fbpx

Зимата доаѓа, Скопје продолжува да се гуши

Сања Велкакова

Животна средина

13.12.21

Прегледи

Сања Велкакова

Sanja Velkakova 400x500

Загаден воздух, нарушено здравје на граѓаните - добро познати поими со непознато решение.

 

Ако нешто можеме да предвидиме секоја зима во главниот град, тоа е дека со зимата ќе дојде и загадувањето на воздухот. Секоја година, дискутираме за главните причинители кои доведуваат до загадување на возудхот во град Скопје: големата концентрација и циркулација на возила во централното, ниско подрачје што доведува до долготрајно задржување на издувните материи (чад, прашина, гасови) и нивно кумулативно таложење на сите предмети, објекти, растенија, животни, и секако човекот.

Добро познати „виновници“

Причинители за загадувањето на воздухот се и ниските автомобилски екостандарди, слабата пропулзивност на сообраќајниците, недостаток од електрични и други видови еколошки возила за јавен превоз, бавниот и нееколошки јавен транспорт, слабата застапеност на улично зеленило и дрвореди кои значително ги апсорбираат штетните материи, слабата сообраќајна култура и форсирање на индивидуален превоз по секоја цена.

Според податоците на IQAir, организација која што има за цел да овозможи пристап на навремени информации за квалитетот на воздухот, Скопје се наоѓа на 36 место во светот. Скопје не само што е при врвот на листата на најзагадени градови, туку во исто време води битка и со големиот број лица заразени со Ковид-19. Скопје е град кој се наоѓа помеѓу два огна во период кога наближува зимата.

Zimata doaga Skopje prodolzuva da se gusi 1Извор: shutterstock.com

Од скопските општини, најлош е воздухот во Карпош, Центар и Лисиче. Меѓутоа, ситуацијата не е ништо поразлична и во другите градови, како што се Тетово, Велес, Кочани, Струмица, Кавадарци, каде воздухот е опасен за сензитивните категории на луѓе. Пулмолозите предупредуваат дека аерозагадувањето не само што само по себе претставува голема опасност, туку и дополнително го олеснува патот на вирусите до белите дробови. Според проценките на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), во 2019 година во Македонија 3.400 луѓе починале како резултат на загаденоста на воздухот со ПМ2,5 честички.

Според податоците на ЕЕА, во 2019 година, во Европа 307.000 луѓе умреле предвреме како последица на долгорочното изложување на загаден воздух. Исто така, поради загадувањето, просечниот животен век на населението во Европа се намалил за 38 дена. Со години наназад се бележат рекордни нивоа на загаденост на воздухот, особено во зимските месеци.

Според мерењата извршени во 2017 година во повеќе од 400 градови ширум ЕУ, вклучувајќи ја и Македонија, дури 85% од жителите на градските населби биле изложени на загадување на воздухот на нивото што се смета за штетно според Светската здравствена организација. Во Македонија, доколку на државно ниво би се почитувале препораките на меѓународните организации за мерки против загадување на воздухот, смртноста од загадениот воздух би се намалила за огромни 74 отсто.

Кој е најголем загадувач?

Според новинарските анализи за првите неколку месеци од годинава, скопскиот воздух бил позагаден од лани истото време. Годинава, на повеќето мерни станици во главниот град бил измерен позагаден воздух и од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, во споредба со март, 2020 година.

Состојбата со загадувањето на воздухот изминативе години се влошува и во другите градови. Според последните податоци од европското здружение за здравје и животна средина, најголем загадувач во Македонија е РЕК Битола. Оваа термоелектрана годишно испушта околу 2.700 тони ПМ 2,5 честички во воздухот, со што е на второ место во Европа, веднаш зад термоелектраната „Косово А“ во близина на Приштина. Според последниот извештај, РЕК Битола беше во европскиот врв и според емисијата на сулфурен диоксид СО2, со околу 67 илјади тони годишно.

Согласно со Законот за квалитет на амбиентниот воздух, на барање на Владата на Македонија и Министерството за здравство во 2020, градот Скопје објави итни мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот, вклучувајќи, меѓудругото: бесплатен јавен превоз, прекин на сите градежни активности на градилиштата во надлежност на општините на град Скопје, интензивирање на инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла од страна на градоначалниците на општините во градот Скопје, како и зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот од страна на Министерството за внатрешни работи.

Меѓутоа, овие мерки повеќе не се применуваат. За да вродат со плод, потребно е повторно воведување на истите на државно ниво, со цел намалување на загадувањето на воздухот во Скопје, кое е се’ поголемо како што наближува зимата. 

Билборди кои го прочистуваат воздухот?

Потребата од поголема зелена површина е сѐ поголема. Големата аерозагаденост ја наметнува потребата од креативен и иновативен пристап во решавањето на проблемот преку апсорбирање и неутрализирање на штетните материи.

Едно такво решение се „зелените билборди“. Билбордите се составени од специфични видови мов со васкуларни растенија кои ја апсорбираат ситната прашина (ПМ 10 и ПМ 2,5 честички), азотните оксиди и озонот. Еден CityTree билборд има способност да го прочистува воздухот еквивалентно на околу 275 дрвја. Неутрализира 240 тони јаглерод-диоксид годишно и го компензира загадувањето од 417 автомобили.

Вертикалната структура CityTree е висока четири метри, широка три метри и со длабочина од 60 сантиметри. Инсталацијата на овие билборди чини 25 000 евра. Овие инсталации, благодарение на соларните панели и системот за фаќање на дождовните води, се речиси самоодржливи, бидејќи е потребно сервисирање од само неколку часа годишно. Досега City Tree е успешно инсталиран во повеќе европски градови во Норвешка, Франција, Германија, Берлин, Кина.

Zimata doaga Skopje prodolzuva da se gusi 2Извор: news.itu.int

Правосмукалка на смог - алтернативно решение за прочистувaње на воздухот

Правосмукалката на смог е серија урбани иновации предводени од Даан Роозегарде, дизајнирана во Ротердам, Холандија, со височина од седум метри и е изградена од алуминиум. Оваа правосмукалка прочистува 30 000 квадратни метри воздух на час. Таа користи само 1170 вати зелена електрична енергија, што значи дека е финансиски исплатлива инвестиција бидејќи користи и позитивна технологија за јонизација. Правосмукалката на смог користи помалку електрична енергија од бојлер за вода. Во Кина, Холандија и Полска веќе се воведува овој вид на иновација.

Zimata doaga Skopje prodolzuva da se gusi 3Извор: 17goalsmagazin.de

Позитивен, еколошки пресврт

Јавноста во Македонија во голема мерка е запознаена со ризиците и ефектите од загадениот воздух. Се очекува дека ваквата запознаеност со влијанијата на проблемот би ја олеснила имплементацијата на „непопуларните“ мерки кои се на располагање на локалните и националните власти (како што се возење во „пар-непар“ режим според регистарските таблички во централното градско подрачје или забрана за патнички сообраќај во центарот на градот).

Потребно е целосно искористување на пратеничките прашања до надлежните министерства за отчет на имплементираните мерки за намалување на загаденоста на воздухот во земјава.

Притоа е мошне важно да се повикаат експертската јавност, граѓанските организации, како и Министерството за животна средина и просторно планирање да ја разгледаат можноста за набавка на зелени билборди и правосмукалки на смог кои се исплатлива инвестиција. На тој начин, тие ќе ги адресираат и моменталните проблеми со меѓуинституционалната координација околу имплементацијата на итните мерки против аерозагадувањето.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или преземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Сања Велкакова

Сања Велкакова ги завршила своите додипломски студии на Економскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев, на насоката по Менаџмент и претприемништво. Посетувала повеќе обуки за лидерство, кариерен развој и социјално претприемништво.