fbpx

Здравство

КОВИД-19

04.12.20

Прегледи

Мариана Мацукато (Mariana Mazzucato), Хенри Лиши Ли (Henry Lishi Li), Елс Тореел (Els Torreele)

Mazzucato Lishi Li Torreele 400x250И покрај сета надеж што се роди со објавите за докажана ефикасност на неколку кандидати за вакцини за КОВИД-19, има долг пат пред нас што треба да се изоди за да се дојде до универзална и лесно достапна „вакцина за луѓето“. Како што стојат работите, националните и приватните интереси се поставуваат над принципот на здравствена правда.

Со неодамнешните вести за докажана ефикасност во испитувањата за вакцини за КОВИД-19, се роди надеж дека во догледно време ќе може да се вратиме на нормалната состојба. Прелиминарните податоци за новите mRNA вакцини (вакцини со информациска рибонуклеинска киселина) на „Фајзер“/„Биоентек“ (Pfizer/BioNTech) и „Модерна“ (Moderna) се многу охрабрувачки, што укажува на тоа дека претстои нивно одобрување за итна употреба. Поновите вести за ефикасноста (иако со малку пониска стапка) на вакцината создадена од „Астразенека“ (AstraZeneca) и Универзитетот во Оксфорд исто така го поттикнаа оптимизмот дека на пат се уште поголеми откритија и достигнувања.

Во теорија, пристигнувањето на безбедна и ефикасна вакцина би претставувало почеток на крајот на пандемијата со КОВИД-19. Во реалноста, не сме ни при крај со почетокот на доставување на она што е потребно: „вакцина за луѓето“ што ќе биде рамноправно дистрибуирана и достапна за сите на кои им е потребна.

Неспорно е дека трудот вложен во создавање вакцини за неколку месеци заслужува пофалби. Човештвото направи монументален технолошки скок напред. Но отскочната штица беа огромните децениски јавни инвестиции за истражување и развој.

Повеќето од водечките кандидати за вакцини ја засилуваат одбраната на имунолошкиот систем против вирусниот „шилест протеин“, пристап што е овозможен преку долгогодишно истражување на Националниот институт за здравство на САД. Како поскорешен пример, „Биоентек“ доби 445 милиони американски долари од германската влада, а „Модерна“ доби 1 милион американски долари од Коалицијата за иновации за подготвеност на епидемии и повеќе од 1 милијарда долари од Американската институција за биомедицинско напредно истражување и развој и Агенцијата за напредни истражувачки проекти за одбрана на САД. Вакцината „Астразенека-Оксфорд“ доби повеќе од 1 милијарда фунти (1,3 милијарди долари) како јавно финансирање.

Меѓутоа, за технолошкиот напредок да се претвори во Здравје за сите, иновациите што се создаваат колективно треба да се регулираат според јавниот интерес, а не за личен профит. Ова е особено точно кога станува збор за развој, производство и дистрибуција на вакцина во ситуација на пандемија.

Ниедна земја што дејствува сама не може да ја реши оваа криза. Затоа ни требаат вакцини што се универзално и лесно достапни. И покрај тоа, сегашниот систем за иновации им дава приоритет на интересите на земјите со високи приходи пред останатите, и предност се дава и на профитот, наместо на јавното здравје.

Првиот чекор кон вакцина за луѓето е да се обезбеди целосна транспарентност на резултатите од клиничките испитувања, што ќе овозможи независни и навремени проценки на безбедноста и ефикасноста. Објавувањето оскудни, прелиминарни податоци преку корпоративни соопштенија за медиумите е наменето за финансиските пазари, а не за заедницата одговорна за јавното здравје. Оваа практика дава лош пример. Додека растат цените на фармацевтските акции, здравствените работници и јавноста се оставаат со нивните сомнежи за резултатите од извештаите. Како што се појавуваат повеќе детали за недостатоците во начинот на кој е осмислено и спроведено клиничкото испитување за вакцината „Астразенека-Оксфорд“, така се појавуваат и повици за отворена наука и непосредно споделување на протоколите и резултатите.

Покрај тоа, клучните прашања за водечките кандидати за вакцини остануваат неодговорени. Одговарајќи на политичкиот и економскиот притисок од земјите со високи приходи, фармацевтските компании брзаат да ги доведат своите кандидати за вакцини преку целта. Со оглед на тоа, тие ги осмислија своите клинички испитувања во третата фаза на начин со кој ќе се добие позитивен резултат што е можно побрзо, наместо да се осврнат на порелевантни прашања како што се: дали вакцината спречува инфекција или само штити од болеста. Исто така е нејасно колку ќе трае заштитата; дали примената вакцина е подеднакво ефикасна кај млади и стари лица, или кај лица со истовремени заболувања; и да се направи споредба меѓу главните кандидати (што е клучен фактор за осмислување ефективни стратегии за вакцинација).

Покрај тоа, националните интереси, особено интересите на развиените земји, остануваат доминантен фактор во дистрибуцијата на вакцините. Додека меѓународната платформа за набавка и дистрибуција COVAX претставува значаен чекор напред, нејзиното влијание е ограничено поради големиот број билатерални договори за авансно купување направени од богатите земји кои можат да си дозволат да вложат во повеќе вакцини. На пример, земјите со високи приходи веќе купија речиси 80% од дозите на вакцините Фајзер/Биоентек и Модерна од бројката што ќе биде достапна во првата година.

Со оглед на сè што наведовме, богатите земји резервирале 3,8 милијарди дози од различни производители на вакцини, во споредба со 3,2 милијарди (што вклучува околу 700 милиони дози за COVAX) за сиот останат свет. Со други зборови, земјите со високи приходи имаат нарачано доволно дози за да го покријат своето население неколкукратно, можеби оставајќи го остатокот од светот со недоволен број дози за да се покријат дури и заедниците што најмногу се изложени на ризик.

Во исто време, бидејќи трката со вакцини е насочена првенствено на западните пазари, некои кандидати се едвај одржливи во секаков контекст што не е контекст на развиена земја. Вакцината „Фајзер/Биоентек“ мора да се чува на -70ºC, што е постудено и од зима на Антарктикот. Дистрибуцијата на оваа вакцина ќе создаде скапи и сложени логистички предизвици, особено за земјите со низок и среден приход. Иако другите кандидати, како што е вакцината „Астразенека-Оксфорд“, се стабилни на повисоки температури, она што паѓа во очи е дека ваквите еклатантни карактеристики на пазарна дискриминација се вградени во првиот производ што дојде до фазата на одобрување.

Надвор од рамките на националниот интерес демне проблемот на уште поконкретни лични интереси, кои произлегуваат од моделот на биофармацевтски иновации што во прекумерна мера зависи од начинот на финансирање. Бизнис моделот за развој на идните вакцини веќе се димензионира, откако пандемијата го откри потенцијалниот ненадеен и брз профит за инвеститорите. И додека тие користат од цените на акциите што се вивнаа до небо, од драстично зголемените капитални добивки и дампингот на акциите на компанијата истиот ден кога ќе објави ветувачки прелиминарни резултати во клиничко испитување, доставувањето вакцина за луѓето стана споредна цел.

Кризата предизвикана од КОВИД-19 е совршен тест за тоа дали во иднина ќе преовладува пристап кон иновации и производство што е повеќе ориентиран кон јавното здравство. Додека „Фајзер“ се држи до моделот за извлекување максимална вредност за акционерите, „Астразенека“ барем се заложи дека нема да профитира од својата вакцина „за време на пандемијата“. Сепак, и покрај сите јавни инвестиции што служеа како основа за овие иновации, процесот ќе остане нетранспарентен, оставајќи го неодговорено прашањето дали „Астразенека“ е всушност подготвена да даде приоритет на јавното здравје пред профитот и да ја понуди својата вакцина по цена со која нема да оствари профит.

И покрај тоа што со неодамнешните новости за вакцините се роди надеж, истовремено се разоткри и расипаниот деловен модел на фармацевтската индустрија, фрлајќи сомнеж на изгледите за доставување вакцина за луѓето и остварување на стратегијата „Здравје за сите“. И ако постапиме по стариот модел, може да излеземе од оваа криза. Меѓутоа, постои подобар начин да се прават работите. Пред да пристигне следната пандемија, мора да разбереме дека вакцините се глобални здравствени добра и да започнеме со преориентирање на системот за иновации кон симбиотички јавно-приватни партнерства регулирани според јавниот интерес.

 

Мариана Мацукато, професор по економија на иновации и јавна вредност на Универзитетскиот колеџ во Лондон и основач и директор на институтот за иновации и јавни цели на UCL, претседавач на Советот на Светската здравствена организација за економија за стратегијата за „Здравје за сите“ и автор на The Value of Everything: Making and Taking in the Global Economy и The Entrepreneurial State: Debunking Public vs. Private Sector Myths

Хенри Лиши Ли е соработник за истражување во областа на здравствените иновации на Институтот за иновации и јавни цели на UCL.

Елс Тореле е визитинг соработник во областа на политики на Институтот за иновации и јавни цели на UCL.

Copyright: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Мариана Мацукато (Mariana Mazzucato), Хенри Лиши Ли (Henry Lishi Li), Елс Тореел (Els Torreele)

Мариана Мацукато, професор по економија на иновации и јавна вредност на Универзитетскиот колеџ во Лондон и основач и директор на институтот за иновации и јавни цели на UCL, претседавач на Советот на Светската здравствена организација за економија за стратегијата за „Здравје за сите“ и автор на The Value of Everything: Making and Taking in the Global Economy и The Entrepreneurial State: Debunking Public vs. Private Sector Myths Хенри Лиши Ли е соработник за истражување во областа на здравствените иновации на Институтот за иновации и јавни цели на UCL. Елс Тореле е визитинг соработник во областа на политики на Институтот за иновации и јавни цели на UCL.