот спорт бил дел од Министерството за образование на Србија. Од 2 септември, 2013 година, министер е Вања Удовичиќ, поранешен ватерполист.
И Македонија имаше министерство за спорт
Во 1998 година, тогашната десничарска влада на Љубчо Георгиевски, реши да основа Министерство за спорт каде за министер го постави проф. д-р Ѓорѓи Боев (прв и последен за сега). Но, само по четири години, во 2002 година, Владата на Бранко Црвенковски, без стручна и научна анализа го укина министерството, и одлучи да биде на ниво на Агенција за млади и спорт.
Убеден сум дека на повидок се исклучително тешки екомонски денови, а со самото тоа и тешки денови за македонскиот спорт, и покрај тоа што се презедоа серија законски измени и промени во делот на даночното олеснување за спортот. Сепак, убеден сум дека реактивирањето на идејата за засебно Министерство за спорт и млади ќе биде од полза и ќе има сериозен економски импакт за нашата држава.
Спортските успеси најдобро ја промовираат државата
Неколку спортски факти од колективните спортови во претходните години наведуваат на тоа дека спортот го јакне пред се нашиот колективен национален идентитет. Само да ве потсетам на успехот на кошаркарската репрезентација на Македонија која воедно успеа да направи сериозна промоција на нашата држава со освојување на четвртото место на европското првенство во кошарка – Еуробаскет, во Литванија во 2011 година. Исто така, спортски успех беше високото петто место на нашата ракометна репрезентација во Србија во 2012 година, податок кој само ја потврди тезата за јакнење на нашиот колективен национален идентитет.
Според мене, круна на успехот во колективните спортови беше освојувањето на Лигата на шампионите во ракомет во 2019 година на ракометниот клуб Вардар од Скопје и тоа по вторпат во својата историја (првиот пат во 2017 година). Исто така, не би требало да се заборави и успехот на нашиот најдобар професионален фудбалер во моментов, Горан Пандев, кој со фудбалскиот клуб Интер ја освои Лигата на шампионите во 2010 година. Тука да не ги заборавиме и персоналните успеси и резултати, како на спортски, така и на промотивен план на нашите спортски амбасадори, како што се: ракометарот Кире Лазаров, одбојкарскиот тренер проф. д-р Јошко Миленковски, поранешниот НБА кошаркар и актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија Перо Антиќ и многу други спортисти од индивидуалните и колективни спортови кои повеќе од многу други ресорни министри ја промовираа(т) нашата држава, пред се на меѓународен план.
strugaonline.mk
Ова се тешки времиња за економијата од која директно зависи и спортот. Затоа, реактивирањето на министерството ќе значи поголема надлежност на институцијата, но и поголем фокус на македонскиот спорт, а верувам самото тоа би требало да донесе поголема организираност, особено во делот на професионалната спортска администрација која ќе биде обучена и адаптирана на потребите на спортот и успесите на спортистите, во делот на развојот на спортот за нови достигнувања, како и во делот на спортската инфраструктура кој е веќе започнат. Сакам да наведам дека е импозантен бројот на активни национални спортски федерации, како од колективните така и од индивидуалните спортови. Нивната успешност во функционирањето и организацијата во целост зависи од активностите на Агенцијата (со исклучок на Фудбалската федерација на Македонија која има и свои општински сојузи). Можам само да претпоставам колкава е сумата пари која на годишно ниво се движи во спортските федерации и организации, како и во спортските клубови, која воопшто не е за занемарување. Напротив, мислам дека тоа треба да биде уште еден мотив повеќе за подигање на нивото од агенција во министерство.
Исто така, би сакал да потсетам и да направам рефреширање на идејата на претседателот на СДСМ Зоран Заев (од која не смее да се откаже) за изградба на Дом на спортови како капитален проект за подобрување на спортската инфраструктура. Чинам дека за тој капитален проект веќе беа обезбедени првите 75 милиони денари од државниот буџет. Ова е исто така дел од аргументите за идејата за засебно Министерство за спорт и млади.
Спортот ќе ни се оддолжи со нови успеси и резултати
Сите овие примери, ако не повеќе, мора да претставуваат сериозна основа за отпочнување јавна дебата за реактивирање на идејата за Министерство за спорт и млади во Македонија. Сето ова што го наведов погоре (а има уште многу) претставува факт кој говори за еден успешен спортски период кој веќе е зад нас, но тој мора да ни биде ветер го грбот да ги убедуваме политичките елити дека спортот во тешки мигови секогаш не охрабрува, сплотува и преку него се испишува историјата за успесите на нашата држава. Мора да признаам дека македонските влади кои биле со десничарска политичка ориентација секогаш имале повеќе интерес за помагање на спортот, за разлика од левичарските орентирани влади, податок со кој, верувам, би се согласиле и најголемите критичари.
Поттикнат од целокупниот амбиент во кој се најде нашата држава, верувам дека е време за обновување на идејата со која спортот повторно би го добил своето министерство кое впрочем и го имаше пред дваесетина години. Убеден сум дека на тој начин, посуштински и подетално од сите аспекти - спортски, кадровски, институционален, нормативен и економски, спортот ќе биде многу повеќе професионално организиран и со силна професионална спортска администрација обучена за таа намена, а воедно ќе има за цел да и се оддолжи на државата со конкретни спортски резултати, како на репрезентатитивен, така и на клупски план.
Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.