fbpx

Тргање на превезот на мистерија од менструацијата

Кетрин Долан, Џули Хенеган и Габи Едлин

Здравство

26.10.18

Прегледи

Кетрин Долан (Catherine Dolan), Џули Хенеган (Julie Hennegan) и Габи Едлин (Gabby Edlin)

dolan hennegan edlin 400x250Тешкотиите со кои се справуваме со менструацијата може да влијаат врз способноста на личноста да работи или да посетува училиште, да ја влоши анксиозноста кај жените и девојките и да ги зголеми стресот и стравот.

Менструцијата е исто толку природна колку што е и чукањето на срцето. И покрај тоа, за најранливите групи на жени во светот – вклучувајќи и бегалци, бездомници, адолесценти и лица кои се раселени при итни состојби – менструацијата може да биде стресно, па дури и опасно искуство.

Во многу општества, женската менструација е тема за која се зборува со еуфимизми и во тајност, што се должи на општите верувања поради кои девојките и жените може да се чувствуваат засрамено, изолирано и несигурно. Кога ова ќе се искомбинира со недоволен пристап до санитарни производи, или до безбедни и приватни места на кои тие може да се употребат, резултетите може да бидат општествено и емотивно уништувачки.

Тешкотиите со кои се справуваме со менструацијата може да влијаат врз способноста на личноста да работи или да посетува училиште, да ја влоши анксиозноста кај жените и девојките, и да ги зголеми стресот и стравот. Небезбедни менструални практики исто така предизвикуваат сериозни здравствени ризици. Во делови на Супсахарска Африка и Јужна Азија, на пример, жените и девојките често се принудени да користат неефективни и нехигиенски средства за заштита како на пример кал, лисје или животински измет, со што се зголемува ризикот од инфекции.

Јасно е дека на жените и девојките им е потребен лесен пристап до соодветни материјали со кои ќе се впие или ќе се собере менструалната крв. Ним им треба и безбедна, приватна локација за да се измијат и да го фрлат отпадот. Освен ова, на девојките им требаат и точни информации за тоа што им се случува и тие треба да состават стратегии за тоа како хигиенски ќе се справуваат со своите менструации. Ова подеднакво важи за богатите и за сиромашните земји.

За среќа, активистите, добротворните организации и академиците почнуваат да обрнуваат внимание на овие глобални потреби. На пример, Bloody Good Period, основано од наши членови, се формираше за да им се помогне на бегалците и азилантите во Обединетото Кралство да добијат бесплатни производи за женска хигиена. Пред создавањето на организацијата, овие производи не им биле редовно обезбедувани на оние на кои им биле потребни; така наречената менструациска сиромаштија – финансиските проблеми кои произлегуваат од плаќањето чисти производи за менструација – е сериозен проблем во Обединетото Кралство и пошироко.

Денес, Bloody Good Period донира санитарни производи – вклучувајќи хигиенски влошки и тампони, како и пелени и средства за општа хигиена – на повеќе од дванаесет ресурсни центри за баратели на азил во Обединетото Кралство, секој месец. Организацијата исто така обезбедува дезодоранси и четки за заби за мажите, кои често земаат влошки за членови на нивните семејства. Како што една барателка на азил неодамна кажа во Лидс, програмата го сменила нејзиниот живот; пред да може да добие бесплатни производи во наменски центар, таа толку била исплашена дека ќе ѝ протече крв, што воопшто не седнувала на каучот додека имала менструација.

И покрај напредокот и помошта пружена за некои жени, многу други и натаму се борат со оваа конкретна неправда. Менструалната хигиена е основна за женското здравје, образование, мобилност и безбедност, па затоа тоа мора да се смета за основно човеково право. За да се почитува ова право, мора да се посвети итно внимание на три задачи.

Најпрво, мора да им дадеме моќ на жените и на девојките информирано да одлучуваат за сопствените тела. Менструацијата не е еднодимензионален проблем; жените кои живеат во ранливи ситуации имаат посебни потреби. Стратегиите за човеков развој затоа мора да се фокусираат на стигнување до што е можно повеќе жени и девојки и обезбедување производи и решенија за нив со кои тие ќе можат да се справат со своите менструации на безбеден, удобен и индивидуализиран начин.

Следно, мора да ја зголемиме свеста и да ја подобриме едукацијата за менструалниот процес. Со тоа што ќе им помогнеме на девојчињата да ги разберат и отворено да зборуваат за нивните циклуси, можно е да се срушат табуата кои се поврзани со менструацијата и да се подобрат хигиенските практики во процесот. Истражувањето покажува дека многу девојки низ целиот свет – особено оние на Глобалниот Југ – едноставно не се подготвени за менструација; едукацијата тука може да помогне.

На крај, ни требаат решенија што се засновани на факти. Премногу често се случува субјективни претпоставки да одлучуват за насоките на креирање јавни политики. Кога програмите се подготвуваат заедно со ригорозно истражување, ефектите може да бидат драстични. На пример, заедничка Студија помеѓу ЅOAS и Оксфорд за менструација во Уганда покажала дека адолесцентките често не одат на училиште затоа што немаат пристап до чисти санитарни производи. Но кога им се обезбедија санитарни влошки и едукација за менструација на девојките во осум училишта, бројот на изостаноци се намали за 17%.

Глобалната здравствена заедница мора да соработува за решавање на менструалните потреби на жените и девојките низ целиот свет; не постои само едно решение за овој глобален проблем. Сепак, тишината околу природниот процес на менструација мора да се прекине, за жените и девојките да можат да добијат санитарни производи кои им се потребни, по прифатливи цени.

Кетрин Долан е антрополог на SOAS при Универзитетот во Лондон. Џули Хенеган е пост-докторски истражувач на Факултетот за јавно здравје Џон Хопкинс Блумберг. Геби Едлин е Извршен директор и основач на Bloody Good Period.

Copyright: Project Syndicate, 2018.
www.project-syndicate.org

Кетрин Долан, Џули Хенеган и Габи Едлин

Кетрин Долан е антрополог на SOAS при Универзитетот во Лондон. Џули Хенеган е пост-докторски истражувач на Факултетот за јавно здравје Џон Хопкинс Блумберг. Геби Едлин е Извршен директор и основач на Bloody Good Period.