fbpx

Дали Корона вирусот ќе предизвика значителен застој на растот на Кина?

Шанг -Јин Веи

Здравство

КОВИД-19

01.02.20

Прегледи

Шанг-Јин Веи (Shang-Jin Wei)

Shang Jin Wei 200x250Некои стравуваат дека периодот во кој се рашири корона вирусот во Кина, на почетокот на еднонеделната новогодишна прослава во земјата и среде традиционалните патувања за време на училишниот распуст, ќе ги влоши економските последици од епидемијата. Меѓутоа, три важни фактори може да го ограничат влијанието на вирусот врз кинескиот и глобалниот БДП.

Паниката што ја предизвика новиот корона вирус, 2019-nCov, што првично се појави во Вухан, кој е еден од најголемите градови во Кина и еден од најголемите центри за домашен транпорт, многумина ги потсетува на стравот и неизвесноста што се јавија во екот на кризата со САРС во 2003 година. Кинеската берза, по неколку месечен раст, бележи пад во последниве неколку дена, а глобалните берзи го следат примерот, очигледно одразувајќи ја загриженоста за последиците од епидемијата врз кинеската економија и глобалниот раст. Дали се оправдани овие грижи?

Мојата основна проекција е дека епидемијата на корона вирусот ќе се влоши пред да се подобри, а највисоките бројки на заразувања и смртни случаи би се очекувале во втората или третата недела од февруари. Но очекувам кинеските власти и Светската здравствена организација да прогласат дека епидемијата е под контрола до почетокот на април.

Според ова основно сценарио, мојата најдобра проценка е дека вирусот ќе има ограничено негативно економско влијание. Последиците врз кинеската стапка на раст на БДП во 2020 година веројатно ќе бидат мали, можеби ќе се одбележи пад од приближно 0,1 процентен поен. Влијанието во првото тромесечје од 2020 година ќе биде значително, можеби ќе го намали растот за еден процентен поен на годишна основа, но значително ќе се компензира со раст повисок од трендот во остатокот од годината. Влијанието врз растот на светскиот БДП ќе биде уште помало.

Ваквото предвидување потсетува на искуството од кризата со САРС во 2003 година: голем пад на растот на БДП на Кина во второто тримесечје од таа година, во голема мерка беше компензиран со повисокиот раст во следните два квартали. Додека стапката на раст на целата година во 2003 година беше околу 10%, голем број економисти од инвестициските банки имаа преувеличени предвидувања за негативното влијание на епидемијата врз растот. Гледајќи ги годишните стапки на раст на реалниот БДП од 2000 до 2006 година, многу е тешко е да се забележат последиците од САРС во податоците.

Некои стравуваат дека времето во кое настана епидемијата, на почетокот на еднонеделната новогодишна прослава во земјата и среде традиционалните патувања за време на училишниот распуст, ќе ги влоши економските последици бидејќи луѓето ќе избегнуваат продавници, ресторани и транспортни центри. Меѓутоа, три важни фактори може да го ограничат влијанието на вирусот.

Прво, за разлика од појавата на САРС, трговијата во Кина сега главно се одвива преку Интернет, односно потрошувачите сé почесто купуваат онлајн. Голем дел од директната продажба што ќе се намали заради вирусот, најверојатно ќе се компензира со зголемено купување преку Интернет. И поголемиот дел од одморите што денес ќе се откажат, веројатно ќе бидат заменети со идни патувања, затоа што семејствата со постабилни и повисоки примања веќе издвоиле буџет за патување и одмор.

И онака голем број фабрики веќе имале во план да паузираат со производството за време на прославувањето на Кинеската Нова Година, така што периодот во кој се појави епидемијата може да ја минимизира потребата за дополнителни прекини со работа. Исто така, многу владини институции и училишта имале во план да не работат за време на празниците, независно од појавата на вирусот. Владата штотуку најави продолжување на неработните денови, но многу компании ќе најдат начини да го надоместат изгубеното време подоцна во текот на годината. Со тоа, краткорочното негативно влијание ќе биде сконцентрирано кај рестораните, хотелите и авиокомпаниите.

Второ, сите извештаи укажуваат на тоа дека корона вирусот од Вухан е помалку смртоносен од САРС (иако првично може да има побрза стапка на пренесување). Подеднакво важно, кинеските власти беа многу побрзи отколку што беа за време на појавата на САРС, при преминот од контролирање на информациите до контролирање на ширењето на вирусот. Со спроведувањето агресивни мерки за изолирање на фактички и потенцијални пациенти од остатокот на населението, надлежните органи ги подобрија изгледите за спречување на ширењето на епидемијата многу порано. Тоа, пак, ја зголемува веројатноста дека изгубениот економски резултат во овој квартал ќе биде компензиран со зголемената активност во остатокот од годината.

Трето, без оглед дали одговорните за трговски преговори за Кина биле свесни за сериозноста на вирусот од Вухан кога го потпишале трговскиот договор за „фаза 1“ со САД на 15 јануари, темпирањето на договорот се покажало како среќна околност. Со значително зголемување на увозот на маски за лице и медицински материјали од САД (и од други места), Кина може истовремено да се справи со здравствената криза и да го исполни ветувањето во рамките на договорот за увоз на повеќе стоки.

Влијанието на вирусот врз другите економии ќе биде уште поограничено. Во изминативе пет години, голем број централни банки од поголемите држави развија модели за мерење на можните последици од намален обем на работа на кинеската економија, врз нивните економии. Овие модели не се засновани на тековната здравствена криза, меѓутоа ја земаат предвид трговската и финансиската поврзаност помеѓу Кина и нивните економии.

Приближните проценки велат дека негативните последици од намалувањето на растот на кинескиот БДП, врз економијата на САД и на Европа е околу една петтина изразено во проценти. На пример, ако сегашната епидемија на корона вирусот ја намали стапката на раст на Кина за 0,1 процентен поен, тогаш растот во САД и Европа веројатно ќе забави за околу 0,02 процентни поени. Влијанието врз економијата на Австралија може да биде двојно поголемо, со оглед на нејзините посилни врски за трговска размена и туризам со Кина, но намалување на растот од 0,04 процентни поени сепак се смета за ниско.

Ваквите пресметки се засновани на претпоставката дека корона вирусот нема да се прошири широко во овие земји и да предизвика директни штети. Ова во моментов се чини малку веројатно, со оглед на малиот број на случаи надвор од Кина.

Се разбира, влијанието врз Кина и другите економии би можело да биде посериозно доколку кризата со корона вирусот трае многу подолго отколку што се претпоставува во ова основно сценарио. Во тој случај, важно е да се има на ум дека кинеските креатори на политики сè уште имаат простор за монетарна и за фискална експанзија: коефициентот на резерви во банкарскиот сектор е релативно висок, а уделот на долгот на јавниот сектор кон БДП сè уште е под контрола, споредено со други земји со слични карактеристики со Кина. Користејќи го овој простор за политика кога е потребно, властите во Кина би можеле да го ограничат крајното влијание на тековната здравствена криза.

Оправдана е тревогата што се предизвика во Кина и на други места со појавата на епидемијата на корона вирусот. Но, од економски аспект, рано е да се паничи.

Шанг-Јин Веи, поранешен директор на Секторот за економија во Азиската банка за развој, е професор по финансии и економија на Бизнис школата на Колумбија и на Факултетот за меѓународни и јавни прашања на Универзитетот Колумбија.

Copyright: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Шанг -Јин Веи

Шанг-Јин Веи, поранешен директор на Секторот за економија во Азиската банка за развој, е професор по финансии и економија на Бизнис школата на Колумбија и на Факултетот за меѓународни и јавни прашања на Универзитетот Колумбија.